fbpx

За обединувањето околу нашата заедничка историја – цар Самоил erga omnes

Наум Кајчев

Политика

07.04.21

Прегледи

Наум Кајчев

Naum Kajcev 400x500Објективното обединување околу нашата заедничка историја од времето на цар Самоил, од средниот век воопшто и од подоцнежните епохи, ќе нè направи сите нас, граѓаните на двете земји, пообединети и побогати во Европа.

Како што упатените читатели веројатно добро знаат, во последните четири месеци разговорите на експертско ниво меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за нашата заедничка историја тапкаат во место поради различните позиции за некои историски личности и процеси. Не само за Гоце Делчев, туку и поради различните ставови за тоа како да се претстави делото и државата на Цар Самоил во учебниците по историја. (во овој случај - за седмо одделение).

Всушност, за современата историска наука не постои посебна истражувачка дилема за земјата со која управувал Самоил, тоа е одамна разјаснето. Иако во помала мера од славните Филип и Александар Велики, личноста на цар Самоил има и постојано место во светската наука. Од разбирливи причини, владетелот на Преспа и Охрид одиграл значајна улога во историјата на Византиската империја, поради што византологијата - веќе долго време етаблирана престижна гранка на средновековни студии со свои значајни традиции, се занимава со него со децении, па дури и со векови.

Современата светска наука за Самоил

Колегата од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, проф. Момчил Методиев, им презентираше на сите членови на комисијата список со 21 книга за византиската историја, објавени од авторитетни академски издавачи на англиски јазик во последниве 30 години, кои директно или индиректно се занимаваат со личноста на Цар Самоил. Тие вклучуваат класични изданија како што се The Oxford Dictionary of Byzantium и The Cambridge History of the Byzantine Empire или специјализираните монографии на Пол Стивенсен Byzantium's Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900-1204 и на Кетрин Холмс, Basil II and the Governance of Empire, 976-1025. Сите тие едногласно ја определуваат и ја именуваат државата на Самоил како „Бугарија“. Слична е перцепцијата и во големите научни центри во Франција, Германија и во Русија.

Сепак, консензусот не е само помеѓу далечните научно-истражувачки центри по историја, тој е забележлив и тука, во нашиот регион. Грчката силна византологија секогаш ја третирала државата на царот Самоил коректно, но поинтересни се промените на друго место. Знаеме дека во поранешна Југославија, од разбирливи причини, Цар Самоил бил претставуван поинаку. Сепак, од деведесеттите години на минатиот век, историчарите на земјите од поранешна Југославија започнаа да излегуваат од своебразната изолација од светската наука и да се откажуваат од тезите наметнати од ненаучни причини.

За хрватските историчари, Самоил е значаен, бидејќи под Цар Самоил (по владеењето на цар Симеон), Бугарија повторно станала сосед на Хрватска, и тоа таков што се обидува да се наметне, иако без многу успех, над средновековната хрватска држава. На самиот крај на X век, неговите војски извршиле поход длабоко во Далмација, а според некои проценки, стасале дури до Задар. Првиот том на репрезентативната повеќетомна „Историја на Хрватите“ на Матица Хрватска содржи посебно поглавје под називот „Востанието на комитопулите и обидот за обновување на Бугарското царство“ (с. 602-603). Други автори во истото издание пишуваат за бугарско-македонскиот великан Самоил (с. 57), чии „бугарски војски“ немале особен успех во походот до Задар. Под оваа ознака тие мислат на бугарската држава, која својот центар го префрли на она што денес е географската област на Македонија.

Уште позначајна е промената во Србија, каде постои поголема традиција во византологијата. По деведесеттите години од минатиот век таму беа отфрлени старите тези од времето на Југославија и беше прифатено општото становиште за бугарскиот карактер на цар Самоил. Значителна улога имаше книгата на историчарот од Византолошкиот институт при САНУ (Српската академија на науките и уметностите), Срѓан Пириватриќ „Самоиловата држава“, која подробно се занимава со досегашните аргументи. Позициите на современата српска историографија се очигледни и од самиот наслов на специјалната статија на покојниот директор на Институтот за историја во Белград Тибор Живковиќ „Поход бугарског цара Самуила на Далмацију“.

Za obedinuvanjeto okolu nasata zaednicka istorija car Samoil erga omnesИзвор: skopje24.mk

Не е ни чудо што слични ставови имаат и научниците од една друга школа за историја во поранешна Југославија, таа на Косово. На пример, Џон Бериша, научен секретар на Институтот за историја во Приштина, во своето обемно дело „Арборорите [Албанците] меѓу Источната и Западната црква во 11-15 век“, исто така, забележува дека „од политичка и црковна гледна точка, империјата на Самоил се смета за продолжение на империјата на Симеон и Петар; како за своите творци, така и за Византијците, тоа е едноставно Бугарската империја“ (стр. 229). Слична е ситуацијата и во Албанија каде првиот том на „Историја на албанскиот народ“ каде не постои дилеми дека за времето на Самоил центарот на бугарската држава се преместува од исток, од Преслав, кон Преспа и Охрид (с. 187).

Слично е и гледиштето на албанските историчари од Република Северна Македонија. Така, на пример, колегата од Државниот универзитет во Тетово, Ќерим Далипи во својата статија „Дарданија меѓу Византија и надворешните напади во XI век“ исто така се задржува на судирот на Византија со „Бугарскиот император Самоил“ и нејзиниот успех во освојувањето на „Бугарската империја“ во 1018 година (стр. 27). Слично е и мислењето на повозрасното поколение албански историчари како што е Неби Дервиши („Етнокултурата на Охридската котлина“, стр. 45-46).

На што се должи овој консензус на различните историографии тука, на Балканот и низ целиот свет? Како прво, богатата колекција извори - византиски, западни, источни, но и сопствени - да се потсетиме на познатата битолска плоча од 1015 година на царот Јован Владислав, внукот на цар Самоил. Постојат многу други докази што современите истражувачи ги наведуваат до заклучок дека „она што е важно е дека Самоил ја нарекол својата земја бугарска, па згора на тоа, и византиските извори ја нарекуваат бугарска“.

Цар Самоил во Мешовитата историска комисија

Во согласност со овој глобален научен контекст, во февруари 2019 година Мешовитата комисија за историски и образовни прашања донесе предлог за заедничко чествување на цар Самоил како дел од заедничката историја на денешните земји Бугарија и Македонија. Тоа беше потврдено од билатералната меѓувладина комисија во јуни 2019 година, а потоа од страна и на двете влади во јули 2019 година.

За жал, оттогаш ваквото заедничко чествување за него, како и за другите договорени личности - св. Климент Охридски и св. Наум Охридски, дури и на светите браќа Кирил и Методиј, не беше направено.

Од есента минатата година повторно ги разгледуваме истите историски личности, но веќе во контекст на нивно проучување во учебниците по историја за седмо одделение. Бевме изненадени кога нашите колеги од Скопје одбија да се придржуваат кон одлуката за цар Самоил од 2019 година. Според нивните објаснувања, кои беа објавени во јавноста, едното е политиката на меморијата, односно сеќавање преку одбележување на заеднички личности и настани, а другото требаше да биде образовната политика на Република Северна Македонија. За бугарските членови на Комисијата е неприфатливо, во присуство на толку јасни недвосмислени историски докази, да се претставува цар Самоил на еден начин во учебниците за учениците, а на поинаков начин - во заедничката меморија за целото граѓанство. Тој е еден и заеднички за сите - цар Самоил erga omnes.

Колегите од Македонија исто така истакнуваат дека „мултиперспективниот пристап“ во историјата треба да се почитува. Никој од нас нема да го отфрли значењето на различните гледишта за историските појави, но само кога тие ќе бидат поддржани од релевантни извори и аргументи. Имено, тоа значи правилен и адекватен став кон историјата - усогласеност со огромниот број извори и преовладувачката интерпретација на историските процеси во историографијата. Десетина пати директно ги прашавме нашите колеги од Скопје: наведете барем еден историски извор што ќе ги докаже другите „перспективи“ - дека Самоил е некаков си „македонски“ цар или, пак, владетел на некои неидентификувани небугарски Словени. Одговор не добивме.

Мултиперспективноста несомнено има свое значајно место во предавањето на историјата, но тоа е нешто друго. Според авторитетната дефиниција, „мултиперспективноста е форма на презентација на историјата во училницата во која историскиот факт е претставен од најмалку две различни перспективи на учесници или на вклучени современици кои имаат различни социјални позиции и интереси“. Перспективите се – доколку е можно да се реконструираат и да се презентираат – базираат на современиците на историскиот настан, а не на нашите сегашни проекции за минатото. Затоа, речиси сите методолошки материјали за мултиперспективност нагласуваат дека таа првенствено треба да опфати релевантни извори.

Назад кон неисториските спорови или напред кон согласноста за заедничката историја на двете држави

Како што веќе беше покажано, постои јасна доминантна теза за цар Самоил и за неговата земја во изворите и во светската историографија, вклучително и на Балканот. Коректното претставување на неговото дело во учебниците бара усогласеност со неа, невозможно е таа да не биде посочена како единствено валидна. Другите верзии, дека Самоил е некаков небугарски „словенски“ или, пак, „македонски“ цар, се маргинални и методолошки посоодветни за вклучување во повисокиот степен на образование.

Како што уште во 1991 година се забележува во Оксфордскиот речник на Византија, „спорот околу тоа дали Самоил ја создал македонската, западнобугарската или бугарската држава е неисториски, бидејќи ги проектира современите етнички разлики кон минатото“. Никој не тврди дека бугарската државност, култура и идентитет од времето на цар Самоил се еднакви на денешните. Големината и комплексноста на политичкото и на културното наследство на Самоил и на неговата држава, проткаено со духот на светите браќа Кирил и Методиј, на нивните ученици св. Климент и св. Наум Охридски, од светиот кнез Борис Крстител, не е ексклузивна сопственост на никого. Објективното обединување околу нашата заедничка историја од времето на цар Самоил, од средниот век воопшто и од подоцнежните епохи, ќе нè направи сите нас, граѓаните на двете земји, пообединети и побогати во Европа.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Наум Кајчев

Доцент Наум Кајчев предава нова и современа балканска историја на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “. Тој е автор на книгите Македонија, посакувана: армијата, училиштето и изградбата на нацијата во Србија и Бугарија (1878-1912) и Илирија од Варна до Вилах: хрватската национална преродба, Србите и Бугарите (до 1848 година). Тој е и заменик претседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.