fbpx

Експериментот во Авганистан и неуспехот на либералната демократија

Ридван Пешкопија

Политика

27.08.21

Прегледи

Ридван Пешкопија

Ridvan Peshkopia 400x500Ако погледнеме пошироко од Авганистан, ќе забележиме дека кризата со либерално-демократскиот систем почна да се појавува и на Западот. Губењето на способноста, или дури и на подготвеноста, за заштита на границите, губењето на општествената кохезија, екстремната политичка поларизација и падот на довербата во сопственото наследство, култура, традиција и вредности – се само раните симптоми на кризата.

Вџашувачките слики од улиците и аеродромот во Кабул кои сите ние можевме да ги видиме сведочат не само за хаотичната евакуација на американскиот и сојузничкиот воен, дипломатски и цивилен персонал од Авганистан, туку го покажуваат и последниот неуспех на западните демократии и на политичкиот и економски систем кој е карактеристичен за нив, како и на нивниот социо-политички модел и на либералната демократија. Ова немаше потреба да се случи ако погледневме во историјата која ќе покажеше дека моделот на Веберијанската држава (според германскиот социолог Макс Вебер), како и либерално-демократскиот политички систем се соочуваат со потешкотии во нивното спроведување надвор од земјите на западната цивилизација.

Веберијанскиот модел на држава (кој се однесува на држава која има целосна власт врз територијалноста, легитимитетот и употребата на насилни средства) и либералната демократија се единствени за западот кои припаѓаат на одредена фаза од развојот на таа цивилизација и нејзината современост, така што нивното функционирање надвор од тој конкретен геополитички регион и историски период е тешко. Меѓутоа, иако моделот на Веберијанска држава е нешто што се појави во текот на последниве два века како доминантен државен модел за поголемиот дел од светот (поради тоа што меѓународниот систем се потпира токму на ваков тип на држава), либералната демократија, како политички систем, е нешто што секојдневно се оспорува сега, кога нејзините општества преминуваат од модерна во пост-модерна и од индустриски во пост-индустриски општества.

Ширење на вредностите на либералната демократија

Воената авантура на НАТО и неговите сојузници која се случи во Авганистан во октомври 2001 година како одмазда за терористичките напади во САД од 11 септември 2001 година и чија цел беше уништување на Ал Каеда, се претвори во мисија на градење држава (state-building) за Авганистан. Политичкиот систем што им беше наметнат на Авганистанците (се разбира, без воопшто да бидат прашани) беше либералната демократија, каде во центарот на вниманието беа жените, хомосексуалните и правата на трансродовите лица, додека националните традиции, како и аспирациите и желбите на локалното население беа целосно игнорирани. Слично како и другите воени окупации предводени од идеологии, основната претпоставка беше дека, бидејќи либералната демократија веќе функционира на други места, таа ќе функционира и во Авганистан.

Западната колонијалистичка ароганција, верна на својата фундаментална либерална претпоставка дека, во една природна состојба, поединецот е слободен и рационален субјект, никогаш не покажала почит кон локалните култури, како и кон аспирациите и желбите на поединците во другите делови од светот. Иако атомистичката филозофска категорија на методолошката индивидуа, инаку општествен ентитет кој е апстрактно одвоен и независен од својата општествена и географска средина е веќе оспорувана од другите, поубедливи гледишта за местото на човекот место во светот, таа сепак претставува камен-темелник на либералната идеологија и без тој концепт либералната демократија не може да постои.

Затоа, западната мисија за градење држава во Авганистан ја презеде на себе утописката задача да воспостави некаков вид на „Белгија“ или „Данска“, во земја каде што голем дел од населението штотуку излегува од камено доба (буквално сега го имаат првиот контакт со металот). Претходното непланирано градење држава (според зборовите на политикологот Доминик Тирни: „Тимот на Буш и Рамсфелд веруваше дека американската војска ќе биде ударна сила која ќе ги скрши овие непријатели и тогаш нема да има потреба да градиме нација“) еволуираше од либералната идеалистичка традиција на „ширење демократија и внесување надеж и победување на тиранијата“. Опсесијата со прашањата за човекови права (дури и сега таквата опсесија ги тера политичките аналитичари и креатори на политики да го постават прашањето: „Дали САД можат да ги натераат Талибанците да се грижат за човековите права?“) ја засени очајната потреба од економска обнова и развој, оставајќи ја авганистанската економија до крај зависна од странска помош.

Племенската општествена структура на Авганистан стана крајниот предизвик во напорите за воспоставување на Веберијанска држава, бидејќи градењето на либерална државна структура предводена од Западот својата безбедност ја потпираше на племенските војници-команданти, со што се издвојува делот од веберијанскиот концепт за тоа дека државата го има монополот врз насилството. Додека економскиот развој би служел како остварлив и реален пат кон структурното воведување на Авганистанците во современите општествени односи, вклучително и разоткривањето на племенската општествена структура, западните идеолози го следеа моралистичкиот пат на „менување на срцата и умовите т.е. на менталитетот“ (што, всушност, е еуфемизам за социјален инженеринг) преку микроуправување со човековите права, обуки за чувствителност, (еуфемизам за прифаќање на западните општествени односи, вклучително и меѓуполови, меѓуродови и меѓурасни односи) и бесмислени и честопати контрапродуктивни родови квоти.

Eksperimentot vo Avganistan i neuspehot na liberalnata demokratijaИзвор: pixnio.com

(Погрешниот) експеримент во Авганистан

Од тој аспект, авганистанскиот социјален експеримент не можеме да кажеме дека беше поинаков од советскиот (или албанскиот) социјален експеримент, каде што инженерингот на Хомос Советикус (или социјалистичкиот нов човек во Албанија), според теоретски претпоставената слика, стана одговорот на неуспехот во практичното спроведување на марксистичката теорија. Затоа, не треба воопшто да нè изненадува тоа што либералниот експеримент во Авганистан неславно пропадна, исто како и социјалистичкиот експеримент во Советскиот Сојуз (како и во Албанија). Прагматичниот лидер има разбрано толку многу работи (лидер како што е Владимир Путин во Русија), кога се чинеше дека извлекол поуки од горчливото искуство на Советскиот Сојуз за тоа „колку е контрапродуктивно да се наметнува неприродни форми на управување и на јавен живот врз нив [Авганистан]“ и затоа го советува Западот да стави крај на својата а неодговорна политика на наметнување нечии туѓи вредности однадвор“.

Со цел ширење на либералната идеологија и на начинот на живот што таа го пропонира, беа воспоставени неефикасни мрежи на непрофитни организации (НПО) и на профитни организации (ФПО) кои добиваа огромни финансиски стимуланси. Додека ние што сме живееле во општества во транзиција лесно можеме да ја разбереме неефикасноста на непрофитните организации, обуките и проектите чија цел се брзи и радикални трансформации во општество кое се спротивставува на реформите наметнати однадвор т.е. од разни странски империи во последниве 150 години, „завртија“ добар дел од авганистанското општеството против истите тие напори. Како несакана негативна последица, непрофитните организации финансирани од Западот доведоа до невидени социјални нееднаквости, каде што малобројна категорија на лица во општеството што ги контролираше тие организации успеа да си создаде луксузен начин на живот, додека социјалните категории кои беа цел на тие програми речиси и да немаа никаков напредок. Сè поголемиот јаз помеѓу оние кои ја даваа помошта оние за кои таа беше наменета ја направи таа помош помалку релевантна, но исто така го поттикна и чувството на недоверба и доведе до перцепција за корупција кај јавноста во Авганистан.

Гласноговорниците кои бараат причини за неуспехот на Западот во Авганистан се „расфрлаат“ со разни споредби со неуспехот на Советскиот Сојуз кој се обиде да го наметне комунизмот во таа земја. Време е да им посветиме должно внимание на тие споредби. Во суштина, неуспехот на американската окупација на Авганистан не се разликува многу од советскиот неуспех кој се обиде да го наметне комунизмот во оваа земја (навистина, сличностите се очигледни). Во двата случаи, овие окупации, ако ги тргнеме настана лошо перципираните геостратешки интереси, носеа со себе и идеолошки „мелодии“ на едни поголеми екуменски наративи за обнова на Авганистан според пропишан идеолошки модел.

Во двата случаи, лабораториските напори за обликување на општеството според теоретските модели на силите кои го окупираа Авганистан покажаа тотален недостаток на знаење и почит кон локалното население, на неговите аспирации, желби и способности. Без разлика какви беа тие аспирации, желби и способности, тие покажаа дека се помоќни во одредувањето на судбината на Авганистан отколку на утописките идеологии. Она на што сме сведоци сега е само реплика на она на што бевме сведоци пред повеќе од три децении: идеолошки, а не воен пораз во Авганистан. Исто како и комунистичките идеи спонзорирани од Советскиот Сојуз во минатото, либералните идеи спонзорирани од Западот не ги освоија срцата и менталитетот на Авганистанците, што го објаснува брзото заземање на земјата од страна на Талибанците и целосното распуштање на авганистанската армија, иако таа претходно се борела против Талибанците.

Утописките напори на Западот да воспостави политички систем во едно општество во кое ги нема потребните социоекономски структури за да го зајакне тој систем, покажаа дека западните идеолози не ја познаваат доволно ниту својата либерална идеологија. На Западот, либералната демократија се појави како потреба на своето време, како обид да се управува со општеството кое забрзано се индустријализираше кон крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век. Социоекономските трансформации предизвикани од индустријализацијата нагласија една нова општествена категорија на слободна и рационална индивидуа, штотуку ослободена од колективноста на феудалното ропство која ја пронајде својата индивидуалност во работните места во индустријата, со индивидуална изразеност. Само тогаш и таму идеите за индивидуалните слободи и права добија живот и смисла. Но, во едно општество во кое има племенска хиерархија, како што е онаа во Авганистан, индивидуалните слободи и права се бесмислени концепти. Тие се неостварливи слободи и права.

Повеќе од два трилиони американски долари се трошоците само на САД, кои во последниве две децении се покажаа недоволни за да се „купи душата“ на една нација. Неуспесите на експериментите кои се правеа во општествените лаборатории, преку воспоставувањето на општествени поредоци покажуваат дека, и покрај универзалистичките ветувања на идеолозите, идеологиите сепак не можат да бидат универзални. Покрај тоа, ако гледаме од потесен аспект, идеологиите се нешто што е измислено од Западот. Речиси сите главни идеологии кои се во оптек денес во светот се, во суштина, пронајдоци на западот, инкубирани во општествените делириуми и кошмари предизвикани од брзите социо-економски трансформации што настанаа со индустриската револуција во почетокот на деветнаесеттиот век. Нивните научни утопии за нивна практична имплементација во обликувањето на општествата според нивните мега-теории и мета-наративи секаде се соочија со пропаст, вклучително и во Авганистан.

Кризата на либералната демократија дополнително се продлабочува

Ако погледнеме пошироко од Авганистан, ќе забележиме дека кризата со либерално-демократскиот систем почна да се појавува и на Западот. Губењето на способноста, или дури и на подготвеноста, за заштита на границите, губењето на општествената кохезија, екстремната политичка поларизација и падот на довербата во сопственото наследство, култура, традиција и вредности – се само раните симптоми на кризата.

Деиндустријализацијата предизвикана од пренесувањето на индустријата во земјите од третиот свет, предизвика издвојување на средната класа, која се потпираше на индустриските работни места и производството. Ваквото издвојување брзо го разоткрива општествениот консензус за либерално-демократскиот политички систем, кој беше заштитен токму со таа средна класа. Брзата социоекономска поларизација на современиот западен свет предизвикана од глобализацијата и крајно нееднаква распределба на придобивките е само показател дека либерално-демократскиот систем веќе ја загуби својата општествена основа и сè уште опстојува само поради огромното богатство што Западот го акумулираше во последниве (околу) 400 години .

Останува да видиме колку долго тој акумулиран капитал ќе продолжи да ја одржува либералната демократија во живот, но сите ние кои сме биле сведоци на падот на комунистичкиот систем, можеме да потврдиме дека, кога политичкиот систем ќе влезе во ќорсокак, тој може да се распадне буквално за неколку денови, исто како и Дон-кихотските напори за воспоставување на либерално-демократски политички систем во Авганистан.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ридван Пешкопија

Ридван Пешкопија е предавач за политичко однесување и методи на истражување на Универзитетот за бизнис и технологија, Косово. Докторирал на насоката по политички науки при Универзитетот во Кентаки. Тој, исто така, има магистерски студии по урбанистичко планирање, дипломатија, политички науки и применета математика. Објавува редовно во академски списанија на теми како што се политичка филозофија, социјална теорија, филмски студии, меѓународни односи, компаративна политика, политичка и социјална психологија, методи на истражување, кривична правда, образовна политика и политичко однесување.