fbpx

Дали сите нации се модерни конструкти?

Наум Кајчев

Политика

23.08.19

Прегледи

Текстот е одговор на блогот „Сите нации се модерни конструкти“ од д-р Љубица Спасковска објавен на 01 август, 2019 година.

доц. д-р Наум Кајчев

Naum Kajcev 200x250Да се тврди дека немало етникуми/народности/народи во Југоисточна Европа за време на Средниот век е прилично екстравагантна теза која ниту една игра со посебни публикации не би можела да ја легитимира. Присуството на народите, вклучително и на бугарската народностна заедница, е прифатено од релевантната историографија.

Да беше жив Ентони Смит, тешко дека би бил среќен кога ќе види како се толкува неговиот пристап, кој се сведува на тврдењето дека нациите се „релативно неодамнешни конструкти“, како што тоа го прави младата колешка Љубица Спасковска во нејзиниот неодамнешен блог објавен на Рес Публика. Мојот акцент тука не е на „релативно неодамнешни“, иако еминентниот британски научник се сомнева во тезата дека нациите се појавуваат дури по последната четвртина од осумнаесеттиот век. За Ентони Смит и неговиот етно-симболичен пристап, нацијата не е „конструкт“, таа е комплексна човечка заедница, која не е само производ на социо-економските закони при транзицијата кон Модерното; таа не е само производ на одредени интелектуални и политички елити, со други зборови на „националистите“ – таа се раѓа при интеракција на различни фактори, од кои еден е пред-модерното етничко наследство на одредени заедници. „За создавањето на нацијата значително придонесува „комплексниот однос меѓу активната национална сегашност и честопати старото етничко наследство, помеѓу дефинирачкото етничко минато и неговите нови националистички верификатори и присвојувачи“, пишува тој. „Во овој постојано обновувачки двонасочен однос меѓу етничкото минато и националистичката сегашност лежи тајната на експлозивната енергија на нацијата и страшната моќ што таа ја врши врз нејзините членови“, инсистира научникот. Во цитираната позната дебата со својот учител Ернест Гелнер од октомври 1995 година, десетина дена пред смртта на Гелнер, на 5 ноември 1996 година, Е. Смит го користи терминот „конструкт“ само еднаш, за да ги претстави елегантно-иронично перцепциите за нацијата на своите теоретски противници.

Како што е добро познато, Е. Смит не ја прифаќа механичката дистинкција на „примордијалисти - модернисти“, не само затоа што етно-симболичкиот пристап ја оспорува оваа дихотомија и артикулира свој мешовит пристап. Во првата група, тој ја истакнува разликата помеѓу националистите и перенијалистите, додека во втората, важно е неговото разграничување помеѓу модернистите (Карл Дојч, Ели Кедури, Ернест Гелнер) и постмодернистите. Имено, последните ја сметаат нацијата пред се како творба на националистичките елити - во оваа насока се насочени напорите на голем број истражувачи во последните децении. Така, на пример, некои ја претставуваат нацијата како резултат на влијанието на збир од измислени традиции (Ерик Хобсбаум), други го ставаат акцентот на специфични културни активности, на пример врз технологијата на печатените изданија кои создаваат нови можности за поврзаност, комуникација и влијанија во условите на капиталистичкиот пазар, во чија симболичка ефикасност нацијата се раѓа како „имагинарна заедница“ (Бенедикт Андерсон) а трети ја разгледуваат главно како наратив (Хоми Баба).

Dali site nacii se moderni konstruktiИзвор: singularityhub.com

Во овој контекст, повеќе од чудна е изјавата на колешката Спасковска дека ние, бугарските претставници во Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија, го отфрламе „конструктивистичкиот пристап од теориите на национализмот“ и сме заземале примордијалистички гледишта (или можеби такви на „ретроспективниот национализам“). Чудна, затоа што тоа не е терминологијата ниту на Е. Смит, па дури и на Е. Гелнер, за кого опозицијата е „модернизам - примордијализам“. Тврдењето е и невистинито и неосновано, бидејќи ниту лично јас, а колку што знам и никој од моите колеги, не напишал ниту тврдел дека постои бугарска нација во Средниот век. Напротив, отсекогаш сме верувале дека таа била формирана како резултат на процесите на Возрождението/Преродбата, на навлегувањето на нашите региони во Новото време во 18. и особено во 19. век.

Дали има етникуми/народи во Средниот век?

За празникот 8 декември во 2016 година бев во Охрид да ги доживеам со моите пријатели од градот прославите за 1100-годишнината од упокоението на Св. Климент Охридски. На Плаошник, мирјаните во црквата ми обрнаа внимание на една ново објавена книшка специјално за годишнината, издадена од Дебарско-кичевската епархија на МПЦ „Свети Климент Охридски - хагиографија и химнографија“. Започнав да го читам Просторното житие на Св. Климент од Теофилакт Охридски, кое со исклучок на насловот беше преведено коректно: „5. Но, бидеjќи народот на Словените или Бугарите не ги разбираше Писмата напишани на елински jазик, светителите тоа го сметаа за огромна штета и безутешно жалеа зашто светилникот на Писмата не се запалуваше во помрачената бугарска земjа... 16. А тоj Борис беше способен во секоj поглед и наклонет кон доброто. Во неговото време и бугарскиот народ почна да се удостоjува со божествено крштевање и да се обраќа кон христиjанството“.

Станува збор за еден од бројните историски извори - и византиски и западноевропски, и домашни (бугарски), врз основа на кои ни станува многу јасно дека во Средниот век, поточно во 9. век - почетокот на 10 век, се формира средновековната бугарска народност. Се формира вклучително и на териториите на денешна Северна Македонија и на голем дел од денешна Јужна Македонија, кои беа дел од тогашната бугарска држава. Оваа етно-политичка и етно-културна заедница го има својот развој и еволуција во подоцнежните векови, со сите обележја и ограничувања на Средниот век. Бугарската нација од 19. век е нешто различно како феномен на една модерна епоха, но таа не би била можна без наследството и врската со средновековна Бугарија.

Да се тврди дека немало етникуми/народности/народи во Југоисточна Европа за време на Средниот век е прилично екстравагантна теза која ниту една игра со посебни публикации не би можела да ја легитимира. Присуството на народите, вклучително и на бугарската народностна заедница, не само што извира од изворите, туку е прифатено од релевантната историографија. Во цитираната од Л. Спасковска монографија Byzantium’s Balkan Frontier: A Political Study of the Northern Balkans, 900 – 1200, на истата страница 320, во која авторот Пол Стивенсон го објаснува отсуството во епохата на апстрактните ентитети како „нација“, тој објаснува: „Јасно е дека додека словенските и несловенските народи, вклучително и Бугарите, Србите и Хрватите, Албанците и Власите беа свесни за и всушност тие активно создадоа свој посебен идентитет, изворите не ја поддржуваат тезата дека таквата етничка свест, уште помалку национална свест мотивирала востанија [против Византија]".

Во истата книга, терминот „Бугари“ се користи деведесет и еден (91) пати. Од друга страна, во неа воопшто не можеме да го сретнеме поимот „Македонци“ - ова не е изненадување, бидејќи на Балканот во Средниот век до 14. век, името „Македонија“ главно го означува реонот на истоимената византиска административна тема во Источна Тракија околу Одрин, што понекогаш вклучува и поголеми простори од денешна Тракија, дури до Пловдив и Родопите. Оттаму, како што се знае, потекнувала големата византиска Македонска династија.

За нацијата во Македонија кон крајот на 19. век

Колешката Спасковска наведува конзуларнo сведоштво за одредено разграничување помеѓу (Вардарските) Македонци и Бугарите од меѓу-воениот период, а поточно од 1926 година, затоа што за времето пред Балканските војни, немаше дилема за сите европски дипломати дека мнозинството од словенското население во Македонија е бугарско по карактер. Да се бараат вакви извештаи за периодот пред 1913 година би било како да се бараат игли во куп сено, при што „иглите“ би биле некаков показател за македонизам и куповите сено се за заедничкото име на христијанското словенско население на Македонија, Одринскиот вилает и на Кнежество Бугарија. Затоа што нашите заеднички преродбеници, како Димитар и Константин Миладиновци, Кузман Шапкарев и Григор Прличев, се всушност класични скорнувачи (´´awakeners´´) кои веќе завршиле значителна работа во градењето на современата бугарска нација. За оние за кои нивните дела не се доволни и претпочитаат одредена потврда за тоа однадвор, тогаш можат да се обратат, на пример, на истата Ипек Јосмаоглу (кон нејзината монографија Blood Ties: Religion, Violence and the Politics of Nationhood in Ottoman Macedonia, 1878–1908 (с. 72-73).

Да ги разгледуваме различните теоретски пристапи за нацијата е корисно, но претерано схоластично применување на различните дефиниции честопати нè води повеќе во истражувачка слепа улица отколку кон решенија. Така, колешката Л. Спасковска, применувајќи строго една од дефинициите на Смит (има и други, со малку поинакви зборови), заклучува дека за бугарско-македонското национално единство можеше да се зборува само во периодот 1941-1944 година. Всушност, повеќе од очигледно е дека времето на Втората светска војна, а особено нејзиниот исход, довело до трајно раздвојување на државно-политичката и националната судбина на вардарските/југословенските Македонци од Бугарија. Поранешната национална заедница е изградена многу пред 1941 година и почива, ако сакаме да ги следиме дефинициите и поимите на Е. Смит, на заедничка територија, митомотори и симболи. Исто така, врз заеднички институции, церемонии и традиции. Што е годишниот училишен празник на Светите браќа Кирил и Методиј и кој друг училиштен систем, освен оној на Бугарската егзархија, го одбележува во Отоманската империја на крајот на 19. век? Се разбира, аргументите може да се прошират многупати: на пример, со доказите за фолклорот, имињата и активноста на општините на градовите од географска Македонија, на резултатите од активностите на многу други лица од 19. и почетокот на 20. век.

Мое лично мислење е дека треба да ги познаваме и да ги земеме предвид различните теоретски пристапи кон нацијата, постулирани главно од социолози и филозофи; тие можат, до одреден степен, да нè ориентираат, но не и да наметнуваат свои рамки, да станат кревет на Прокруст (Вештачка мерка кон која е бескорисно да се прилагодува нешто со насилни мерки) за историските реалности кои се потврдени од разните автентични извори. Честопати од секоја емпирија истекува теорија, но скоро секоја теорија го наоѓа својот коректив во емпиријата. Во исто време, никој не го негира значењето на социјалната, културната, економската историја, но напуштањето на државно-политичката и дипломатската историја може да има екстремно непожелни последици за современите општества, како што забележува и британскиот магазин „Економист“ во еден од неговите летни примероци.

Според мене, одговорност е не само на историчарите, туку и на интелектуалните и општествените елити на нашите две земји, со почит и коректност да се однесуваме кон историските извори кои јасно ги истакнуваат елементите на нашата заедничка историја. Ова сосема не ја елиминира потребата, сите граѓани да направиме напори да го разбереме нашето минато, а не да го менуваме од денешен аспект. На овој начин ќе му помогнеме на европскиот пат на Република Северна Македонија, но и навистина ќе придонесеме за надминување на длабоките проблеми со кои таа постојано внатрешно се соочува.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Наум Кајчев

Доцент Наум Кајчев предава нова и современа балканска историја на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “. Тој е автор на книгите Македонија, посакувана: армијата, училиштето и изградбата на нацијата во Србија и Бугарија (1878-1912) и Илирија од Варна до Вилах: хрватската национална преродба, Србите и Бугарите (до 1848 година). Тој е и заменик претседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.