fbpx

Лоши економски политики и епидемија на откази во Србија

Стефан Мариќ

Стефан Мариќ

Stefan Maric 200x250Привлекувањето странски инвестиции „по секоја цена“ уште еднаш ја покажа својата мрачна странаВо меѓувреме, работниците и социјално загрозените домаќинствасе оставени на цедило.

И покрај „економскиот оптимизам“ на владејачката елита во Србија, ефектите од здравствената криза во голема мера се прелеаа и во економијата. И покрај тоа што е издвоен солиден износ на средства за помош на економијата, се чини дека државната политика насочена кон најзагрозените категории работници, бизнисмени и население - остана непроменета. Самостојните независни претприемачи, работниците кои работат во несигурни работни услови или „на црно“, како и социјално најзагрозените домаќинства, повторно во најголем дел се оставени на цедило, односно препуштени на милост и немилост.

Најсиромашните оставени на цедило

Голем број отпуштања во неформалниот сектор на економијата беа придружени со масовни отпуштања на работници кои работеа во фабриките на некои од најголемите странски инвеститори. Економската политика на привлекување странски инвестиции „по секоја цена“, која владејачките режими во земјата ја спроведуваат веќе низа години, уште еднаш ја покажа својата мрачна страна. Србија е исто така единствена земја во регионот што не го зголеми или прошири опфатот на социјални бенефиции за најсиромашните слоеви на населението за време на пандемијата.

Владата на Република Србија ги донесе првите сериозни економски мерки во врска со минимизирањето на негативните економски последици од пандемијата со одредено доцнење, дури на почетокот на месец април. Народната банка на Србија (НБС) беше нешто поагилна во донесувањето на антикризни економски мерки, која покрај вообичаениот потег за намалување на референтната каматна стапка во кризи од овој тип, донесе и одлука за воведување на мораториум за отплата на кредити и лизинг.

Одложувањето на отплатата на овие обврски важеше за период од најмалку 90 дена од воведувањето на вонредната состојба (15 март) и се однесуваше на сите физички и правни лица. Таквата мерка имаше барем привремено позитивно влијание врз ликвидноста на населението и економскиот систем, но ни таа не можеше да помине без одредени контроверзии. Имено, и покрај тоа што не наплаќаа затезна камата, за време на периодот за кој важеше мораториумот, банките наплаќаа редовна камата на сите кредити. Во пракса, ова значеше зголемување на вкупната вредност на обврските по истекот на мораториумот за износот на пресметаните камати за време на мораториумот.

По повеќенеделна неизвесност дали и на кој начин државата ќе реагира економски во борбата против „невидливиот непријател“, Министерството за финансии конечно излезе во јавноста со донесената економска програма на последниот ден од месец март. Според најавите на министерот за финансии, вкупната вредност на овие мерки изнесуваше 610 милијарди динари (5,1 милијарди евра), што е околу 11 проценти од вредноста на БДП на земјата.

Сепак, овие 610 милијарди вклучија и заеми од приватни банки кон економијата, така што вистинската вредност од овие мерки е 430 милијарди динари (7,8 проценти од БДП). Економската програма на Владата вклучува одложување на плаќањето даноци и придонеси за плати и добивка за следните три месеци, исплата на минималната плата на микро, мали и средни претпријатија за секој вработен во следните три месеци, пристап до поволни заеми за овие компании и еднократна исплата од 100 евра на сите полнолетни граѓани на Република Србија. Овие мерки дефинитивно доведоа до вбризгување на неопходната ликвидност во економскиот систем, но сепак, тие можеа да бидат поголеми, побогати и значително поселективни.

Мерката за одложување на плаќање даноци и придонеси, на пр. исто така може да биде придружена со отпишување на овие обврски, особено за микро и малите претпријатија кои работат во рамките на најпогодените дејности како што се туризмот, угостителството и транспортот. Владата би можела да создаде шема според која, покрај исплатата на минималната плата за помалку загрозените компании, ќе исплати и поголема сума помош за компаниите кои доживеале најголем пад на прометот, што беше токму случајот во споменатите дејности.

Исто така, можеа да се направат многу поголеми напори со цел заемите наменети за економијата да бидат многу подостапни за микро и малите претпријатија, кои, за разлика од поголемите фирми, честопати немаат добро утврдени кредитни аранжмани со банките, што им го отежнува пристапот до овие неопходни средства.

Лоши критериуми и епидемија на откази

За да може секоја фирма да се квалификува за која било од мерките согласно економската програма на Владата, таа не смееше да отпушти повеќе од 10 проценти од работниците во периодот од почетокот на вонредната состојба до датумот на формалното стапување во сила на овие мерки.

И токму во овој критериум доаѓаме до првиот голем проблем. Имено, можеме лесно да замислиме ситуација во која фризер или автомеханичар кој има до 9 вработени бил принуден да отпушти барем еден работник поради драстичниот пад на побарувачката. Според овој критериум, ваквата одлука автоматски би ја дисквалификувала оваа компанија од програмата за помош, за разлика од некои поголеми компании со до 100 вработени, кои теоретски може да отпуштат до 10 работници, по што тие сè уште би можеле формално да аплицираат за државна помош. На овој начин, многу компании кои спаѓаат во групата најпогодени од кризата не би можеле да бидат опфатени со мерките за помош.

Друг проблем со овој критериум е тоа што максимум 10 проценти од отпуштените работници не ги вклучуваат и работниците вработени преку една од агенциите за вработување, бидејќи таквите работници официјално не се водат како вработени во компанијата во која тие де факто работат. Исто така, во тие 10 проценти не се вклучени ни работниците кои работат на привремени повремени работни места и според договори на определено време.

Losi ekonomski politiki i epidemija na otkazi vo SrbijaИзвор: newseu.cgtn.com

Ова е особено проблематично доколку се има предвид дека според овогодинешните податоци на Евростат во категоријата привремени вработувања во Србија има дури 437 илјади работници. Бројот на работници кои работат во несигурни работни услови во Србија е зголемен дури 4 пати во последните 8 години (од 2,4 проценти во 2011 година на 8 проценти во 2019 година) и во моментов е на ниво коешто е три пати повисоко од просекот на ЕУ. Токму овие работници (покрај работниците кои работат во неформалниот сектор) беа под најголем удар за време на пандемијата. За време на масовните отпуштања во Србија, предводеа големите странски инвеститори, кои во минатото, охрабрени од дарежливата шема на државни субвенции, префрлија дел од своите капацитети во Србија.

Финската фабрика за производство на кабли наменети за автомобилската индустрија, PKC од Смедерево, во два наврати отпушти околу 350 лица. До 2014 година, оваа компанија преку програмата за државни субвенции добиваше речиси 14 милиони евра. Хачинсон, француската фабрика која произведува црева за вода и бензин, отпушти меѓу 80 и 300 работници (бројот зависи од тоа дали ги прашувате работниците на Хачинсон или градоначалникот на Рума). Оваа фабрика доби државни субвенции за изградба на првиот од двата производствени погони, а воедно имаше придобивки и од изградбата на инфраструктурата која беше финансирана од државата и локалната самоуправа во износ од над еден милион евра.

Како резултат на процесот на ликвидација на дури тројца подизведувачи/кооперантски фирми кои работат за италијанската компанија Олимпијас во Ниш, која инаку е ексклузивен снабдувач на познатата италијанска компанија Бенетон, помеѓу 500 и 700 работници останале без работа преку ноќ. Оваа мултинационална италијанска компанија е исто така една од оние странски компании кои добиле дарежливи државни субвенции. Во случајот на Бенетон, до 2015 година, оваа компанија доби 10,5 милиони евра субвенции на име на своето пристигнување во Србија.

Манипулација со податоците за политички цели

Верувале или не, владејачката политичка гарнитура во Србија не само што се фали со намалувањето на невработеноста среде пандемија, туку дури и се гордее на фактот дека невработеноста падна на рекордно ниско ниво. И покрај тоа што категоријата невработеност е навистина намалена според официјалната статистика, ваквиот резултат е исклучиво последица на економската методологија и никако не подразбира дека немало отпуштања за време на пандемијата.

Имено, за да влезете во статистичката категорија на невработеност, треба да бидете активен барател на работа, што е во услови на пандемија значително отежнато, а понекогаш дури и невозможно. Токму поради тоа, голем број работници од категоријата вработувања, откако беа отпуштени, преминаа во категоријата неактивност, а не невработеност.

Благодарение на ова, можно е во исто време да се намали невработеноста (за околу 87 илјади) и вработувањето (за околу 33 илјади) за сметка на голем пораст на неактивноста (не само од категоријата вработување, туку и од невработеноста). Оттука, бројката што зборува за намалувањето на вработеноста е многу порелевантна за да се добие слика за моменталната состојба на пазарот на трудот во Србија.

Но, за да добиеме уште подобра слика, потребни ни се уште некои податоци. Така, на пр. Меѓународната организација на трудот (МОТ) пресметала дека во Србија, во вториот во споредба со првиот квартал, вкупниот број на работни часови на ниво на целата економија паднал за дури 14,8 проценти, што теоретски би било еквивалентно на губење на 510 илјади работни места. Сепак, важно е да се каже дека ова намалување на вкупниот број на работни часови не вклучува само луѓе кои навистина го изгубиле своето работно место, туку и оние работници кај кои е намалено само работното време, како и вработени кои моментално се на принуден одмор итн.

Политичката елита во Србија, исто така, не ја пропушти можноста да се пофали со фактот дека Србија ќе има една од најниските стапки на опаѓање на БДП за време на пандемијата, или како што милуваат да кажуваат - најголема стапка на пораст (иако е негативна). Сепак, релативно пониската стапка на опаѓање на БДП-то во Србија (според ММФ, 3 проценти оваа година) нема многу голема врска со премногу успешната економска политика, туку со структурата, односно неразвиеноста на економијата.

Пандемијата пропорционално ги погоди поразвиените земји повеќе заради поголемата релативна важност на производите со поголема додадена вредност, како што се автомобилите, машините и опремата, туризмот итн. за кои најмногу опаднала побарувачката.

Како земја чиј удел во земјоделството и прехранбената индустрија (за чии производи најмалку е засегната побарувачката) е три до пет пати поголем отколку во земјите од Западна Европа, Србија едноставно ги нема истите проблеми како развиените земји на Запад.

Предизборен „подарок“ во форма од 100 евра

Одлуката на Владата во пакетот економски мерки да вклучи еднократна исплата од 100 евра на сите полнолетни граѓани предизвика најголемо незадоволство во економските кругови, но и во самата јавност. Главната причина лежи во фактот дека финансиската помош е иста без оглед на приходите на поединецот.

Оттука, имавме ситуација во која побогатите членови на општеството не ја ни забележаа уплатата од 100 евра на нивната банкарска сметка, додека за оние на кои оваа помош им е најпотребна, истата беше недоволна за да ги задоволи нивните најосновни потреби. Сиромашните домаќинства со поголем број деца поминаа најлошо, имајќи предвид дека единствено малолетните граѓани не ја добиваат оваа помош.

Посиромашните семејства, исто така, немаат своја заштеда и имаат помала поддршка на која можат да се потпрат (на пример, потешко им е да позајмат пари), а во услови на пандемија настануваат и вонредни трошоци (маски, хигиена и сл.). Општествено одговорната политика во време на криза е особено важна во земјите кои се наоѓаат на самиот европски врв во однос на стапката на ризик од сиромаштија која ја вклучува и Србија. Во тој контекст, поразителен е фактот дека Србија е единствената земја во регионот која ниту го зголеми износот на парична социјална помош, ниту пак беше проширен нејзиниот опсег на поголем број луѓе.

Огромен дел од буџетските средства, дури 600 милиони евра, ќе бидат потрошени за еднократната исплата од 100 евра помош наменета за сите граѓани. За споредба, тоа е два и пол пати повеќе од годишната исплата на правата на корисниците на социјална заштита, за половина повеќе од аграрниот буџет или дури трипати поголема од просечните годишни инвестиции во здравствената заштита во изминатите три години.

Според проценките на Фискалниот совет, дури 30 проценти од компаниите во Србија не ја искористија можноста за одложување на плаќањето даноци и придонеси за плати и профит. Две третини од микро, малите и средните претпријатија се потпреа на сопствените резерви и помошта на пријателите и семејствата за да ги разрешат финансиските потешкотии за време на вонредната состојба, а само 5-10 проценти изјавија дека владините мерки влијаат врз нивната одлука да не отпуштаат работници.

Според истражувањето на две домашни невладини организации, околу 230 милиони евра од 950 милиони, колку што изнесуваше вкупната вредност на директната државна помош за компаниите во форма на минимални исплаќања, потенцијално можеше да отиде кај компании кои не претрпеа економски загуби. Сите овие податоци претставуваат аргументи кои одат во прилог на поселективен пристап при избор на компании и активности на кои им е најпотребна економската помош.

Поглед напред

Ако за првиот пакет мерки можеше да се каже дека беа поефикасни поради итноста да се додели помошта на најзагрозените компании, таквиот аргумент не може никако да се искористи и за другите пакети со економска помош, бидејќи Владата имаше време да процени кои сектори во економијата беа најзагрозени од пандемијата и соодветно на тоа да создаде нов пакет мерки.

Економската програма која би била многу поселективна (со воведување на одредено ниво на опаѓање на прометот како критериум за доделување помош, на пример), но исто така и повеликодушна и побогата за многу помал број на таргетирани компании, како и општествено одговорна политика со која значително би се зголемиле трошоците за социјална заштита на најранливите слоеви на населението, претставува единствен можен одговор на непредвидливите економски последици од пандемијата.

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).

Прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземете
Забелешка: Ставовите и мислењата изразени во оваа статија се на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на Институтот за комуникациски студии или на донаторите.

Стефан Мариќ

Стефан Мариќ е дипломиран на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, насока Економска анализа и политика. Тој бил практикант во Тимот за социјална инклузија и намалување на сиромаштијата и работел на неколку проекти на Иницијативата за економски и социјални права - А11. Тој е автор на економски и социо-политички текстови за домашни и регионални портали како што се Машина, Билтен и Слободен Филозофски.