fbpx

Што кријат договорите за заем со Кинезите?

Зоран Радуловиќ

Мила Радуловиќ

Бојан Блажевски

Политика

26.07.24

Прегледи
Рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид постојано се одложува. Наместо да биде завршен во предвидениот рок во 2018 година, по шест анекси на договорот што беа изгласани во Собранието, рокот за завршување на градежните работи е продолжен до 31 декември 2026 година.

Кога претходно познатите делови од договорите за македонските кредити за изградба на автопатите добиени од банката „Ексим“ (објавени во Службен весник) и она што го дознавме од веќе објавените преписки со Јавното претпријатие за државни патишта, ги споредивме со договорот којшто Црна Гора го потпиша со истата банка, за истата цел и во приближно исто време, дојдовме до заклучокот дека двата договора би можеле да бидат многу слични, ако не и идентични.

Црногорскиот и македонските договори за заем од Кина се речиси идентични во однос на износот, каматните стапки и условите за отплата. Износот на кредитниот аранжман за автопатот во Црна Гора е 944 милиони долари. Македонските власти позајмија вкупно 963 милиони американски долари во два наврати. Оваа сума е како вкупен износ наведена во законите, со кои Северна Македонија како држава го гарантира извршувањето на обврските од договорот за кредит со банката „Ексим“.

Треба да се напомене дека не се повлечени и искористени сите средства предвидени со кредитите. Најмногу поради фактот што рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид постојано се одложува. Наместо да биде завршен во предвидениот рок во 2018 година, по шест анекси на договорот што беа изгласани во Собранието на РСМ, рокот за завршување на градежните работи е продолжен до 31 декември 2026 година.

Во броевите 149 од 2013 година и 244 од 2019 година на Службениот весник на РСМ се наведува дека рокот на отплата на заемот е 20 години, со грејс период од 5 години, а каматната стапка на кредитот е фиксна и изнесува 2% на годишно ниво. Заемот ќе се отплаќа на 30 еднакви полугодишни рати – 21 јануари и 21 јули (за враќање на почетниот кредит од 2013 година), односно 20 април и 20 октомври (за дополнителните средства подигнати за автопатот Кичево-Охрид во 2019 година). Датумите 21 јануари и 21 јули за плаќање на ратите се идентични и во црногорскиот договор за заем потпишан во 2014 година. Исто како и каматата, рокот за плаќање и провизијата: еднократна по склучувањето на кредитот (0,25%) и онаа која се плаќа годишно на неискористените средства (исто така, 0,25%).

Единствената позната разлика меѓу овие кредити е во договорениот грејс период. Во Северна Македонија тој беше 60 месеци (пет години), а во Црна Гора 72 месеци (шест години). И покрај тоа, враќањето на кредитите започна пред крајот на финансираните работи. И во едната и во другата земја.

„Секој спор кој ќе настане од или е во врска со овој договор ќе биде разрешен преку пријателски консултации“, пишува во членот 8.5 од Договорот за кредитот потпишан од Владата на Црна Гора (Министерството за финансии) и Експорт-Импорт банката на Кина. „Доколку решение не може да се постигне по пат на тие консултации, секоја страна ќе има право да го упати тој спор на арбитража пред Меѓународната економска и трговска арбитражна комисија на Кина со седиште во Пекинг (CIETAC). Арбитражата ќе се спроведе во согласност со арбитражните правила на CIETAC кои се на сила во времето на поднесување на арбитражата. Арбитражната одлука ќе биде конечна и обврзувачка за двете страни. Местото на арбитража ќе биде Пекинг“.

На прашањето за арбитража во случајот на спор во врска со кредитот од банката „Ексим“, од македонското Јавно претпријатие за државни патишта на 30 април добивме краток одговор: „Во случај на спор постапката ќе се изведе во Пекинг“.

Има и уште поклопувања. Во обемната преписка во врска со барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, македонското Јавно претпријатие за државни патишта откри дека во членовите 8.4 и 8.7 од договорот за кредит со банката „Ексим“ трети лица може да немаат пристап до овие документи. Ги проверивме истите членови во црногорскиот договор за кредит. Во точката 8.4 се наведува: „Овој договор, како и правата и обврските од овој договор, ќе бидат регулирани и толкувани во согласност со законите на Кина“. Покрај тоа, членот 8.7 од црногорскиот договор гласи: „Заемопримачот сите рокови, услови и стандардни надоместоци според овој Договор или во врска со овој Договор ќе ги држи во строга доверливост“. Без претходна писмена согласност од Заемодавачот, Заемопримачот нема да открива било каква информација од овој Договор или во врска со овој Договор на било која трета страна доколку тоа не е предвидено со важечкиот закон“.

За македонската јавност би било многу важно да дознае дали вообичените поклопувања постојат и кај членот кој предвидува дека „...стоката, технологијата и услугите... неопходни за реализација на финансираниот проект ќе се набавуваат од Кина“ (член 2.5 од црногорскиот договор за заем). Исто како и поглавјата кои се однесуваат за Гаранцијата на заемопримачот, Специјалните обврски на договорните страни и случаите на неизвршување на обврските. Накратко, таму се наведуваат начините на кои заемодавачот може принудно да ги наплати своите побарувања, но и причините за прекин на исплатата (на преостанатиот дел од кредитот) и предвремената наплата на искористените средства.

„Извршувањето на обврските на Заемопримачот по овој договор ќе чинат комерцијални дејности“, се наведува во членот 5.5 од Договорот.

„Ниту заемопримачот, ниту било кој негов имот, со исклучок на имотот кој се однесува на дипломатско-конзуларните претставништва и на воениот имот, немаат право на имунитет по основ на суверенитетот или на друг начин, од арбитража, тужба, извршување или други правни процеси по основ на обврските од овој Договор, во зависностите од случајот, во било која јурисдикција“.

Ова значи дека ако црногорската држава во некој момент не биде во можност во договорениот рок да го сервисира кредитот кон банката „Ексим“, Кина може преку правен пат да добие во своја сопственост, преку нејзин избор, клучен енергетски капацитет, пристаниште, железничка или патна инфраструктура, рудно богатство... Веројатно истото важи и за Северна Македонија. А ситуацијата во која Кина презема клучна инфраструктура на државите кои се финансирале преку „Појас и пат“ веќе се случиле.

Во црногорскиот договор за заем се наведува дека кога ќе дојде до промена на закони или на државната политика во земјата која го зема кредитот или земјата која го дава кредитот, со кои се оневозможува да се исполнат обврските од договорот, кинеската банка може писмено да извести дека ја раскинува исплатата на аранжманот и/или да ја прогласи целокупната главнина и вкалкулираната камата и сите други износи кои треба да се платат по договорот за моментално доспеани за плаќање. Без натамошни барања, известувања или било какви други формалности.

Ова се само некои од потенцијалните „мини” на тој договор. Поаѓајќи од ваквите алармантни членови во црногорскиот договор, го прашавме Јавното претпријатие за државни патишта дали во потпишаните договори за заем за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип постојат исти или слични членови. Одговор не добивме, иако прашањата ги поставивме повеќе од еден и пол месец пред пишувањето на овој текст.

„Каматата од два отсто претставуваше придобивка за инвестиционите проекти во земјите во развој, но таа имаше своја цена и договорни услови“, смета Мила Касалица, економска аналитичарка и некогашна секретарка во Министерството за финансии на Црна Гора.

„Иако на ниво на договорни норми, некои одредби од Договорот формираат значаен ризик во реализација на заемот, може конструктивно да се прифатат како мерка на претпазливост при планирањето и извршувањето на договорот. Затоа, тие не мора да бидат причина за паника. Но, тие мора да бидат предмет на големо внимание и максимално промислен пристап кон контрола на договорените инвестиции. Тоа бара имплементација на стандарди на контрола кои без било какво сомневање ќе обезбедат одржлива и системска, а правно, економски и градежно неоспорна база на податоци: бројки, извештаи и документи кои не смеат да бидат предмет на тајноста на јавната администрација“, вели таа.

А токму достапноста на податоците и контролата беа “алатката што недостасуваше” во реализацијата на проектите за изградба на кинеските автопати во Северна Македонија и Црна Гора.

Отплата на кинескиот долг

Во однос на висината на долгот на Северна Македонија кон Кина поврзан со автопатите, од Министерството за финансии информираат дека заклучно со 31 март 2024 година, долгот кон кинеската банка „Ексим“ изнесува 481,09 милиони евра. Од нив, за изградениот автопат Миладиновци-Штип земјава ѝ должи на Кина 132,04 милиони евра, додека за автопатот Кичево-Охрид е создаден долг од 349,05 милиони евра.

Вкупниот надворешен долг на Северна Македонија кон Кина е 8,7% од вкупниот надворешен јавен долг и 3% од македонскиот бруто-домашен производ (БДП), се наведува во истражувањето „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина“ што беше објавено од авторите Ана Крстиновска, Златко Симоновски и Александра Давитковска-Спасовска во пролетта 2024 година.

И среде бел ден, автопатот Миладиновци-Штип е со редок сообраќај; Извор: архива на авторот

Но, исплатата на македонскиот долг кон Кина за автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип не се одвива без проблеми. Јавното претпријатие за државни патишта имало проблем со исплатата на ратите кон кинеската банка „Ексим“, по што е активирана државната банкарска гаранција и истите средства се исплатени од Министерството за финансии. Ова е наведено во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2022 година на Јавното претпријатие за државни патишта на Државниот завод за ревизија од февруари 2024 година, каде се наведува оти вкупните обврски на Јавното претпријатие за државни патишта кон Министерството за финансии на крајот од 2022 година изнесувале 4.723.242.000 денари (над 76,6 милиони евра).

Ги прашавме Министерството за финансии и Јавното претпријатие за државни патишта околу проблемот со исплатата на ратите од македонскиот долг кон кинеската банка „Ексим“. Од Јавното претпријатие за државни патишта објаснуваат дека Министерството за финансии отплаќало дел од ратите кон Кина во периодот на ковид-19 пандемијата и во периодот на кризата, но за секоја рата што ја исплатило Министерството за финансии биле склучувани договори за репрограмирање на долгот, по што Јавното претпријатие за државни патишта ги отплаќа месечните рати кон Министерството за финансии. Од Министерството за финансии пак не добивме одговор на поставеното прашање.

За разлика од Северна Македонија каде властите го држат ова прашање подалеку од очите на јавноста, враќањето на ратите кон Кина предизвика голема дебата во Црна Гора, која повремено добиваше и меѓународен карактер.

Во март 2021 година, тогашниот потпретседател на црногорската влада Дритан Абазовиќ во Европскиот парламент изјави дека ЕУ треба да ѝ помогне на Црна Гора да го исплати кредитот од милијарда евра кон банката „Ексим“ што го зеде за изградба на автопатската делница (тоа не е единствениот кредитен аранжман помеѓу таа кинеска банка и Црна Гора, односно нејзините државни претпријатија). Овој кредит е јамка околу вратот на земјата поради кој ѝ се заканува должничко ропство, изјави Абазовиќ барајќи помош “за да се намали влијанието на Кина во Црна Гора”, додека многу во Подгорица оценија дека тој “малку го преувеличил проблемот”.

„Апелирав до финансиските институции на ЕУ да размислат за моделите за помош на Црна Гора, со цел да се потисне секое нездраво странско влијание и да се доведе истото во разумна мерка“, објасни дополнително Абазовиќ, одговорајќи на пратенички прашања.

Од ЕУ одговорија дека немаат пракса да ги враќаат долговите на своите партнери, а за црногорското барање на Абазовиќ се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ, еден од клучните промотори на ширењето на кинеското влијание во овој дел на Европа: „Замислите ние да градиме патишта и да ги замолиме Кинезите да дојдат, да го направат патот што е можно побрзо и да ни дадат пари и луѓе да го завршиме сето тоа. И тогаш тие го прават сето тоа, а јас да кажам дека тие тоа го користат за влијание. Не е банката виновна кога ви дава кредит, тоа самите сте го избрале. Зошто воопшто сте барале кредит од Кина?“, ги праша Вучиќ неговите колеги од Црна Гора.

Извор: архива на авторот

Приказната во најголем дел стивна откако Црна Гора, заштитувајќи се од таканаречениот валутен ризик поради промената на курсот евро-долар, потпиша хеџинг аранжман со четири големи меѓународни банки. Тој аранжман истече во пролетта минатата година и Црна Гора од него излезе со значајна финансиска добивка. Затоа, на почетокот на годината беше склучен нов договор што ќе трае до 2035 година, односно до исплатата на последната рата кон банката „Ексим“.

Според податоците на Министерството за финансии, по исплатата на шесте рати кон банката „Ексим“ (заклучно со последната јануарска рата), досега за кредитот се платени 290 милиони евра. Од нив, на главнината се однесуваат 190,5 милиони долари, а на отплата на ратите од каматата 99,4 милиони долари.

„Кредитот со банката „Ексим“  е склучен на износ од 944 милиони долари, од кои се искористени средства во висина од 911,74 милиони долари. Состојбата на долгот на 25 јануари 2024 година изнесува 721,28 милиони долари, односно 663,55 милиони евра“, соопштија изминатава зима од црногорското Министерство за финансии.

Инаку, новите рати од црногорскиот и македонскиот кредит доспеаја за плаќање на 21 јули годинава.

Валбона Зенели во анализата „Кинеското влијание во Западниот Балкан и неговиот импакт врз интегративниот процес на регионот во Европската Унија“ предупредува дека кинеските брзи пари во балканските земји изгледаат лесен начин за лидерите да ја задржат власта, додавајќи дека кинеските договори за заеми се доделуваат директно на кинески државни претпријатија во тајни договори, без распишување на меѓународни тендери.

„Колку повеќе земјите се задолжуваат кај Кина, толку се поголеми ризиците дека Пекинг би можел да се обиде повторно да ги репреговара заемите во замена за унапредување на своите дипломатски и политички цели, без да се исклучат можни заплени на имот, како што е тоа потврдено со други земји вклучени во Иницијативата „Појас и пат““, предупредува Зенели во нејзиното истражување.

Македонскиот аналитичар Зоран Нечев од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, заедно со Иван Николовски, во 2020 година го изработија истражувањето „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“. Од денешна перспектива, Зоран Нечев го поставува прашањето дали економската исплатливост за изградбата на автопатите е главната цел на Кина со давањето на кредитите на Северна Македонија и Црна Гора.

„Станува збор за еден вид на корозивен капитал. Ти создаваш однос на потчинет во процесот, а кога си потчинет, многу полесно може да се влијае врз тебе и на одлуките коишто ги носиш. Тоа е главната причина поради која Кина влегува во вакви зделки“, вели Зоран Нечев.

Британскиот новинар Џејмс Роберт Барон, кој живее во Тајван и во изминатиов период ги истражувал државните кредити што ги давала Кина низ светот, потенцира дека инвестирањето на Кина во автопати во Северна Македонија и Црна Гора нема објективна економска логика.

„Тие се секогаш вежба, во најдобар случај, за мека моќ и често, за малигно влијание. Видовме како Пекинг разви вистинско задушување над некои земји – особено во Африка – преземајќи ја контролата врз природните ресурси во период од неколку децении во замена за она што номинално се нарекуваат инфраструктурни проекти, но често пати завршуваат како нешто повеќе од големи поткупи на државните функционери“, вели новинарот Џејмс Роберт Барон.

Зоран Нечев дополнува дека вината не може да се бара исклучиво во Кина, туку и кај домашните политичари.

„Не е никогаш само Кина. Без покана од страна на нашата или црногорската влада, до ваква зделка немало никогаш да дојде. Тука одреден интерес виделе и двете страни, но не мора да значи дека тој е чисто финансиски. Секогаш финансиите се битни, видовме во тој период дека има огромно сомнение за корупција“, вели Нечев.

Фактите ги потврдуваат овие ставови. Според студиите за оправданост за изградба на автопатот во Црна Гора од 2009 и 2012 година на компаниите Scott Wilson и URS Infrastructure & Environment UK Limited, делницата Смоковац-Матешево не ги задоволувала ниту основните критериуми за финансирање од релеватните меѓународни финансиски институции. И покрај овие предупредувања, Црна Гора влезе во проектот со помош на Кина, нејзините државни банки и градежни компании.

Пред почетокот на изградбата на автопатот Смоковац – Матешево, владата излезе со проекции дека патарините и другите комерцијални приходи од оваа делница ќе носат приходи од 31,3 милиони евра годишно. За двегодишна работа на патарините од автопатот се генерирани вкупно околу 20 милиони евра. Приближно, 10 милиони за 12 месеци. Бидејќи проектираните и реалните цени на патарините се исти, произлегува дека обемот на сообраќај е најмалку тројно помал од она што го најавуваа поранешните власти, повикувајќи се на наводни истражувања и егзактни податоци.

Дали изградбата на инфраструктурата, дури и да биде финансиски неисплатлива, беше единствениот мотив на властите во Скопје и Подгорица за да влезат во овие аранжмани? Ова прашање одамна е поставено, но валиден одговор на него и понатаму нема.

Колку за потсетување, Специјалното јавно обвинителство во Северна Македонија го отвори случајот „Траекторија“ кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изведувач на градежните работи на автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип. Судењето за овој случај започна кон крајот на 2017 година, а во него беа обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, заедно со екс-министрите за транспорт и врски Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски и ексдиректорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски. Наместо судска пресуда, кривичната постапка за овој случај запре во ноември 2023 година поради измените на Кривичниот законик, кои беа усвоени од Собранието на РСМ минатото лето.

Специјалното државно обвинителство на Црна Гора во 2020 година отвори истрага за случајот „Петља“, и тоа две години откако се откри дека договорот со CRBC не ја опфаќа изградбата на клучката Смоковац, преку која се пристапува до автопатот од правец на Подгорица. Покрај тоа, беа “заборавени” и водоводни и електрични инсталации долж автопатот. По информациите дека поранешниот министер за сообраќај Иван Брајовиќ во тој случај бил сослушан “во својство на граѓанин”, јавноста не е запознаена со понатамошниот тек на истрагата. Ниту за нејзиниот евентуален исход. Истрагите на ова обвинителство во Црна Гора, според актуелниот закон, се тајни до поднесување на обвинението. Во основа, сите овие работи се дополнително платени. Некои беа изведени од CRBC со своите подизведувачи, додека за дел од работите кои не беа покриени со главниот проект, ЈП „Монтепут“ беше задолжен за нив. Поради тоа, владата  одобри кредитно задолжување од 39 милиони евра. Според податоците на Министерството за финансии, на CRBC му се исплатени на име на дополнителни „непредвидени“ работи: 30,2 милиони за првата фаза од клучката Смоковац, за привремено напојување на струја 8,6 милиони, за водоснабдителен систем 13,5 милиони и за поставување кабловска канализација на отворена траса и мостот Морачица 4,8 милиони евра. ЈП „Монтепут“ го чинеше дополнителни 39 милиони евра изградбата на електричната мрежа на автопатот.

Додека изградбата на автопатот беше во полн ек, невладината организација „МАНС“ излезе со предупредување за интересен „детаљ“, кој можеби би можел да ја објасни инертноста на финансиерот (Владата на Црна Гора) кон бројните забележани пропусти на изведувачот (CRBC), вклучувајќи го и еколошкото уништување на горниот тек на реката Тара.

Таканаречената „Солза на Европа“ е под заштита на УНЕСКО, како дел од светското природно наследство, но тоа не ја заштити од изградба во своето корито и ископ на песок под изговор за „регулирање на поројните дождовни потоци“. Токму поради ова, реката делумно го доби и престижниот меѓународен статус.

На крајот се покажа дека како и во најголем дел од другите големи банки, Експорт-Импорт банката, меѓу нејзините интерни документи има и Упатство за проценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти на проектите што ги кредитира. Таму, меѓу другото, пишува како „заемопримачите или сопствениците на проектите треба редовно да ја известуваат банката за реалните еколошки и социјални влијанија кои ги предизвикува изградбата на проектот“. Со предупредување дека „за проекти кои се во изградба или во функција, а кои предизвикуваат сериозни еколошки и социјални проблеми… банката „Ексим“ има право предвреме да престане да го плаќа заемот и да бара отплата на заемот, согласно договорот...“. Според упатените, тоа е прилично вообичаен документ.

Но, не е многу често заемодавачот и изведувачот да имаат ист сопственик. Една од најмоќните земји во светот. Така и црногорската влада (како и сите други од приказната „Појас и пат“) би можела да се најде меѓу “чеканот и наковалната”: ако го официјализира ставот дека CRBC „предизвикала сериозни еколошки проблеми“, банката „Ексим“ можеше да го суспендира понатамошното финансирање на договорот и да побара враќање на сите дотогаш повлечени средства од договорениот заем.

Валбона Зенели во својата анализа констатира дека кинескиот капитал во споредба со западниот капитал е многу поверојатно дека ќе ја засили корупцијата, лошото владеење и проектите кои исклизнуваат од стандардите на Европската Унија.

„Позајмувањата на Кина кон владите од Западен Балкан воглавно се одвиваат преку кинеската Експорт-импорт банка (Ексим), која е државно финансирана и е во државна сопственост, а чија главна цел е да ја поддржува Кина во надворешната трговија, инвестициите и меѓународната соработка, при што воглавно финансира до 85% од проектот, додека кинеските државни компании се секогаш главни изведувачи, користејќи кинеска опрема и работна сила“, ги опишува Валбона Зенели зделките кои балканските земји ги склучуваат со Кина при изведбата на инфраструктурни проекти.

За потребите на изработката на оваа новинарска сторија, во пет наврати преку електронска пошта на 18 и 29 април, 7 и 17 мај и 6 јуни беа испратени прашања до Амбасадата на НР Кина во Скопје, како и до седиштето на банката „Ексим“ во Пекинг. Нашите прашања, меѓу кои беше и она за улогата на Амбасадата на Кина во земјата во преговорите меѓу банката „Ексим“ како заемодавач, македонските власти како заемопримач и кинеската компанија „Синохидро“ како изведувач на проектите, не беа одговорени до пишувањето на овој текст.

Зоран Радуловиќ

Зоран Радуловиќ е новинар од Црна Гора кој работи во политичкиот неделник Монитор од Подгорица.

Мила Радуловиќ

Мила Радуловиќ е црногорска новинарка и генерален секретар на Друштвото на професионални новинари на Црна Гора. Била уредник на црногорскиот дневен весник „Вијести“ и активна е во новинарството од 1992 година.

Бојан Блажевски

Бојан Блажевски има 13-годишно искуство во новинарството, со фокус на изработка на новинарски стории за теми што покриваат инфраструктурни проекти, градежништво и архитектура, транспорт и животна средина. Во 2018 година ја има добиено наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, што ја доделува Делегацијата на ЕУ во Македонија. Има работено како новинар и уредник во новинската агенција „Мета“ и во порталот за архитектура, градежништво и урбан развој „Билд“ во периодот од јули 2011 до јануари 2024 година. Во 2016 година бил стипендист на Балканската стипендија за новинарска извонредност, а една година подоцна бил стипендист на Thesaurus Poloniae стипендијата на полското Министерство за култура. Дипломирал новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“, магистрирал медиуми и комуникации на истиот факултет, а докторирал во областа на политичките науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.