fbpx

Тешки времиња за Албанија

Орнела Липери

Орнела Липери

Ornela Liperi 200x250Економското закрепнување ќе биде потешко од очекуваното.

Секој ден влезот на главниот град на Албанија, Тирана, е блокиран од сообраќај. Улиците се преполни со луѓе кои брзаат да ги завршат своите секојдневни обврски. Кафулињата се речиси преполни. Некои од граѓаните носат маска, но повеќето се несовесни. Високи згради и облакодери никнуваат во центарот и во секое ќоше на главниот град. А деновите кога сè беше стопирано и улиците беа празни се чинат толку далечни.

За жал, ова е само фасада, зад која демне горчлива реалност. Албанската економија е сериозно погодена од пандемијата со КОВИД-19. Националниот институт, ИНСТАТ, тукушто објави дека албанската економија бележи пад од 10,2 проценти во вториот квартал на 2020 година, во споредба со истиот период во 2019 година. Ова е најголемиот пад од 1997 година, кога земјата ја погоди кризата предизвикана од падот на пирамидални измами.

Дејностите како трговија, транспорт, и угостителство се најпогодени. Оваа група на услуги бележи пад од 26,3 проценти во споредба со вториот квартал на 2019 година.

На улиците на Тирана и многу други градови се поставени знаци „се издава“. Официјалните податоци од Управата за јавни приходи покажуваат дека бројот на деловни субјекти (повеќето од нив мали) што преминале во неактивни е зголемен за повеќе од 40 проценти во периодот мај-август 2020 година, во споредба со истиот период од 2019 година. Повеќето од нив вината за нивното пропаѓање ја лоцираат во КОВИД кризата и падот на куповната моќ. Ова требаше да се очекува во земја во која малите продавници за трговија и услуги се клучни за вработувањата (на пример, има околу 18 илјади барови и ресторани или 16 проценти од вкупните субјекти во земјата, според податоците на ИНСТАТ).

На почетокот на април, Светска Банка предупреди дека Албанија е во ризик поради обемната сива економија и високата стапка на самовработување (со стапка на самовработување од 34,7 проценти од вкупниот број на вработувања, Албанија е на прво место во регионот според овој индикатор). „Земјите во кои има несразмерна работа на црно, привремените вработувања и самовработувањата ќе се соочат со зголемување на невработеноста, што ќе предизвика значителни тешкотии, особено ако нема соодветна социјалната заштита“, велат од банката.

Teski vreminja za Albanija 1Извор: Светска Банка

50 илјади граѓани останаа без работа

Владата усвои два пакети за поддршка на граѓаните и деловните субјекти погодени од пандемијата со вирусот КОВИД-19 во износ од 45 милијарди лека (2,8 проценти од БДП), што се состои од буџетско трошење, државни гаранции, одложувања на даноци и субвенционирање на плати за периодот март-мај.

Меѓутоа, по прекинувањето на поддршката за платите, невработеноста нагло порасна. Официјалните податоци на ИНСТАТ велат дека во првата половина на 2020 година околу 50 илјади граѓани останале без работи, или околу 6 проценти од вкупната работна сила во приватниот сектор (неземјоделски и земјоделски услуги). Ова е најголемиот пад забележан во оваа деценија. Околу 60 проценти од невработените се млади, до 29 години.

Пандемијата имаше негативно влијание и врз државниот буџет. До средината на 2020 година, јавниот долг се искачи на 80 проценти од БДП, што е за 14 проценти повеќе од крајот на 2019 година, достигнувајќи највисоко ниво досега. Во јуни 2020 година, Албанија издаде еврообврзница од 650 милиони евра за да помогне во покривањето на потребните средства.

Длабоките корени на кризата

Уште пред кризата предизвикана од пандемијата, Албанија, една од најсиромашните земји во Европа, со БДП по глава на жител од само 31 процент од просекот на Европската унија, имаше слаб напредок. Ова ниво остана непроменето во последните неколку години, што укажува на тоа дека земјата заглавила во таканаречениот процес на конвергенција. Ваквото ниво на сиромаштија се смета за еден од клучните фактори за високата стапка на иселување и зголемувањето на инволвираноста на населението во криминал поврзан со дрога и шверц.

Teski vreminja za Albanija 2Извор: cnn.com

Растот во 2019 година се намали од 4 проценти од претходната година на 2 проценти, како последица на силниот земјотрес што ја погоди централна Албанија на 26 ноември и падот на производството на електрична енергија како резултат на сувото време. Јавниот долг беше на неодржливо високо ниво од околу 70 проценти од БДП на крајот на 2019 година, оставајќи им помал финансиски простор на креаторите на политики, во споредба со другите земји во регионот, како Србија (52 проценти) или Северна Македонија (39 проценти).

ММФ прогнозира дека на крајот на 2020 година фискалниот дефицит ќе се искачи на околу 7 проценти од БДП, а дека јавниот долг ќе надмине 80 проценти од БДП.

Teski vreminja za Albanija 3Извор: ММФ

Сиромаштијата ќе се зголеми уште повеќе

Структурните слабости на земјата дојдоа до израз за време на пандемијата. Лошо платената работа и работата на црно беа широко распространети. Просечната плата на албанските работници е најниска од земјите на Западен Балкан (во однос на паритетот на куповната моќ), според Светска банка. Над 30 проценти од работните места се на црно. Бројот на работни места со скратено работно време и самовработувања е најголем во регионот. Земјоделството, кое има ниска стапка на продуктивност, сочинува близу 40 проценти од вкупниот број на вработувања, а производството и услугите се недоволно развиени.

Ниските плати се главната конкурентска предност на извозниците, како текстилните производители кои претежно извезуваат во Италија. Извозот на стоки во Италија, главниот трговски партнер на Албанија, се намали за повеќе од 40 проценти за време на затворањето на државата (март-мај 2020 година) и за 15 проценти во јуни-јули во споредба со претходната година. Сè на сè, вкупниот извоз на стоки во првите седум месеци од 2020 година се намали за 17 проценти во споредба со претходната година.

Падот на економијата се очекува да ја зголеми сиромаштијата. Според Светска Банка, пред кризата со КОВИД-19, околу 4 од 10 Албанци живееле со помалку од 5,5 американски долари на ден.

Раните проекции на Светска Банка за сиромаштијата по земјотресот и пандемијата предвидуваат дека сиромаштијата ќе продолжи да се движи околу 40 проценти во 2020 година, уништувајќи го напредокот во намалувањето на сиромаштијата постигнат со последните години на раст.

Закрепнувањето ќе оди потешко од очекуваното

Првичните надежи за брзо закрепнување исчезнуваат. Туризмот, еден од главните двигатели на албанската економија, успеа да преживее со „помош“ на косовските граѓани. Но, неговото влијание врз економијата беше маргинално во споредба со претходните години кога цветаше. Бројот на пристигнати странски државјани на територијата на Албанија во осумте месеци од 2020 година опадна за 64,2 проценти во споредба со истиот период претходната година. Според Меѓународниот аеродром на Тирана, единствениот аеродром во земјата, чартер летовите се намалиле за околу 70 проценти во седумте месеци од 2020 година во споредба со претходната година.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во своите последни „Регионални економски проценки“ предвидува дека Албанија и Црна Гора ќе имаат најсилен пад во 2020 година, со -9 проценти, соодветно, поради големата зависност од туризам. Србија ќе претрпи помал пад од само 3,5 проценти, по кои следат Северна Македонија, Босна и Косово (5 проценти). Целиот Западен Балкан ќе забележи пад од 5,1 процент, што е повисоко од прогнозата од 3,9 проценти за регионите на ЕБОР.

Додека прогнозата за 2020 година од претходниот извештај во мај останува непроменета, ЕБОР ја намали проценката за албанската економија за следната година за 7,5 процентни поени. Економијата во следната година ќе има раст од само 4,5 проценти, во споредба со првичната проценка од 12 проценти. Ова е најголемата надолна корекција не само во споредба со другите земји од Западен Балкан, туку и со сите региони на ЕБОР.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), исто така, има песимистички прогнози. Во Заклучокот од Првата мисија за набљудување по програмата, ММФ ја коригираше проценката за 2020 година, од 5 проценти во април на 7,5 проценти, што ја одразува зависноста на земјата од туризмот и парите што се праќаат од странство.

Светската банка беше третата институција која го ревидираше економскиот раст на Албанија, на -8,4%, во споредба со -5% на почетокот на кризата, предупредувајќи дека кризата ја зголемува сиромаштијата за 5 поени до 41,6% (од населението кое живее со помалку од 5,5 УСД по лице на ден), преку зголемена невработеност.

Ова е сигнал дека е можно да има закрепнување во форма на „V“. Иако економијата се очекува да почне да закрепнува во втората половина на 2020 година и постепено да се зајакнува во текот на 2021 година, поради тоа што влијанието на шоковите се намалува и реконструкцијата од земјотресот продолжува, враќањето во нормала, сепак, ќе трае подолго.

Иселувањето е „најбрзото“ решение

Од почетокот на 90-тите, откако земјата премина од социјалистички во демократски систем, миграцијата на албанското население нагло почна да расте. Се проценува дека околу 1,2 милиони лица ја напуштиле земјата во последните три децении, или повеќе од 40 проценти од вкупното население.

Teski vreminja za Albanija 4Извор: Евростат

Овој тренд повторно заживеа во 2014 година и денес Албанија е лидер според бројот на барањата за азил во земјите од ЕУ+, на прво место меѓу земјите од Западен Балкан и меѓу првите десет во светот.

Младите се оние кои најмногу ја напуштаат земјата. Податоците на Евростат покажуваат дека околу 80 проценти од лицата кои барале азил од 2014 година биле помлади од 34 години. Една третина од нив биле помлади од 14 години, што е очаен знак за родителите за иднината на нивните деца во Албанија!

Поради тоа што пандемијата може дополнително да ја зголеми сиромаштијата во Албанија, се очекува Албанците повторно да бараат спас во иселувањето, што ќе го отежни брзиот и одржлив економски развој на земјата!

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Орнела Липери

Орнела Липери е главна уредничка на списанието Монитор, единственото неделно економско списание во Албанија, од 2002 година и уредник на економскиот портал www.monitor.al од 2012 година. Дипломирала во 1997 година во Тирана на Економскиот факултет (маркетинг). Таа има MBA по „Менаџмент на претпријатија“, од Францускиот институт за администрација, Тирана и Универзитетот во Бордо, Франција. (Дипломата ја доделува Универзитетот во Бордо, Франција) и е академски истражувач на Универзитетот Оксфорд, Велика Британија веќе шест месеци. Автор е на повеќе истражувачки трудови, студии, написи и публикации за макро-економската состојба во Албанија, и процесот на интеграција.