fbpx

Кренавме ли раце од борбата за спас на јавниот простор?

Марјан Вучковиќ

Животна средина

14.06.21

Прегледи

Марјан Вучковиќ

Marjan Vuckovic 400x500Присвојувањето на јавните површини, тротоарите, кејовите, крајбрежјата, плоштадите, не е проблем кој е во својата зародиш, но е проблем кој се провлекува низ годините, наметнувајќи едно усилено темпо и динамика, која одамна ги премина границите на трпеливост и нормална толеранција на граѓаните.

Узурпацијата на јавен простор како проблем кој со години се провлекува во нашето општество, од ден во ден станува се посилна и се поголема пречка во нормалното и пред се здраво-разумно делување на граѓанската свест. Од друга страна, апатијата на граѓанскиот сектор по однос на ова прашање, од година во година е се поголема. Да се запраша човек дали сѐ уште постојат „зелени“ активисти кои барем малку ќе се борат за она малку што остана од јавен простор за општествена добробит.

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам

Партизански, може да се класифицираат обидите на граѓанскиот сектор, за справување со несовесноста на мнозинството од она малцинство кое сѐ уште опстојува на ова парче земја. Потребата да се заштитат јавните површини од узурпација, злоупотреба и своевиден садизам врз општокорисни површини, за приватните интереси на поединци и нивните бизнис - профитерски планови е неопходна. Присвојувањето на јавните површини, тротоарите, кејовите, крајбрежјата, плоштадите, не е проблем кој е во својата зародиш, но е проблем кој се провлекува низ годините, наметнувајќи едно усилено темпо и динамика, која одамна ги премина границите на трпеливост и нормална толеранција на граѓаните.

Меѓу бројните примери кои се провлекуваат низ годините се узурпацијата на езерскиот брег на Охридското Езеро, масовното, хистерично билбордирање на дрвјата со плакати и реклами, или дрското узурпирање на пешачките и велосипедски патеки за потребите на летните тераси на угостителските објекти. Приватизацијата на јавниот простор е болна тема од која страда општеството и која со години се провлекува на секое ќоше јавна површина, туркајќи не во амбис како општество, амбис од кој нема назад. Ако претходно дивоградбите беа ретка, тајна појава која што значеше припуштање на балкон во куќата, денес тоа стана градење на огромни зданија на брегот на заштитен појас на Охридското Езеро, а воедно за истото како награда се спрема закон за легализација кој ќе им аплаудира на сите сопственици на вакви објекти. Ете тоа е амбисот од кој нема да можеме да се вратиме назад. Кога ќе успееме да легализираме нелегалност, ќе го срушиме правниот систем и правната сигурност.

Мазохистичките погледи на узурпацијата на јавниот простор

Границата на толеранција кон узурпацијата на јавниот простор не само што е одамна премината, но е далеку од нормалното. Континуираното грабање на јавен простор за приватни потреби, градење на нелегални објекти кои носат профит за газдите, инвеститорите, бизнисмените но и поединците, полека но сигурно го втурна општеството во една меланхолија, необрнувајќи големо внимание кон ова прашање, замижувајќи пред неправдата и очекувајќи реакција од надлежните органи. А токму реакциите се повторно меланхолични, проследени со опомени и закани, без конкретен и цврст начин и желба за решавање на истите. Тука се наметнува колективниот меланхолизам на општеството и се пореткото јавно масовно протестирање против узурпацијата. Ако во минатото тоа беше проследено со бурни и жестоки реакции, и обединување на граѓанскиот сектор, кое надлежните го сфаќаа сериозно и постапуваа по однос на истото, денес реакциите на граѓанскиот сектор се сѐ поретки и се послаби, а некаде и воопшто ги нема. Масовната узурпација, преминувајќи ги границите доведе до создавање на колективна свест кај народот да бара начин, да го оправда сето зло кое се намерачило да ја приватизира јавната и заедничка површина.

Јавно пласирање на приватноста – „селфи“ узурпација

Потребата од правење „селфи“ не е непозната во историјата, но во сегашноста стана тренд и преокупација за јавно споделување на приватноста, промоција на хедонизмот, кулинарството и уживање со пријатели и блиски во ексклузивниот амбиент на рестораните покрај вода, кои по некоја случајност се дивоградби, или без дозвола. Трендот на јавно откривање на локацијата и чекирање во отмени ресторани, го катализираше нивното работење, притоа неводејќи грижа дали тие објекти загрозуваат јавен простор или работат без дозволи.

Krenavme li race od borbata za spas na javniot prostorИзвор: mia.mk

Желбата за само-промоција и уживање кое сите ќе го видат, полека ја надминува потребата од борба за заштита на животната средина и стопирање на узурпацијата на јавен простор. Речиси и да нема реакции по однос на прашањето зошто се дозволува масовно узурпирање на јавниот простор. Истото се премолчува, а до одреден степен и се охрабрува со „инвестирање“ во тие објекти преку континуирано нивно посетување, наместо бојкотирање. Да се запраша човек дали како општество кренавме раце од узурпацијата на јавни површини и се вративме кон исконската потреба да пласираме јавно дел од приватноста во истите тие приватни објекти изградени на јавен простор. Ако порано масовно на улиците со жив штит се бранеа зелените површини, денес нема кој да ги гушка дрвјата, да ги одбрани плажите или да ги заштити националните богатства. Желбата за уживање во амбиентот на луксузните угостителски објекти кои узурпираат јавен простор не доведува до степен да се запраша човек дали треба воопшто да се уриваат приватните објекти, изградени на јавна површина како брегот на Охридското Езеро како единствен бисер на нашата држава, туризмот и угостителството – светоста на УНЕСКО, која стана мачна приказна за нас, токму поради узурпацијата на крабрежјето, градејќи платформи, згради, мостови, кафе барови, ресторани и сето тоа за да се нахрани потребата за профит и пари.

Можеби е време да се запрашаме дали треба да ги оставиме мобилните телефони на страна и да се фатиме за рака во одбрана на узурпираните јавни површини. Ете тоа би било добра приказна за на социјални медиуми која ќе покаже дека сме зрели како општество да одредиме што е јавен интерес и како се штитат јавни површини, а не да се сликаме по кафеани кои без дозвола го узурпирале нашиот јавен простор. Оти така само ги мотивираме да продолжат во иста насока и да продолжат со узурпација.

Нашата иднина е сигурна само доколку сигурно застанеме во одбрана на јавното добро со иста доза на агресивност со која се узурпира јавниот простор. Но, тоа мора да започне од секој поединец од денес. Да се освестиме каде ги паркираме нашите автомобили и дали узурпираме јавна површина. Да се запрашаме дали доволно ги поддржуваме граѓанските организации кои се борат за нашето заедничко добро. Да се запрашаме дали уште треба да ги поддржуваме финансиски сите оние кои узурпираат јавен простор посетувајќи ги нивните објекти. Да се запрашаме дали доволно ги образуваме нашите поколенија како се штити јавниот простор.

Да се запрашаме!

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Марјан Вучковиќ

Марјан Вучковиќ дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде и магистрирал на катедрата за политички науки во областа на цивилното општество и меѓуетничките односи во Република Македонија и регионот. Претседател е на Македонски политиколошки форум, здружение на политиколози на Македонија, како и долгогодишен колумнист на неделниот магазин „Его“. Се занимава со политичките и општествените случувања во државата и пошироко, давајќи сопствени согледувања и размислувања за истите.