fbpx

Универзалната декларација за човековите права – реалност или мит?

Јана Лозаноска

Политика

28.12.18

Прегледи

ALB

Јана Лозановска

Jana Lozanoska 200x250Најголемиот проблем е кога врската со државата ќе се прекине, како што е случајот со бегалците, кои губат секаква припадност со човештвото и оттука го губат и човековото достоинство. Дури и криминалците во едно општество имаат подобар статус од бегалците, кои се буквално исфрлени од човештвото.

На 10 декември се одбележаа седумдесет години од усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права на Обединетите нации. Тоа е еден од најзначајните документи по Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот, со кој воедно се утврди модерната идеја за човековите права, како одговор на злосторствата сторени за време на Втората светска војна. Каква е нејзината улога во минатото како идеал, како и примената во сегашната реалност, која пак е проследена со бројни предизвици?

Идеалот на Универзалната декларација за човекови права

Идеалот на Универзалната декларација е содржан во нејзината преамбула која вели дека „признавањето на достоинството и на еднаквите и неотуѓивите права на сите членови на човештвото се темелите на слободата, правдата и мирот во светот“. Со Универзалната декаларација и овој првичен параграф од преамбулата, Обединетите нации за првпат ја воспоставија врската помеѓу човековите права и човековото достоинство, чија важност не е само историска, туку и филозофска, и вели дека основата на човековите права е човековото достоинство и неотуѓивите права.

Универзалната декларација нема правно обврзувачки карактер, но се смета како водилка во развојот на човековите права, од чија содржина потоа ќе произлезат сите последователни меѓународни документи поврзани со човековите права. Иако постојат бројни критики за човековите права и за оваа декларација, сепак нејзината историска важност е неприкосновена. Онаа филозофската основа, пак, која се темели на човековото достоинство и неотуѓивите права, во услови на бројни закани и предизвици ја отвора потребата од дополнително преиспитување на декларацијта. Во условите во кои беше усвоена Универзалната декларација, односно завршувањето на Втората светска војна неминовно ја имаше за цел потребата со соочување со масовните злосторства против човештвото и геноцидот. Но, ова темно минато не смее да биде заборавено, под претекстот на самата декларација, а одразен во празните повици за човековото достоинство и неотуѓивите права, кои се единствено идеали. Идеали кои ќе останат неостварливи доколку меѓународната заедница заедно со државите членки не преземе конкретни чекори за нивно остварување. Масовните злосторства ја одразувааат денешната реалност на состојбата на човештвото, и оттука потребата за подлабоко разбирање на масовните злосторства.

vesniknikИзвор: Wikimedia Commons

Од идеал до реалност – денес

Аспектите поради кои се критикуваат човековите права се бројни. Авторката Мари Бенедикт Дембоур во своето дело „Кој верува во човековите права?“ ги редуцира концептуалните критики на човековите права на следниве елементи: универзалноста на човековите права е неостварлива, тие се фокусирани на индивидуата наместо на поширокиот јавен простор и се премногу апстрактни. Седумдесетина години пред Дембур и сите останати критичари, Хана Арент мошне прецизно во нејзиниот првичен текст и осврт кој гласи „Што се човековите права“, а кој последователно е вклучен во нејзиното дело „Изворите на тоталитаризмот“, од позиција на бегалец и лице без државјанство, ги лоцира проблемите на човековите права, со тоа што ја открива не само нивната контрадикторност, туку преку таа контрадикторност и нивната неефикасност.

Прашањето е, дали е возможно од идеалот содржан во декларацијата, кој се заснова на неотуѓивоста на човековите права, да очекуваме нивно остварување во реалноста. Неотуѓивоста подразбира постоење на човековите права без оглед на се`. Но, дали во реалноста тоа е навистина така? Во услови на растечки број на бегалци во светот (последната бројка е 22,5 милиони), кој е поврзан со падот на државата-нација, растечки број на диктатури, во услови на уривање и пад на демократијата во светски рамки, растечки десничарски популизам, постоечки и непроменет расизам и национализам, како во Европа така и во светот, прашањето е каде е човековото достоинство и каде се човековите права, како неотуѓив дел од човештвото. Понатаму, губењето на посебноста како индивидуалци и граѓани со порастот на организираната пропаганда, на информатичките технологии и замената на социјалните медиуми со јавниот и политички простор каде дебатата треба да се одвива по следот на нештата, експанзијата на масовното општество, производството и конзумеризмот, изолираноста и осаменоста зборуваат повеќе за отуѓивоста на човековите права, односно за отуѓеноста на самиот човек од човештвото пред се`, преку она што Арент го нарекува масовно општество, но и неговата екстремна форма наречена тоталитаризам.

Вториот проблем за Арент е дека неотуѓивоста на човековите права претставува апстрактна формулација, бидејќи е нејасно кој е субјектот на овие права, иако станува збор за човекот. Поради тоа, Арент се обидува да види кој е пред се` авторитетот односно основата од која се црпат правата. Имено, дали тоа е природата, историјата или човештвото. Длабоката анализа која Арент ја нуди е доста убедлива. Имено, воспоставувањето на човековите права преку Универзалната декларација ја има за основа природата, додека пак последователните меѓународни и регионални документи за човекови права, како што се двата меѓународни пакта за граѓански и политички, и за економски, социјални и културни права, се темелат на силна врска со националноста, но и со државјанството, и оттука основата е позитивното право. Во тој правец, постои контрадикторност помеѓу повиците за човеково достоинство и припадноста на човештвото вклучени во Универзалната декларација, со останататите меѓународно правни документи за човекови права кои имаат национално-центричен карактер.

Од една страна, човекот сам по себе поради фактот дека е човек има права, и тоа е она што декларацијата го вели, а од друга страна, остварувањето на човековите права зависи од националната припадност и државјанството, и е поврзано со национално-центричноста на останатите меѓународни и регионални документи. Притоа, резултатот кој следи е постоењето на пасивен субјект на човековите права, односно апстрактен човек, кој е без име и презиме, без професија, без идентитет и кој воедно чека на државата како давател на услуги да му ги оствари овие права, за кои декларацијата вели дека се неотуѓиви поради фактот што некој е човек.

Најголемиот проблем е токму во тоа, кога врската со државата ќе се прекине, како што е случајот со бегалците, кои според Арент губат секаква припадност со човештвото, и оттука губењето на човековото достоинство. Дури и криминалците во едно општество имаат подобар статус од бегалците, вели Арент, кои се исфрлени буквално од човештвото.

Францускиот филозоф Жак Рансиер, пак, во својот есеј „Кој е субјектот на човековите права?“ има поразличен пристап од Арент и вели дури ако тие права се изгубат, сепак припаѓаат на „другиот“. Другоста како филозофски дискурс за и околу човековите права се следи и од други тероетичари. Сепак, Арент јасно одбива да го концептуализира губењето на правата како другост, и наместо тоа говори за потребата на „правото да се има права“, која е претполитичка категорија и треба да се гарантира од самото човештво. Но, и за самата Арент е нејасно како тоа би се остварило, иако се обидува да даде некои првични одговори преку концепирање на политичката заедница и политичката одговорност.

Потрага по авторитетот и основата на човековите права

Заради сево ова, може да се заклучи дека Универзалната декларација останува празен лист хартија без можност за спроведување во реалноста. Теоријата и документите за човековите права имаат потреба од соочување со реалноста, наместо празните зборови и декларативните изјави, за кои зборува Џереми Бентам во своjата критика кон Француската декларација усвоена како резултат на Француската револуција, а низ чија што призма може да се гледа и словото на Универзалната декларација. Вклучително, потребно е пополнување и надминување на контрадикторноста помеѓу она што претставува авторитет или основа на правата. Дополнително, човековите права мора да подлежат на преиспитување не само на авторитетот од каде се црпат, но и на нивната содржина. Бродот полека, но сигурно тоне. Човештвото е пред големи предизвици. Најголемите се растечкиот расизам, популизам, технологијата и нејзината употреба, како и климатските промени. Сите овие се политички прашања кои теоријата на човековите права мора да започне да ги гледа интердисциплинарно. Само така може да се одговори на бројните и комплексни предизвици и закани за човештвото.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.