Блогирај

Академскиот блог Рес публика ги поканува сите професори, аналитичари, истражувачи, новинари, граѓански активисти, стручњаци од различни професии, јавни службеници и студенти да пишуваат текстови на теми за кои тие имаат експертиза и искуство. Целта на Рес публика е преку објавите да ги информира и едуцира граѓаните за актуелните проблеми и комплексните прашања во општеството и да понуди одржливи решенија кое се содржани во регулативи, истражувања и академски статии.

Добредојдени сте да се приклучите кон соработниците на Рес публика со тоа што ќе ни предложите тема или ќе ни испратите текст на .

Рес публика е посветен на највисоките стандарди на интегритет и професионално однесување. Авторитe на блогот имаат должност да осигураат дека нивната работа ќе го одржи доброто име на Рес публика, како и на академската и професионалната заедница. Оттука, Уредувачкиот одбор на Рес публика посветува особено внимание и носи поединечни одлуки во врска со следните ситуации:

  • За написи кои потенцијално содржат клевета или нарушување на угледот и се непристојни, навредливи или нелегални;
  • Кога има сомнение за плагијат или злоупотреба на туѓ труд, односно материјалот треба да биде оригинална работа на авторот;
  • Ако има загриженост за можни спротивставени интереси поврзани со авторот, при што авторот се обидува прекумерно да влијае врз публиката наметнувајќи го индивидуалниот интерес којшто очигледно се разликува од неговите/нејзините професионални обврски;
  • За написи кои не се доволно засновани на факти и докази;
  • За секакви други написи кои може да имаат последици врз угледот на авторот или на Институтот за комуникациски студии.
Процес на уредување

Уредувачкиот одбор ќе го разгледа Вашиот текст што е можно поскоро и, ако е потребно, ќе Ви даде сугестии за негово подобрување во делот на аргументирањето, стилот, структурата или референцирањето. Уредувачките сугесии може да се однесуваат на:

  • Скратување на текстот ако е подолг од 1.300 зборови;
  • Корекции во наративниот стил, структурата и референцирањето на текстот;
  • Фокусирање на главниот аргумент, потенцирајќи го ставот на авторот, неговите докази и наоди за темата, како и позадинските релевантни информации.

Врз основа на уредувачките сугестии, наша препорака е Вие како автор/ка да направите конечно уредување на текстот заради поголема читаност од поширока публика. Текстот нема да биде објавен ако има случаи кои не може да се решат во процесот на уредување во соработка со авторот/ката и ако авторот/ката го објави текстот пред тој да биде објавен на Рес публика.

Ако имате прашања за нашата уредувачка политика, забележите дека Вашиот или друг текст е погрешно објавен на друга веб-страница или сметате дека одреден текст содржи значајни грешки, Ве молиме известете нè на

Насоки за академски блогови

Академските блогови се фокусираат на професионални, а не на лични теми, искажувајќи експлицитна поврзаност помеѓу содржината на блогот, истражувања, анализи и научни студии во врска со темата за која се пишува и академските ставови. Најдобрите блогови најчесто го содржат следново:

  • Релевантност – Објавените текстови треба да имаат јасна врска со тековен настан, одлука или дебата во која се покренуваат прашања од јавен интерес;
  • Јасен аргумент – Блоговите се кратки формати и се најефективни кога се фокусираат на еден јасен аргумент или поента и не се распливнуваат премногу. Ако сакате да образложите повеќе поенти, напишете одвоени објави на блогот;
  • Неформален стил – Блоговите најчесто се директни и неформални, со цел да бидат достапни за поширока публика. Ова може да се разбере како стил на пишување кој е поблизок до новинарскиот отколку до академскиот, но и главните точки често се многу ефективни во блоговите за едноставно и јасно комуницирање.
  • Истражување – Најдобрите блогови се засновани на докази од истражување, или референци кон академска теорија која е релевантна во тековните дебати, но претставено на начин кој е разбирлив за неакадемска публика. Ви препорачуваме да избегнувате премногу користење на акроними и академски термини, како што се латински зборови или специфична терминологија која може да не биде позната надвор од научната дисциплина;
  • Добро користење на докази – Тврдењата кои се пишуваат во објавите треба да се засноваат на докази од ваше истражување или истражување на други поединци или организации. Хиперлинковите кои водат до подолги истражувачки трудови, извештаи, бази на податоци, примери на ситуации или случаи за кои дискутирате може да бидат многу корисни за поддршка на тврдењата и аргументите што ги наведувате. Внимавајте да не се потпирате премногу на информации содржани во надворешни извори зашто сепак тоа е ваш самостоен текст;
  • Натамошно читање – Објавите на блог честопати се можност да се насочат луѓето кои се заинтересирани за темата на линкови кон дополнителни извори каде можат да прочитаат повеќе за темата. Ова може да помогне повеќе луѓе да ја забележат твојата работа или работата на твоите колеги;

Блоговите треба да имаат јасна структура и лесен тек, односно да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Објавите треба да содржат помеѓу 900 и 1300 зборови.

Идеално, во првиот пасус се идентификува главниот аргумент и релевантноста за тековните дебати. Почнете директно во вашата дискусија на оваа тема и избегнувајте воведни фрази од типот на „Во овој труд јас ќе …“, или „Овој документ има за цел да се …“.

Потоа следат неколку пасуси, поделени во два до три кратки делови со поднаслови со кои се поддржува аргументот. Користете кратки параграфи составени од четири или пет реченици. Ако треба, ставете бројки или точки пред параграфите за да ги потенцирате.

Се завршува со краток заклучок со кој се засилуваат аргументите и потенцијално се нудат предлози.

Наслов

Користете наративен наслов, односно една реченица која го сумира главниот аргумент на статијата. Колку повеќе описен и привлекувачки наслов, толку е поголема веројатноста дека блогот ќе се прочита. Избегнувајте прашања („Како во Европа може да се реши кризата во еврозоната?“) или општи теми („Демократијата во Македонија“). Ова се неколку примери на добри наслови: „Македонското новинарство е вистински губитник на изборите во Македонија“ или „Бледото влијание на ЕУ врз Македонија го слабее процесот на демократските реформи во земјата“. Обидете се насловот да содржи најмногу до 15 зборови, но ако е можно и помалку.

Упатување / референцирање

Иако доказите се важни, блоговите не користат вообичаени академски референци. Наместо тоа, се користат хиперлинкови за да го поврзете тоа што го наведувате во блогот. Тие може да бидат документи, закони, новинарски извештаи, истражувачки трудови, други блогови или извештаи, но се преферираат извори со слободен пристап наместо оние содржини за кои треба да се плати. На пример:

„Според нивната Стратегија за единствен дигитален пазар (Digital Single Market Strategy), Комисијата треба да започне со одделна проценка на платформите и интернет посредниците до крајот на оваа година.“

„Како што е јасно документирано во сеопфатната Студија INDIREG како и во други студии, независноста на регулаторите на аудио-визуелни медиумски сервиси во Европа не може да се земе здраво за готово.”

Фусноти треба да се користат само при крајна нужност и многу ретко. Ако информациите се потребни, тогаш тие вообичаено би требало да се вклопат во текстот.

Графика и слики
picture1 picture2 picture3
-Извор: Авторот -Some of the BBC’s most popular content is entertainment & sport. Photo by Graham Holliday [CC BY-NC 2.0] -Извор:  ONS Chart 9 in Link
  • Дијаграмите и сликите се многу корисни за блоговите. Графиконите и дијаграмите се подобри од табелите, бидејќи нив читателите можат побрзо да ги протолкуваат. Во сите случаи, молиме да ни ги испратите необработените податоци за вашиот дијаграм, табела или слика во Excel формат.
  • Секој дијаграм треба да има јасно обележан наслов, етикети за оските X и Y или хистограмските линии, вклучувајќи ги и единиците мерки и читлив размер или заднински координати.
  • Секој дијаграм или слика треба јасно да го наведуваат изворот, дури и кога тоа е самиот автор.
  • Треба да има јасна легенда во која се диференцираат повеќето низи на податоци едни од други и кратка забелешка за изворите. Линиите мора да бидат доволно дебели и засебно обоени. Дијаграмите треба да користат нумеричка прогресија за споредбите да бидат повидливи
  • Авторот може да обезбеди секакви фотографии или статични слики од видео, но мора да биде јасно дека тој/таа има право да ги користи истите. Тие мора да бидат на авторот или да бидат лиценцирани за слободна дистрибуција, или мора да биде добиен поинаков вид на дозвола за користење на сликата. Во текстот под сликата мора да стои информација за авторот.
Лични информации и фотографија

Сите автори треба да достават и портрет-фотографија и биографија од два до три редови која стои во текстот и на страницата на соработниците, со линкови до ваши веб страници или профили на социјални медиуми кои би сакале да ги вклучите.