Зошто Мојотизбор.мк?

МојИзбор.мк е платформа која има за цел транспарентно и објективно следење на изборите избори во Република Северна Македонија. 

Прашањето на изборите е во основа прашање на добро владеење и партиципација. Кандидатите и политичките партии изготвуваат понуда до граѓаните со своите идеи и планови за водење на единиците на локална самоуправа.

Во таа насока потребно е да се подигнат стандардите во практикувањето на власта, да се зголеми одговорноста и отчетноста на институциите и да се подобри вклученоста и влијанието на граѓанското општество во носењето одлуки.

Основна цел на активноста

Целта на проектот е да им се даде на граѓаните едно поинакво, неутрално гледиште на изборите и изборните кампањи.

Канали за комуникација

Сите продукти беа објавувани истовремено на веб страната, социјалните медиуми: Facebook и Twitter, а дел и на linkedin. Збирни информации ќе бидат испраќани и на контактите од нашата мејлинг листа, ќе бидат испраќани како прес-соопштенија до националните и локалните традиционални и нови медиуми и сл.

Времетраење на активноста

Активностите траат околу 3 месеци, започнуваат со распишување на изборите, а ќе завршат со преглед на исполнување на сите обврски од роковникот на ДИК (доставување на финансиски извештаи и сл.)

Колкав и каков тим беше потребен за реализација?

Зависно од активистите кои ги спроведувавме, но секако потребни се луѓе со добро познавање на програми за прикажување и обработка на податоци, кои имаат истражувачки способности и ќе собираат и анализираат податоци.

Секако потребен е дизајнер/некој кој има искуство со платформи за дизајн/ визуализација на собраните податоци кој ќе ги подготви објавите на тој начин што ќе бидат разбирливи за пошироката публика,  и специјалисти за веб страни и социјални медиуми кој ќе ги објавуваат информациите.

Кои искуства не сакате да се повторуваат?

Да се подготвуваат вакви анализи не е ни најмалку лесно, а уште потешко е кога ресурсите кои се на располагање се ограничени. Освен што финансиските и човечките ресурси се ограничени, она што дополнително го отежнува процесот е фактот дека не сите податоци се јавно достапни, а тие пак што се достапни не се достапни во отворен формат.

Па така, за да се добие една информација по пат на информации од јавен карактер треба да се чека околу 15тина дена, а и тие информации што ќе се добијат се необработливи. Во такви услови и ресурсот време станува многу огрнаичен и неефективно искористен затоа што и онака малкуте луѓе кои се на располагање, трошат многу време во прибирање,  и преработка на податоците со цел да ги имаме во отворен формат со цел да може истите да се искористат за анализа.

Постигнати резултати

Граѓаните беа поинформирани за изборниот процес и можеа да ги споредат ветувањата кои ги дале кандидатите и партиите во клучни области како образование, животна средина, социјална политика и сл. 

Тие добија повеќе информации за профилите и активностите на кандидатите и партиите, како и податоци за нивната имотната состојба. Исто така имаа можност да прочитаат и анализи на јавното мислење и рејтинзи на кандидати и политички партии, да ги дознаат резултатите од изборите, бројот на добиени мандати, излезноста на изборите, распределба по партии, пол и сл.  

За времетраење на проектот, објавите беа таргетирани кон соодветната публика и забележавме поголеми активности на веб страната и социјалните медиуми.  Она што е сепак побитно, е дека дел од нашите објави/ инфографици/ анализи беа пренесувани на локални и национални медиуми и достапни преку агрегаторите на вести па дури и тие граѓани кои не ги следат нашите активности или немаа пристап до социјалните медиуми добиваа избалансирани информации за изборите и изборниот процес.

Кој стои зад Мојизбор.мк

Мојизбор.мк е проект на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

МЦМС е граѓанска организација основана во 1993 г. Визијата на МЦМС е мир, хармонија и просперитет на луѓето во Македонија, на Балканот и глобално. МЦМС за остварување на својата визија и цели соработува со граѓански организации и другите чинители во општеството. За ефективно влијание врз јавните политики, МЦМС работи на истражувања и анализи за да ги базира своите акции на факти и промовира аргументирани расправи.

Слични содржини

Има неколку организации кои ги набљудуваат изборите и објавуваат информации поврзани со нив како што се МОСТ и Цивил. Понатака ИДСЦС редовно подготвува и објавува прирачник за избори и има други организации кои следат различни сегменти од изборите.

Следни чекори?

Ќе ги подготвуваме и ќе споделуваме информации и анализи поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 12 април 2020. Па така планираме да објавиме анализи на (не)остварувања на ветувањата од минатите избори, преглед на кандидатите за пратеници, родова, возрасна и образовна позадина на истите. Колк од кандидатите биле/се на функција, кои се ветувањата на партиите во клучни области,  текот на изборната кампања и сл.