fbpx

2021 да биде година и за вакцинирање против КОВИД – авторитаризмот

Каролина Ристова Астеруд

Политика

КОВИД-19

20.01.21

Прегледи

Текстот е дел од заедничката публикација на Рес публика и Проект Синдикејт, „Пандемија на стравот“.

Проф. д-р Каролина Ристова – Астеруд

Karolina Ristova Asterud 200x250Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

Повеќето луѓе во светот, осврнувајќи се на 2020 година, несомнено, ќе ја посочат КОВИД-пандемијата како клучно обележје на годината што изминува. Од она што го искусивме годинава, човекот, животот, здравјето, општеството и државата, преку ноќ се редуцираа на поими строго во функција на корона-вирусот. За секундарни се прогласија сите други аспекти на индивидуалното и јавното здравје, но и правно-политичките, економските, социјалните, културните, психолошките, антрополошките, етичките и естетските аспекти на животот.

Таа и таква тунел-визија на медицински редуктивизам инстантно се стекна со огромен број приврзаници меѓу граѓанството насекаде по светот. Приврзаниците настапуваа со увереност за сопствената морална супериорност и правилна позиционираност, но и со истовремена нетолерантност и безобзирност кон сите други комплексности на човековото индивидуално и општествено битисување. Сите оние кои пројавуваа дилеми, прашања или отпор кон стратегијата и мерките, дури и аргументирано, беа прогласувани за „КОВИДиоти“, за несолидарни, себични, неморални, па дури и за „убијци“.

И покрај мантрата за „следење на науката“, кампања за деплатформирање имаше дури и за авторитетни експерти од областа, но со алтернативни или критички видувања, доколку повеќе ако прифатени како државна стратегија. Во Европа ударно Шведска беше посочувана како „црната овца“, со постојано изнаоѓање на слабости во нејзината страгегија, обратнопропорционално со отсуството на такво преиспитување на сопствената стратегија.

Успехот на азиските земји

Она што допрва ќе треба особено да се анализира е европското и западното игнорирање на успешните стратегии на азиските демократии (Јапонија, С. Кореја и Тајван), засновани на далеку помалку рестриктивност и инвазивност во пристапот, воедно врз далеку поголемо искуство со справување со епидемии во претходните децении, наспрема поголемото влијание на „кинескиот пристап“, особено во однос на т.н затворања на системот (локдауни) и полициските часови, и покрај тоа што Кина со својот политички режим ни оддалеку не е референца за Европа и Западот.

Во целина, индикативни беа реакциите во однос на мерките што државните власти насекаде започнаа да ги превземаат за „справување со пандемијата“. Тие мерки, поединечно и во целина, преставуваа сериозни отежнувања, ограничувања или одземања на слободи и права на граѓанството, а многу малку луѓе се прашуваа: дали мерките ги поминуваат релевантните правни тестови, а во поглед на нивната безалтернативност, пропорционалност, целесообразност и заснованост на „медицина на докази“?; дали е соодветно учеството на парламентите во процесот?; дали и колку функционира судската заштита доколку има пречекорувања и повреди?, итн.

Во текот на цела 2020 година јас лично најмногу бев загрижена, дури и шокирана, што во Македонија се нормализираа искажувања од типот на „во пандемија нема човекови слободи и права“ и „во пандемија, исто како во војна, не важи уставот и правото“. Уште позагрижувачки, таквите искажувања беа придружени со поддршка и на ист таков пристап во низа од државните мерки, на пример, полициски часови со држење на луѓето нон-стоп затворени дома од три-пет дена, противправно лишување од слобода со наметнување комбинација од државен карантин и самоизолација од 28 дена наспроти СЗО-стандардот за максимум 14 дена, одземање на пасошите на граѓаните-повратници од странство, обврзување на граѓани кои сакат да заминат во странство да не се вратат во земјата минимум три месеци, итн.

2020 донесе и друг вид на пандемија

Критичкото малцинство, во кое се вбројувам и себеси, кое ги наметнуваше горенаведените прашања, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот. Во поширока смисла, станува збор за авторитарен „сејфтизам“ (Safetyism), почетно конципиран во 2018 година од страна на Џoнатан Хаит/Jonathan Haidt и Грег Лукианоф/Greg Lukianoff во нивната книга „Разгалување на американскиот ум“/The Coddling of the American Mind“.

Сејфтизмот подразбира култура или систем на вредносни ориентации според кои „сигурноста“ станува врвното добро заради кое луѓето не се подготвени да прават отстапки во интерес на други правни, морални и практични обзири. Во оваа смисла, 2020 година дефинивно ќе замине како година во која огромен број луѓе се откажаа од низа свои слободи и права, неретко со голем ентузијазам. Сето тоа во замена за „чувство на сигурност“ обезбедено со еднодимензионална и сеопфатна државна интервенција.

КОВИД-авторитаризмот не се манифестираше само во земји со веќе етаблирани авторитарни политички режими, каде редовно и за очекување е сериозна државно вмешување и екстензивна контрола на штета на индивидуалните слободи и права. Значи, не само во земји како што тоа е ударно случајот со Кина, воедно земјата која беше епицентарот на пандемијата и која прва започна да се справува со истата, ефективно станувајќи модел за други такви земји по светот.

2021 da bide godina i za vakciniranje protiv KOVID avtoritarizmotИзвор: rowaq.cihrs.org

Напротив, КОВИД-авторитаризмот стана обележје и на дел од земјите за кои претходно никој упатен не би очекувал такво нешто, имено, во земји со либерално-демократски политички режими, засновани на почитување на индивидуалните слободи и права. Во таквиот круг не влегуваат само земји со претходна историја на диктаторски режими (Грција, Португалија, Шпанија), за што своевидна антитеза беше Германија со својот претпазлив пристап во рестриктивноста на мерките, токму и заради свеста и асоцијацијата со едно такво наследство. Ниту пак тоа е случај само со земји со традиционално силен етатизам и централизам (Франција). Најголемото изненадување беа земји како В. Британија и САД, како земји со најавтентични либерално-демократски традиции, антиетатизам, децентрализираност и култура на суверенитет и лична одговорност на индивидуите.

Несомено, 2021 година доминантно ќе биде во знак на масовното производство и дистрибуција на вакцината против КОВИД-19, како и вакцинација на светското население. Како нужни и приоритетни за адресирање ќе се наметнат и економско-социјалните дисторзии предизвикани од пандемијата и мерките за нејзино адресирање. По двете основи, нужно е свртување кон сериозни реформи за подобро справување со идни пандемии.

Иако експертските анализи и укажувања години наназад предупредуваа дека вирусните пандемии се една од главните закани за човештвото во 21 век, 2020 година многу јасно покажа дека проблематиката се третирала како „научна фантастика“, вклучително и особено во најразвиените земји на Европа и Западот.

И од страна на медицинските власти, уште повеќе од страна на политичките власти, до степен на неснабденост со најосновна медицинска опрема и материјали. Тука некаде треба да се бара и дел од објаснувањето за КОВИД-авторитаризмот. Иако низа почетни осврти и анализи го објаснуваат авторитарното натежнување како своевидно и зајакнато манифестирање на веќе постојни и проблематични трендови по цел политичко-идеолошки спектар, сепак важен дел на објаснувањето е дека истото воедно преставува пренагласена компензација за недозволивата неподготвеност за справување со пандемијата.

Во 2021 треба да се вложат посериозни напори за да се добие попрецизна слика за цената на запоставувањето на сите оние други аспекти кои беа почетно спомнати, а кои КОВИД-авторитаризмот ги жртвуваше на олтарот на медицинскиот редуктивизам. Тоа подразбира следната година да биде и година на сериозни анализи и напори за подобрување и на правно-политичката рамка за адресирање на епидемиите/пандемиите на светско, регионално и државно ниво. Почетно, во рамките на ООН потребно е да се обмисли правна рамка која ќе обезбеди поголемо почитување на т.н Сиракуза принципи во ограничувањата на индивидуалните слободи и права.

Реформирање на СЗО

Повиците на земји како Австралија за иницирање независна и објективна истрага за пандемијата, како и за пропустот на СЗО навремено да го алармира светот, за што постои сомневање дека е од причини на политичка корумпираност, треба приоритетно да биде поддржано од мнозинството земји во светот. Тоа последователно мора да води и кон темелни институционални реформи на оваа организација. Појасната ООН-правна рамка, како и реформирана СЗО, ќе ги минимизираат веројатноста и опортунизмот за авторитарни реакции во случај на епидемии/пандемии.

Секако, сето ова важи и на регионално ниво, како што, на пример, на теренот на Европа се правните простори на Советот на Европа и на Европската Унија. Дури 10 од 47 држави-членки на Советот на Европа, вклучително и членки на ЕУ, направија дерогации во однос на слободи и права гарантирани со правниот режим на СЕ, со нотификации и без придружни правно-фактички елаборации, нешто што дефинитивно ќе треба да биде адресирано за во иднина. Принципот на солидарност на кој се заснова ЕУ не профункционира со убедлив капацитет во пандемијата, особено не во првата половина на годината. Тоа најмногу се одрази врз Италија како првопогодена држава во Европа, предизвикувајќи непотребни човечки страдања, вклучително и преку воведување на радикално-рестриктивни мерки, што само ја апострофира потребата за ЕУ-реформи во овој поглед.

Преиспитување на целата правна рамка во време на пандемија

Ваквите глобални и регионални напори треба да бидат поттик, но и притисок, врз секоја од државите да ги преиспитаат сопствените слабости. На пример, балканските искуства јасно упатуваат на потреба за преиспитување на улогата на здравствените наспрема политичките власти во одлучување за стратегијата и мерките, а нужно треба да се ажурира целата правна рамка за во период на епидемии/пандемии, особено во однос на гласачкото право и изборите, судската заштита на слободите и правата, вонредната состојба и попрецизно регулирање на полициските часови и другите мерки кои наметнуваат сериозна рестриктивност.

Конечно, она што недостасува на сите нивоа е стратегија за поголема информираност и подготвеност на граѓанството, но и на припадниците на медицинските професии, за другите аспекти за епидемиите/пандемиите, а заради избегнување на манифестираниот медицински редуктивизам во сегашната. Севкупно, во 2021 година, нужно ќе мора да се започне и со „вакцинирање“ против евентуален иден пандемски авторитаризам.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите изразени во оваа статија се на авторот и не ги одразуваат позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Каролина Ристова Астеруд

Каролина Ристова Астеруд е професорка на правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Поранешна пратеничка во Собранието на Република Македонија (2002-2006).