fbpx
 

Граѓаните во борба за чист воздух

ALB  SR

Милош Будимир

Milos Budimir 200x250Сè додека нашите држави не се посветат потемелно на проблемот со загаденоста на воздухот, ни останува да преземаме мерки што зависат само од нас и нашата свест за околината во која живееме.

Градовите на Балканскиот полуостров сè почесто се наоѓаат на врвот на листите на најзагадени градови во Европа и во светот. Нашето здравје, здравјето на нашите деца е загрозено од негрижа на институциите и континуираното игнорирање на предупредувањата, мерењата и анализите кои јасно укажуваат дека станува збор за сериозен проблем што нема да се реши сам од себе. Според податоците на Светската здравствена организација, во Србија на годишно ниво повеќе од 6 000 луѓе умираат предвреме поради загаденоста на воздухот, што го претставува неславното второ место во Европа по број на предвремени смртни случаи кои се резултат на загадување на воздухот!

Зошто баш сега толку се зборува за загадувањето?

Во Србија, Агенцијата за заштита на животната средина објавува мерења и заклучоци во форма на извештај уште од 2010 година, а според годишниот извештај за состојбата на квалитетот на воздухот од 2010 година, воздухот уште тогаш бил загаден и со денови биле надминати законски дозволените вредности на штетни честички изразени во микрометри на метар кубен. Истиот извештај за 2018 година покажува уште полоши податоци. Поразителен е фактот дека за овој горлив проблем, со олкав интензитет почна да се зборува дури во 2019 година. Позитивната вест е дека бројните активисти и движења, како и новинари на Балканот, успеаја да ја направат оваа тема релевантна и видлива.

Денес, голем сојузник во оваа борба секако се апликациите и веб-страниците што прикажуваат податоци од приватни и владини мерни станици. Секој граѓанин може полесно и побрзо од кога било досега, во реално време, да го провери нивото на загаденост на воздухот по различни параметри.

На Балканот, најпозната е апликацијата AirCare, развиена од македонскиот програмер Горјан Јовановски, а локализацијата за Србија ја направи иницијативата „Да не го давиме Белград“ (Ne davimo Beograd).

Кој е најзагрозен?

Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина на САД, најзагрозени секако се лицата со срцеви заболувања, со проблеми со дишењето (како астма или хронична опструкција на белите дробови), луѓето со прекумерна тежина и дијабетичарите. Постарите лица и децата се особено изложени на ризик, што укажува на целосно незаинтересираност на државните органи за немоќните. Трагедијата е што во оваа група се вклучени и оние кои ја претставуваат иднината во буквална смисла: бремените жени и новороденчињата.

Децата се развиваат, поминуваат повеќе време надвор каде што вдишуваат загаден воздух. Вдишуваат повеќе воздух по килограм телесна тежина споредено со возрасните, што директно води до сè почеста појава на детска астма и други респираторни заболувања.

Graganite vo borba za cist vozduhИзвор: preciscivacvazduha.rs

ПM10, ПM2,5 и други штетни материи

Бројот до кратенката ПМ (PM) ја означува големината на честичките: ПM10 е 10 микрометри или помалку, ПM2,5 е 2,5 микрометри или помалку. Ова значи дека тие се помали од човечко влакно, и како такви со секој здив можат лесно да се залепат на површината во устата, грлото, носот, а исто така да стигнат до белите дробови каде можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми. Колку се помали честичките, толку се поопасни затоа што навлегуваат подлабоко во организмот при вдишување и стигнуваат до крвотокот. Покрај ПM честичките, мерните уреди главно го мерат нивото на концентрација на штетни оксиди на азот и сулфур, како и на озон и јаглерод моноксид.

Според директивите на ЕУ, за воздухот да се смета за чист, концентрацијата на ПМ10 честичките не треба да надминува 40 микрограми на метар кубен, а пречекорувањето не треба да трае подолго од 35 дена годишно. Со тоа, според податоците на Агенциите за заштита на животната средина, во 2018 година оваа граница била надмината дури 170 дена во Ваљево, додека во Скопје, само во првите 25 дена од јануари годинава имало дури 11 дена со висока концентрација на ПМ2,5 честички.

Graganite vo borba za cist vozduh 2

Властите се на потег

Повеќе од 15 000 граѓани и граѓанки ја потпишаа петицијата што иницијативата „Да не го давиме Белград“ ја покрена есенва. Петицијата повикува властите да преземат конкретни и итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Мерките се поделени на краткорочни и долгорочни:

 Краткорочни мерки:

  • Редовно, точно и навремено информирање на граѓаните и граѓанките за квалитетот на воздухот. Неопходно е редовно и точно да се известува јавноста преку сите средства за јавно информирање, за дневниот статус на квалитетот на воздухот. Нужно е да се наведат јасни мерки за заштита на населението во деновите кога жителите се изложени на значително загадување на воздухот.
  • Во деновите на екстремно загадување на воздухот, редуцирање на сообраќајот во централните градски области. Да се редуцира сообраќајот на автомобили во строгиот градски центар преку, на пример, воведување систем на движење на автомобили по принцип на пар-непар за време на периоди на екстремно големо загадување на воздухот (во парни денови дозволен е сообраќај за автомобили чија регистрација завршува на парен број).
  • Заштита на децата и младите. Во деновите кога има екстремно загадување на воздухот, да се донесат мерки за привремено затворање на градинките и училиштата што се наоѓаат во загрозените делови на градовите.
  • Заштита на ранливите категории население, но и на здравите лица. Редовно информирање на граѓаните за дозволените активности на населението и здравствените совети во деновите кога има големо загадување на воздухот. Неопходно е институциите на градско и национално ниво да обезбедат јасни и прецизни упатства преку достапните средства за јавно информирање за дозволените активности на постарите лица, бремените жени, децата, лицата кои страдаат од хронични белодробни или срцеви заболувања, но и здравите лица.

Долгорочни мерки:

  • Радикално подобрување на јавниот транспорт и намалување на автомобилскиот сообраќај. Бидејќи сообраќајот е значаен извор на загадување, потребно е сообраќајната инфраструктура да се приспособи за јавен превоз и да се работи на намалување на користењето автомобилски сообраќај во градот.
  • Да се ​​обезбедат услови за движење низ градот без загадување (возење велосипед, пешачење). Да се приспособи сообраќајната инфраструктура на одржливите видови транспорт преку изградба на пешачки премини и велосипедски патеки. Одржливите начини на транспорт овозможуваат поголема слобода на движење низ градот, позитивно влијаат на здравјето и го намалуваат загадувањето.
  • Преминување од фосилни горива на обновливи извори на енергија. Да се создадат услови за зголемување на уделот на обновливи извори на енергија наместо користење фосилни горива.
  • Зголемување на гасификацијата и топлификација на градот и намалување на индивидуалните ложишта. Да се забрза процесот на гасификација и топлификација со приклучување на централно греење на преостанатите индивидуални и колективни ложишта, со цел да се намали загадувањето на воздухот предизвикано од цврсти честички. За да се стимулира приклучувањето на приватните домаќинства на централно греење, потребно е да се коригира (намали) цената и да се промени начинот на плаќање.
  • Пошумување и озеленување на градот. Количината зеленило во градот значително влијае на квалитетот на воздухот и на целиот екосистем. Да се спроведе план за масовно садење дрвја, зголемување на зелените површини, како и поставување вертикални зелени sидови и стимулирање на изградбата на зелени згради.
  • Подобра контрола на загадувачите. Да се инсистира на тоа индустриските загадувачи да работат одговорно во однос на безбедноста на луѓето и животната средина. Со посебен план да се предвидат активности за преместување на поединечни загадувачи од станбена во индустриска зона.
  • Систематско следење и точно и објективно известување за загадувањето на воздухот. Да се обезбеди опрема за лаборатории неопходни за систематско следење на степенот на загадување на воздухот во градот и одржување и сервисирање на постојните мерни станици. Да се ​​поведе сметка јавноста да има постојан пристап до информации за концентрацијата на сулфур диоксид, саѓи, аероседименти, тешки метали и приземен озон, како и конкретни загадувачки материи.
  • Откажување од сите штетни проекти што дополнително ќе го загадат воздухот во нашите градови, како што е изградбата на постројка за спалување во Винча. Да се работи на превенција на создавање отпад, на повторна употреба на отпадот и рециклирање, како и компостирање. Да се развие зелена економија која ќе вработува поголем број луѓе и ќе има минимално влијание врз воздухот и околината.
Што кога државите не преземаат доволно работи?

Всушност, често постојат закони во кои се пропишани мерки за контрола на загадувањето, но во реалноста нивното спроведување е под знак прашалник. Лидерите само начелно се занимаваат со проблемот на загадување, и тоа поради притисокот од јавноста во форма на протести, петиции и тужби. Во една пригода, претседателот на Србија изјави дека во Србија има загадување само два до три дена годишно. Потоа во јануари бесрамно рече дека загадувањето е високо колку што е висок нашиот стандард. Слични изјави чувме и од министрите во Владата и челниците на Градот Белград. Најновата најава на заменик-градоначалникот е дека ќе се засадат дури милион дрвја во Белград.

Сепак, не е сè толку црно. Како резултат на иницијативата „Да не го давиме Белград“ и на мрежата „Бенквоч“ (Bankwatch), минатата година Европската инвестициска банка го повлече финансирањето на проект на постројка за спалување отпад во Винча, кој е исклучително штетен за животната средина, додека во ноември беа засадени над 200 дрвја во кампањата „За нашиот зелен град“. Само преку граѓански активизам можеме да придонесеме за промена, но и да влијаеме на надлежните совесно да ја работат својата работа.

И додека нашите држави не се посветат потемелно на прашањето за загаденост на воздухот, ни останува да преземаме мерки што зависат само од нас и нашата свест за околината во која живееме. Според препораките на американската Агенција за заштита на животната средина, ако не треба да излезете надвор за време на особено загадените денови, останете во затворен простор и прочистувајте го воздухот на природен начин: со собни растенија, свеќи од пчелин восок и прочистувачи на воздухот. Доколку спаѓате во ризична група (постари лица, бремени жени, деца, лица со срцеви заболувања...) се препорачува да бидете особено внимателни, а ако не сте во можност да избегате во природа, консултирајте се со лекар.

Многу е важно сите заедно да ја подигнеме свеста кај граѓаните и граѓанките на нашиот регион на југозападен Балкан. Информираноста е предуслов за вршење притисок за власта да работи побрзо и поефикасно на овој проблем.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Qytetarët në luftë për ajër të pastër
Për etikën gjatë xhirimit të "Tokës së Mjaltit"
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Понеделник, 24 Февруари 2020
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не