fbpx

Одвојување на партијата од државата – реалност или политички трик

Ивана Туфегчиќ и Славко Миладиновски

Јавен интерес

16.02.16

Прегледи

Ивана Туфегџиќ и Славко Миладиновски

ivana tufegdzicslavko miladinovskiНедостигот на политичка култура и силни институции, како и волја за менување на состојбите за одвојување на партијата од државата, се надоместува со притисок од меѓународниот фактор.

Последните три изборни циклуси поминаа со тешки обвинувања од опозицијата за изборни измами на власта, како и за груба злоупотреба на моќта и службената позиција на владеачките функционери во изборната кампања. Покрај избирачкиот список кој речиси секогаш е жешка изборна тема, главните забелешки за нерегуларноста на изборите се однесуваат на сраснувањето на партијата со државата.

Во претходните изборни циклуси речиси никогаш не можеше да се разликува кога Никола Груевски ни се обраќа како претседател на Владата, а кога како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кога министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска говори во својство на министер, а кога како носител на листата на кандидати на изборната единица бр.2.

Ова беше и една од причините што пред изборите во 2014-та, беа донесени измени во Изборниот законик со кои правната регулатива за (зло)употребата на државните ресурси во изборната кампања значително се подобри. Со измените се усвоија одредби за недозволена употреба на канцелариски или каков било друг материјал, возила, отпочнување на проекти кои не биле предвидени ниту започнати или исплаќање средства од буџетот кои не се тековни.

Обвинувањата за нераздвојување на партијата од државата се поткрепени и со меѓународните извештаи за изборите на ОБСЕ/ОДИХР. Така, во своите извештаи за локалните избори 2013-та и за парламентарните и претседателските избори 2014-та, ОБСЕ/ОДИХР наведува дека „преклопувањето на партиските и државните активности не обезбеди поеднакво поле за натпревар на изборите.“

Државен притисок за партиски глас

Но, посериозен проблем кога станува збор за сраснувањето на партијата со државата и партиското влијание во изборниот процес, претставува притисокот врз вработените во државната и јавната администрација, да обезбедат членови на нивните семејства, круг политички неопределени пријатели, да го дадат својот глас за владеачката партија.

Такви примери имаше и во минатото, за што пред парламентарните избори 2011 година, новинарите на А1 ТВ открија партиски списоци на ВМРО-ДПМНЕ на вработени во државната администрација кои имале задача да носат по 30 гласачи за владеачката партија.

За изминатите изборни циклуси и злоупотребата на државата за партиските цели на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можеше да се слушне и во таканаречените „бомби“ на опозицијата каде што функционери на власта во меѓусебни разговори зборуваат за претворањето на МВР во партиски штаб, за нарачани инспекции од УЈП кои казнуваат неистомисленици, за списоци за исплаќање субвенции, социјална помош, дури и за злоупотреба на Домот за деца без родители кој треба да испорача гласачи.

Доволно е да се слушнат разговорите од аудио снимките за да се разбере дека во Република Македонија немало никаква граница помеѓу Владата и владеачките партии кои државните институции ги користат како орудие за собирање на гласови.

Грубата злоупотреба се согледува не само во искористувањето на ресурсите на државата, туку и во користењето на моќта за принуда на гласачите, како и користењето информации од државните органи за партиски цели, што јасно им обезбедува на владеачките партии предност во изборниот процес.

Ова посебно беше истакнато и во Извештајот на Рајнхард Прибе, поточно на групата експерти од ЕУ која ги скенираше состојбите во државата пролетта 2015 година. И во Листата на итни приоритети за Македонија од јуни минатата година, Европската комисија исто така наведува дека е потребно одвојување на партијата од државата, во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија и поширок пристап до институциите на другите партии во изборниот процес. Европската комисија овие забелешки ги повторува и во Извештајот за напредокот на Република Македонија.

Токму затоа со Договорот од Пржино потписничките страни се обврзаа на решенија за одвојување на државата од партијата на власт, заради организирање фер и демократски избори. Договорот предвиде формирање преодна влада со учество на претставници на опозицијата.

Покрај министрите и дополнителните заменици министри на опозицијата во новата преодна влада, едно од клучните решенија на Договорот од Пржино беше и оставката на актуелниот премиер, односно избор на технички премиер задолжен за спроведување на изборите, 100 дена пред нивното одржување, правило кое ќе важи и во наредните изборни процеси. Со овој чин требаше да се одвои премиерската функција од личноста на лидерот на владеачката партија, за да нема директно влијание врз изборниот процес. Но, по напуштањето на функцијата премиер, сега во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заедно со новиот технички премиер и со актуелните министри продолжи да отвора фабрики, државно финансирани амбуланти и други објекти, што претставува сигнал дека не се почитува обврската за одвојување на партијата од државата.

departizacija

Извор: novamakedonija.com.mk

Политичка волја и меѓународен притисок

Очигледно е дека измените во законите во претходните изборни циклуси во согласност со извештаите од ЕУ, ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија, како и според Договорот од Пржино се само мртво слово на хартија. Она што недостасува во процесот на спроведување на договорените решенија е политичка зрелост и волја. Компаративно, во развиените европски држави, како Франција и Германија, начините за одвојување на партијата од државата се дел од политичката култура, но и покрај тоа има силна контрола од независни институции, чија што функција е натпартиска.

Според тоа, покрај политичка култура за реално сечење на врските помеѓу владеачката партија и државните ресурси, во Република Македонија потребни ни се и силни институции, изградени врз база на мерит-системот, за разлика од денешните кои ги водат партиски кадри.

Недостигот на политичка култура и силни институции, како и волја за менување на состојбите за одвојување на партијата од државата, сега се надоместува со притисок од меѓународниот фактор.

Во таа насока, амбасадорите на Европската унија и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли, на крајот на јануари го посетија техничкиот премиер Емил Димитриев и меѓу другото, му упатија јасни и сериозни пораки за одвојување на партијата од државата. Меѓу мерките за одвојување на државата од активностите на политичките партии Брисел и Вашингтон бараат јавните функционери да дадат јасни изјави и писмени инструкции дека нема да се толерира никаков притисок врз вработените во јавната администрација и дека ниту еден граѓанин нема да се плаши за своето вработување или примање социјални услуги заради поддржување или неподдржување на одредена партија. Според амбасадорите, веродостојните тврдења за притисоци и заплашувања ќе мора да бидат истражени брзо и темелно и соодветно гонети.

Ако се има предвид дека најголемиот дел од политичките промени кои доведоа до Договорот од Пржино беа спроведени со притисок од меѓународниот фактор, се чини дека и за одвојувањето на партијата од државата засега нема друга алтернатива.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ивана Туфегчиќ и Славко Миладиновски

Ивана Туфегџиќ е дипломиран политиколог на Политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“ и студент на магистерската програма по Уставно право на Правниот факултет. Област на особен интерес ѝ се човекови права со акцент на малцински права, политички систем и избори и изборни системи, како и процесите на демократизација и влијанието на религијата и политичката култура во истите. Славко Миладиновски е дипломиран политиколог на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ и студент на магистерски студии по Уставно право на Правниот Факултет. Особен интерес му се областите, владеење на право, политички систем, избори и изборни системи, политичката култура и процесите за демократизација.