fbpx

Во очекување на волшебното стапче за излез од пандемијата

Ивор Фука

Ивор Фука

Ivor Fuka 400x500Во болницата се среќаваме со 53-годишниот пациент Александар. Отворено пред камера кажува дека му откриле големи згрутчувања во белите дробови и дека сега лекарите не му дозволуваат да стане од кревет на респираторниот оддел. Пред ова, вели, немал никакви здравствени проблеми. И покрај сè што поминал и долгото закрепнување што го очекува, со насмевка вели дека сепак нема да се вакцинира.

„Реално, можно е да се вакцинираат милион граѓани до крајот на март“ – вака триумфално изјави министерот за здравство Вили Берош во централниот Дневник на Хрватската телевизија на 11 јануари годинава, охрабрен од ветувањата на производителите за големи пратки на вакцини против Ковид-19. Реално, ако сакаме да бидеме злобни, можеби и ќе беше можно ако некој друг беше на местото на Берош и ако имаше поспособна и подоследна влада на местото на сегашната влада. Вака не правиме ништо. Статива!

Имено, ова стручно предвидување на првиот човек на здравството во Хрватска не се оствари. Благо кажано, ако повторно сме злобни, затоа што е посоодветно да се користи попрецизна формулација и да се каже - тоа беше целосен неуспех. Не само што до крајот на март не се вакцинираа милион граѓани, туку ни 375 000 не беа вакцинирани. Најавениот милион се случи дури месец и половина подоцна.

Игнорирање факти и лоши предвидувања

Меѓутоа, нашиот пророк, г-дин Берош, продолжи со пресметките. Така, месец и половина подоцна, на 22 февруари, најави дека до јуни, односно до почетокот на туристичката сезона можеме да вакцинираме 50 отсто од населението. Неинформираните читатели треба да обрнат внимание зошто јуни е важен. Тоа е месец кога почнува масовното пристигнување на туристи во Хрватска. Со други зборови, тогаш почнува туристичката сезона, а туристичката сезона е ударен адут на државниот буџет, прилив без кој државата би дошла до колапс.

И што се случи? Сезона имаше, но не дојдовме до 50 отсто вакцинирани. Тоа беше уште едно погрешно предвидување на министерот за здравство. Статистиката вели дека на почетокот на јуни со прва доза биле вакцинирани само 31,9 отсто. Статистиката, пак, не кажува ништо за пристигнување до 50 отсто вакцинирано население. Ништо, бидејќи сè уште не се случило тоа што беше планирано за почетокот на јуни. Во моментов, 46,30 отсто од населението во Хрватска е вакцинирано со најмалку една доза од вакцината.

Не би должеле премногу, но само да напоменеме дека Берош не се тетеравеше сам во предвидувањата за нивоата на вакцинација. И неговиот шеф, премиерот Андреј Пленковиќ, во април најави „малку повеќе од 50 отсто вакцинирани граѓани“, иако предвидувањето му беше за крајот на јуни. Шефот на Епидемиолошката служба на Хрватскиот завод за јавно здравство, Бернард Каиќ, исто така тврдеше дека до 1 јуни вакцинацијата во Хрватска ќе биде 50 до 55 отсто од населението.

Неговиот претпоставен, директорот на Хрватскиот институт за јавно здравство, Крунослав Цапак, кој заедно со Берош стана најчесто прикажувана личност на малите екрани по избувнувањето на пандемијата, веруваше дека до 1 јуни, може да се вакцинираат 50 отсто од граѓаните. И покрај промашените прогнози или можеби поради нив, Хрватскиот институт за јавно здравство (ХЗЈЗ) на почетокот на тој митски јуни на своите веб-страници објави информација дека 31,9 отсто од граѓаните дотогаш ја примиле вакцината, а информацијата имаше бизарен наслов: „Одлична вест: Повеќе од половина милион луѓе ја завршија вакцинацијата!“ Добронамерниот читател секако може да се запраша како ќе гласеше насловот на веста доколку се оствареа предвидувањата.

Секој може да згреши, особено во моменти кога човештвото се среќава со досега непозната ситуација и низа прашања на кои нема јасни одговори, но... Сè додека истиот Цапак, ден по минатиот Божиќ, ја дочека првата доза вакцини на загрепскиот аеродром, во црна темница и на студот, а институцијата чијшто директор е тој објави низа фотографии од тој херојски дочек, па и фотографија на која, во манир на некаков рапер, Цапак покажува со прст кон кутијата со вакцини на која е седнат фраерски, веќе беше познат ставот на Хрватите за вакцинацијата.

Со години, дури и подолго од една деценија, матичните лекари мака мачат со сè поголем број родители кои избегнуваат да ги носат своите деца на пропишаната задолжителна имунизација. Во некои делови од земјата, тоа зеде толкав замав што избувнаа и епидемии, на пример со заушки. Во очи на пристигнувањето на вакцината во Хрватска, повеќе медиуми објавија истражувања на јавното мислење од кои беше јасно дека 50 до 60 отсто од граѓаните не сакаат да се вакцинираат против Ковид-19. Но хрватските власти како не го забележале тоа, па министерот Берош на почетокот на годината ја повтори мантрата дека интересот за вакцинација е „навистина голем“ и дека граѓаните ја препознале важноста на вакцините и „полагаат верба во науката, струката и медицината“. Упс, ќе се покаже дека сепак не било така.

Антиваксери одат од куќа до куќа

Процесот на вакцинација застана, позициите се цврсто заземени, а општеството е крајно поларизирано. Се чини дека повеќето од оние кои планирале да се вакцинираат веќе го направиле тоа. На пример, во мај се трошеле и преку 40.000 дози дневно, додека во средината на октомври, кога е напишан овој текст, во просек се примаат 4 000 - 5 000 дози дневно. Капка по капка.

Vo ocekuvanje na volsebnoto stapce za izlez od pandemijataИзвор: shutterstock.com (фото: Simunovic)

Во меѓувреме, во Загреб и во некои други градови се одржаа низа протести од луѓе кои тврдат дека епидемиолошките мерки ги лишуваат од уставно загарантираните слободи, луѓе кои не сакаат да носат маски, луѓе кои веруваат дека коронавирусот е измислица на фармацевтското лоби, луѓе кои мислат дека е ставен чип во вакцините... Најмасовниот протест од овој тип е наречен „Фестивал на слободата“. Последниот таков протест траеше дури четири часа и се одржа на централниот плоштад во Загреб. На насобраната толпа им се обратија 16 говорници, кои претежно презентираа различни теории за заговор и дезинформации за вирусот и вакцинацијата. Меѓу другото, можеше да се слушне дека вакцината е „геноцидна и криминална“, дека предизвикува смрт и дека е базирана на убиени деца.

Овој месец антиваксерите воведоа нова форма на протест. Во вечерните часови доаѓаат пред становите или куќите на службените лица кои управуваат со епидемиолошката криза во Хрватска. Беа и пред Уставниот суд, пред станот на министерот Берош, а пред некој ден дојдоа пред домот на Крунослав Цапак. Директорот на ХЗЈЗ не ги игнорираше, туку излезе и разговараше со нив и беше изложен на навреди. По протестите, на социјалните мрежи најмногу се зборуваше за соседот на Цапак, кој гледајќи како директорот на ХЗЈЗ се расправа со демонстрантите, кратко дофрли – „Круно, што се расправаш со примитивциве?“.

На бизарноста како да ѝ нема крај. Неверојатна вест се рашири низ Хрватска во вторникот. Пациент кој бил хоспитализиран поради коронавирус побегнал од болничкиот кревет и отишол во станот мајка му, каде што починал следниот ден како последица на болеста. И тоа не е единственото такво бегство, ги имаше десетици, но ова навистина имаше трагичен исход. Неделава, јавноста беше шокирана и од репортажата на РТЛ од Ковид центарот во загрепска Дубрава. Приказната започнува со информацијата дека минатиот месец во Хрватска, како последица на Ковид-19 починале 428 лица, од кои 23 лица помлади од 55 години, а ниту еден од тие 23-ца не бил вакциниран.

Во болницата се среќаваме со 53-годишниот пациент Александар. Отворено пред камера кажува дека му откриле големи згрутчувања во белите дробови и дека сега лекарите не му дозволуваат да стане од кревет на респираторниот оддел. Пред ова, вели, немал никакви здравствени проблеми. И покрај сè што поминал и долгото закрепнување што го очекува, со насмевка вели дека сепак нема да се вакцинира. Инаку, на социјалните мрежи, меѓу коментарите за овој случај, можеме да најдеме голем број луѓе кои се насладуваат на фактот што некое вакцинирано лице починало од последици од Ковид-19, сето тоа со соодветни емотикони, нечувствителност што е тема за некоја друга прилика.

Минатиот месец, со денови траеше своевидна опсада на едно основно училиште во Крапинске Топлице, на северот на Хрватска. Кулминираше кога триесетина антимаскери упаднаа во училиште каде синот на еден од нив е осмооделенец. Убедени се дека пропишаната заштитна маска за влез во училиштето ја прекршува слободата на детето, па насила го втурнале детето без маска во училницата. Притоа ги навредувале вработените во училиштето, а интервенирала и полицијата. Опсадата траеше со денови. „Основното образование е загарантирано со нашиот Устав. Ниту еден закон или устав не ја забранува слободата на дишење. Доста е со теророт врз нашите деца“, рече незадоволниот родител. Дали бил вакциниран, можеме само да претпоставиме.

Најмногу умрени од Втората светска војна

Всушност, прилично е неверојатно колку луѓе мислат дека Ковид-19 не постои и, се чини, не може никој да ги разувери. Не ни разуверуваат ни податоците што неодамна ни ги презентираше епидемиологот Бранко Колариќ, член на владиниот научен совет.

„Немало толку смртни случаи во Хрватска уште од Втората светска војна. Минатата година Централното биро за статистика објави точни податоци. Имало 57 000 смртни случаи. Значи, зголемувањето на смртноста во однос на минатите години е повеќе од евидентно“, вели Колариќ, повторувајќи по којзнае кој пат дека кога 70 или 80 отсто од населението би било вакцинирано, би можеле да живееме нормално, без строги епидемиолошки мерки.

На јавниот дискурс не му помагаат говорите на некои политичари, на пример претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ, кој од почетокот на пандемијата имаше низа непримерни или непромислени изјави во духот на народната поговорка „што на ум, тоа на друм“. Хрватскиот претседател често звучеше како да оди токму на „Фестивал на слободата“, па во една прилика рече дека „пандемијата ќе исчезне штом престанеме да зборуваме за неа“, во друга дека треба да се навикнеме и дека не е „некоја голема болест, туку кариес“. Во првиот бран инсистираше на ракување и ги исмејуваше алтернативните начини на поздравување, а откако се вакцинираше почна да им кажува на сите вакцинирани да ги симнат маските бидејќи не им требаат ако се вакцинирани. За среќа Зоран Милановиќ не управува со кризата.

А што направија оние кои всушност управуваат со неа? Речиси ништо или сосема малку. И покрај сите предупредувања, дури и кога сфатија дека процесот на вакцинација е речиси запрен, Владата се однесуваше како работата да е завршена со самиот факт што набавиле голем број вакцини. Кампањата што ја спроведоа за да ги убедат граѓаните во неопходноста од вакцинација беше целосно необмислена и невидлива во јавниот простор, како да се доволни неколку неинвентивни флоскули за да се смени нечие мислење. За разлика од одговорните, медиумите во Хрватска ја презедоа оваа улога, но медиумите ниту можат ниту треба да ја вршат работата на оние кои управуваат со кризата.

Недостаток на храброст

На почетокот, имаа шанса да бидат сфатени сериозно, сè додека не се компромитираа со низа политички мотивирани одлуки со кои епидемиолошките мерки се толкуваа различно зависно од приликата, според потребите кои никако не беа оправдани. И сега министерот Берош кука дека црните бројки на кои бевме сведоци во последните недели се резултат на тоа што премалку граѓани се вакцинирани. Како да не беше јасно предвидлив таков епилог пред неколку месеци или кога медиумите објавуваа анкети за односот на Хрватите кон вакцинацијата. Да не зборуваме дека и самото Министерство за здравство мораше да спроведе систематски истражувања за тоа прашање во месеците и месеците чекање на вакцината, но и подоцна, за да може да смисли ефикасна стратегија. Но тоа, очигледно, би било премногу да се бара.

Властите покажуваат невообичаена почит кон антиваксерите. Помина долго време од воведувањето на Ковид-потврдите во Хрватска, но тие се користат минимално, главно за поголеми концерти во затворен простор, влез на некои спортски натпревари или свадби. Најдалеку што отиде воведувањето потврди или негативни тестови од почетокот на овој месец е за вработените во здравствениот систем и во институциите за социјална заштита, а таа одлука предизвика бран незадоволства. За повеќе од тоа, оваа влада изгледа нема храброст. Барем засега.

Поширока примена, се чини, не доаѓа предвид. Откако деновиве неколку медиуми објавија дека Хрватска од 1 ноември може да воведе примена на потврди за Ковид во сите угостителски објекти, трговски центри и некои социјални дејности, владиниот портпарол Марко Милиќ поита да испрати соопштение во кое се демантира тоа. „Ова не е разговарано во Владата и во Штабот за цивилна заштита на Република Хрватска, кои донесуваат мерки“, рече тој. Назначувајќи дека бројот на новозаболени лица во последните два дена е најголем во последните шест месеци, тој заклучи дека „потребни се дополнителни напори за да се забрза процесот на вакцинација и да се поттикнат сите кои сè уште не се одлучиле да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствениот излез од оваа пандемија“. Какви напори и какво магично стапче имаат во владата е апсолутна непознаница.

 

Блогот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), Црна Гора (PCNEN), Словенија (DKIS) и Грција (Macropolis).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ивор Фука

Ивор Фука е главен уредник на непрофитниот онлајн портал Lupiga.com. Тој ги завршил своите додипломски студии по историја на Филозофоскиот факултет во Загреб, а со новинарство се бави од 2001 година. Работел во повеќе медиуми во Хрватска како Novog lista, Vjesnika, Radio Studenta и Poslovnog dnevnika а соработувал и со повеќе регионални и европски медиуми. Во фокусот на неговиот новинарски интерес се теми од областа на човековите права и медиумски политики.