fbpx

Шверцувањето на двојазичноста и „џебното вето“ на Претседателот

Димитар Апасиев

Јавен интерес

14.03.18

Прегледи

доц. д-р Димитар Апасиев 

dimitar apasiev200x250Ако се држиме само до правните аспекти на носењето на Законот за употреба на јазиците, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови по сила на устав, претседателот на Собранието има само два избора: или пратениците ќе мора да ги разгледуваат 35.000 амандамни или законот ќе мора да падне во заборав, додека пак претседателот на државата ќе има право да се повика на т.н. џебно вето.

Повод за овој блог е најавата на некои челници на ДУИ, вклучително и на актуелниот претседател на Собранието на РМ – Талат Џафери, дека намерава, дрско и противуставно, да ја прекрши легислативната постапка за носење на непопуларниот иритирачки Закон за употреба на јазиците и истиот да биде донесен „на мускули“ – на еден доста силеџиски, итромански и досега невиден начин – заобиколувајќи ја расправата за опозициските амандмани. Затоа, во продолжение, ќе се обидеме да ги оставиме на страна политичките реперкусии на овој контроверзен закон, држејќи се притоа само до правните аспекти на неговото носење...

Законот за јазиците е типичен пример за „тиранија на малцинството“

Најпрво, околу самиот пежоративно наречен „Закон за двојазичност“. Стручната и длабинска анализа на законскиот текст покажува дека е пишуван од прилично слаби правници, без елементарно номотехничко знаење. Тој е неконзистентен правен пропис кој буквално меша „баби и жаби“, па логично е што изобилува со толку многу противуставни одредби, при што самото нивно набројување би ни одзело простор колку за една магистерска теза

Но, сепак, за илустрација на лаичката јавност, би елаборирале само една флагрантна поврeда на основните правни принципи и фунадаментални начела кои ги содржи овој небулозен закон „со срцева мана“. Имено, во правото ниту се видело, ниту се чуло со обичен закон да менувате системски/органски закони! Членовите од предметниов Закон кои се однесуваат на функционалното процесно право, односно на судските постапки, се противуставни par excellence, затоа што во чл. 98, поточно во првата точка на Амандманот XXV (2005) на Уставот на РМ, изрично и со императивна и безрезервна правна норма се вели дека: „Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“ (квалификуван правен режим на ius cogens)! Според ова, argumentum a fortiori, недозволиво и правно невозможно е со т.н. обичен закон – кој de iure и de facto може да се донесе со релативно мнозинство гласови, односно со најмалку 40 пратеници – да се уредува правна материја за чие регулирање e потребно минимум квалификувано мнозинство гласови, односно најмалку 80 пратеници по сила на устав (ex constitutionis)! За другите, над дваесетина, противуставни одредби содржани во овој закон, со оглед на расположливиот простор, ќе пишуваме во некоја следна прилика.

Амандманите мора да се разгледуваат или законот да падне во заборав

Во поглед на прашањето за (не)разгледување на опозициските амандмани, кои патем речено се уредно и благовремено поднесени и архивирани, пречистениот текст на Деловникот на Собранието на РМ (2013) е сосема јасен: „По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“ [чл. 173, ст.3]! Ова, во случајов е целосно испочитувано – бидејќи амандманите на опозициската ДПМНЕ се стратешки добро осмислени и тактички поднесени токму во врска со деветнаесетте законски члена на кои, претходно, претседателот веќе даде писмени забелешки [особено за чл. 1-14, чл. 16-17 и чл. 22-24].

Впрочем, иако станува збор за рекорден број амандмани – околу 35.000, слично како и 15.500 амандмани на ДУИ поднесени за т.н. Закон за бранители (2012) кој никогаш и не се донесе – претседателот на Собранието има само два правно издржани легислативни избора: (1) или тие ќе мора да се разгледуваат – што реално би значело парализа на работата на Собранието во догледен период од најмалку шест-седум месеци; или, пак, (2) законот ќе мора да падне во заборав – односно да биде „избришан од сеќавањето на народот“ (damnatio memoriae) и оваа негова нацрт-верзија никогаш повеќе да не се стави на дневен ред на пленарна собраниска седница!

Вторава опција се чини поисправна, затоа што Собранието in concreto падна во задоцнување, бидејќи веќе е пробиен максималниот рок од триесет дена во кој владејачкото мнозинство имаше процедурално право да го преразгледа вратениот закон од страна на шефот на државата: „Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето“ [чл. 173, ст.2 од Деловникот]! Бидејќи законот е донесен на 11 јануари 2018, триесетдневниот рок – согласно општоважечките правила за сметање на времето (т.н. цивилна компутација на рокови) – истече на ден 11 февруари 2018, до кога законот требаше и мораше повторно да се усвои со апсолутно мнозинство гласови. За разлика од другите прескриптивни рокови, кога станува збор за ваков законски, незапирлив, објективен, непроменлив, позитивен, перемпторен и преклузивен рок (етимолошки доаѓа од латинското praecludо = „заклучува/затвора“), базична одлика е тоа што неговото непочитување има екстинктивна, т.е. погасувачка правна природа – односно се губи и самото право кое што е орочено: во случајов, тоа е правото на Собранието повторно да го донесе истиот ветиран закон во неизменета форма!

svercuvanjeto na dvojazicnosta i dzebnoto veto na pretsedatelotИзвор: faktor.mk

Претседателот може да употреби и т.н. џебно вето

Интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ [член 75], а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка. Со други зборови, промулгацијата (лат. promulgatio = „обнародување“, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата“ (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник. Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство.

Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата! Досегашните четворица претседатели на Републиката го употребувале правото на суспензивно вето во повеќе ситуации:

(а) првиот претседател Киро Глигоров, во првиот свој мандат го нема употребено правото на вето; додека, пак, во текот на неговиот втор мандат го има употребено вкупно четири пати [два пати во 1997 и по еднаш во 1998 и во 1999 год.];

(б) вториот претседател Борис Трајковски, за време на својот мандат, правото на вето го има употребено вкупно шест пати [еднаш во 2001 и пет пати во 2003 год.];

(в) третиот претседател Бранко Црвенковски е рекордер во користењето на ова право, бидејќи во единствениот свој мандат го има употребено дури десет пати [еднаш во 2005, два пати во 2006 и седум пати во 2008 год.]! Да потсетиме дека претседателот Црвенковски стави вето на претходниот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа (4.08.2008) – кој беше далеку побениген и понеопасен во споредба со овој најнов октроиран лингвистички закон; и, конечно,

(г) последниот, четврти македонски претседател Ѓорѓе Иванов беше единствениот кој во своите два мандата воопшто го немаше употребено ова негово уставно право, а да не беше спорниов Закон за јазици [2018] прашање е дали воопшто и ќе го употребеше.

Во еден хипотетички случај на владина инструментализација на Собранието на РМ и носење на Законот за јазиците „прекутрупа“, односно со флагрантно кршење на процедурата, претседателот на Републиката – поставувајќи се како своевиден „татко на нацијата“ и чувар на институционалниот баланс меѓу централните органи на власта – ќе има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што, во конституционата теорија, е познато под називот џебно вето или т.н. „вето во фиока“.

Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот [чл. 75, ст.3]. Впрочем, ако ги споредиме апсолутните бројки, ќе видиме дека легитимитетот на актуелниов претседател е дури и поголем од оној на моменталната владејачка коалиција: 534.919 избирачи кои гласале за Иванов, наспроти 436.981 освоени гласови на СДСМ и 86.796 гласови на ДУИ.

Општествениот интерес е секогаш пред партискиот

Да појасниме: во случајов на нашиот Устав на РМ (1991), станува збор за она што, уште од Римското право, во јуристичката теорија е познато како т.н. несовршен закон (lex imperfecta), односно правна норма која: прво – не содржи никаква санкција во случај на непочитување на оваа уставна должност; и второ – нема предвидено никаков прецизен уставен рок во кој претседателот е должен да го потпише законот со кој не се согласува.

За разлика од суспензивното вето ставено по прв пат, кога претседателот вообичаено го известува Собранието за причините поради кои не го потпишува указот – иако на тоа не е изрично обврзан; во случајот на џебното вето, ставено по втор пат на еден ист закон, претседателот вообичаено молчи и на тој начин „молчејќи зборува“, односно го чува законот во фиока и тој не може воопшто да се објави. Ова свесно кршење на Уставот има своја јуснатуралистичка, односно природно-правна позадина и се оправдува со постигнување на некоја благородна и повозвишена цел – заштита на поширокиот општествен интерес (utilitas publica). Тука, всушност, претседателот ризикува да биде прозван со импичмент, т.е. повикан на одговорност за кршење на уставот и законите [по чл. 87 од УРМ], но истовремено – дури и по цена да ја изгуби функцијата – етички доследно сака да ја алармира јавноста за непропорционалноста и штетноста од донесувањето на конкретниот закон. Гледано компаративно-правно, во суштина, станува збор за вистинско витештво во борбата за добри и уставни закони и за маневар кон анимирање на јавноста, со цел вршење притисок врз законодавецот – тој, во иднина, да не се однесува арбитрарно, неодговорно и противуставно.

Оваа наша уставна празнина досега беше [зло]употребена во два наврата: прв пат во 1997 – кога претседателот Глигоров одби да го потпише Законот за кривична постапка, иако истиот се носи со двотретинско мнозинство гласови; и втор пат во 2001 – кога претседателот Трајковски два пати одби да го потпише неморалниот и екстремно привилегирачки Закон за пратеници, кој потоа не влезе во сила! Оттука, бидејќи веќе има воспоставено прецедентно право (англ. Case law) за оваа сложена уставнoправна материја, не би постоеле правни пречки таа – во конкретиов случај на противуставниот Закон за употреба на јазиците – in flagrante да може да се употреби и по трет пат, особено што тоа ќе биде во име на јавната полза и заштита на општиот интерес на граѓаните и на АСНОМскиот и унитарен карактер на Републиката.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Димитар Апасиев

Димитар Апасиев (1983, Велес) е доктор на правни науки. Дипломирал, магистрирал и докторирал како првенец на повеќе генерации на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој е долгогодишен активист на Движењето за социјална правда „Ленка“ и член на президиумот на Левица. Има учествувано на преку стотина домашни и меѓународни научни симпозиуми. Автор е на десетина правни книги и монографии, како и на над 50 статии и стручни трудови. Бил правен консултант на неколку правосудни државни органи, синдикални организации, граѓански здруженија и неформални активистички иницијативи. Во моментов работи како доцент на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Предава: Римско право, Судскa реторика и Философија на правото.