fbpx

Како да се одбраниме од епидемијата на лажни вести?

проф. д-р Дубравка Валиќ Недељковиќ

Медиуми

04.12.19

Прегледи
ALB  SR

Дубравка Валиќ Недеjковиќ

Dubravka Valic Nedeljkovic200x250Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

Фејк њуз не е феномен на втората деценија на 21 век, но стана епидемија која се манифестира во неколку облици и намери на оние што ја конструираат. „Лажни вести како хибриден жанр што меша информативна содржина со фикција со цел да се постигне сатиричен или хумористичен ефект, лажни вести како намерно ширење на лаги за пропагандни цели, и на крај лажни вести како содржина на хипер-пристрасни медиуми конструирана така што доследно одговара на одреден политички систем и наведува на одредени заклучоци“.

Нема голема разлика помеѓу „патка“ и „fake news (лажни вести)

Интернетот овозможи секој поединец да објавува содржини за кои не мора да сноси никаква одговорност, освен кога е во прашање порнографија. Обичен граѓанин може да креира лажна вест, да ја објави на која било социјална мрежа или портал и откако веста ќе стигне до јавниот простор, таа станува тема не само на дивите портали, туку и на традиционалните регистрирани медиуми.

Дивите, но и да не бидеме наивни, дури и професионалните интернет портали, односно оние кои немаат наведен импресум на страницата, но дури и оние кои имаат наведена уредничка структура, објавуваат содржини за кои немаат соодветна потврда, а потоа и други корисници без никаква проверка ја објавуваат таа содржина. моделирано на „копи пејст“ новинарство. Брзината со која се менува содржината, наметната од интернетот, за да се добие соодветен рејтинг, доведува до тоа одговорноста за поставената содржина да станува сè „пофлексибилна“.

Она што уредниците во ерата пред-интернет не би дозволиле да се објави, или би дозволиле во ретки случаи и само злонамерно, денес се објавува без никакво одложување за дополнителна проверка, дури и ако на прв поглед информацијата е во најмала рака контроверзна. Нема време да се одложува бидејќи конкуренцијата е премногу силна. Потсетете се на срамната афера кога угледни балкански медиуми, како што е РТС, на 06.10.2011 година брзоплето објавија дека писателот Добрица Чосиќ ја добил Нобеловата награда за книжевност, без да го проверат кредибилитетот на лажната страница што ја креирала веста од политички причини нарекувајќи се себеси „група на неплатени, самоорганизирани веб активисти“ и без да стапат во контакт со релевантниот извор nobel prize (Нобелова награда).

Во исто време, некритички се презема содржина дури и од контроверзни страници, доволно е тоа да биде „погодна информација“ во дневно политички контекст. Ова не е едноставен поим, бидејќи содржината може да има различни значења во однос на контекстите. Станува збор за информации што се:

„измислени, неточни, наведуваат на погрешен заклучок, опишуваат настани што никогаш не се случиле, пренесуваат изјави што никогаш не биле изговорени, најавуваат настани што никогаш нема да се случат, ја нарушуваат довербата во општеството, ја намалуваат веродостојноста на медиумите и каналите преку кои се пренесуваат“.

Покрај лажните вести, лажните и фабрикувани фотографии и видео содржини се особено чувствителен медиумски материјал. Современите дигитални технологии овозможуваат високо софистицирани манипулации со информации од секаков вид, но во исто време ни ставаат на располагање ефикасни алатки со кои можеме да ја одбраниме и утврдиме автеничноста на податоците, фотографиите и снимките.

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистинитоста во јавниот простор преку одговорно истражување.

Kako da se odbranime od epidemijata na lazni vestiИзвор: komunikacii.net

Тие можат да се поделат на оние кои ги проверуваат изјавите на политичарите (Istinomer, Faktoje, Faktograf) и на оние кои се борат против лажните вести објавени во медиумите (Raskrikavanje.rs, Raskrinkavanje.ba, Raskrinkavanje.me, Fake news tragač, Proverka na fakti).

Зошто е многу важно на публиката да ѝ се понуди демант (debunking) на лажните вести, зарем не е прашање на секој поединец да верува во тоа или не, да има потреба да ги разгледа информациите од повеќе страни или да ги прифати какви што се? Одговорот на ова прашање ќе го најдеме и во резултатите од истражувањето „Ширењето на вистински и лажни вести“ (The spread of true and false news) објавено онлајн во списанието Science. За да покаже како се шират лажните вести низ јавниот простор, Соруш Восоги и неговиот тим користеле серија „каскадни гласини“ (rumor cascades) на Твитер од 2006 до 2017 година. Во тој период се рашириле 126 000 гласини, во кои учествувале околу 3 милиони луѓе. Истражувачкиот тим заклучил дека лагите се шират побрзо, имаат подлабок и поширок дофат од вистинските информации, во сите набљудувани категории.

Најбрзо се ширеле лажни вести на политички теми, потоа за тероризам, природни катастрофи, наука, урбани легенди и информации од областа на финансиите. Тие пресметале дека има 70 проценти поголема веројатност да бидат ретвитнати лажни вести, споредено со вистински вести. Наведено е дека на вистинските вести им треба шест пати повеќе време за да стигнат до 1 500 луѓе отколку на лажните вести.

И кога имаме добри алатки за да откриеме дали нешто е лажно, важно е да следиме јасни процедури, бидејќи некои информации што се чини дека се лажни, понекогаш се точни. Пример за ова има на веб-страницата Fake news tragač, објавен на 29 октомври 2019 година. Имено, два портали „Sandžačke“ и „Sandžak live“ во живо објавиле информации за тоа како Нобеловиот комитет се „кае“ што оваа година ја доделил наградата на овогодинешниот нобеловец Петер Хандке поради ставот кон геноцидот во Сребреница. Fejk njuz tragač ги истражил овие информации и дошол до следново:

„Овие медиуми напишале дека претседателот на Шведската академија, Матс Малм, ‘за прв пат изјавил дека Академијата мора да испита било што во врска со својата одлука“ и ја пренеле содржината на неговата порака пратена по електронска пошта, од две реченици „Не знаевме за тоа. Мора да се навратиме на тоа и да испитаме“. Шведските колеги кои имаа преписка со Малм ја потврдија за FN Tragač содржината на е-пораката, но потврдија дека откако ќе се додели Нобеловата награда, таа не може подоцна да се одземе“.

Спротивно на тоа, нешто што ни изгледа како вистина, во суштина е лага

Предвидувањата за можностите за истражување на вселената честопати се покажаа како претерано оптимистични. Fejk njuz tragač истражи колку се оствариле заклучоците постигнати со истражувачки методи во рамките на „проучување на иднината“ денес во оваа дисциплина која претставува вистински предизвик:

Енциклопедијата Future (Иднина), објавена во 1997 година, го предвидува првото спуштање на луѓето на Марс во 2014 година, додека во моментот се проценува дека таквото достигнување ќе биде можно најрано во 2037 година, а можеби и дури во 2060 година. Од друга страна, Џејмс Кантон, проучувач на глобалната иднина и поранешен советник за администрацијата на Белата куќа, изнесува претпоставка во својата книга „Екстремна иднина“ дека до 2025 година ќе се постават туристички линии до Месечината и Марс и дека потоа ќе настанат човечки населби на Марс.

Колку лажните вести се дел од јавниот простор во Србија, укажува фактот дека таа се наоѓа меѓу ЧЕТИРИТЕ земји во Европа со најголемо влијание на лажни вести (68,2 проценти). Останатите три се Чешка (80,3 проценти), Романија (73,6 проценти) и Русија (66,00 проценти).

Според истражувањата на Fejk njuz tragač, таблоидот „Alo“, објавил 237 дезинформации на својата насловна страница во 2017 година, „Informer“ објавил 362 лажни вести или манипулативни информации на 302 свои насловни страници. Во исто време, медиумите во Србија најавуваат војна со соседните земји во просек на секои три дена, а еднаш неделно „откриваат“ лек за рак.

Од јануари до јули 2019 година, платформата Raskrinkavanje.ba анализирала 60 текстови кои добиле оценка „лажна вест“, во истиот период Fejk njuz tragač пронашол 65, а на пример, Raskrinkavanje.me нашла само една бидејќи се занимава исклучиво со безбедносни прашања и е премногу тематски фокусирана.

Имаме ли алатки за борба против неодговорно новинарство?

И на крај, како да се одбраниме од оваа епидемија? И покрај тоа што страниците за деконструирање на лажни вести и лажни политички изјави се многу корисни и претставуваат опомена за секој што практикува измама дека ќе биде разоткриен, тие воедно се и „совест“ на професијата. Меѓутоа, тоа не е доволно, пред сè самите новинарски здруженија и саморегулаторните и регулаторните тела треба да бидат многу поостри во укажувањето на непрофесионалноста на поединците и медиумите.

Не е цензура доколку се забрани или осуди објавување лажни вести или дезинформации, премонтирани аудио содржини и „коригирани“ фотографии. Најлесно е за секое обвинување да се повика на слободата на говор и да се „посочи“ дека е „цензура“ сè што јавноста и институциите го ставаат под знак прашалник. Одговорното општество многу добро знае да ја воочи разликата. Во исто време, судовите треба да бидат поекспедитивни и построги, особено кон оние на кои им станало навика да објавуваат лажни вести и дезинформации.

Со оглед на тоа што спречувањето е секогаш поефикасно од лечењето, медиумското описменување за публиката да ги препознава, осудува и јавно да се изјаснува за медиумите кои постојано ги кршат професионалните кодекси е прва задача на институционалното и вонинституционалното образование.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

проф. д-р Дубравка Валиќ Недељковиќ

Дубравка Валиќ Недељковиќ (1952), до октомври 2018 година, беше редовен професор на Катедрата за медиумски студии на Филозофскиот факултет, Универзитет во Нови Сад, Србија. Клучни теми: новинарство, медиумска писменост, средства за масовна комуникација, анализа на критични медиумски дискурси, родови студии, медиуми на јазиците на малцинствата, мултикултурализам и разновидност на пријавување. Соработник e на списанија и учесник на конференции во земјата и странство (над 150). Има објавено осум книги и над 300 академски трудови во областа на медиумите. Добитник е на многу новинарски награди за информативна радио програма (вести) и радио репортажа.