fbpx

Зошто сè уште е важна слободата на јавно собирање

Јан -Вернер Милер

Политика

16.03.19

Прегледи

Јан-Вернер Милер (Jan-Werner Mueller)

Денес е општо познато дека многу демократии во светот се под притисок. Но, сè поголемите закани за едно особено важно демократско право воопшто не го добиваат потребното внимание. Владите, преку разни начини им отежнуваат на граѓаните јавно да се собираат и да протестираат.

Новите ограничувања за правото на јавно собирање често доаѓаат со навидум невини оправдувања како што се „јавната безбедност“. Во САД, администрацијата на Трамп го наметна правото да ги надомести трошоците за чистење по демонстрациите, со што на владата им овозможува да им наплаќа на оние кои протестираат да го користат нивното уставно право. И во уште поблатантен напор за намалување на јавните протести, владата се обиде да забрани јавни собири на 80 отсто од тротоарите околу Белата куќа.

Слично на тоа, во Унгарија премиерот Виктор Орбан неодамна донел легислатива што ги отежнува демонстрациите во близина на приватни станбени објекти и национални споменици, како причина за тоа ја навел можноста протестите да го „нарушат нормалниот проток на сообраќај“. Властите, исто така, сакаат да забранат демонстрации на државни празници или значајни настани. Без да даде конкретни оправдувања, владата сега има можност скоро сосема да ги забрани уличните демонстрации.

Некои можеби нема да мислат дека спречувањето на правото на собирање е исто толку сериозно како и другите закани за демократијата, барем не споредено со партиските манипулации на границите на изборните единици или вршењето притисок врз гласачите. Впрочем, со оглед на навидум безграничните можности за виртуелно собирање, достапноста на физичкиот простор може и да не изгледа толку важно.

Но протестите на улиците и јавните плоштади се од суштинско значење за демократскиот живот. Правото на слободно јавно собирање потекнува од правото за поднесување петиција до кралевите. Историски гледано, тоа право секогаш било предмет на повеќе ограничувања отколку правото на говор. Дури и во голем број солидни демократии, јавните власти се обидуваат да спречат народот да се собира блиску до официјалните владини згради.

На пример, во САД, демонстрантите не можеле да се соберат блиску до Конгресот до почетокот на 70-тите години од минатиот век, кога Врховниот суд конечно го отфрлил аргументот дека Капитол Хил е особено достоинствен простор што заслужува да биде поштеден од неизмиените маси народ. Сепак, до денешен ден, политички гласните толпи редовно ги претставуваат како неконтролирани банди. Како недамнешен пример за ова би бил начинот на кој Бернард Керик, поранешен комесар на полицијата на Њујорк, ги обвинил оние кои протестирале против назначувањето на Брет Каваноу во Врховниот суд велејќи дека го попречуваат „уредното функционирање на јавните институции“.

Сепак, дали протестирањето пред некои јавни згради навистина е потребно? Интернетот можеби не е сосем чиста демократизирана сила како што многумина прво мислеа, но сепак отвора огромни можности за онлајн „собирање“ и изразување на револт или несогласување. Пример за ова е Ема Гонзалез, претходно непозната тинејџерка од Флорида, која „собра“ двојно повеќе Твитер следбеници од Националното здружение за оружје, речиси преку ноќ. Со следење на елоквентна личност која го преживеала масакрот во Паркленд, 1,66 милиони корисници на Твитер ја покажале својата поддршка за посилни регулативи за контрола на оружјето и нивната спротивставеност на американското лоби за оружје.

Сепак, собирањето во физички простор ги исполнува функциите на демократијата што онлајн активизмот, колку и да е траен или страствен, едноставно не може. Во 2011 година, кога тогашниот американски претставник Барни Френк прашал зошто демонстрантите од движењето „Окупирај го Волстрит“ „мислат дека со самото тоа што некаде си физички пристуен ќе постигнеш многу“, соодветен одговор на тоа би бил: „Всушност, со окупирање јавни простори може да постигне многу, во зависност од кои се окупаторите и колку се на број“.

Оттука, луѓето кои марширале за граѓански права во САД во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век честопати повторуваа за „значењето на нашата бројност“. Самата „маса“ на граѓани кои биле подготвени да излезат, честопати изложени на ризик од физички повреди, на каузата ѝ дало поголем кредибилитет. Ова можеби звучи многу упростено, но, како што покажува опсесијата на Трамп со релативно малиот број луѓе што се собра за неговата инаугурација, големината сѐ уште е важна.

„Значењето на нашата бројност“ важи и во виртуелниот простор. Но, со оглед на распространетоста на ботови (автоматизирани програми) и трол фарми (начини за намерно внесување конфликт во онлајн заедницата), никој никогаш не може да биде сигурен што всушност значат броевите на социјалните медиуми. Покрај тоа, агломерацијата на луѓе на интернет не е видлива во начинот на кој се гледа на јавни собири на поединечни граѓани. Точно, Трамп и други популисти често се обидуваат да ги дискредитираат вистинските протести тврдејќи дека се дополнети со „кризни актери“ или „платени активисти“. Но, нема докази за тоа; и кога протестите ќе достигнат одредена големина, ваквите тврдења најверојатно ќе станат многу неверојатни во очите на повеќето граѓани.

Изборите, како сигурен показател, емпириски демонстрираат поддршка за одредени политичари, партии, па дури и политики. Но, обично, изборите не го регистрираат интензитетот на таа поддршка. Мобилизирањето на улици и плоштади може да испрати важен сигнал за посветеноста на изборната единица на одредена кауза. Додека Твитер следбениците на Гонзалес се импресивно многубројни, она што е навистина важно е дека повеќе од еден милион граѓани фактички потрошиле време, енергија и пари да учествуваат во маршот наречен „Марш за нашите животи", што таа заедно со други студенти го организираа претходно оваа година.

Учеството на митинг може да биде ризично во земји како Турција, каде што демократијата е веќе под сериозна закана. Во физичкиот простор, телото се изложува на ризик. И со оглед на моќта и распространетоста на современа технологија за надгледување, властите можат да го идентификуваат идентитетот на демонстрантите.

Сепак, токму овие опасности го прават јавниот протест помоќен од, на пример, анонимниот онлајн активизам. Јавното собирање во физички простор може да создаде чувство на колективна моќност. Заедничкото постапување и искажување на ставови, како и давањето меѓусебна поддршка, е од централно значење за демократското искуство. Така, освен што физичките јавни собири ги претставуваат целите на движењето на пошироката јавност, тие може да имаат и трансформативен ефект врз самите учесници.

На крај, во физичкиот простор, дејствијата може да бидат гласни колку и зборовите за да се покажат нови политички и социјални можности. Како што покажа општествениот научник Зејнеп Туфекчи, демонстрациите и окупирањето на некој простор денес често вклучува и импровизирани јавни библиотеки кои се поставуваат за да ја прослават идејата за доброволна соработка базирана на еднаквост.

Слободата на собирање не може да се сведе на слободата на говорот или слободата на здружување. Тоа е посебна и моќна форма на демократско дејствување. Оние што се загрижени поради современите закани за демократијата, треба да посветат внимание на заканата од физички собири. Правото на собирање заслужува повеќе внимание и повеќе заштита отколку што добива.

Јан-Вернер Милер е професор по политички науки на Универзитетот Принстон. Неговата најнова книга е What is Populism? 

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Јан -Вернер Милер

Јан-Вернер Милер е професор по политички науки на Универзитетот Принстон. Неговата најнова книга е What is Populism?