fbpx

Заштитени морски подрачја во земјите на Западниот Балкан

Животна средина

25.09.19

Прегледи

  ALB   SRB

Милица Кандиќ

milica kandic 200x250Воспоставувањето и ефикасното управување со заштитените морски подрачја обезбедува обновување на рибниот фонд, зачувување на подморјето како и приходи за локалната заедница.

Воспоставувањето на заштитени морски подрачја значително доцни ако се спореди со воспоставувањето на заштитени копнени подрачја. Одговорот на прашањето зошто е тоа така лежи во фактот дека морињата и океаните долго време биле непознати за луѓето и се сметале за неисцрпен извор на ресурси. Сепак, со развојот на нуркањето, технологијата и науката стана јасно дека човекот има значително влијание врз морските ресурси и дека тие не се неисцрпни. Уништувањето на живеалиштата, истребувањето на видовите, губењето на генетската варијабилност се едни од водечките предизвици со кои се соочува човештвото.

Јадранското море не е исклучок. Бидејќи Јадранското Море е полузатворено и плитко море, се зголемува ризикот од сериозни трајни последици од човечките активности како што се: развојот на туризмот и морскиот сообраќај, експлоатацијата на нафта и гас, прекумерниот риболов, појавата на инвазивни видови, загадувањето со отпадни води и пластика.

Според Blue Growth trends in the Adriatic sea, кај повеќето од наведените активности се очекува значителен раст во текот на следните 15 години, што ќе доведе до сè поголема потреба за простор и ресурси и потенцијално влијание врз морските екосистеми.

Еден од механизмите за заштита на морето е воспоставување заштитени морски подрачја. Според достапните податоци, околу 8% од морињата и океаните во светот се означени како заштитени морски подрачја (ЗМП). Меѓутоа, не е доволно само да се прогласи некое подрачје за заштитено, туку неопходно е да се обезбеди ефикасно управување со подрачјето. Еден од најдобрите видови на заштита на морето е директното вклучување на локалната заедница во заштитата.

Заштитени морски подрачја во земјите на Западниот Балкан

Кога станува збор за земјите од Западен Балкан и заштитата на морето, секако дека предничи Хрватска, која има долга традиција на зачувување на морето, но и значителен број заштитени морски подрачја (Национален парк Корнати, Млет и Бриони, природен парк Телашица и Ластовски острови). Според документот: Хрватска и заштитените морски подрачја, проценка на правната и институционалната рамка за зачувување на крајбрежната и морската биолошка разновидност и воспоставување на заштитените морски подрачја, во Хрватска има 10 заштитени морски подрачја на национално ниво, покрај тоа има и заштитени морски подрачја на локално ниво. Првото заштитено морско подрачје во Хрватска е НП Млет, воспоставен во 1960 година.

morence
Извор: ata.gov.al

Албанија и Црна Гора значително заостануваат во воспоставувањето на овие подрачја. Првото заштитено морско подрачје во Албанија е Сазани-Карабуруни кое е воспоставено во 2010 година. Црна Гора сè уште ги нема, иако нивното воспоставување е планирано во бројни стратешки документи на земјата, како што се: Националната стратегија за одржлив развој 2030 г., Националната стратегија за биодиверзитет 2020 г., Националната стратегија за интегрирано управување со крајбрежното подрачје на Црна Гора, во која се воспоставени најмалку три заштитени морски подрачја како една од приоритетни активности до 2020 година

Заштитени морски подрачја во Црна Гора

Областите планирани за заштита се: островите Катиќ и Света Недела, Платамуни и островот Стари Улцињ. Островите Катиќ и Света Недела се признати и како подрачја на мрежата „ЕМЕРАЛД“ уште во 2008 година, кога мапирањето на подрачја „Емералд“ беше спроведено во земјите од Западен Балкан. „Емералд“ е европска еколошка мрежа за зачувување на дивата флора и фауна и нивните природни живеалишта во земји што не се членки на ЕУ. Основана е во 1998 година од страна на Советот на Европа, како дел од работата во рамките на Конвенцијата за зачувување на европската дива флора и фауна и природните живеалишта, односно Бернската конвенција. Мрежата „Емералд“ работи паралелно со програмата „Натура 2000“ во Европската Унија.

По прогласувањето на Катиќ за подрачје кое спаѓа под мрежата „ЕМЕРАЛД“, во 2010 година започнаа активности Катиќ да се воспостави како заштитено морско подрачје, во соработка со Министерството за одржлив развој и туризам на Црна Гора и Министерството за животна средина на Италија, кога беа спроведени дополнителни истражувања на подрачјето и се изготви план за управување. Меѓутоа, иако проектот за воспоставување заштитено морско подрачје во Катиќ започна во 2010 година, Законот за заштита на природата на Црна Гора не го призна концептот за „заштитеното морско подрачје“ сè до 2014 година, кога се обезбедија законските услови за воспоставување на заштитено морско подрачје. Иако поминаа пет години од законската можност за прогласување и воспоставување на заштитено морско подрачје, такво сè уште не постои во Црна Гора.

Важноста на вклученоста на локалната заедница во управувањето со заштитените морски подрачја

Еден од најважните субјекти во зачувувањето на морето секако е локалната заедница, пред сè рибарите. Тие често се спомнуваат во литературата како субјекти кои се против воспоставување на заштитени морски подрачја затоа што веруваат дека на тој начин ќе им биде ограничен риболовот. Од друга страна, пак, во подрачјата каде рибарите се вклучени во самиот процес на управување со подрачјето, не изостанува заштитата на морето, обновувањето на рибните ресурси, подобрувањето на локалната економија и што е најважно задоволството на рибарите. Пример за ова е Турција, во заливот Гекова, кој беше прогласен за заштитено подрачје во 2010 година. Пред подрачјето да стане заштитено, спроведено е истражување на рибните ресурси на Медитеранот, спроведено во 2008 година, кое покажало дека рибната био маса во заливот Гекова е најмалку 4g/m2. Истражувањето повторно било спроведено во 2017 година и се покажало дека рибната био маса е 80g/m2 како резултат на директната вклученост на рибарите во заштитата, јакнењето на нивните капацитети и соработката помеѓу невладините организации, локалната заедница и државните институции.

Важноста на воспоставувањето заштитени морски подрачја во Црна Гора

Заштитените морски подрачја се механизам за зачувување и обновување на морските ресурси. Бројните притисоци присутни во црногорскиот дел на Јадранот, како: криволовот, употребата на динамит, загадувањето со отпадни води, насипувањето на крајбрежјето и отпадот доведоа до значително нарушување на природната рамнотежа на екосистемот, што, пак, како последица доведува до намалувањето на рибниот фонд, уништување на многу важни живеалишта како што се ливадите со морска трева „Посидонија океаника“, кои претставуваат дом на многу видови.

Потврда дека состојбата на рибните ресурси во црногорското море е навистина лоша доаѓа и од сведочењето на рибарите кои со децении ловат риби во идното заштитено морско подрачје - Катиќ.

Со воспоставување и ефикасното управување со заштитени морски подрачја се обезбедува обновување на рибниот фонд, зачувување на подморјето како и приходи за локалната заедница.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.