fbpx

Како се борат Русите

Нина Л. Хрушчoва

Политика

05.05.23

Прегледи
Со оглед на фактот дека целокупниот апарат на државна безбедност им дише во врат, обичните Руси не можат масовно да протестираат против војната во Украина. Но, од друга, страна, докази за постоење на прикриен отпор кон наративот на Кремљ во врска со војната можат да се најдат насекаде.

За време на Втората светска војна, познатиот американски филмски режисер Френк Капра режираше документарен серијал со наслов „Зошто се бориме.“ Првично снимен од американското Министерство за војна како филм наменет за обука, неговото објавување требаше да ги убеди Американците дека коалицијата против Хитлер е нешто што треба да ја гарантира нивната поддршка и дека поразот на нацистите директно им служи на американските интереси. Проектот беше успешен, иако е невозможно прецизно да се измери влијанието на филмот. На јавноста во Советскиот Сојуз, инаку уште една од страните (и тоа голема страна) вклучена во борбата, не ѝ беше потребно такво убедување бидејќи битката за опстанок се одвиваше на нивна територија.

Тоа не е случај со војната на Русија против Украина. Кремљ секако сака да ја прикаже својата „специјална воена операција“ како патриотско нешто. Но, настрана од скандирањето на слоганот од Втората светска војна: „Нашата борба е праведна; победата ќе биде наша“, голем број на Руси се прашуваат зошто воопшто се борат.

Во анкетата спроведена во месец јануари, околу 25% од испитаниците (и над 60% од жителите на градовите и помладите луѓе) изјавиле дека не ја поддржуваат војната. Само 27% од анкетираните млади луѓе ја изразиле својата поддршка. Ова се случува во земја каде изразувањето сомнежи во врска со активностите на државата може да ве стави на списокот на „странски агенти“, или да ви се случи нешто уште полошо.

Голем број на други Руси гласаа буквално со своите нозе: повеќе од 500.000 од нив си заминаа од државата откако дојде до целосната инвазија на Русија врз Украина, а оние кои останаа се длабоко загрижени за својата иднина. Според неодамнешната анкета на Галуп-Ромир, 48% од Русите изјавија дека се соочуваат со значителна финансиска несигурност, што е највисока стапка во вкупно 56-те земји кои беа опфатени со анкетата. Дури и меѓу 45%-те од Русите кои велат дека недвосмислено ја поддржуваат војната, само 25% го прават тоа активно, како на пример со волонтирање или обезбедување финансиска помош.

Ништо од ова не се добри вести за Кремљ, кој очајно се обидува да го „истурка“ својот воен наратив. Кампањата, како што вели рускиот претседател Владимир Путин, има за цел не само да ја „демилитаризира“ и „денацифицира“ Украина, туку и да го спречи Западот да успее во својата наводна мисија да ја уништи Русија. Се работи, според пропагандата на Кремљ, за ништо помалку од „опстанок на руската државност“ и иднината на нејзините млади луѓе. Понатаму, најновата надворешно-политичка доктрина на Русија тврди дека земјата ја исполнува својата „уникатна историска мисија“ да „одржува глобален баланс на силите“ и „да изгради мултиполарен“ светски поредок.

Ова е пропаганда која е достојна за Големата патриотска војна, како што Русите ја нарекуваат Втората светска војна, а истата постојано и претерано ѝ се сервира на јавноста. На телевизија доминираат воените наративи. По улиците на Москва се поставени билборди на кои се слават руските воени херои и рекламираат тенкови. „Победата ќе биде наша“, велат тие во вистински стил на Втората светска војна, иако го изоставуваат првиот дел од класичниот слоган.

Колку и да беше шокантна војната за Западот, нејзиното влијание таму не може да се спореди со тоа како таа го наруши животот во Русија. Војната значеше ненадејна, насилна и збунувачка трансформација на руската економија и општество. Европската цивилизација отсекогаш била дел од културолошкиот код на Русија, и покрај долгите периоди на конфронтација со Западот. Но, според Путин, Русија сега е „самодоволна држава-цивилизација”, а европската култура полека се отстранува од руските театри и музеи, а можеби не од рестораните и кафулињата (кои сè уште се француски и италијански). На пример, драмата „Сирано де Бержерак“ од деветнаесеттиот век, од Едмонд Ростан, е отстранета од репертоарот на театарот „Александрински“ во Санкт Петерсбург за наводно дискредитирање на руските вооружени сили.

Ваквите културолошки забрани, се разбира, не се единствениот начин на кој обичните Руси се натерани да мислат дека Големиот брат им дише во врат. Откако во септември минатата година беше објавена „делумната мобилизација“, на секој влез во метрото во Москва е позициониран полицаец. Тешко е да се преправаме дека ништо суштински не се променило кога едноставното влегување во јавен превоз е контролирано од вооружен човек.

Сето ова им отежнува на Русите да живеат нормално. Во месеците кога војната започна, во обичните разговори можеби доминантни беа настаните во Украина, но сепак беше природно да се оди на работа или да се вечера со пријателите. Како што воената пропаганда станува сè погласна и понапорна, обичниот живот премина во втор план.

Војната во Украина сега има примарно место во главите на Русите - иако не на начинот на кој Кремљ би сакал тоа да биде. Наместо да се борат за „патриотската“ кауза на Путин, Русите се спротивставуваат на тоа. Иако тие не можат масовно да протестираат, а камоли да го ‘избркаат’ Путин од Кремљ со еден удар, насекаде можат да се забележат знаци за прикриена борба на „тивкото мнозинство“.

Переделкино, село оддалечено 32 километри од Москва, е познато по својот шумски терен низ кој често поминувале советските писатели, вклучувајќи го и Борис Пастернак. Сега, високиот олигарх и сојузник на Путин, Роман Абрамович, за кој се шпекулира дека се противи на војната, поседува голем дел од тоа земјиште. На трупците на дрвјата кои се наоѓаат долж шумските патеки се појавуваат резбани натписи „Не на војната“.

Во книжарница која се наоѓа на централниот Невски проспект во Санкт Петербург, изложбата на патриотски книги за Русија беше украсена со кригла со ликот на Џорџ Орвел и натпис: „Големиот брат нека мисли дека има чај во оваа кригла“. Инспирирана од храбриот поставувач на овој дисплеј, јас ја купив таа кригла, која, како што дознав следниот ден, била заменета со друга, која прикажува цитат од ремек-делото на Орвел од 1984 година: „Ако сте во малцинство, па дури и сами, тоа не значи дека сте луд“.

Така изгледа нашата борба. Како и во Втората светска војна, никој не мора да ни каже зошто.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Нина Л. Хрушчoва

Нина Л. Хрушчова, професор по меѓународни прашања во „The New School“, е виш соработник во Институтот за светска политика. Најновото дело, напишано во коавторство со Џефри Тејлер, е наречено: “In Putin’s Footsteps: Searching for the Soul of an Empire Across Russia’s Eleven Time Zones” („По стапките на Путин: Во потрага по душата на една империја низ седумте временски зони на Русија“).