fbpx

Лекција од античкиот свет – да не брзаме со одлуки за онлајн наставата!

Кирил Барбареев

Образование

КОВИД-19

08.04.20

Прегледи

Кирил Барбареев

Kiril Barbareev 200x250Проблемот со нашиот образовен систем е во неприлагоденоста и неодреденоста во времето и просторот, нешто слично на римскиот нумерички систем (римските броеви) кој не само што ги отежнувал туку и ги оневозможувал наједноставните операции. Ако системот не може да гарантира дека сите алатки за онлајн настава им се достапни на сите ученици и наставници, не треба да се форсира притисок ниту кон учениците и родителите ниту кон наставниците, со оценување и со контроли.

Во време на античката цивилизација, неколку математичари надоградувајќи се на вавилонските и египетските знаења станале познати по своите размислувања во општеството, унапредувајќи го полето на математиката и науката (Архимед, Питагора, Еуклид, итн). Но, неколку генерации подоцна кога римјаните почнале да доминираат на земјата, римското општество било исклучително послабо во еден аспект од науката, а тоа е малиот број добри математичари.

Една од основните причини за недостигот од добри римски математичари бил нивниот систем за нумерирање - римските броеви. Системот бил нееквивалентен. Тоа не значело дека римјаните немале гени за наука, дека немале таленти, дека на учениците не им оделa математиката или дека имале лоши учители, или пак дека можеби биле „глупави“. Проблемот бил во тоа, што римското општество било заложник на сопствениот систем. Имале систем кој бил само еден од многуте инфериорни системи за нумерирање во однос на оној од античко време. Тоа било клучната причина зошто една цела цивилизација не можела да се унапреди и на полето на математиката, но и на целата наука, особено астрономијата и медицината.

НЕ ЈА РАЗБИРАМЕ СУШТИНАТА НА Е-УЧЕЊЕТО

Иако денес животот е многу различен од времето на Римската империја, поентата е во тоа да се разбере колку сме зависни од системите кои ги создаваме, а особено од образовниот систем. Системот е толку зависен, што почнува да управува со нашите животи, од тоа каде живееме, како живееме, како ќе живееме, каде студираме, како учиме и како наученото да го примениме, па се до тоа каде работиме, колку ќе заработиме и уште многу други работи.

Во овие денови и месеци кога најголемиот број држави ги затворија институциите за учење, кога повеќе од 80 отсто од учениците во светот денес и веројатно до крајот на учебната година нема да одат на настава (според УНЕСКО, 2020) и, кога сите образовни институции, и сите држави го поставуваат прашањето – како во овие моменти да ги решат предизвиците со учењето, наставата, оценувањето? Како со животот? Кога сите трагаат по некое решение и кога единствениот избор пред сите е онлајн наставата, учењето на далечина, е-учењето, така и ние, и нашиот образовен систем трагаме по најдоброто решение. И верувам дека сакаме да го направиме најдоброто за сите. Ама тешко ни оди. Зошто?

Онлајн наставата не е само во домот да се имаат добар интернет и компјутер, таа е многу повеќе од тоа. Терминот е-учење е генерички израз за сите учења кои вклучуваат употреба на информатички и комуникациски технологии (ИКТ) за поддршка на учењето и наставата. Овој термин се однесува на употреба на разни технологии и алатки за поддршка на учењето во различни контексти, вклучително и лице-в-лице, и учење од далечина одделно или во комбинација, во кој случај е-учењето обично и се нарекува мешано учење (blended learning).

Како и да е, тоа е „учење засилено со технологија“. Но, проблемите почнуваат да се појавуваат кога не можеме да ја разбереме суштината и разликата помеѓу учење со употреба на технологија и учење преку технологија. Во првиот случај, учењето со употреба на технологија подразбира дека технологијата се користи како еден метод покрај многуте други, додека учењето преку технологија сугерира дека технологијата е единствениот канал преку кој ученикот добива настава и комуницира со својот наставник.

ДА НЕ БРЗАМЕ СО ОДЛУКИ ЗА ОНЛАЈН НАСТАВАТА

Проблемот со нашиот образовен систем е во неприлагоденоста и неодреденоста во времето и просторот, нешто слично на римскиот нумерички систем (римските броеви) кој не само што ги отежнувал туку и ги оневозможувал наједноставните операции. Клучен проблем на системот сега е позадината на онлајн платформите за учење, која не се гледа, а всушност е основата, а тоа се: материјалите за учење, поставеноста на курсевите, дигиталниот курикулум, е-учебникот, е-читачот, „пдф“ текстовите, кратките видео лекции, форумите, дискусиите, домашните задачи, предавањата, добрата опрема, протоколите за оценување. Со други зборови, тоа е збирката ресурси, поддршката на информатичко-технолошкиот систем, мултимедијалните компоненти кои треба да се користат за настава, и последното, најважното, вештините на секој од нас (наставниците), како тоа да го правиме најдобро.

Затоа, во целата оваа ситуација, не треба да се брза со носење одлуки за онлајн наставата, освен што сите се согласуваме дека треба да имаме контакт со учениците, дека треба да останеме позитивни, толерантни, со смирувачки дух, дека постојат ресурси кои можат да помогнат, дека треба да се трага по решението, и за тоа решение мора да трагаат интердисциплинарни тимови, и во следните десет до петнаесет денови да се излезе со концепт и одговор на клучното прашање – како?

Речиси сите примери од многу поискусни системи од нашиот во овој период во светот имаат нешто заедничко, а тоа е исклучителна внимателност за тоа како да се постапи со оценувањето и проверката на знаењето. Многу држави, многу образовни институции, дури и врвните универзитети и центри за вреднување се уште не излегуваат со решението за тоа – како ќе се оценува, освен што се споделуваат информации дека се трага по решението.

Одговорот е многу јасен, сите поаѓаат од следното: „Ако системот не може да гарантира дека сите алатки за онлајн настава им се достапни на сите ученици и наставници, не треба да се форсира притисок ниту кон учениците и родителите ниту кон наставниците, со оценување и со контроли“.

Со исклучок на високото образование каде е можно поголем дел од обврските и предавањата да се завршат, иако сум со голема резерва и тука, заради искуството кое го имаме, концептот на вежби, пракса, оценување, различна природа на студиски програми, и т.н. каде што е исто така многу тешко да се работи од дома, сите други степени се уште повеќе комплексни.

Станува збор за работа со различни категории деца, со различни потреби, со деца кои се уште немаат развиени вештини и ставови за самостојно учење, родители кои имаат и други обврски во текот на денот, со релативно слаба опрема и ограничен капацитет, во време на намалена мотивација за учење, немање повратна информација, без социјална интеракција, и сето тоа е уште повеќе стресно, во време кога најдобрите предвидувања се дека ваквата состојба ќе трае најмалку до почетокот на мај. Дополнителниот притисок за оценување, подготовки, докази за сработеното, уште повеќе ќе го формализира и фрустрира системот.

ДА ТРАГАМЕ ПО ОСМИСЛЕНО РЕШЕНИЕ

Оттука, ова не е критика на образовните политики на една или друга влада, туку критика на сите кое сме на еден или друг начин поврзани со образованието, а кои не можеме да ги препознаеме приоритетите изминативе 30 години. Бидејќи денес како никогаш порано треба да си ги поставиме прашањата: Што направивме со нашето образование? Можеме ли да ја препознаеме визијата, инвестицијата и грижата на повеќето генерации кон образованието? Бодријар во „Последното танго на вредностите“ (1977), истакнува дека се стана симулација: и студирањето, и наставата, и дипломите, буквално сè.

Тоа е системот, и ова не се само предизвици на образовниот систем туку и на информатичко-технолошкиот капацитет, инвестициите, образовните политики и најважното, визијата за значењето и поддршката на образованието на секој од нас. Развојот на еден систем е длабоко поврзан со продуктивноста на повеќе генерации.

Во истражувањето под име „Иднината на образованието“, на Институтот Да Винчи на чие чело е Томас Фрej, компанија за мрежи и тинк-тенк за техничка иновација, се посочуваат неколку важни моменти кои ќе следат. Фреј во интервју за „Бизнис инсајдер“ вели дека иноваторите ќе го зајакнат и подобрат сегашниот пејзаж на образованието преку интернет. Тој предвидува дека до 2030 година најголемата компанија на интернет ќе биде компанија базирана на образование за која сè уште не сме слушнале.

Римјаните не биле лоши математичари од раѓање, како што и ние Македонците не треба да мислиме дека сме инфериорни, или дека не не бива. Системот е погрешен. Оваа држава мора да тргне од најважното. Од образовниот систем. Знаењето е ресурс кој со споделување и давање се зголемува, ама ако знаеме да го конкретизираме во производ кој има употребна вредност. Затоа, заедно да размислуваме и да создадеме систем кој треба да ни служи во времето во кое живееме и во кое ќе живеат идните генерации.

 

Овој блог е првично објавен на СтопДезинформации.мк

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кирил Барбареев

Кирил Барбареев е проректор за развој, инвестиции и одржување на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Своите докторски студии ги завршил во 2010 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Образованието и професионалниот развој на воспитувачите во предучилишното воспитание и образование“, со што се стекнал со звање доктор на педагошки науки. Во 2011 година е избран како професор на Факултетот за образовни науки при УГД.