fbpx

Физичките лица во системот на ДДВ и владеењето на правото во Македонија

вон. проф. д-р Марјан Николов

Економија

05.11.18

Прегледи
МК   ALB

д-р Марјан Николов, вонреден професор

bloger marjan bbИ оваа Влада продолжи со имплицитното толкување на Законот за додадена вредност - дека на ДДВ подлежат сите физички лица што остваруваат приходи над специфицираниот праг, без оглед на основата на тие приходи, освен платата - без притоа да има било какви измени и дополнувања на законот.

Владеењето на правото е главната причина за загриженост на граѓаните на Република Македонија. Впрочем, тоа е веќе емпириски факт потврден и од меѓународните фактори. Перспективите за подобро владеење на правото, со помош на разбудениот граѓански стратум, се подобрија по смената од власт на политичкиот пропонент на заробената држава во 2017 година. Сепак, рецидивите од таквото владеење се` уште го загрозуваат почитувањето на правото, нејасните законски решенија и арбитрарност во нивна имлементација како и правото на даночните обврзници во Република Македонија

Владеењето на правото и примената на Законот за данок на додадена вредност

Кога сегашната влада дојде во позиција да покаже поинаков пристап во поглед на владеењето на правото, се појави првичната загриженост во експертската и во граѓанската јавност за владеењето на правото во даночната сфера. Имено, откако во 2014-15 година, владата изврши допрецизирање на дејностите што подлежат на Данок на додадена вредност (ДДВ) и во режимот ги опфати и членовите на управните и надзорните одбори, како и физичките лица - издавачи на деловен простор на фирми, тогаш почна да се наметнува и имплицитно толкување дека на ДДВ подлежат сите физички лица што остваруваат приходи над специфицираниот праг, без оглед на основата на тие приходи, освен платата. Тогашната влада никогаш не се изјасни за овие шпекулации во јавноста, ниту, пак, почна со присилно извршување на законот според таквото паушално толкување.

Она што изненади е дека и оваа Влада во јануари 2018 година преку Управата за јавни приходи (УЈП) продолжи со таквото имплицитно толкување без притоа да има било какви измени и дополнувања на Законот за ДДВ. Граѓанскиот сектор силно реагираше на ваквото толкување на Законот за ДДВ и даде предлози за подетално регулирање на Законот за ДДВ, за унапредување на административниот капацитет на УЈП и нејзините услуги и за конечно да запре патронскиот пристап на УЈП кон даночните обврзници и УЈП да премине кон вистински сервис кон нив. По реакцијата на 13 граѓански организации, директорката на УЈП во изјава за јавноста укажа дека новата Влада нема направено никаква измена во Законот за ДДВ, дека не се сите физички лица обврзници за ДДВ, дека станувало збор за мал број лица, дека обврската ја имаат лица кои вршат самостојна дејност и тоа во континуитет, го надминуваат прагот за регистрација и дека УЈП и Министерството за финансии ќе направеле сериозна анализа во поглед на ДДВ за идната година.

Сепак, загриженоста остана кај засегнатите страни и по појавата на т.н. „службена регистрација“ на физички лица од страна на УЈП по што граѓанските организации реагираа со писмо до Претседателот на Владата со барање за средба за да ги образложиме нашите аргументи. Притоа, писмото било препратено до Министерството за финансии и до УЈП каде по нивно барање остваривме средба за уште еднаш да укажеме на нашите аргументи. На тоа, даночниците од Министерството за финансии стерилно одговараа дека Законот за ДДВ бил јасен, иако не е воопшто јасно што е тоа самостојна дејност за цели на ДДВ, што е тоа континуитет во испорака на добра и услуги кај физички лица, кои се тие одбивни ставки за кои даночните обврзници ќе имаат можност да остварат право на одбивка, дали прагот од еден милион денари е административно економичен и ефикасен за УЈП, дали фискалниот ефект од тој „мал број лица“ го надминува административниот трошок на УЈП и дали административниот трошок на УЈП за администрирање на тој „мал број лица“ не генерира опортунитетен трошок за времето кое можело, а не се алоцирало за ДДВ администрирање на големите даночни обврзници.

Дополнително, претставниците на УЈП побараа од нас да дадеме примери од ЕУ за праксата за примена на ДДВ за физички лица. И конечно, на нашите укажувања дека УЈП и Министерството за финансии треба да организираат едукативни сесии за граѓанскиот сектор, ни укажаа дека нивните расположиви ресурси не дозволуват организирање на такви сесии, но дека се спремни да соработуваат со граѓанскиот сектор за организирање вакви активности. Овде само сакаме да укажеме дека регулативата, на пример, во Албанија уредува регионалните центри на УЈП во државата задолжително да имаат даночни инспектори кои ја познаваат работата на граѓанскиот сектор.

Загриженоста за невладеењето на правото во даночната сфера е поткрепена и со фактот што не така одамна, во 2012 година, Претседателот на тогашната Влада пред деловната заедница обзнани доцнења од страна на државата во роковите за подмирување на долговите по основ на поврат на ДДВ кои тогаш беа оценети на повеќе од 90 милиони евра.

Доколку се разгледаат јавно достапните податоци за висината на ДДВ на нето основа (слика 1), таквата пракса на неспроведување на Законот за ДДВ од страна на државата веројатно се практикувала и на почетокот на 2015 година, на што укажуваат острите падови на нето вредноста на ДДВ на квартално ниво, а на кои им претходи период на повисока вредност на нето приходи од ДДВ.

Fizickite lica vo sistemot na DDV i vladeenjeto na pravoto vo Makedonija danok na dodadena vrednostСлика 1. Извор: cea.org.mk

Впрочем, неспроведувањето и/или арбитрарноста во спроведувањето на законите од страна на државата, ад-хок решенијата и намалувањето на фискалната дисциплина од страна на претходната Влада, резултираа со намалена фискална транспарентност, намален квалитет на предвидувањата на фискалните приходи, губење на смислата на планирањето на среден и долг рок и неможност на економските агенти да ги планираат и сопствените идни економски активности. Затоа сме на мислење дека новата Влада треба да биде внимателна, особено што УЈП е со намален кредибилитет после арбитрарното практикување на нејзините извршни функции по нарачка на политичарите, за кои слушнавме и од „бомбите“, пракса за која не следеа никакви санкции кон претставници од УЈП.

Како понатаму?

Граѓанскиот сектор се мобилизираше, го прифати предизвикот од УЈП за да им демонстрираме каков е третманот и праксата на ДДВ третман на физички лица во ЕУ во контекст на владеењето на правото и пристапи кон изработка на соодветна анализа која ја презентиравме на јавноста. Оваа анализа беше доставена и до претставниците на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор на шестата седница од каде и официјално ќе им биде доставена на Министерството за финансии и УЈП да ја имаат предвид при евентуално дорегулирање на областа.

Имајќи ги предвид наодите и случаите од оваа наша студија, системски овој проблем може да се реши во Република Македонија на два начина. Првиот е да следи детална конкретна регулација во подзаконски акти за тоа кој прецизно од физичките лица подлежи на ДДВ и кои се одбивните ставки што ќе ги признае УЈП, а вториот пристап е оној кој ќе следи ефикасност и економичност на даночниот систем и ќе ги држи физичките лица надвор од даночниот систем за ДДВ цели.

За првиот пристап добар пример е Белгија, каде според регулативата, за да се биде физичко лице-обврзник на ДДВ потребно е да се исполнат следниве услови:

1) Со уметничкото дело / практика се врши економска активност
2) Дадената услуга или набавка на добра е опишана во законот
3) Уметничкото дело / практика се врши континуирано, со некаква редовност

Во Белгија станува збор за ДДВ кај физички лица што создаваат авторски дела само тогаш кога настанува пренесување на авторските права.

Ова практично значи дека УЈП на Република Македонија ќе мора да дефинира што е тоа економска активност за физички лица за цели на ДДВ, ќе мора точно да ја дефинира услугата или доброто кое физичките лица го пуштаат во промет за цели на ДДВ и ќе мора да дефинира што е тоа редовност т.е. принципот на континуитет, бидејќи економската активност по природа значи дека економскиот субјект планира и во иднина да врши активност, а не еднократно, случај во кој е беспредметно е да се регистрира субјект во ДДВ систем доколку тој не планира да ја спроведува активноста континуирано и во иднина.

Вториот пристап е оној на Ирска, каде според Ирската даночна управа, и не е неопходно особено задлабочување во ваквите принципи затоа што во практиката договорите склучени со меѓународните институции и организации државните и општинските агенции, универзитетите, граѓанските организации и организациите од областа на културата и на уметноста е веројатно дека ќе бидат надвор од опфатеноста со ДДВ, во споредба со договорите склучени со индустријата и со компаниите. Според тоа, авторските договори кај кои како нарачатели се јавуваат меѓународните организации (Светската банка, агенциите на Обединетите нации и сл.), министерствата и државните агенции, како и универзитетите и невладините организации, кои, по дефиниција, се надвор од опфатеноста со ДДВ, ќе бидат надвор од системот на ДДВ. Значи, во овој случај преовладува ефектот на признавање административен трошок, ефикасност и перформанси на УЈП на Ирска. Имено, тие се свесни дека можеби некои физички лица и треба да бидат опфатени со ДДВ (на пример консултантските услуги), но имајќи предвид дека веројатноста за тоа е мала, тие се во мал број, администрирањето на тие лица е скапо и опортунитетниот трошок на инспекторите спореден со администрирање на поголеми обврзници е скап, тие сметаат дека трошокот е преголем, а ризикот е мал за да одат во прекумерна регулација и дефинирање од случај до случај што е тоа економска активност, детализирање на прометот на добра и услуги од физички лица, класифицирање на самостојна дејност како и дефинирање на континуираност на дејноста.

Во секој случај, кој и да биде изборот од овие два пристапи, Владата ќе мора тоа да го направи на јасен и недвосмислен начин, а измените, дополнувањата и дообјаснувањата со примената да важат најрано од моментот на нивното донесување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

вон. проф. д-р Марјан Николов

Марјан Николов има докторирано на Економскиот факултет во Љубљана, Словенија, а магистрирано меѓународна економија и финансии на Економскиот факултет во Рејкјавик, Исланд. Тој е претседател на Центарот за економски анализи и независен консултант. Активно работи во повеќе економсми области, како макроекономско моделирање, економетрија и статистика, фискална децентрализација и јавно-приватно партнерство. Работел на градење на капацитетите на јавната администрација и на локалната власт во Република Македонија преку разгледување и реинженеринг на даночните постапки, нализа на фискалните капацитети, подготовка на стратегии и физибилити студии итн. Николов работел како предавач на неколку факултети во Македонија, автор е на повеќе публикации и бил учесник на голем број конференции, семинари и обуки.