fbpx

Кафкијанските апсурди во Годишната програма за литература

Филип Клетников

Медиуми

23.02.22

Прегледи

Министерство за култура и оваа година со објавата на годишните резултати за финансирање на проекти од национален интерес јасно и недвосмислено ја обзнани својата амбиција да котира во самиот врв на непровидноста (или како што денес е толку модерно да се каже - нетранспарентноста), недоследноста и бирократизацијата.

Најпрво, му должам извинување на Франц Кафка што го вовлекувам неговиот прониклив гениј во матните води на македонското Министерство за култура. Како и да е, верувам дека кога би бил меѓу нас, сепак, би ми простил, затоа што токму неговиот книжевен опус е познат по луцидниот приказ на апсурдноста и обесмислувањето на човековиот живот од страна на непровидните и бирократизирани општествени структури.

А македонското Министерство за култура и оваа година со објавата на годишните резултати за финансирање на проекти од национален интерес јасно и недвосмислено ја обзнани својата амбиција да котира во самиот врв на непровидноста (или како што денес е толку модерно да се каже - нетранспарентноста), недоследноста и бирократизацијата. Впрочем, ова се и единствените јасно манифестирани политики на Министерството во текот на изминативе неколку години. Сѐ друго што тоа работи е исто толку јасно колку она што му се случува на кутриот Јозеф К.

Како и претходно, ќе се задржам на програмата за литература и издавачка дејност (натаму: програмата за литература). Да почнеме со ред.

Национален интерес во литературата: декларирано наспроти практикувано

Првиот од десетината приоритети наведени во пријавата за програмата за литература за 2022 година е поттикнување на литературното творештво со високи уметнички вредности на домашните автори. Токму тоа и треба да биде приоритет на една национална програма за литература.

Меѓутоа, во реакцијата на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за резултатите од годишниот конкурс за оваа година, децидно е посочено дека преведената литература добива повеќе средства од домашната, (со што трудот на преведувачите се вреднува повеќе од трудот на домашните автори!) но и дека самите тие средства се нерамномерно, т.е. арбитрарно расподелени. Кон ова би можел да се додаде и соодносот преводна литература - домашна продукција (овде ја бројам само уметничката литература, академските трудови, монографиите и сл. се иземени), кој е во блага полза на преводната литература.

О (не)писменех“

Но она што е „најлегендарно“ во резултатите за оваа година е тоа што од нивната објава, не се знае „кој пие, а кој плаќа“. Станува збор за убедливо најлошата, најнечитката и најнебулозна објава на резултати од еден годишен конкурс во историјата на државава! Претходните објави барем имаа некоја елементарна прегледност: беа дадени во Excel-табели, подредени по „назив на корисник“, „проект“ и „одобрени средства“. Но суштински податоци – и покрај многуте укажувања за арбитрарност и неотчетност, кои се рак-рана на овие конкурси, и тогаш недостигаа, како на пример: книжевен жанр, обем на делото, рецензент…

Оваа година, фер е да се рече дека Министерството за култура се надминало себеси: самите морате да извлечете заклучок дали некое дело е превод, ако е превод, од кој јазик и на кој јазик е превод. Така, на пример, некој може да помисли дека Булгаков напишал драми на македонски, затоа што ниту е наведено кој ги преведувал, ниту од кој јазик! Слично е со повеќето други случаи на преводна литература: неупатениот логички би требало да заклучи дека Петер Светина, Булгаков, Х. М. Енценсбергер, Ромен Ролан и други пишувале на македонски. Интересна е и формулацијата „превод од ИЗВОРЕН турски јазик“ - дали тука се работи за неукост на апликантот (лингвистот и филологот ќе се запрашаат какви други јазици има освен изворни?!) или, пак, е имплицитно признание на Министерството дека финансира превод од превод, што, освен во исклучителни случаи (кога станува збор за превод на поезија, т.е. препев, кога поет препејува од „буквален“ превод, или за значајни дела од јазични средини за кои немаме преведувачи од изворникот), е недопустливо.

Академската – и некои други мафии

Но, не се само овие колосални формално-технички пропусти. Или, народски кажано, „не бараме влакно во јајцето“: имено, зад оваа очајна фасада се крие уште поочајна внатрешност: „шерифско“ прифаќање и одбивање на пријави и исто такво распределување на средства, без никаков естетски критериум (рецензија, место и референтност на авторот во современата македонска книжевност…), фаворизирање на одредени автори / издавачи / списанија по клановска и(ли) партиска линија.

Извор: sdk.mk

Ова е особено забележливо во првите две категории (автори и издавачи): автори кои припаѓаат на иста генерација, имаат дела од ист жанр, а добиваат средства со разлики и до речиси 2 000 евра (!). Јавно ги прашувам членовите на Комисијата за литературна дејност да објаснат врз основа на кои критериуми? Дали затоа што го избрале правиот издавач („врска“) или биле „политички коректни“? Зашто оправдување засновано на естетски критериум, или, пак, на квантитативен (Колку може да е голема една поетска книга?! Еден роман, една книга раскази? Колку може да има разлика во цената на нивното печатење и дали таа е оправдана) за оваа срамна дискриминација, едноставно нема!

Но доколку во белетристиката постојат вакви скандалозни и дискрепантни разлики, тоа е значително помалку воочливо кај академската фела, т.е. кај универзитетските професори, за чии трудови одобрените средства се движат главно од 2 500 евра нагоре: во сферата на (пребројните) академски трудови, барем има појасни „критериуми“: професорската титула и етничката припадност. Како инаку да се објасни фактот што труд како „Доцен неолит во Македонија“ (Орце Ристовски) добил околу 1 250 евра, додека трудови како „Политичка субјективизација – кон ново поле во политичкото“ (Артан Садики) и „Јазик на културата и култура на јазикот“ (Ќемал Мурати) се дотирани со по неверојатни 4 000 евра?!

Во целата приказна, академската фела ја има улогата „на бела мечка“: доминира во комисиите (каде се поетите и писателите во нив, кога, нели, првиот приоритет е домашното литературно творештво со високи уметнички вредности?!). Така, додека некои писатели/поети се исфрлени на „бришан простор“, делата им се одбивани некогаш со години заредом и покрај одличните рецензии и континуираните високи творечки остварувања, други добиваат билет за „трета класа“ со необјасниво ниски одобрени средства – универзитетските професори редовно си се објавуваат едендругога или, пак, ги протежираат колегите од својата фела, доделувајќи штедри хонорари според принципот „врана на врана очи не вади“, без да положат никаков отчет, без да постават естетски фундирани култуни политики (или, барем, да се држат до веќе поставените).

Така, и оваа година претседателка на Комисијата е професорка од класични студии, а далеку највисоките доделени средства се за делото „Демократија и олигархија - Избор текстови за државното уредување во класична Атина и Спарта“ (повторно сме оставени во недоумица дали станува збор само за избор, или за избор и превод?!): станува збор за неверојатна сума од близу 5 600 евра! Или, ако се земе најниската сума одобрена за поетски ракопис (40 000 ден.), овој избор „тежи“ безмалку колку 9 поетски книги од македонски автори: Ерато очигледно не е на цена во оваа Комисија!

Или, како што вели новата министерка за култура во своето обраќање, презадоволна од работата на својата Комисија - „најпрофесионално и најстручно“ со „квалитет“ и „издржаност“. Секако, и „отчетно“, без никаков судир на интереси, без „безобразно високи суми“ и, да не го заборавиме омилениот збор на бирократите - „транспарентно“!

Гласната тишина на ДПМ и писателите

Но ваква солидарност меѓу писателите и поетите нема. За тоа сведочат скандалозните разлики во доделените средства и минатата и оваа година (сега уште повеќе дојдени до израз), за тоа сведочи континуираниот, оглушувачки гласен молк на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), додека МАИ секоја година гласно и аргументирано реагира на „културните политики“, секако од своја гледна точка! И никој нема право да им замери за тоа, затоа што здруженијата се оформени да ги бранат интересите на своите членови, а не да се грижат за сирачиња.

Единствените сирачиња, пак, во приказната наречена „Годишна програма за поддршка на литературата и издавачката дејност“ се носителите на литературата, писателите. Фактот што оваа година вкупниот број на прифатени апликации е речиси дупло намален во однос на ланската (6452 лани наспроти 3769 годинава) само говори во прилог на сомневањето кое веќе го изнесов во анализата на ланската програма, имено дека Министерството сака (селективно) да ги обесхрабри авторите да конкурираат за финансиска поддршка на своите дела. Фактот дека 2/3 од апликантите биле одбиени заради технички пропусти поврзани со електронската апликација, како што наведува министерката, е само уште една потврда на (намерната?) некомпетентност на Министерството и уште еден негов неславен рекорд: кој систем за апликации, на светски универзитети, фондации и слично може да се „пофали“ со толкав број нерегуларни апликации?!

Најпосле, круна на сето тоа е што споменатите „бели мечки“ од комисиите се заштитени со фактот што веќе со години приговорите (на кои, патем, подносителите ретко добиваат одговори) не се поднесуваат до самите комисии кои одлучувале за соодветните дејности (како што беше пракса, која подитно мора да се врати!) туку до фамозната комисија со егзотичен назив: „Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.“ Каква врска има оваа комисија со уметност? Ecce Kafka!

Останува на новоназначената министерка (но и на нејзината Комисија, која „најрофесионално и најстручно“ понудила „квалитет и издржаност“) да објасни како ваквото културно политикантство (наместо насушно потребните, естетски фундирани културни политики) го поттикнува литературното творештво со високи уметнички вредноси од домашни автори, што, да потсетиме (по којзнае кој пат!) е првиот деклариран приоритет кога станува збор за литературата.

 Што се однесува до македонската писателска асоцијација, пак, крајно време е да се запраша која е целта на нејзиното постоење: дали само церемонии, доделување награди и сувопарни соопштенија кои треба да нѐ потсетат „дека литературата е неопходна состојка на нашите животи“, или, пак, можеби дојде и такво време, кога писателите треба да се угледаат на издавачите, па, по примерот на МАИ, редно е и ДПМ да почне се бори упорно и енергично за социоекономското и општественото достоинство и вредност на писателскиот повик. Затоа што, очигледно, Министерството за култура изминативе години решило да ја маргинализира таа состојка наречена современа македонска литература.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Филип Клетников

Филип Клетников дипломирал германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал интердисциплинарни средновековни студии (германистика, филозофија, историја на уметност) на Универзитетот „Ото-Фридрих“ во Бамберг, Германија, како стипендист на DAAD. Покрај тоа што е активен како поет, есеист, преведувач и раскажувач, има одржано јавни предавања и организирано трибини кои третираат современи општествени проблеми разгледувани низ призмата на автори/дела/правци од областа на книжевноста и филозофијата.