fbpx

Медиумите и медиумскиот модел како фактор за медиумската култура во Република Северна Македонија

Број 1 | јуни 2022
Јасна Бачовска-Недиќ, Жаклина Хаџи-Зафирова

Апстракт

Медиумите и медиумскиот модел се фактори што влијаат врз степенот на постоењето масовна култура и медиумска писменост кај заедниците. Еден од пот-сегментите на масовната култура е токму медиумската култура, која ги одразува ставовите, очекувањата и вредностите на граѓаните во однос на медиумите и консумирањето медиумски содржини. Акцентот на овој труд ќе биде ставен врз неколку прашања: 1. Анализа на поставеноста на медиумскиот модел во Република Северна Македонија и 2. Евалуација и оценување на медиумите во Република Северна Македонија. Во овој контекст, ќе бидат презентирани сите релевантни извештаи за тоа каква е состојбата со медиумите во Република Северна Македонија подготвени од страна на релевантни меѓународни институции за определен временски период. Трудот се заснова врз официјални извештаи во однос на состојбата со медиумите и врз резултатите од спроведеното истражување. Истражувањето покажува дека степенот на недоверба кај граѓаните во медиумите е резултат на политизираноста и на длабоката поделеност во медиумскиот сектор на „провладини“ и „опозициски“ медиуми, што е своевиден одраз на длабоката политичка поларизација присутна во македонското општество. Генерално се смета дека медиумите и новинарите имаат доминантно активна контролно-критичка улога, односно новинарските истражувања придонесуваат за откривање бројни скандали, корупција и разни форми на непотизам. На пример, дури 80,3 проценти од испитаниците сметаат дека медиумите и новинарите имаат моќ и придонесуваат за откривање неправилности во системот (Бачовска-Недиќ, Пачемски 2017). Овој процент може и треба да биде толкуван од медиумите, од новинарите и од нивните здруженија како можност што треба да се искористи за да се гради довербата кај јавноста кон новинарите и кон медиумите. Јавниот сервис има исклучително низок рејтинг и ниска доверба кај граѓаните. Ако се земе предвид дека мнозинството граѓани се информираат од телевизиските вести за најважните општествени теми, тогаш податокот за нискиот рејтинг на програмските сервиси на Македонската телевизија треба да се сфати многу сериозно, бидејќи укажува дека не постои ниту еден влијателен јавен медиум што непристрасно ќе ги информира граѓаните за официјалната државна политика.

Клучни зборови:

Медиуми, медиумска култура, комуникации, новинарство