Освен што е одлична алатка за промовирање, подигнување свест во јавноста за определен бренд и дискусија со потрошувачите и заинтересираните читатели, блогирањето може да биде и ефикасна алатка за активизам. Односно, блогот може да влијае во насока на остварување на некоја општествена промена.
Блогирањето може да се употребува како „борба“ против различни општествени неправди. Кога се работи за неправедни практики или корупција во Владата, блогот може да биде средство за разоткривање на неправилности во работењето на владините институции.
Суштина на блогирањето за општествена промена е градење на заедница на граѓани што ги изразуваат своите ставови за општествени неправди.
Кога се работи за загадувањето на воздухот во Македонија, блогот може да биде искористен како средство за едукација на граѓаните за тоа како да се заштитат себеси од разорните ефекти на загадувањето врз здравјето. Дополнително, преку блогот може да се поттикнат граѓаните да се вклучат во активизам и борба против загадувањето на воздухот, или пак да се повика учество на протест.
Блогот му овозможува на секој кој има интернет врска да започне кампања за општествена промена со потенцијал да биде слушнат, како на локално, така и на глобално ниво.
Блоговите делуваат и како сведоштво за она што се случувало во определен период кога постоел засилен граѓански активизам. Иако она што го читаме на Интернет може да биде отстрането многу лесно, сепак содржината може да биде објавена на повеќе места и од различни автори, со што се зголемуваат шансите да остане како подолготраен ресурс.
Мултимедија
Блогот може да содржи и фотографии, видеа, графики и др. видови мултимедијална содржина. Тоа отвора простор за негово полесно споделување на социјалните мрежи, но претставува и одличен начин на пренесување на каузата во јавноста преку различни видови на медиуми (традиционални и онлајн).
Коментари
Коментарите се исто така начин на кој заедницата може да се вклучи во дискусијата за одредено прашање. На тој начин, тие ќе се почувствуваат како да се дел од решението на определен проблем, а ова го олеснува и здружувањето за определена кауза.
Во основа, блогот е одлична алатка за застапување затоа што му овозможува на секој кој има интернет врска да започне кампања за општествена промена. На обичните граѓани им дава моќ да им се спротивстават на властите, да делуваат како алтернативни извори на информации, да ги организираат поддржувачите и да лобираат кај оние на власт.
Локален пример на форма на активизам преку блогирање е Медиа Педиа (www.mediapedia.mk). Нивниот тим објавуваше податоци за сопствеништвото на медиумите во Македонија, при што беа откриени политички влијанија врз јавното мислење преку јавните гласила.
Содржината е најважна
Без разлика на тоа каков идентитет ќе му дадете на вашиот блог, треба да имате предвид дека содржината е најважна. Содржината ќе го привлече читателот и ќе поттикне дискусија. Квалитетната содржина е она што ќе ги натера читателите да се вратат на вашиот блог.
Поради тоа, размислете што сакате да постигнете со вашиот блог. Со кое прашање ќе се занимавате? Која е вашата примарна целна публика до која сакате да стигнете? Привлекување на верна база на читатели е она што ќе го направи вашиот блог место каде што читателите редовно ќе се информираат за прашања од јавен интерес и преку кој ќе можат да се вклучат во „акцијата“.
Блогирањето беше еден од главните начини преку кој граѓаните се обидуваа да ја подигнат јавната свест за случувањата за време на „Арапската Пролет“ во 2011 година.