Веќе пишувавме за тоа што е „блог“ и како блогирањето може да биде искористено за општествена промена.
Но, што е она што го прави еден блог ефективен?
Без разлика дали се работи за блог за политика, економија, лидерство или менаџмент, постојат повеќе принципи кои треба да се следат при раководење со еден блог.
Објавување на два до три блогови неделно е добар начин за да се задржи постоечката публика и да се привлече нова база на читатели.
Блогот е динамичен
Овој принцип се надоврзува на разликата помеѓу веб страница и блог. Веб страницата има функција да презентира и да информира за активностите на одредена организација или фирма. Оттаму, веб страниците не се често ажурирани со нови содржини бидејќи не изискуваат редовна комуникација и интеракција со посетителите.
Од друга страна, блогот е динамичен ресурс. Неговата мисија е да ги вклучи посетителите во дискусија за различни теми. Неретко се случува еден блог пост да поттикне дебата, и темата обработена во тој блог да биде „преземена“ и обработувана од различни агли во други медиуми.
Објавување на нови блог постови и содржини се клучен елемент на еден блог.
Придржувајте се до календар на објавување на нови блогови. На тој начин, читателите ќе знаат кога да очекуваат нешто ново од вас.
На дното на страницата, најчесто се контакт податоци, линкови кон социјални мрежи како и други ресурси или дополнителни материјали поврзани со тематиката на блогот.
Блоговите ги наведуваат имињата на авторите
Блогови кои не ги наведуваат имињата на авторите не уживаат голем авторитет во јавноста. Таквите блогови делуваат непрофесионално и јавноста добива впечаток дека текстовите се „нарачани“ или дека авторите се плашат јавно да го изразат својот став поради страв од критики или јавно соочување со различни мислења и аргументи.
Поради тоа, квалитетните блогови јавно ги објавуваат имињата на авторите под секој објавен блог пост. Некои блогови објавуваат и листа на сите автори кои придонеле со своите блогови. На Рес Публика, оваа листа е објавена во категоријата „Блогери“. За секој од блогерите е објавена и кратка биографија во која најчесто се наведува образованието и професионалните квалификации на секој кој придонел со свој блог.
Блоговите имаат привлечен наслов
Смислување на наслов за еден блог е уметност сама по себе. Атрактивниот наслов привлекува кликови. Колку повеќе кликови, толку е поголема веројатноста некој блог да има поголема читаност. Следствено на тоа, се зголемува потенцијалот што го има тој блог за да изврши некакво влијание.
Од друга страна, наслови што се предолги и што имаат премногу „бирократски“ жаргон го одвраќаат читателот од кликање на конкретниот блог. Оттаму, посветете внимание на смислување на креативен и привлечен наслов (совети за смислување ефективни наслови можете да најдете овде).
Најефективните блогови содржат пвеќе хиперлинкови кои водат до различни документи, истражувања и други извори кои ќе му дадат можност за дополнително информирање на читателот.
Секој блог треба да содржи аргументи поткрепени со докази
Доколку пишувате блог поврзан со некоја јавна политика, настојувајте да го поткрепите секое ваше тврдење со докази. На тој начин, секој аргумент добива на тежина. Дополнително, читателот може да се увери во веродостојноста на информациите што ги наведувате во блогот, со тоа што ќе се упати кон линковите што ќе ги вметнете во текстот.
Некои блогови имаат и уредувачки одбор кој ги разгледува сите текстови пред да бидат објавени. Во тој случај, авторот добива коментари и сугестии за тоа како да го подобри текстот за да има поголем ефект кај читателите.’
Влезете во дискусија со фановите на социјалните мрежи. Тоа ќе придонесе кон градење на зааедница со читателите и зајакнување на вашиот авторитет.
Блогот треба да поттикнува дебата
Секоја платформа на која можете да креирате блог (на пр. Вордпрес) дозволува отворање на дел за коментари под секој објавен блог пост.
Коментарите не се вообичаена компонента на написите што се објавуваат на традиционалните веб страници. Меѓутоа, на блоговите, тоа е компонента што е круцијална за поттикнување на дебата помеѓу читателите и авторот.
Се разбира, тоа отвора простор за дефаматорни коментари и говор на омраза. Но, задача на модераторот на блогот е да утврди дали коментарите се во функција на подобрување и збогатување на дискусијата, или навреди упатени на лична основа.
Блогот содржи релевантни теми
Блог за политика, покрај тоа што треба да нуди аргументирани содржини, препорачливо е да содржи релевантни теми кои се актуелни за моменталното опкружување.
Блоговите насочени кон социо-политички теми треба да информираат и да едуцираат за актуелни теми. Но, тие исто така треба да служат како извор за информирање на граѓаните во ситуација кога тие немаат каде да се информираат за прашања од јавен интерес.
Присуство на социјалните мрежи = поголем ефект на блоговите
Иако не се работи за научна-фантастика, треба да се напомене дека секој блог треба да има свој Фејсбук и Твитер профил. Причините за ова се добро познати: споделување на блог постови на социјалните мрежи поттикнува дискусија со луѓе што можеби немаат пристапено до самиот блог, туку се информираат за дневно-политичките случувања од своите пријатели и она што тие го споделуваат на социјалните мрежи.
Поради тоа, препорачливо е секој нов блог веднаш да се споделува на социјалните мрежи за да се поттикне што поголема дискусија, правејќи го вашиот блог повидлив, со што се зголемува и можноста за негово влијание во јавноста.