fbpx

Работниците во Македонија се безбедни само на хартија

Вилдан Дрпљанин

Социјални права

30.09.19

Прегледи

Вилдан Дрпљанин

Vildan Drpljanin 200x250Работниците, како последни во оваа хиерархиска пирамида на моќ, се најслабата алка во надзорниот процес. Нивната слаба информираност, немоќна позиција, страв и послушност пред работодавачот не овозможуваат тие да пријавуваат недоследности во однос на безбедноста и здравјето при работа.

16 и 30 часот обично е време кога најголем дел од вработените ги привршуваат своите обврски и се подготвуваат за напуштање на работното место. За жал, тоа не беше случај со работникот задолжен за одржување на хигиената на прозорците од зградата на Куќата на фудбалот, кој пред само триесетина дена загина откако околу 16 и 30 часот паднал кранот на кој бил качен додека ги миел прозорците. Трагедијата на педесет и шестгодишниот скопјанец е една од многубројните фатални повреди при работа, кои во последните девет години во Македонија континуирано одземаат животи на најмалку двајца работници месечно (исклучок е 2016-та, единствената година кога бројот на смртни случаи при работа бил под 24). Со оглед на фактот што на работните места во нашата држава, од 2010 до 2018 година, животот го загубиле најмалку 318 работници, а се повредиле најмалку 895, јасно е дека целиот систем за безбедност и здравје при работа едноставно не функционира.

Каде е проблемот: во регулативата или во имплементацијата?

Стандардите за заштита при работа се поставени од Меѓународната организација на трудот (МОТ) во облик на конвенции и препораки кои земјите членки треба да ги ратификуваат и применат во националното законодавство. Трите основни конвенции кои се задолжителни за земјите членки во тој поглед се: Конвенцијата за безбедност и здравје при работа број 155 од 1981 година, Конвенцијата за служби за заштита на здравјето при работа број 161 од 1985 година и Конвенцијата за промотивна рамка за безбедност и здравје при работа број 187 од 2006 година. Досега, нашата држава има ратификувано 80 конвенции на МОТ, вклучувајќи ги и овие три, и ги има применето во националното законодавство во пакетот закони за заштита при работа и унапредување на работните услови. Покрај тоа што државата нема ратификувано значајни конвенции од областа на градежништвото, како дејност во која во 2018 година имало најголем број повреди, неспорно е дека главните проблеми не се во регулативата туку во имплементацијата.

Rabotnicite vo Makedonija se bezbedni samo na hartijaИзвор: fupping.com

Законите кои се поврзани со заштитата при работа во Република Македонија во голема мера се усогласени и со ЕУ директивите (EU-OSHA) и може да се каже дека од формално-правен аспект, законската регулатива е во согласност со европските стандарди. Во таква ситуација, природно се наметнува прашањето зошто Македонија има речиси девет пати повисока стапка на фатални повреди при работа (4,34) од, на пример, Велика Британија (0,5)? Во текот на 2018 година, според извештајот на МЗЗПР, во просек секој трет ден се случувала по една повреда на работното место (вкупно 124), а секој единаесетти ден на работното место животот го губел по еден работник (вкупно 33). Самото отворање на темата за смртни случаи, повреди и несреќи при работа наидува на проблеми затоа што државата нема воспоставено кредибилен систем на собирање информации. Оттука, постои можност за разлика во бројките на случаи од оние кои се наведени во овој текст затоа што институциите користат различни методологии, без притоа јавно да ги објават податоците, што посочува кон тоа дека проблемот е во системот.

Изворите на проблемот лежат во отсуството на усогласени податоци за вистинската состојба во поглед на водењето евиденции за заштитата при работа, префрлањето на одговорноста во однос на тоа каде лежат слабостите и постоењето практични проблеми со кои се соочуваат работниците во ризик. Практичните проблеми се пресликуваат во многубројните примери каде при повреда на работно место, работодавачите преку притисоци или преку вонредни исплати ги обесхрабруваат работниците да ги пријават повредите. Секако, соодветната имплементација на законите би решила најголем дел од овие проблеми, но во моментов отсуствува отчетност и одговорност за (не)постигнатите резултати, а недостасува и следење на ефектите од програмите и нивно користење во процесот на креирање политики.

Што треба да се направи и кој мора да се ангажира за безбедноста на работниците?

Системот за безбедност и здравје при работа го сочинуваат работодавачите, вработените, државните институции за труд, здравствените установи од областа на медицината на трудот, Државниот инспекторат за трудот, синдикатите, здруженијата на работодавачи и граѓанското општество и сите мораат да се ангажираат многу повеќе за безбедноста на работниците. Кога сите овие фактори нема да успеат да воспостават систем што превенира несреќи на работното место, најмалку што може да се направи е да се санкционира секој пропуст од страна на Јавното обвинителство. За жал, во овој дел ситуацијата е еднакво лоша како и целиот систем, пропусти се лоцираат и во самото извршување на обврските кај Инспекторатот и кај Јавното обвинителство, кое не покренува и не разрешува случаи кои се однесуваат на заштита на безбедноста и здравјето при работа. Речиси и да не постојат случаи на кривична одговорност на работодавачите, дури ни во ситуации кога повредата или смртта настапуваат исклучиво поради пропусти од нивна страна.

Македонија има солидна законска рамка и добро воспоставени стандарди, но механизмите за спроведување на законите во оваа област, особено во делот на превенцијата, се на загрижувачки ниско ниво. Информирањето на вработените, јакнењето на надзорот на сите нивоа - вработени, работодавачи, стручни лица, здравствени установи и Инспекторатот, како и зајакнувањето на системот за евиденција и следење на спроведувањето на законот, се само дел од неопходните промени што се наметнуваат. Првенствено, пишувањето на оваа тема треба да ги поттикне оние што учествуваат во процесот да вложат максимален напор кон добивање усогласени податоци за вистинската состојба во однос на заштитата при работа. Понатаму, тие податоци, поткрепени со низа други статистички информации, треба да посочат кон слабостите на системот и да предложат соодветни мерки за надминување на проблемите.

Конечно, покрај донесените законски решенија за водење евиденција во оваа област, потребно е усвојување и на подзаконски акти кои точно ќе ги дефинираат податоците за евидентирање, неопходни за поконкретни истраги, донесување заклучоци и предлагање соодветни мерки. Со тоа ќе се направи првиот чекор за воведување и лоцирање одговорност на сите учесници во процесот, од лицата кои ги пополнуваат потребните документи, до оние кои вршат нивна обработка. По усвојувањето на потребните обрасци, неопходно е да се изврши обука на сите кои учествуваат во процесот затоа што не е реткост во пракса да наидете на недоволно познавање на обврските на лицата кои треба да учествуваат во деловите од процесот. Работниците, како последни во оваа хиерархиска пирамида на моќ, се најслабата алка во надзорниот процес. Нивната слаба информираност, немоќна позиција, страв и послушност пред работодавачот не овозможуваат тие да пријавуваат недоследности во однос на безбедноста и здравјето при работа. Токму затоа, овој процес мора да се води заедно со сите засегнати страни.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Вилдан Дрпљанин

Вилдан Дрпљанин е активист за човекови права, правен советник во Хелсиншкиот комитет и член на Управниот одбор на Младински образовен форум. Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрира во областа на правото на интелектуална сопственост во програма за двојна диплома организирана од Универзитетот во Стразбур, каде пишува за конфликтот помеѓу спроведувањето на авторското право и слободата на изразување. Се специјализира во областа на човековите права, како дел од магистерската програма за меѓународно јавно право на Универзитетот во Утрехт, Холандија, каде магистрира со одликување cum laude.