Текстот е објавен во рамки на конкурсот за најдобар блог „Во каков град сакаш да живееш?“ организиран од Рес публика и ИКС.
Мартин Николовски
Иднината е полна со решенија, се додека сериозно ги сфаќаме проблемите и правиме планови за нивно надминување. Токму „паметните“ градови, дигитализацијата и екологијата се чекорите кои се итно потребни за Скопје да стане град на иднината.
Паметни уреди, паметни телефони, паметни автомобили...ова се времиња кои бараат и паметни решенија за градовите во кои сме израснале или во кои живееме. А токму, живеењето во ера која се модернизира и станува посложена додека се модернизира, подразбира и миграција од рурална во урбана околина или од помал во поголем град, нешто што бара реобмислување на концептите на градските средини.
Градовите секој ден стануваат сè поголеми, особено во земјите во развој, а големите градови прераснуваат во метрополи. Тоа и не треба да нè изненадува, знаејќи дека од една страна, големите градови обезбедуваат вработување, здравство, образование и култура. Од друга страна, пак, иако постојат можности каде што нашите потреби може да се задоволат, сепак, предизвикот за справување со нештата како транспортните проблеми, загадувањето на воздухот, безбедноста, зголемената стапка на криминал, управувањето со отпадот, несоодветната инфраструктура и стресот, станува многу тежок.
Со цел да се спречи сета оваа конфузија и да се поедностави животот во градот, во светот започнаа да се појавуваат т.н. паметни градови. На пример, паметниот град Сонгдо во Јужна Кореја кој е од темел новоизграден, како и Масдар Сити во Обединетите Арапски Емирати. Овие градови, кои се целосно планирани и опремени со нови технологии, се највпечатливите примери на организиран живот. Паметните градови ни ветуваат поквалитетен градски живот со поефективни и поодржливи решенија.
Сообраќајот во градот, системот за јавен превоз, потрошувачката на енергија, греењето и вентилацијата се контролираат од еден центар. Сообраќајниот метеж се предвидува и се преземаат мерки пред хаосот да настане, а сите видови објекти кои можат да комуницираат меѓу себе разменуваат податоци кои ќе им овозможат поголема услужност на граѓаните.
Во светот постојат големи градови кои се обидуваат да се трансформираат во паметни градови. За таков обид зборуваме кај градовите Барселона, Лондон, Чикаго, Малме, Сингапур, Копенхаген. Нивната работа е несомнено потешка. Инсталирањето на нова технологија на старите инфраструктури е скапа работа. Но, сепак овие градови се едни од најплански изградените градови во светот. Нивната работа не е толку тешка како што, најверојатно, би било во нашата држава.
Паметен урбанизам во Македонија
Во Македонија, градот кој има најголем потенцијал да прерасне во паметен град е Скопје.
Сепак, најнапред потребно е нашите градови пред сè да бидат градови кои се соодветни за живеење, пред да прераснат во паметни градови. Несомнено е дека треба целосно да ги искористиме паметните технологии додека ги правиме нашите градови пристојни за живот, но пред сè треба да ги користиме сопствените умови.
Во град со речиси еден милион жители, постојани резиденти и оние кои мигрираат на дневно ниво (во земја каде што вкупното население е едвај два милиони), сè уште има локални самоуправи кои дозволуваат да се градат згради без паркинг. Се рушат стари куќи и мали згради и на нивно место никнуваат висококатници. А, патиштата околу него остануваат исти, тротоарите се исти. Паркинг едноставно нема. Во местото каде порано живееле 10-15 луѓе, сега ќе живеат 50-60 луѓе. Секој стан има најмалку еден автомобил. Сепак, инфраструктурата не дозволува да се задоволи зголемената потреба.
Извор: shutterstock.com
Тесните пешачки тротоари се претвораат во паркинг места за автомобили. Во град каде луѓето се приоритет, треба да има широки, лесно проодни, лесно достапни тротоари и за лицата со попречености. Потребни ни се квалитетни пешачки површини кои се градат еднаш и ќе се користат со години.
За сообраќајниот хаос, воопшто и не треба да се објаснува. Периодот кога луѓето одат или се враќаат од работа, и долгото чекање на семафорите, може да одземе и по неколку часа од времето поминато на пат.
Ослободување на тротоарите од „паркинг простор“ за автомобили
Јавните простори се претворија во бетон. Нема доволно паркови, а сечата на зеленилото што останало секој ден се повеќе се зголемува. Губењето на „белите дробови“ на градот, во 2017 година доведе до тоа Скопје да биде најзагаден град во светот, а тоа се повтори и во јануари минатата година кога на листата на светски најзагадени градови Скопје беше прв со индекс на квалитет на воздухот од 183 а според параметрите од овој индекс сите вредности над 100 се сметаат за екстремно високи. Според Европскиот индекс за квалитет на воздухот, Скопје ги престигна Колката, Индија, Дака и Бангладеш.
Во Скопје и во другите македонски градови ни требаат светски, широки, без бариери, лесно достапни тротоари на коишто има и велопатеки. Секогаш пешаците треба да бидат приоритет, а не возилата.
Модернизација и поттикнување на користењето јавен сообраќај
Иако во последно време се направени значителни инвестиции во јавниот превоз, тоа сè уште е недоволно. Употребата на железничкиот и јавниот автобуски превоз е од витално значење. Ваквите системи се транспортно решение кое лесно може да се интегрира со паметните технологии. Кога станува збор пак за метрото, тоа е скап систем, иако е брз, удобен, економичен и еколошки. Сепак, потребни се години за изградба на ваков систем во главниот град кај нас. Иако градските власти најавуваа „трамвај на тркала“, таквиот проект останува само ветување за скопјани.
Трамваите се движат со тековниот сообраќај во многу светски градови и се ефикасен метод за јавен превоз. Но, бидејќи немаме проточен сообраќај, нема смисла во тој тек да се вклучи и трамвај. Ако треба да се изгради трамвај, треба да се користи посебна линија. Но, иако секој квадратен метар е вреден во Скопје, треба да се размислува за различни решенија. Новина во светот е изградбата на „едношинки“ (monorail), односно пруга која се состои од една шина или греда. Едношинките се и поевтини, побрзи и полесни за имплементација и можат да превезуваат патници со капацитет како едно метро.
Трговските шопинг центри треба да бидат заменети со шопинг простори. Наместо да се туркаат луѓето во затворени, изолирани објекти, треба да се размислува во проектите да се интегрираат големи зелени паркови, кои се обновуваат со урбана трансформација доколку е потребно, а таквите проекти ќе донесат и живот на улиците, продавниците, рестораните.
Во градовите немаме зеленило. Мораме да создадеме огромни паркови како во многу европски земји. Не зборувам за излетнички места надвор од градот. Треба да има области интегрирани со градот до кои луѓето можат лесно да пристапат пеш или со велосипед.
Треба да ги користиме обновливите извори на енергија на максимално ниво. Нашата земја е рај за соларна и ветерна енергија. Со тоа ќе се намалат емисиите на јаглеродот. За ова потребна е поголема владина поддршка. Во тој случај во користењето на електричната енергија ќе бидеме независни и нема да увезуваме електрична енергија од странство.
Во наредните 5-10 години ќе се зголеми употребата на електрични и автономни возила. Автономните возила кои меѓусебно комуницираат, ги почитуваат правилата и го наоѓаат местото за паркирање пред да стигнат до својата дестинација, несомнено ќе го спречат хаосот во сообраќајот.
Во овој период постепено ќе се навикнуваме да изнајмуваме автомобили. И економските услови и развојната технологија можат да направат покорисно за нас да изнајмуваме автомобил отколку да поседуваме автомобил. Ако има автомобил веднаш на почетокот на улицата што можеме да го користиме колку сакаме, кога сакаме, зошто да поседуваме сопствен автомобил? Така, потребите за пат и паркинг ќе се намалат и ќе се отвори повеќе простор за луѓето.
Зградите кои се ослободени од фосилни горива, кои се загреваат со искористување на сончевата енергија, обезбедуваат енергија со ветерот и возилата за јавен превоз ќе ни понудат градови со повеќе кислород.
Градови на иднината
Иднината е полна со решенија, се додека сериозно ги сфаќаме проблемите, правиме планови за нивно надминување и ги следиме тие планови. „Опаметувањето“ на нашиот град значи и севкупна едукација на неговите жители и жителки за неопходноста од промислено однесување при живеењето во колективитет и ставање фокус на одржливоста и долгорочноста на животот во урбаното јадро. Ова не е невозможно, а токму воведувањето на „паметни“ градови, дигитализацијата и екологијата се чекорите кои се итно потребни за Скопје да стане посакуван град за живеење.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.