fbpx

Глобална економија без заштитно перниче

Стивен С. Роуч

Економија

07.02.20

Прегледи

Стивен С. Роуч (Stephen S. Roach)

Stephen S Roach 200x250Од 1990 до 2008 година, годишниот раст на светската трговија беше за цели 82% побрз од растот на светскиот БДП. Сега, пак, како одраз на невообичаено наглиот пост-кризен застој на растот на глобалната трговија, оваа заштитно перниче драстично се намали, на само 13% во периодот 2010-2019 година, оставајќи ја светската економија поранлива за пречести шокови.

Имајќи ја предноста на податоци од целата година, дури сега стануваме свесни за опасноста што глобалната економија за малку ја избегна во 2019 година. Според најновите проценки на Меѓународниот монетарен фонд, светскиот БДП пораснал за само 2,9% минатата година, што е најслаб резултат уште од директниот пад поради долговите од глобалната финансиска криза во 2009 година и е далеку понизок од стапката од 3,8% која постоеше во периодот на закрепнување по кризата во периодот 2010-2018 година.

На прв поглед, глобален раст од 2,9% не изгледа многу лошо. Но, имајќи ги на ум 40-те години искуство, заклучокот е поинаков. Од 1980 година, трендот на раст на светскиот БДП во просек е 3,5%. За секоја економија, вклучително и економијата на светот како целина, клучот за проценка на последиците од растот може да се најде во отстапувањата од трендот – со друго име се нарекува и производствен јаз. Минатогодишното негативно отстапување од трендот (0,6 процентни поени) сериозно го приближи растот до општо прифатениот глобален праг на рецесија што изнесува приближно 2,5%.

За разлика од поединечните економии, кои вообичаено доживуваат пад во директна рецесија, тоа ретко се случува за светот како целина. Знаеме од широкото покривање на ММФ на светската економија, кое се состои од широк пресек од отприлика 194 земји, дека во глобална рецесија околу половина од светските економии обично доживуваат пад на националното производство, додека другата половина сè уште се шири, иако со послабо темпо. Глобалната рецесија од пред една деценија беше забележителен исклучок, до почетокот на 2009 година, дури три четвртини од светските економии фактички се намалуваа. Тоа беше пресудно за реткиот директен пад на светскиот БДП, што е прва ваква криза во целокупната глобална економија уште од 30-тите години од 20-от век.

За аналитичарите на глобалните бизнис циклуси, опсегот на раст од 2,5-3,5% се смета за зона на опасност. Кога светскиот раст на производството се спушта кон долната половина од овој опсег, како што се случи во 2019 година, ризиците од глобална рецесија треба да се сфатат сериозно. Како што е вообичаено за официјалните, или институционалните прогнози, ММФ предвидува скромно забрзување на годишниот раст на светскиот БДП во 2020 и 2021 година, на 3,3% за 2020 и 3,4% за 2021 година. Но, како што рекол физичарот Нилс Бор, „Предвидувањето е многу тешко, особено ако станува збор за иднината.“ Само прашајте го ММФ, кој ревидираше шест последователни верзии од својата глобална прогноза. Очигледно, нема гаранција дека ќе се оствари неговата најнова оптимистичка проекција.

Ризиците од можните негативни последици се особено загрижувачки, бидејќи исходот од раст од 2,9% за светската економија го нагласува недостатокот на удобно заштитно перниче во случај на шок. Како што забележав неодамна, предвидувањето шокови е јалова работа. Сепак, драконските мерки што Кина сега ги презема за да го спречи ширењето на смртоносниот корона вирус од Вухан, служат само за да нè потсетат дека шоковите се далеку почести од што мислиме. Пред неколку недели, шокот беше можноста да настане вжештена војна помеѓу САД и Иран. А пред тоа, се водеше сè поконтроверзната трговска војна меѓу САД и Кина.

Поентата е дека глобалниот раст кој е понизок од трендот, особено кога се движи во долната половина од опсегот 2,5-3,5%, е близу до темпо кое води до застој. Ова го остава светот многу поподложен на рецесија отколку што би бил во поинтензивно опкружување на глобален раст над трендот.

Истата порака гласно и јасно се добива при мерење на ризиците од глобалниот трговски циклус, што долго време претставува најголем двигател на глобалниот раст во сè повеќе интегрирана светска економија што е поврзана со синџирот на снабдување. Најновата проценка на ММФ укажува дека растот на глобалната трговија изнесувал само 1% во 2019 година, ова е седма последователна надолна ревизија. Минатата година ги покажа најслабите трговски резултати уште од историскиот пад од 10,4% во 2009 година, што беше и најлошиот пад од почетокот на 30-тите години од 20-от век. Споредено со просекот од 5% во периодот 2010-2018 година, забавувањето на растот на светската трговија на само 1% во 2019 година е уште поалармантно. Всушност, тоа беше четврта најслаба година од 1980 година, а секоја од трите полоши години, 1982, 2001 и 2009 година, биле поврзани со глобални рецесии.

Растот на глобалната трговија никогаш не се врати на стапката што ја имаше пред кризата, што беше предмет на интензивна дебата последниве години. Првично се сметаше дека е последица на необична слабост во трошењето на деловниот капитал, но не може да се игнорира влијанието на протекционизмот кој настана по почетокот на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина. Сега, кога двете страни се согласија на примирје во форма на трговски договор за „фаза 1“, постои надеж дека трговската прогноза ќе се подобри. Одразувајќи ја таа надеж, јануарското ажурирање на ММФ укажува на скромен скок на просечниот раст на светската трговија за периодот 2020-2021 година на 3,3%. Но, со просечната тарифна стапка на САД за стоки увезени од Кина, која најверојатно ќе остане на околу 19% по потпишувањето на договорот, што е повеќе од шест пати повисока од стапката на трговија пред трговската војна, која тогаш изнесуваше 3%, и со загрижувачки знаци за ескалација на трговските тензии меѓу САД и Европа, оваа прогноза, како и оние од изминатите неколку години, може да испадне само пуста желба.

Сето ова има критично влијание врз нестабилната состојба на глобалниот бизнис циклус. Историски гледано, брзото проширување на прекуграничната трговија беше важен дел од заштитното перниче за глобалниот раст што ја заштитува светската економија од пречести шокови. Од 1990 до 2008 година, годишниот раст на светската трговија беше за цели 82% побрз од растот на светскиот БДП.

Сега, пак, како одраз на невообичаено наглиот пост-кризен застој во растот на глобалната трговија, ова заштитно перниче драстично се намали, на само 13% во периодот 2010-2019 година. Бидејќи светската економија функционира опасно близу до темпо кое води до застој, слевањето на постојано присутните шокови и нагло намаленото трговско заштитно перниче покренува сериозни прашања за сè пооптимистичкиот став на финансиските пазари за глобалните економски перспективи.

Стивен С. Роуч, професор на Универзитетот Јеил и поранешен претседавач на „Морган Стенли Азија“, е автор на Unbalanced: The Codependency of America and China, („Неврамнотежено: Зависноста помеѓу Америка и Кина“).

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Стивен С. Роуч

Стивен С. Роуч е професор на Универзитетот Јеил и поранешен претседател на „Морган Стенли – Азија“ и автор на Unbalanced: The Codependency of America and China („Неурамнотежени: Взаемната зависност на Америка и Кина) (Јејл Универзитетот Прес, 2014) и претстојната Accidental Conflict („Случаен конфликт “).