fbpx

Бугарскиот одговор на пандемијата: Фрлање пари во празно

Мила Кисјова

Мила Кисјова

Mila Kisjova 200x250Привидно земјата добро се справува со пандемијата, но реалноста е многу пострашна.

Според општото мислење, Бугарија пружи солиден отпор на коронавирусот од здравствена гледна точка. Но, за економскиот одговор на кризата не може да се каже истото. Да, се чини дека земјата не е најтешко погодена од неволјите предизвикани од невидливиот непријател. Но, ова се должи не толку на антикризната програма на владата, колку на бугарскиот бизнис, кој е навикнат да се бори и преживува при секакви катаклизми.

Според податоците на Националниот статистички институт (НСИ), економијата на Бугарија се намали за 10 проценти во вториот квартал од годината. Периодот април - јуни беше најтешкиот за земјата во услови на пандемија. На 13 март, владата прогласи вонредна состојба во обид да го ограничи ширењето на вирусот, блокирајќи голем број на бизниси. Целосно ја запре работата на сите ресторани, големите трговски центри. Туристичките патувања и одморите беа забранети, беа суспендирани голем број на услуги, беа затворени театри и кина, музеи, концертни и спортски сали, фитнес центри, спа комплекси. Транспортот ги загуби своите патници.

Бугарија беше една од првите земји во Европа која воведе вонредна состојба заради корона вирусот. Ова продолжи до средината на мај, при што затворените бизниси постепено, за две или три недели, повторно почнаа да работат.

Во периодот април - јуни, статистиката измери влошување на сите макроекономски показатели. Крајната потрошувачка се намали за 2,1процент, инвестициите се намалија за 7,9 проценти, извозот на стоки и услуги опадна за 22,1 процент и увозот - за 20,4 проценти.

Сепак, Бугарија избегна двоцифрен пад на економијата на годишно ниво - за разлика од многу други земји во Европа. Бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал, во споредба со оној од истиот квартал во 2019 година, се намали за 8,5 проценти. - под просечниот пад на европските економии, што беше 14,1%, според податоци на Евростат.

Најголемите губитници

Последиците од пандемијата ги погодија прво индустриите кои работат главно за извоз и се многу зависни од снабдувањето со суровини и компоненти од Кина. Проблемите започнаа на крајот на 2019 година и се продлабочија во првите месеци од 2020 година, кога Кина целосно ги прекина трговските контакти.

Сериозно погодени беа бугарските производители на компоненти за автомобилската индустрија. Во Бугарија има повеќе од 40 фабрики кои се подизведувачи на европските гиганти во автомобилската индустрија. Поради колапсот на светската продажба на автомобили, голем број на производства во Европа беа затворени, најмногу во Германија, и тоа доведе до прекин на работата за неколку недели на голем дел од нивните бугарски подизведувачи. Десетици илјади работници беа пуштени на платено или неплатено отсуство.

Привремено застанаа и многу претпријатија од машиноградбата - поради блокирана испорака од земји како Русија и Италија, кои исто така ги затворија границите во март и април. После тоа, обезбедените „зелени коридори“ предвидени за меѓународниот превоз на стоки во Европа им овозможија на компаниите да започнат работа релативно нормално во услови на коронавирусот.

Раст на невработеноста

Најмногу беше погоден секторот за услугите, при што главно трпеа малите бизниси. На 13 март, буквално за еден час беа затворени сите ресторани во земјата, фризерски салони, фитнес сали, театри, кина, трговски центри. Ова доведе до загуба на 103.000 работни места во април и мај. Невработеноста во Бугарија скокна на 9 проценти - од 6,2 проценти во почетокот на годината. После тоа од јуни, со срамежливото отворање на летната туристичка сезона нивото на невработеноста започна да опаѓа и во август достигна 7,5 проценти.

За растот на невработеноста огромна „заслуга“ има и силно погодениот туристички сектор. На крајот на март, хотелиери и туристички агенции останаа без клиенти поради прекинот на авионските летови на авиокомпаниите и затворените граници на голем број земји. Секторот не можеше да смета ниту на бугарските туристи, по прогласувањето на вонредна состојба скоро до крајот на мај беше забрането патување во земјата со цел туризам.

Дури во јули беа обновени некои од авионските летови со странски туристи кон бугарскиот брег на Црното Море. Сепак, нивното намалување до крајот на сезоната остана повеќе од 80 посто. Традиционалните пазари како Велика Британија, Русија, Израел, Германија недостасуваа ова лето на бугарското море. Две третини од хотелите во големите летувалишта Сончев Брег, Златни Песоци и Албена воопшто не отворија. Дури не успеа да проработи ниту одобрената државна субвенција од 35 евра за секој странец кој пристигнал со чартер лет на одмор во Бугарија. Само малите хотели и куќите за гости се радуваа на добра пополнетост - главно од бугарски туристи.

Антикризниот план на Софија

Една недела по прогласената вонредна состојба на 13 март, бугарскиот премиер Бојко Борисов објави антикризен пакет на мерки во вредност од 4,5 милијарди лева (2,25 милијарди евра). Пет месеци подоцна, огромен дел од овие средства сè уште се само ветување на хартија.

Една од првите мерки беше обезбедување на 700 милиони лева (350 милиони евра) на државната Бугарска банка за развој, со која таа треба да биде гарант за трговските банки за доделување ефтини заеми на погодените компании и работниците пуштени на неплатено отсуство.

Bugarskiot odgovor na pandemijata Frlanje pari vo praznoИзвор: dailysabah.com

Оваа мерка беше жестоко критикувана од бизнис заедницата и граѓаните, кои очекуваа грантови наместо заеми што ќе ги враќаат подоцна. Од 200 милиони лева (100 милиони евра) наменети за бескаматни заеми за вработените на присилно неплатено отсуство како и за луѓето со слободни професии на кои им е тешко да ги практикуваат, на крајот на август беа распределени само 70,7 милиони лева (35,4 милиони евра) на околу 17 000 луѓе. Максималната помош според оваа програма е 4.500 лева или 2.250 евра.

Поддршката за малиот и среден бизнис со гарантирани заеми од државата со ниски камати започна дури во јули и во моментот издвоените средства се многу малку. Со ажурирањето на буџетот, беа издвоени 1 милијарда лева (500 милиони евра) за зачувување на работните места во приватниот сектор. Со таа цел, започна можеби најголемата антикризна програма со која државата презема исплата на 60 проценти од платата на работникот.

Бизнис заедницата не беше воодушевена. Компаниите, чија активност беше блокирана од ограничувачките мерки, не можеа да си дозволат да платат ниту еден лев за да ги задржат своите вработени. Значајно е што досега само 20 проценти од буџетот е искористен за овој вид поддршка. Од септември, шемата, која се здоби со популарност како „60 на 40“, стана „80 на 20“, односно државата ќе обезбеди поголема поддршка, но само за два од најпогодените сектори - туризмот и автобускиот превоз.

Владејачката коалиција составена од ГЕРБ и „Обединети патриоти“ презеде уште една контроверзна антикризна мерка – ДДВ беше намален за услугите во рестораните од 20 проценти на 9 проценти. Бугарија беше една од ретките земји во ЕУ со рамна стапка на ДДВ (данок на додадена вредност/VAT) од 20 проценти за сите стоки и услуги, со исклучок само на туристичките сместувања, оданочени со 9 проенти. Владата објасни дека со намалување на стапката за храна и безалкохолни пијалаци, рестораните ќе можат да генерираат поголема добивка и ова ќе ги надомести загубите од нивното затворање за два месеци за време на вонредната состојба.

Голем дел од општеството, како и многу економисти и финансиери, беа револтирани од ваквиот „реверанс“ на државата кон секторот кој е познат како еден од најсивите во бугарската економија. Дури и министерот за финансии рече дека не ја поддржува мерката, но таа беше изгласана со мнозинство во Парламентот со важност до крајот на 2021 година.

Како последица на тоа, со намалена стапка на ДДВ добија и продажбата на книги, храна за бебиња и пелени, услугите во фитнес сали, базени и сите видови спортски објекти. Како што можеше да се очекува, намалувањето на данокот не доведе до пониски цени, но останува да се види како тоа ќе влијае на буџетските приходи.

Одложување на враќањето на банкарските кредити - најефективната мерка?

Мораториум за плаќање на ратите на заемите беше воведен во април со рок од 6 месеци. До септември, компаниите и домаќинствата ги одложија обврските кон банките за 9,061 милијарди лева (4,5 милијарди евра). Повеќе од 14.100 компании ја одложиле исплатата на скоро 7 милијарди лева, (19 проценти од сите заеми обезбедени на компаниите од банките). Нешто повеќе од 93.000 физички лица имаат одложено рати од 2 милијарди лева, што е 8,3 проценти од сите заеми дадени од банките на домаќинствата.

Во исто време, драстично доцнат очекуваните грантови од разни европски програми. На владата и беа потребни неколку месеци да ги пренасочи неискористените пари од европските програми одобрени пред години кон мерки специјално креирани за коронавирусот. Уште во мај, 27 000 микро и мали компании аплицираа за грантови до 10 000 лева (5 000 евра), но апликациите на некои од нив сè уште се во „процес на разгледување“. Грантовите за средни претпријатија, исто така, доцнат - само во август започна нивната апликација за распределба на 200 милиони лева.

Цело лето не можеше да започне одобрената шема на ваучери за поддршка на туризмот, според која државата субвенционира еднонеделен одмор во Бугарија со 210 лева (105 евра). Владата строго го ограничи опсегот на оваа мерка и во пракса ја направи бесмислена. Ваучерите се достапни само за здравствените работници, полицајците и другиот персонал вклучен на фронтот во борбата против КОВИД-19. Покрај тоа, тие ќе можат да се одморат само во мал број државни одморалишта.

Политички турбуленции

Во меѓувреме, Бугарија беше потресена од политички протести, кои не стивнуваат веќе три месеци. Од почетокот на јули, секоја вечер илјадници незадоволни граѓани излегуваат на митинзи и маршеви во Софија и други големи градови барајќи оставки од премиерот Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев. Под притисок на протестите и барањата за оставки, кабинетот на Борисов прибегна кон дарежливи дополнителни трансфери на стотици милиони лева кон државни структури, општини и разни групи на даночни обврзници. Честопати овие вонредни трошоци се оправдуваат со корона кризата, но на сите им е јасно дека водечката причина е купување симпатии и време.

Изненадувачки, владата одлучи за 30 проценти да ги зголеми платите на повеќе од 33,000 вработени во државната администрација. Беше одлучено да се доделат и по 50 лева додаток за три месеци еден по друг – август, септември и октомври на најголемата социјална група во Бугарија - пензионерите, кои се над 2,1 милион граѓани.

Со новата учебна година, владата, исто така, го зголеми износот за помош на родителите на деца до 14-годишна возраст кои треба да учат од дома поради карантин. Доколку овие родители се принудени да заминат на неплатено отсуство за да се грижат за своите мали деца и да им помогнат во учењето од далечина, тие ќе добиваат 610 лева (305 евра) месечно - исто колку што е минималната плата во Бугарија, или 915 лева (457 евра) ако имаат две или повеќе деца. Во април и мај оваа поддршка беше 375 лева и скоро 2 000 семејства ја искористија оваа можност.

Досега, благодарение на приливот на пари за плати, надоместоци и пензии, домашната потрошувачка како целина останува скоро на нивото од минатата година и главно го поддржува формирањето на бруто домашниот производ. Се чини дека, буферите на владата започнаа да се изцрпуваат, кога станува збор за земање надворешен заем. На 15 септември државата издаде обврзници на странските пазари за 2,5 милијарди евра.

Пир по време на чума и купување на политичка доверба

Владината тактика за справување со проблемите предизвикува се повеќе критики. Невладиниот институт за пазарна економија (ИПЕ) предупредува за опасно залетување кон „измамничкото разбирање дека Бугарија може да се опорави од кризата и да оди кон брз економски раст само преку мерки за фискално стимулирање на домашната побарувачка“.

„Пир по време на чума“, така Бугарската трговско-индустриска комора (БТИК) ги оцени зголемените плати на вработените во државната администрација од 1 август - „На сите им е јасно дека владејачката коалиција сака да освои повеќе гласови на претстојните избори. Сепак, оптоварувањето на буџетот со дополнителни трошоци, вклучително и незаконското зголемување на платите на вработените во надуената државна администрација, без постоење на е-влада и без скратување на административниот апарат, го загрозува целиот државен буџет во услови на опаѓање на економијата, затворање на претпријатија и намалување на меѓународните пазари“.

Ситуацијата изгледа алармантна. И има јасни сигнали дека економската зима ќе биде долга и тешка - не само за Бугарија или за Европа, туку и за целиот свет. Ова бара реформи. Прашањето е дали има политички сили во Бугарија што можат да ги спроведат.

 

Овој блог е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведува Рес публика во соработка со Анализирај.ба (БиХ), Sbunker (Косово) Не давимо Београд (Србија), PCNEN (Црна Гора), Prlija (Хрватска), ABCnews.al (Албанија) и СЕГА (Бугарија).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Мила Кисјова

Мила Кисјова е долгогодишна новинарка и пишува главно на економски теми – банкарство и финансии, пазар на труд, социјална политика. Од 1997 до 2010 година работела за финансискиот весник „Пари“, потоа во националниот дневен весник „Стандард“. Од почетокот на 2017 година таа е новинар во весникот „Сега“. Дипломирала на Институтот за хемиска технологија во Бургас, потоа на Факултетот за новинарство на универзитетот во Софија „Св. Климент Охридски“. Во 2003 година ги завршила своите магистерски студии по бизнис и администрација (МБА) на Градскиот универзитет во Сиетл, САД.