fbpx

Британската поп музика и еманципацијата на социјалистичката младина

д -р Ненад Живановски

Политика

24.02.21

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovski 400x500Овој блог е обид да се оповргнат тврдењата на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, за тоталитарниот и диктаторски режим во социјалистичка Југославија, преку сторија за поп музиката во поранешната држава и влијанијата кои непречено доаѓале од Западот, најмногу од Велика Британија. Воедно и „homage“ за четириесетте години од убиството на Џон Ленон (08.12.1980) - родоначелникот на она што денес е познато како британски поп.

Иако била дел од државите со социјалистичко уредување, Југославија, веднаш по Втората светска војна, позиционирала еквидистанца, како кон либералниот Запад, така и кон комунистичкиот Исток. Тоа овозможило во децениите кои следеле, општеството да биде отворено кон различни културни влијанија кои доаѓале од Западот, а во доменот на музиката, најмногу од британската поп-култура. Нешто што не било случај со земјите од т.н. Источен блок, меѓу кои и Бугарија.

Таквиот општествен реалитет овозможил, најпрво, да се прифатат новите тенденции и трендови, а потоа, под нивно влијание, да се изгради и културен модел, кој ја детерминирал југословенската популарна сцена како микс од автентично и оригинално и успешна адаптација на она што доаѓало како новина од Островот.

Шабан и Ленон еден покрај друг

Влијанието на британската поп култура највеќе се ширело преку британските медиуми и југословенската дискографска продукција. Радио Луксембург (британска станица со седиште во Луксембург) и БиБиСи 1 биле, без било каква државна забрана, најслушаните странски радио-станици, особено втората секоја недела во 20 часот – денот, кога се објавувал УК Топ 20. Иако, квалитетот на звукот бил очаен, бидејќи приемот на радио програмата бил можен само преку кратки радио бранови, слушнатата информација за трендовите во британската музичка индустрија била есенцијални која ги дефинирала идните правци на југословенската музичка сцена.

Подоцна, овој радио извор на музички информации бил засилен и со реемитување на југословенските телевизиски канали на повеќедеценискиот популарен музички серијал, во продукција на БиБиСи, „Top of the pops“. Од тој момент, аудио информацијата добила нов квалитет со нејзина визуелизација. Тоа значело не само слушање на најновите музички правци, туку и комплетен видео производ (продукција на видео спотови и имиџ на исполнителите).

Паралелно со овој медиумски процес на музичко информирање и едуцирање, во Југославија се развивала и силна дискографска продукција на домашни и лиценцни музички изданија. Албумите на најпопуларните и најновите изданија на британските бендови за кратко време лиценцно биле издавани и во Југославија, најмногу преку дискографските куќа Југотон, РТБ-ПГП и ЗКП-РТЉ. Во тоа време, надреални биле глетките на салоните на Југотон и РТБ-ПГП во Гратскиот Трговски Центар, како на излозите едни покрај други виселе омоти од плочи на југословенските фолк ѕвезди Шабан Шаулиќ, Лепа Лукиќ, Тома Здравковиќ со оние на Битлси, Пинк Флојд, Лед Цепелин, Дјуран Дјуран, Секс Пистолс.

Ролинг Стоунси или Битлси?

Таканаречената Британска инвазија имала рефлексија и врз појавата на првите специјализирани музички списанија во Југославија. Во седумдесеттите години тоа бил магазинот Џубокс, кого во осумдесеттите го заменил магазинот Рок.

Првиот број на Џубокс се појавил на 3 мај 1966 година, а во неговата подготовка се случувала вистинска мала војна меѓу уредниците кој да биде објавен на насловната страна на првиот број. Според сеќавањето на тогашната уредничка во магазинот, Вишња Марјановиќ, имало огромна дискусија во редакцијата дали Битлси или Ролинг Стоунси треба да се појават на насловната страница на првиот број. На крајот, надвладело мислењето што ги фаворизирало Ролинг Стоунси.

„Инаугуративниот проблем со Ролинг Стоунси на предната корица го распродаде магазинот веднаш. Ден по објавувањето, не можевте да го најдете изданието никаде на пазарот. Имаше голема глад и потреба за такви списанија“ – многу години подоцна, сведочела Марјановиќ.

Како Џубокс, така подоцна и Рок магазин, биле и во европски рамки многу квалитетни музички списанија, под влијание, но и со приближно ниво на квалитет, на лондонските Њу мјузикал експрес и Мелоди мејкер, но и многу попрогресивни од музичките тинс магазини, кои во тоа време излегувале во Западна Европа (Браво, Поп Рок, Поп корн).

Југословенските музички магазини имале свои постојани дописници и фото репортери во Лондон, кои во секој нов број донесувале ексклузивни интервјуа со познати поп и рок музичари од Британија, репортажи од концерти и летни open air фестивали, илустрирани со ексклузивни стејџ фотографии. Веројатно е непознато за помладите генерации, но во тоа време за југословенските медиуми интервјуа имале дадено Џон Ленон, Елтон Џон, Дејвид Боуви, Фреди Меркјури, Пол Мекартни, Сајмон Ле Бон, Брајан Фери, Ени Ленокс, Мик Џегер, Дејвид Гилмор, Пит Таузен, Малком Мекларен и многу други.

Britanskata pop muzika i emancipacijata na socijalistickata mladinaИзвор: calvertjournal.com

Секој главен град со свој музички сензибилитет

Вака создадениот културен амбиент имал суштинско значење и за развојот на југословенската поп сцена. Иво Робиќ, до тогаш, еден од првите поп пејачи во поранешна Југославија, постанал и нејзината прва меѓународно призната ѕвезда, кога во доцните 50-ти заминал во Германија, каде што направил успешна меѓународна кариера (13 место на американската Билборд „Hot 100“ и 23 место во Велика Британија). Малку е познато дека тој бил првиот и оригиналниот изведувач на познатата песна „Странци во ноќта“ од Берт Кемпферт, која подоцна ја отпеал и Френк Синатра.

Урбаната легенда вели дека во раните 1960-ти, Иво Робиќ, откако во клубот “Top Ten Club“ во Хамбург го видел настапот на еден бојс бенд од Англија, со денови го убедувал Кемпферт, кој бил агент на дискографската куќа Полидор, да им помогне на младите момци во кариерата. Кемпферт ја прифатил сугестијата и благодарение на тоа групата била ангажирана да снима заедно со, тогаш популарниот, Тони Шеридан. Младиот бенд биле Битлси.

Деценија и пол подоцна, појавата на панкот во Велика Британија имала промптна реакција и во Југославија - југословенската панк сцена почнала прогесивно да се развива кон крајот на седумдесеттите години. Новиот талас, со поджанровите глам поп, синти поп, нов романтизам, исто така, во раните осумдесетти години, имале своја рефлексија во Југославија. Главните градови како да се поделиле според својот музички сензибилитет: Љубљана била центарот на панк сцената, Загреб и Белград на новиот талас, Сараево артикулирало свој автентичен стил, именуван како нов примитивизам, додека Скопје, под влијание на британските готик и инди бендови, иновирало т.н. ортодоксен поп со практицирање на црковно-византиски стил на пеење и музицирање.

Меѓународно најпознатиот југословенски бенд од тоа време, Лајбах, бил само врвот на тој квалитет, кој и покрај јазичната бариера за југословенските бендови, во многу што ја правил југословенската музичка сцена, после британската, можеби за најквалитетната во Европа. Тоа било време кога во Франција доминирала шансоната и Ив Монтан, во Италија канцоната и Сан Ремо, во Германија шлагерот и Октобер фест, а во Југославија се продуцирала музика како рефлексија на британската популарна музика.

Авангардност и пред западната

Звучи куриозитетно, но додека британскиот филм Пеколен портокал бил критикуван и осудуван од страна на етички пуританската британска јавност, тој без проблеми бил прикажуван во кино салите низ Југославија, а во новогодишен прајм тајм, кон крајот на седумдесеттите, бил емитуван и на југословенската телевизија.

Сепак, она што е позначајно да се одбележи е дека цела една година пред Стенли Кјубрик да го сними култниот филм, таканаречениот југословенски црн талас добил уште едно ремек-дело, филмот на Јован Јовановиќ Млад и здрав како роза (со Драган Николиќ во главна улога, како алтер его на Малком Мекларен од Пеколен портокал или обратно!?), кој на сличен начин го обработувал незадоволството и бунтот на младата генерација, но во една дистописка имагинација на социјализмот.

Исто така и транвеститските перформанси на Оливер Мандиќ во музичкото шоу Белград ноќе, сценско-медиумски му претходеле неколку години од појавувањето на Бој Џорџ. Ова е показател дека во некои сегменти тогашната југословенска поп култура била и чекор понапред во својата авангардност во однос на западната.

Неколку децении подоцна, тој квалитет бил верификуван и преку изјавата на германскиот публицист и новинар Роланд Чехнрер кој оценил дека Југославија имала поп култура и панк многу пред Западна Германија и поради тоа тие гледале со завист на Југославија.

Индиректно, оваа отвореност на Југославија кон британската популарна музика извршила влијание и врз другите комунистички држави во Источниот блок, чии граѓани биле спречени да патуваат на Запад, но секое лето доаѓале на одмор во социјалистичка Југославија и си заминувале дома со многу југословенски лиценцни изданија на плочи на британски бендови, но и на домашни групи како Идоли, Филм, Прљаво Казалиште, Ел. Оргазам. Компилациското трибјут издание Југотон, препеано на полски јазик и денес е едно од најслушаните на тамошните радио станици.

Британската поп музика и нејзиното влијание на југословенската музичка сцена имале многу пошироко значење од задоволувањето само на музичките и културните интереси и потреби на домашната популација. Тие дале и свој придонес во создавањето на алтернативен светоглед и креирање на свеста на многу млади генерации зад Железната завеса, кои во раните деведесетти години, биле клучниот фактор кој ги извршил општествените промени и демократизацијата во Источна Европа. И младите од Бугарија не биле исклучок од таа, би ја нарекле, Југословенска инвазија.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.