Веќе дозна што е блог, како може да се искористи блогирањето за општествена промена, и кои се карактеристиките на една ефективна блог страница.

Но, како што веќе нагласивме, најважното нешто за еден блог е неговата содржина. Без квалитетно напишани блогови, вашиот блог ќе остане во заборав и нема да биде сфатен сериозно од оние што се вашата целна публика.

Поради тоа, во продолжение следуваат шест најдобри практики кои треба да ги следите за да напишете еден ефективен блог.

Следејќи ги овие практики, вашиот блог ќе наиде на подобар прием од читателската публика, со што се зголемува веројатноста да биде споделуван на социјалните мрежи и да поттикне јавна дискусија.

Стекнете навика на пишување. Нека не помине ден без да напишете најмалку еден ред текст.

Пет најдобри практики при пишување на блог

Веднаш наведете ја вашата главна поента

Да речеме дека пишувате блог за мерката прогресивен данок која беше најавена од Министерството за финансии. Во блогот нема да започнете со историјат за начинот на кој биле имплементирани даночните регулативи во Македонија.

Наместо тоа, ќе започнете со вашиот главен аргумент зошто сметате дека прогресивниот данок е правичен или не. Почнувајќи од главниот аргумент, продолжувате со аргументирање за тоа зошто сте го зазеле овој став, притоа повикувајќи се на кредибилни извори.

Целта на ефективниот блог, освен да информира и да поттикнува на дискусија, е и да убедува. Оттаму, започнете со главната поента, покажете им на читателите зошто е важно да се обработи проблемот кој го презентирате и зошто треба да се грижат за изнаоѓање на решение за тој проблем.

За вашиот блог да биде повеќе посетен, треба редовно да објавувате нови содржини. Објавувајте најмалку еден до два блогови неделно.

Докажете го своето тврдење со извори

Настојувајте да користите хиперлинкови во своите блогови. Хиперлинковите треба да водат кон истражувања, извештаи, примери од практиката и други материјали кои ќе ги поткрепуваат вашите главни аргументи.

Овие извори ќе додадат кредибилитет на вашиот блог и изнесените аргументи. Дополнително, на овој начин им пружате можност на читателите да се информираат самите за она што го пишувате во блогот. Сепак, не претерувајте со користење на извори. Блогот е ваш личен текст и не треба да биде копија од нечие истражување.

Држете се до неформален стил на пишување

Блогот не е академско истражување. Поради тоа, не користете бирократски жаргон во вашите блогови. Стилот на пишување треба да биде достапен за поширока публика.

Користењето на акроними и слични кратенки е прифатливо само доколку тие се општо познати за јавноста (на пример, МВР или УЈП).

Ако публиката не може да ја препознае терминологијата што ја користите во вашиот блог, тогаш неговата цел е поразена.

Активот го засилува изразот и придонесува за поголема јасност на текстот. Настојувајте да пишувате во актив наместо во пасив.

Во функција на негување на неформален стил на пишување е и делењето на блогот во кратки пасуси. Одбегнувајте преголеми блокови на текст. Тоа ги одвлекува читателите од продлабочување во содржината на блогот.

Доколку користите кратки пасуси, читателот ќе има појасна претстава за вашето аргументирање и полесно ќе се одлучи да пристапи до понудените линкови до дополнителни материјали.

Фотографиите се ефективен начин за привлекување внимание

Читателите повеќе се задржуваат на блог ако истиот содржи фотографии. Кога блогот се состои од повеќе поголеми блокови на текст, читањето на блогот е отежнато. Освен што го прават текстот полесен за читање, фотографиите го прават текстот визуелно привлечен.

Поради тоа, треба да се стремиме да користиме фотографии и други графички елементи за толкување или подобро разбирање на аргументите во текстот.

Но, претходно осигурајте се дека фотографиите се слободни за употреба, и каде што е потребно, наведете го изворот (на пр. името на фотографот).

Уште еден начин со кој можете да го задржите вниманието на читателите е дизајнирање на насловите со фотографии.

Пример за дизајн на наслов на вашиот блог

Одлична (бесплатна) алатка за креирање на дизајн и фотографии за вашите блогови и објави на социјални мрежи е Canva. Доколку ви треба ресурс за бесплатни фотографии што можете да ги употребувате во вашите блогови, упатете се на Pexels.

Избегнувај да употребуваш вишок зборови

Редунданција – Изобилие, вишок на зборови, преопширност и развлеченост во излагањето

Редунданција е нешто на кое што многу автори не внимаваат кога пишуваат блогови и истражувања. Редундантните зборови не му даваат дополнително значење на она што ќе го напишете. Тие ги оптоваруваат речениците и ги прават „неекономични“.

Со нивното кратење, текстот не губи ништо. Напротив, станува појасен и полесен за читање.

Пример:

Пратеникот влезе внатре во салата за состаноци.

Зборот внатре е редунданција. Доколку се отстрани, значењето на реченицата нема да се смени, но ќе биде пократка.

За да биде читан, блогот треба да има привлечен наслов. Ефективните наслови содржат 6-8 зборови.

Шест правила на при изборот на зборовите

  1. Никогаш не употребувај пасив, ако можеш актив
  2. Не употребувај стилски фигури/клишеа (пр. ги чешлаат невладините организации)
  3. Никогаш не употребувај долги зборови, ако краткиот може да заврши работа (пр. доколку=ако)
  4. Ако можеш да отстраниш некој збор, отстрани го
  5. Никогаш не употребувај странски збор
  6. Подобро прекрши кое било од овие правила, отколку да напишеш нешто бесмислено

На крајот на секој блог, наведете го името на авторот. Препорачливо е овој дел исто така да содржи и фотографија и кратка биографија на авторот.