fbpx

Ацевски: 23 години континуирано има состојби на несоодветно користење на јавните пари

Интервју

23.07.24

Прегледи

Вообичаено кога Државниот завод за ревизија објавува извештај, тоа значи многу работа за новинарите, бидејќи извештаите се полни со пикантни детали за лошото управување со парите на даночните обврзници. Зад оваа вредна работа стои директорот на ДЗР Максим Ацевски и вредниот тим ревизори. „Во моите 23 години работа во државната ревизија континуирано наидувам на состојби кои што за жал значат несоодветно користење на средствата на даночните обврзници“, вели тој. Има и драстични примери како тој дека иако се потрошени 10,5 милиони евра за 7 нови апарати за магнетна резонанца, бројот на прегледи е ист како и кога имало многу помалку. Освен за здравството, разговаравме и за „Бехтел и Енка“, РЕК Битола, постапувањето на обвинителството, за патот Кичево-Охрид, јавните набавки и сѐ друго што дава неповолна „дијагноза“ за нашата држава.

Господин Ацевски, институцијата која ја водите ревносно излегува со ревизорски извештаи кои имаат голем одек во јавноста. Па, за почеток, Ваша генерална оцена за управувањето со јавните средства во државата?

- Би сакал и јас да се надоврзам и да истакнам дека Државниот завод за ревизија ужива соодветно внимание и доверба кај граѓаните. Во текот на 2022 година од страна на Институтот за европски политики, бевме прогласени за најтранспарентна институција, додека во 2023, според податоците на Транспаренси Интернешенал, нашата институција го зазема првото место во националниот систем за интегритет.

Ако ги анализираме годишните извештаи за извршените ревизии во континуитет ќе забележиме дека има одредени согледувања и укажувања од страна на Државниот завод за ревизија за начинот на управување со јавните средства, што упатува на констатација дека има потреба од подобрување на системот за управување со јавните финансии, а пред сѐ подобрување во управувањето и менаџирањето на капиталните инвестиции, утврдување на стратешки приоритети за капиталните инвестиции, мониторингот и секако, известувањето на начинот на користење на тие средства.

Каква е Вашата оценка за управувањето со јавните средства?

-Неблагодарно е да се дава оценка, меѓутоа ако ги имаме предвид укажувањата од Европската комисија јасно е дека нашата држава и надлежните министерства имаат уште многу да работат за да добиеме соодветна добра оценка за начинот за управување со јавните финансии.

Најспоменувана тема во државата е буџетот, излеговте со детален ревизорски извештај за трошењето на буџетот на државата, па може ли накусо да сублимирате какви се согледувањата?

-Во Извештајот го опфаќаме целиот процес, од процесот на подготвување, планирање на самиот буџет, усогласувањето на буџетските барања помеѓу Министерството за финансии со корисниците на средства од буџетот, неговото разгледување и донесување во Собранието, извршувањето и секако известувањето. Укажуваме дека има зголемување на тековниот и на расходниот дел за 2023 година, што е проследено со зголемување на јавниот и државниот долг. Даваме и осврт на она што значи структура на приходниот и расходниот дел во кои што укажуваме и за висината на изворните приходи, но и за задолжувањата кои што се однесуваат и на домашно и за надворешно задолжување.

Исто така, укажуваме и за начинот на користење на расходниот дел, капиталните инвестиции, имаме согледувања и укажувања за начинот на користење и известување на капиталните инвестиции. Морам да истакнам дека има одредени состојби за кои Државниот завод за ревизија не е задоволен од начинот на она што значи користење на капиталните инвестиции, бидејќи се користат одредени позиции и се трансферираат средства на име капитални инвестиции, меѓутоа, за жал, кај крајните корисници имаме несоодветно користење на таквите средства односно ги користат за цели кои немаат никаква врска со намената.

На крај, укажуваме и за начинот на користење на средства од страна на единиците на локална самоуправа, бидејќи на крајот на годината имаат нереализирани средства и имаат обврска да ги вратат. Има поголем број на единици на локална самоуправа кои не ги вратиле тие средства. По наша препорака во текот на ревизијата, дел од средствата се вратени меѓутоа има дел кои сѐ уште не се вратени. Истакнуваме и податоци за висината на државниот и на јавниот долг, и преземени и неподмирени обврски.

Ризици околу „Бехтел и Енка“

Втора важна тема во јавноста, ако може така да ги рангираме, е договорот со „Бехтел и Енка“. Неодамна изјавивте дека постои висок фискален ризик околу тој договор. Што значи тоа?

-Во нашиот конечен ревизорски извештај никаде не го наведуваме правниот субјект кој што е изведувач на активностите на Коридорот 8 и Коридорот 10-Д. Во суштина, ние правевме ревизија на Јавното претпријатие за државни патишта кое што во исто време е и инвеститор на активностите и треба да ги преземе согласно посебно донесениот закон и да создаде услови за непречено извршување на градежните активности. За жал, свесни сте дека во јавноста се појавуваат информации во кои има одредени состојби каде степенот на преземените активности не е на потребното ниво и според состојбата што е содржана во конечниот ревизорски извештај истакнуваме дека вкупната вредност што е платена на име директни капитални активности е во суштина 0,12 отсто, што укажува на низок процент на реализација на градежната активност, со што постои висок фискален ризик за дополнително одлевање на средства од буџетот на државата.

Веќе во Вашите првични одговори гледаме загрижувачки сознанија за тоа како се користат јавните средства, па дали во текот на Вашата работа Ве изненадиле или Ве запрепастиле некои примери за неправилно работење?

-Не ме изненадуваат, бидејќи во моите 23 години работа во државната ревизија континуирано наидувам на состојби кои што за жал упатуваат на несоодветно користење на средствата на даночните обврзници. Има повеќе состојби кои што се случуваат во поново време. Тоа се состојбите во делот на капиталните инвестиции како на пример, за железничката пруга, за изградбата на автопатот Кичево-Охрид, набавки на апарати за магнетна резонанца итн, кои упатуваат на несоодветно користење на средства на даночните обврзници од една страна, а од друга страна на отсуство на квалитет на услуги кон граѓаните.

Ако ја земете, на пример, изградбата на клиничкиот центар кој пред долги години требаше да биде завршен, за жал имаме раскин на договор и одење на арбитражен суд каде што изведувачот на работите бара одреден надоместок и имаме целосна неизвесност. Меѓутоа, се поставува и прашањето: Дали имаме клиничка болница во Штип – немаме, дали имаме соодветна здравствена заштита на граѓаните од Источна Македонија – немаме, каде ги упатуваме тие граѓани за терцијална здравствена заштита – во Клиничкиот центар во Скопје... И така доаѓаме до заклучок дека имаме зголемен обем на пациенти во Клиничкиот центар во Скопје и со тоа намалена временска рамка со која еден доктор може да посвети на еден пациент. Сето тоа го доведува во прашање квалитетот на здравствените услуги.

Исто така, ако го проучите конечниот ревизорски извештај за ефикасност на мерките за магнетна резонанца, ќе забележите дека ако во 2017 година државата имала 7 компјутери за магнетна резонанца, во 2023 година имаме 14, значи, сме набавиле уште 7. Ако имаме предвид дека еден компјутер за магнетна резонанца чини еден 1,5 милион евра, тоа значи дека ние сме дале 10,5 милиони евра за набавка на дополнителни 7 компјутери за магнетна резонанца, меѓутоа бројот на извршени прегледи во 2023 е еднаков со бројот на извршени прегледи во 2017 година. Се поставува прашањето, зошто се потрошени толку средства ако бројот на извршени услуги е ист? Да не зборуваме за времето на чекање на резултатите од магнетната резонанца и што тоа значи за здравствената услуга на граѓаните.

Така што, кога зборуваме за капиталните инвестиции и за сѐ она што се случува околу нас, на крајот на краиштата не се само парите на даночните обврзници туку и квалитетот на услугите што јавниот сектор треба да ги испорача кон граѓаните.

Настапивме со докази за Онкологија

Навистина е важно што некој зборува за тоа, особено што некој зборува од позиција на претставник на државна институција како што сте Вие. Кога сме веќе кај здравството, не може да не проговориме за Клиниката за онкологија, задоволен ли сте од епилогот?

 -Сите граѓани во државата знаат за исходот на постапката на Јавното обвинителство. Нашиот ревизорски извештај беше предмет на разгледување и во Анкетната комисија во Собранието и во Комисијата за финансирање и буџет каде што беа донесени соодветни заклучоци. Јас жалам што тие заклучоци не поминаа на пленарна седница каде што требаше да се дискутираат, меѓутоа тоа е состојба за која треба да одговори самото Собрание. Како и да е, за првпат во историјата на работењето на Собранието и на Државниот завод за ревизија се разгледа еден ревизорски извештај.

Пред неколку денови имавме средба со членовите и претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетика на која договоривме дека таквата пракса ќе продолжи и во оваа комисија. Во однос на она што значи епилог во јавното обвинителство имаме одлична соработка со нив, добиваме повратни информации и јавноста знае за мерките што се преземени против менаџментот и одговорните лица во таа јавна здравствена установа. Ние ревизијата ја вршевме врз основа на докази, за секоја утврдена состојба имаме обврска да обезбедиме докази, тие докази ги внесуваме во нашиот автоматизиран менаџмент систем за водење на ревизијата и на барање на јавното обвинителство сите докази им се даваат.

Понатаму Обвинителството продолжува да ги обработува тие податоци. Можам да кажам дека сѐ она што имавме како податоци е предадено на јавното обвинителство.

Во едно интервју рековте дека 22 ревизорски извештаи сте дале во Обвинителството. Што се случи потоа?

 -И претходно реков дека имаме одлична соработка. Ако во текот на 2020 година не можевме да обезбедиме податоци за преземени мерки и активности по ревизорските извештаи, во текот на 2024 година повратните информации за преземените активности од Јавното обвинителство ги обезбедивме за само пет дена, што укажува на високо професионалниот однос од нивна страна. Нашата соработка се спроведува на три нивоа. Имаме секојдневна комуникација.

Во претходните три години, некаде во околу 41 ревизорски извештај се преземени мерки и активности околу 84-85 отсто, додека за последната годишна програма за 2023 година имаме повратни информации за 11 ревизорски извештаи од кои за 10 е отворена истрага што укажува на 91 отсто прифатеност, што само по себе зборува за квалитетот на нашата работа.

Има ли одговорност?

Некој што ќе го чита нашето денешно интервју ќе се праша дали некој одговарал за состојбите, бидејќи крајната цел треба да биде тоа. Тоа не е ваша одговорност, вие сте си ја завршила работата, но еве нека остане забележано дека сето тоа што го работите треба да заврши и со одговорност на оние кои неправилно управувале со парите...

 -Мора да сфатиме дека тоа е процес. Има преземено активности и има лица кои ги сносат последиците за несоодветно постапување со јавните средства. Меѓутоа, сметам дека е коректно да се обратите до Јавното обвинителство и мислам дека од таму ќе добиете податоци за целокупното постапување и висината на изречените казни.

Државниот завод за ревизија откри дека имало игри околу тендерите во РЕК Битола односно биле отфрлани оператори кои ги исполнувале условите на тендерот. Го известивте ли за тоа јавниот обвинител?

 -Ние не го користиме терминот „игри“. Ние кажуваме дека има несоодветно постапување во начинот на доделување на договорите за јавни набавки. Да, точно е дека во самиот процес на доделување на договорите за јавни набавки не било дозволено да учествува еден економски оператор кој што во суштина ги исполнувал условите. Целокупните материјали со кои располага Државниот завод за ревизија се доставени до јавното обвинителство, имаме посебен образец во кој што кажуваме во што изразуваме сомнеж, кажуваме зошто го изразуваме тој сомнеж, значи јавниот обвинител е известен и тој ќе процени понатаму дали има потреба да ја проширува својата истрага.

Откривте и застрашувачки податоци дека во 2022 година биле дадени 26 милиони евра за казни и пенали за неповлечени кредити за инфраструктурни проекти и дека од 24 проекти вредни 4 милијарди евра само еден е завршен. Што значи тоа за една држава и што зборува за начинот на кој се управува со средствата?

 -Мислам дека е некоректно јас да давам оценка што значи тоа. Ние како Државен завод за ревизија имавме храброст да истакнеме каква е состојбата во делот на капиталните инвестиции, а тоа што од толкав број на капитални инвестиции е завршена само една укажува дека државата не е подготвена во делот на она што значи утврдување на приоритети и управување со инвестиционите проекти. Не е подготвена ни за соодветен мониторинг и за управување со ризиците во делот за капиталните инвестиции.

Кога веќе прашувате што значи тоа за државата, да ви одговорам дека тоа значи отсуство на капитални објекти, несоодветен развој на економијата и на туризмот, помалку бруто домашен производ и понеквалитетни услуги кон граѓаните. Еве да го земеме автопатот Кичево-Охрид – ќе се согласите дека влијае на туризмот и на општата слика за нашата држава, за поврзаноста и за квалитетот на патната инфраструктура, за изгубените човечки животи до кои дошло, а се надевам ќе биле помалку ако сме имале автопат Кичево-Охрид, потоа за животната средина итн.

Во еден скорешен ревизорски извештај беше предупредено и на зачестена појава на поништување на јавни набавки. Што се добива со поништување на тие постапки и зошто се прибегнува кон такви трикови?

 -Па видете, тука не треба да гледаме само во јавните институции, туку мора го имаме предвид и начинот на постапување и правните субјекти кои што поднесуваат тендерски документации, при што често пати се забележува дека или тендерската документација не е комплетна или пак понудената цена за услугата е далеку повисока од реалното чинење. Но, во исто време можеме да кажеме и дека не се преземени доволно активности за истражување на пазарот.

Така што, не е само во прашање едната страна. Често пати имаме правни субјекти кои по секоја цена сакаат да победат во постапката на евалуација, да склучат договор, а на крајот кога треба да испорачаат тоа е со несоодветен квалитет. Оттука, мора да се сфати дека при склучување договор за јавни набавки мора да имаме чесна игра од сите страни.

Сепак кој е Вашиот заклучок за водењето на јавните набавки, каков картон би им дале - црвен или жолт?

 -Тоа е процес, во доделувањето на договорите за јавни набавки мора да кажеме дека тоа е комплексен процес. И самиот закон е комплексен процес. Треба да има посебни едници за јавни набавки кај субјектите, со посебно назначени лица кои ќе имаат сертификат за тоа. Е сега ако ја погледнете структурата и обемот на вработените кај тие субјекти, не може да се очекува дека ќе има соодветен човек со сертификат, човек кој ќе биде верзиран со информатичка опрема, за софтвери, што упатува на тоа дека не сме толку лоши во јавните набавки туку имаме одредени материјални договори кои се причина за одреден сомнеж за несоодветно постапување и таквите појави фрлаат дамка на целокупниот процес на јавни набавки.

И затоа велам тоа е ризик кој што секогаш треба да се трудиме да го сведеме на прифатливо ниво. Државниот завод за ревизија во последно време вложува во знаењето на вработените во делот на она што значи оценка на дадената вредност за дадените пари. Континуирано, повеќе од 6 месеци, ги едуцираме нашите вработени преку проект со Светска банка и со турска ревизорска куќа, со цел да даваат оценка дали државата и јавните субјекти кои дале одредени средства добила услуга соодветна на дадените пари.

Законот за ревизија - тажна приказна

Имавте средба со министерката за енергетика. Со оглед дека енергетиката е сектор со лукративните бизниси, какви препораки ѝ дадовте?

 -Немав средба само со министерката за енергетика, туку и со други министри и со директори на јавни установи. Со министерката за енергетика разговаравме за извршените ревизии во ЕСМ и МЕПСО, Номагас итн. Нормално дека беше изненадена за утврдените состојби и за недоволната грижа за начинот на постапување во одредени области. Дека договоривме одредени активности. Ние сме на располагање со нашата стручност и компетентност да дадеме поддршка во креирањето на мерките и политиките за отстранување на таквите состојби.

Со оглед дека Македонија важи за конфликтно општество, со константно висока температура во политиката, како е да им се брца во око на институциите, Ви се случува ли да не спиете пред објавување на некој извештај, имате ли притисоци да бидете помеки во извештаите?

 -Нема потреба да не спијам, бидејќи тоа не сум го направил јас. Ние само со нашата стручност даваме додадена вредност и даваме совет како и на кој начин да се обезбеди посоодветна искористеност на јавните средства односно на средствата на даночните обврзници. Секој упатен човек и секој упатен менаџер мора да биде благодарен на нашата работа, бидејќи служиме како алатка да дадеме повратна информација за начинот на користење на јавните средства. Дали некој ќе има забелешка на нашето работење – секако дека ќе има, дали некој ќе биде незадоволен од нашата работа – секако дека ќе биде.

Менаџерите кога управуваат со одредени компании не можат да ги знаат сите активности, но затоа е битно да имаат соодветен тим кој ќе ги контролира сите активности и ќе обезбеди соодветно управување со јавните инвестиции. Во однос на тоа дали имам притисоци, битно е колку ќе одолеете и колку ќе имате сопствен интегритет да си ја извршувате работата.

За крај, има ли новитети во новиот Закон за државна ревизија кој очекувате да биде донесен и дали има одредби кои ќе ја зајакнат улогата на ревизијата и постапувањето по ревизорските извештаи?

 -За жал, ова е најтажното прашање и најтажната состојба во последните две и пол години. Новиот Закон за државна ревизија беше дел од проектот со ЕУ кој чинеше 1,5 милион евра. Тој закон беше предаден на министерот за финансии во април 2022 година, сега сме веќе јули 2024 година, меѓутоа за жал не доживеа да се најде на гласање во Собранието.

Имаше многу новини во кои ќе се обезбедеше функционална финансиска независност на Државниот завод за ревизија, но од друга страна и за конечното постапување по ревизорските извештаи, беше доуреден начинот на преземање мерки по дадените препораки, начинот на разгледување на ревизорските извештаи во Собранието, начинот на известување на јавното обвинителство и постапување по ревизорските извештаи и други сегменти вклучувајќи го статусот на вработените. Меѓутоа, за жал, во досегашниот период не се најдоа сили да се разгледа законот во Собранието, сега нашата работна група ќе достави дополнителна верзија до надлежното министерство и силно верувам дека до крајот на годината ќе биде донесен.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Наке Батев