fbpx

Како ЕСМ потроши милиони преку нетранспарентни договори

Влатко Стојановски

Ако во првото полугодие од 2021 година, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (ЕЛЕМ) склучила 6 договори во постапки со преговори без објавување на оглас со вкупна вредност од 9 милиони евра, во второто полугодие склучила 12 вакви договори во вредност од дури 27 милиони евра, при што двата најголеми договори изнесуваат скоро 24 милиони евра и се склучени со една иста компанија.

Законитост, економичност, ефикасност, еднаквост, конкурентност, транспарентност – ова се главните начелa според кои треба да се водат сите институции при трошењето на буџетските и другите јавни средства, односно при изборот и склучувањето на договори со компании за разни работи, стоки и услуги.

Со други зборови, овие основни постулати, кои се составен дел и од Законот за јавни набавки, треба да овозможат успешно остварување на целите и надлежностите на договорните органи – министерства, општини, јавни претпријатија, државни компании и други субјекти со јавни овластувања, но притоа одговорно да се располага со јавните пари.

Во таа насока, не смее неоправдано да се ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори, т.е. да се ограничуваат, а уште помалку - елиминираат компаниите кои се потенцијално заинтересирани да ја извршат бараната работа, да ја достават бараната стока или пак да ја испорачаат бараната услуга. Притоа, буквално секој економски оператор треба да има слободен и непречен пристап до информациите за предметот на јавната набавка, за условите од тендерската документација, за карактеристиктите од техничката спецификација... Сите документи мора да бидат јавно објавени, освен во одредени ретки случаи на тајност и доверливост.

Имено, целта е сите фирми и добавувачи да имаат еднаков третман во сите фази на постапката, со цел да се зголеми конкурентноста и понудата, бидејќи на тој начин се обезбедуваат повеќе особено важни придобивки. Прво, кога повеќе фирми се натпреваруваат, се обезбедува поквалитетна понуда.

Од друга страна, пак, на тој начин се обезбедува и пониска цена за чинење за договорниот орган. Кога има повеќе компании, тие, ако станува збор за реална а не за фиктивна конкуренција, на негативна аукција ја спуштаат цената се додека учесниците во лититацијата не проценат дека понатаму веќе не можат да постигнат рентабилност.

Дискреционо право

Од тие причини, доколку не се работи за јавна набавка од мала вредност, најмногу се препорачува јавните пари да се трошат преку таканаречаната отворена тендерска постапка, која предвидува објавување на оглас на кој секој заинтересиран економски оператор може да поднесе понуда, доколку ги исполнува пропишаните услови и критериуми од тендерската и друга документација.

Сепак, законодавецот предвидидел и друг тип на постапки, кои би можеле да се користат, ама во одредени специфични ситуации и околности. Една од нив е постапката со преговори, која може да се спроведе во две варијанти – со или без претходно објавување на оглас. Треба да се истакне дека кога се прибегнува кон ваква постапка со преговори, тоа претежно се прави без објавување на оглас.

Извор: esm.com.mk

Инаку, оваа постапка е предвидена доколку неколку пати неуспешно се спроведува отворена постапка, доколку само одреден економски оператор може да го исполни предметот на набавката (уметнички изведби, интелектуална сопственост), како и поради крајна итност, која оневозможува да се испочитуваат роковите од отворената постапка за доставување на понуди, евалуација на понудите, негативна аукција итн.

Без оглед дали станува збор за постапка за преговори по објавување на оглас, по кој заинтересираните компании поднесуваат пријава за учество, или пак за почестата постапка со преговори без воопшто да се објави оглас, во ваква постапка не може во целост да се испочитуваат принципите за транспарентност, конкурентност, еднаквост.

Освен што тоа ги оневозможува сите заинтересирани компании да се натпреваруваат за јавниот проект, исто така, ваквата практика создава ризици од можна корупција, од проста причина што договорниот орган самостојно одлучува која или кои компании ќе ги повика на преговори, како и со кој економски оператор на крајот ќе одлучи да соработува.

Впрочем, тоа не е само општа перцепција, туку констатација што произлегува од бројните мониторинзи на јавните набавки, какви што редовно прави Центарот за граѓански комуникации, кој препорачува дека договорните органи треба да ја сведат на минимум нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, особено затоа што најчесто ја применуваат за преговарање само со една фирма, и оттука се зголемуваат ризиците од корупција“.

Милионски договори

Во последниот извештај на ЦГК, кој се однесува за првото полугодие за изминатата 2021 година, меѓу другото, се наведува дека во овој 6-месечен период, по пат на преговарање без објавување оглас, се склучени 139 договори во вкупна вредност од 7,9 милиони евра. Ако се навлезе во структурата на договорите, произлегува дека дури половина од овие средства потрошени преку нетранспарентни постапки, всушност, ги потрошила државната компанија за производство на струја АД ЕСМ.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, државните електрани во првото полугодие од 2021 година склучиле 6 договори преку директни преговори без оглас, чија вкупна вредност изнесува 4 милиони евра. Притоа, највредни се договорите за изработка на усек за раздвојување со „Топлина ДООЕЛ“ од околу 2,5 милиони евра и за ревитализација и реконструкција КУ 300 (РЕК Битола) со „МЗТ Инженеринг“ од околу 960 илјади евра.

Понатаму, државната компанија во посочениот квартал склучила уште 4 вакви договори, чиј заеднички именител, покрај, се разбира, фактот што се склучени во иста нетранспарентна постапка, е тоа што тие се постигнати на безмалку идентична вредност колку што била нивната проценета вредност, што дури содржи индиции и за можно договарање на конечната цена.

Но, ваквиот тренд на ЕСМ за спроведување на тендерски постапки по пат на директни преговори продолжи и во второто полугодие од ланската година, и тоа со уште позасилена динамика, имајќи во предвид дека, според податоците од БЈН, државната компанија во овој период склучила дури 12 договори во „четири очи“ во вкупна вредност од над 27 милиони евра.

Оттука, АД ЕСМ во второто полугодие лани склучило двојно повеќе вакви договори во споредба со првото полугодие, додека нивната вкупна вредност е за 3,5 пати поголема, или за цели 18 милиони евра. Овој раст се должи главно на два најголеми договори, кои вкупно тежат скоро 24 милиони евра, кои се склучени со една иста компанија - „Марковски Компани“, која доживеала деловен подем токму со помош на тендери, а буквално сите тендери ги добила од едно место – АД ЕСМ.

Патем, убедливо највисок е договорот меѓу ЕСМ и „Марковски Компани“ за проширување на изработка на усек за раздвојување од скоро 19 милиони евра. Речиси истовремено, двете страни, во иста постапка, склучија уште еден договор за ангажирање на помошна механизација за во рудниците на РЕК Битола во вредност од 4,8 милиони евра.

Итност или ненавремено планирање?

Овие два милионски договори, во функција на непречена работа на термоелектраната РЕК Битола, доаѓаат во време на тешка енергетска криза, кога преку државниот буџет се помогна ликвидноста на ЕСМ, за да се зголеми домашното призводство на стуја, бидејќи резервите на јаглен секнуваат, увозот на јаглен од странство оди тешко, а цените на струјата на меѓународните берзи бележат вртоглав раст.

Како што објаснуваат од ЕСМ, морале да спроведат набавки без објавување на оглас, откако Владата ги задолжила во периодот јануари-јуни 2022 година, наместо законски предвидените 60 проценти, да обезбедат 100 отсто од потребното количество електрична енергија за универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, кој, пак, ги снабдува со струја домаќинствата и малите потрошувачи.

Но, клучното прашање не е дали државата требало да ги заштити интересите на граѓаните, туку дали можело да се предвиди текот на настаните и подобро да се испланира трошењето на јавните пари? Зошто ЕСМ порано не отпочнала вообичаена отворена тендерска постапка, на која ќе се јават сите заинетресирани компании, наместо во итна постапка дискреционо да се повикуваат неколку компании?

Несомнено е дека државата се соочува со сериозна криза, меѓутоа треба да се знае дека кризата не започна преку ноќ, туку трае неколку месеци и во земјава и во цела Европа. Оттука, имаше сосема доволно време да се спроведе отворена постапка, која гарантира пониска цена, повисок квалитет, и најважно – го редуцира ризикот од корупција.

Иако препораките на експертите укажуваат да се избегнуваат нетранспарентните тендерски постапки, сепак, врз основа на претходно објавените податоци, може да се заклучи дека тие се уште често се применуваат, а рекордер во таа смисла е АД ЕСМ, која само лани потрошила триесетина милиони евра на ваков начин, притоа користејќи ја кризата како алиби и оправдување.

Кога сакаат да ја потенцираат транспарентноста како основен предуслов во борбата против корупцијата, антикорупционерите велат - колку повеќе транспарентност, толку помалку корупција. Од таа гледна точка, директните преговори со однапред одбрана компанија или компании се крајно нетранспарентни или со ограничена транспарентност, а нетранспарентноста едноставно води кон корупција.

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Влатко Стојановски

Влатко Стојановски моментално е новинар во интернет-порталот Фокус и во неделникот Фокус, a претходно работел во дневниот весник Фокус, во неделникот Сега и во други електронски и печатени медиуми. За време на 12-годишната новинарска кариера, тој бил дел од информативната редакција и во внатрешно-политичката рубрика на неколку медиуми, додека во последните години главно работи на истражувачки стории поврзани со судир на интереси, трговија со влијание, злоупотреба на моќ. Досега, добил признание од Македонскиот институт за медиуми за сторија поврзана со последиците и одговорноста околу аерозагадувањето, награда од Европската унија како коавтор на сторија за феноменот – „рамковни административци“, а неговата сторија за злоупотребите со земјоделски субвенции победи на конкурсот за најдобра истражувачка сторија во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија.