fbpx

Наум Пановски: Во Македонија владее волјата на нејзините непријатели, волјата на фамилиите што наизменично доаѓаат на власт

Интервју

25.03.21

Прегледи
Naum Panovski Vo Makedonija vladee voljata na nejzinite neprijateli voljata na familiite sto naizmenicno doagaat na vlast

Македонија мора радикално да се соочи со себе и да се пресмета со своите заблуди, од својот паразитизам, да се ослободи од сиот тој самодеструктивен баласт, да се ослободи од ова зло што ја разјадува државата однатре, и најважно, да се ослободи од примитивизмот и диктатурата и на македонскиот и на албанскиот етноцентризам и клерикализам. Македонија мора да се извлече од наметнатиот коњски ам, кој ја зароби и ја претвори во бинационална државна заедница, со октроирано име и октроиран устав, и да се врати, односно да ги обнови од корен вистинските хуманистички, етички и граѓански вредности, вели во интервјуто за МКД.мк и за #ResPublicaMK, д-р Наум Пановски, професор по хуманистички науки и уметности, режисер што откако ја напушти Македонија, веќе 30 години живее во САД.

Никогаш не ги прекинавте врските со Македонија и регионот. Активен сте и како режисер, сценарист, колумнист и активист во целиот регион. Што мислите за состојбите во Македонија?

- Новата држава, која од страв ја нарекуваат „нашата држава“, ми личи на еден панаѓурски ѕид на смртта во кој една селска будалетинка изигрува храбар моторџија, вртејќи бесмислени кругови во место, додека клакерите го гледаат тоа бесмислено самоубиствено вртење во круг, тоа шлајфување во место, и како блентави му ракоплескаат на „храброста“. Е, само работата е во тоа што од многу „храбро верглање во место“ целата градба распукала, се срушила, и се претворила во еден заразно загаден градежен смет во кој, како во жив песок, луѓето раскарани меѓу себе се глодаат, се мразат и плукаат, се дават и се прпелкаат во рушевините и остатоците од градбата, но не прават ништо сериозно за да излезат од тој смет и смрдеа што ги проголтува. Од друга страна, државата сега така оставена без своите државни темели и без заштита од тие што треба да ја штитат, е доведена во состојба во која кој како стигне зема од неа и ја присвојува. А луѓето, граѓаните, особено Македонците, кои до сега беа мнозинство во државата, сега се обезличени и понижени, и се на пат кон ново административно исчезнување. Затоа така не постои.

Дали е тоа од страв?

- Да. Така шашардисани и уплашени, додека од внатре врие до точка на експлозија, тие чекаат некој друг да им ја заврши домашната работа, затоа што ако мрднат се плашат дека ќе потонат во калта и зовриениот жив песок што ги голта. Да бидам јасен за оние во врвот на неподносливата власта, кои не можат да разберат, заради тоа што имаат само по три часа и по еден голем и еден мал одмор од образование, и кои тврдоглаво и инаетчиски одбиваат да разберат дека треба да си одат и да ја ослободат Македонија од својата смртоносна прегратка. Кога велам дека се урнати државните темели, мислам на македонскиот Устав, кој е основата врз која почива, се гради и се чува државата. Тој е повеќекратно погазен и девастиран. Прво е начнат 2001 година, а потоа фрлен под нозе на 24 декември 2012, и конечно распартален и уништен 2017-19, за денес да е во употреба еден октроиран Устав, кој поради околностите под кои е донесен, се сомневам дека е правно валиден.

Но во Македонија одамна не владее правото.

- Точно така. Во Македонија владее волјата на непријателите на Македонија, односно владее волјата на фамилиите што наизменично се на власт, а Уставот се менува секојдневно по желба на соседите.

Тоа странците веќе го нарекоа хибриден режим.

- Да, токму затоа денес на темелите на поранешна Македонија имаме нова аморфна заедница, која е од една страна доминирана од албанското националистичко и насилно малцинство, а од друга управувана од инфилтрирани непријатели на Македонија од бугарско происходство, кои заедно сервилно и од петни жили се трудат да го бугаризираат и да ѝ го потчинат на Бугарија она што останало од државата.

Сето ова секако го гледам од дистанца, ослободен од политички притисоци, со мирна глава, јасно, без личен интерес од сето тоа, но не со помала страст и грижа за тоа што се случува таму. А тоа распаѓање на сѐ хумано во таа држава и уривањето на АСНОМ-ска Македонија, тој етнички инженеринг што здружено го спроведуваат и ВМРО-христијанска и СДСМ-демохристијанска, за жал трае и се случува систематски повеќе од 30 години. Од појавата на вмровските политички шарлатани и војводи во деведесеттите, па сѐ до денешната деидеологизација и до манипулациите, лагите и злоупотребите на сегашните квазисоцијалдемократи, на кои им е важен личниот профит, а не интересот на државата и нејзините граѓани.

Во општеството одамна нема искрен и отворен разговор, без лепење етикети и суети.

- На Македонија ѝ е потребен сериозен и отворен разговор без судир на ситните суети и големите ега. И најмалку се потребни лидери што го зацврстуваат својот култ на личноста со тоа што се единствени кандидати на својата квазидемократска партија.

Некаде кажавте дека ни е неопходна нова парадигма?

-На Македонија не ѝ се потребни делби, раздори и судири по ниедна основа. Само непријателите на Македонија го сакаат тоа. Потребен ѝ е дијалог и слушање. Потребна ѝ е нова парадигма, нов државен концепт, нов општествен договор, во кој слободниот говор ќе биде продуктивен чин и ќе биде чуен. Чуму вие право на слободен говор ако аутистичната власт не слуша ништо, туку т‘по и упорито по б‘лгарски терк си тера по свој ќеф. Тоа е чиста бласфемија.

Naum Panovski Vo Makedonija vladee voljata na nejzinite neprijateli voljata na familiite sto naizmenicno doagaat na vlast

За каква нова парадигма зборувате?

- Секоја држава во светот ги штити своите интереси, освен тој сурогат од држава со насилно наметнато ново име. Сѐ додека сите во Македонија, без разлика кои се и што се, а посебно алчните политичари, и оние на власт и оние во опозиција, и Македонци и Албанци и сите други, не разберат дека личните интереси не се над интересите на државата и над интересите на широката општествена заедница, нема иднина.

Идејата за нова македонска парадигма е токму сето тоа што е спротивно од овој саморазурнувачки систем. Тоа е еден можен сон што го содржи сето она што е важно за опстанок на една држава и една општествена заедница и она што води напред. Заедница кадe што ќе владее знаењето, а не бесмислена храброст. Македонија мора радикално да се соочи со себе и да се пресмета со своите заблуди, од својот паразитизам, да се ослободи од сиот тој самодеструктивен баласт, да се ослободи од ова зло што ја разјадува државата однатре, и најважно да се ослободи од примитивизмот и диктатурата и на македонскиот и на албанскиот етноцентризам и клерикализам. Македонија мора да се извлече од наметнатиот коњски ам, кој ја зароби и ја претвори во бинационална државна задница, со октроирано име и октроиран устав, и да се врати, односно да ги возобнови од корен вистинските хуманистички, етички и граѓански вредности. За сето тоа да се случи Македонија мора да се заснова и да се развива на нови параметри, на нов општествен договор за вистински граѓанска Македонија со цврста морална вертикала. Македонците, кои во минато немале држава, и кои кон државата се однесуваат како таа да е туѓа, а не нивна, мора да сфатат дека државата е нивна и дека мора да сторат нешто за неа. Со тоа мора да сторат и нешто многу битно и возвишено и за себе. Ако ја нема државата, ги нема ни нив.

За каква граѓанска Македонија зборувате? Зошто велите бинационална Македонија?

- Видете, просто немам веќе желба јавно да зборувам за тоа што сѐ треба да се промени и да се направи, за Македонија да се претвори во едно пријатно, сериозно, продуктивно и пожелно место за живеење. Место каде што знаењето, личниот морал и интегритет се императив. Уморен сум од тоа говорење во глува соба. Не дека визии и идеи нема, дека нема луѓе, напротив има многу, за разлика од многумина што тврдат дека нема материјал, дека нема критична маса за промена, јас верувам дека има. Македонија е уморна од лажни херои и инфантилни политичари. Кај што има желба има и начин. Многупати во минатото сугерираните можни решенија и процеси што водат кон една похармонична заедница, продуктивните идеи, не само што биле дрско преземени без најава и должна почит, туку биле и извитоперени и злоупотребени за лични цели, за самопромоција, за градење култови на непогрешливост. Исто онака како што на чесните граѓани и на оние што навистина сонуваа и се бореа за поинаква Македонија им беше бескрупулозно украдена и погазена шарената револуција. Ужасно е сознанието колку многу профитери и насилници, дрски уличари, се натоварија на возот на измамниците, лажливците, непријателите и растурачите на Македонија, кои врескаа „ќе нѐ биде“. Истите тие дрски превртливци, тој маток од луѓе, денеска се најагресивни воини во преторијанската гарда на корумпираната антимакедонска власт инсталирана во сите сегменти на општеството.

И што сега? Пак години и години молк?

- Не го велам тоа. Мислам дека понекогаш поради тоа што никој не слуша и нема сила да разбере, дека и нема потреба да се говори повеќе. Но, од друга страна, сметам дека мора да се зборува. А тоа некоја граѓанска должност кон оние ретки поединци што сѐ уште не дигнале раце од сѐ и кои бараат продуктивни промени, и морам да кажам збор два објаснување за тоа што јас подразбирам под нова парадигма. Пред сѐ тоа е принцип на работа и организација на општеството – на полисот - во кои со државата раководат и која ја водат пред сѐ чесни поединци, со голем личен интегритет, со високи морални стандарди, со висока професионална етика, високо образование и со големо искуство во областа со која се занимаваат. Личности што не се подложни ни на корупција, а и кои не се со ништо компромитирани и за кои интересот на државата и општеството е пред нивниот личен интерес. Значи се работи за личности што до сега не биле активни чинители во македонската политика. Односно тоа не смее да бидат почетници и други неквалификувани креатури којзнае од каде доведени и како вработени, кои се учат на првото работно место. Посебно, во тоа општество не смее да има трошка место за влијание на корумпирани и компромитирани личности, лапрдала што со години претураат од шупливо во празно и се претставуваат како прогресивни сили што ја водат Македонија во ЕУ и во иднината. Доста е од лажни месии и фарисеи.

Живеете и работите со САД, каде што сите граѓани се Американци. Што мислите, зошто во Македонија не може сите граѓани да бидат Македонци?

- Ако тоа е држава на сите граѓани што живеат во Македонија, тоа и треба да е така. На пример и во Франција, во која има многу Алжирци, сепак сите се Французи. Исто е и со Австралија. Исто така, сметам дека е потребен и сосема нов економски концепт во развојот на државата. Не мислам дека на Македонија ѝ требаат дубиозни експерименти со треви и останати шарлатански будалаштини или некакви си транге-франге препукувања, наречени трговски центри за празноглави преку ноќ збогатени селски шупелки што газат деца по улици. На Македонија ѝ треба развој на сопствено производство, кое обезбедува самоодржливост, ѝ треба технолошки развој, осовременување на многу стопански гранки што ѝ се блиски на традицијата, кои се дел на екосистемот, на запоставените ресурси, на знаењето и искуството на македонските работници и производители, и секако нивно професионално описменување и оспособување да бидат продуктивни стопанственици. Сето тоа подразбира и екстензивен развој и поттик на современите ИТ-технологии и процеси, целосна компјутеризација и електронски технолошки модели на производство и комуникација, кои се блиски до младите образовани генерации.

Во една колумна рековте дека на агресивниот албански екстремизам мора да му се застане на патот. Мислите дека е тоа можно со сервилноста на секоја владејачка партија кон нејзиниот албански партнер?

- Не, не мислам дека се работи за сервилност. Мислам дека од една страна се работи за незнаење, за немоќ да се соочат со проблемите, а од друга страна за свесно влегување во здружени активности за да се остваруваат лични лукративни цели, и за заштита на лични интереси. Меѓутоа, од друга страна, запрепастува бруталноста и дрскоста на водечките македонски политичари и нивните гавази меѓу корумпираните новинари, кога се работи за нивната пресметка со обичните македонските граѓани, кога со невидена леснотија лажат и манипулираат и кога лицемерно се колнат во својата македонска душа, само за да останат на власт.

А идејата за „Голема Албанија“? Во деведесеттите години од минатиот век, колку што се сеќавам, заминавте од Југославија поради Вашите залагања за образование на мајчин јазик, за универзитети на албански јазик... Во што е поинаква денес нивната борба?

- Летото 1992 година морав да заминам од Македонија поради смртни закани токму затоа што го бранев човековото право на сограѓаните Албанци на нивно образование на албански јазик и правото на основање на високошколски институции и универзитети на aлбански јазик. Тоа што многу од тие права подоцна се злоупотребија и се искористија свртувајќи ги процесите во друг етноцентричен правец против заедничките интереси во Македонија е нешто сосема друго.

Naum Panovski Vo Makedonija vladee voljata na nejzinite neprijateli voljata na familiite sto naizmenicno doagaat na vlast

Албанскиот агресивен егоизам и национализам, инаку упорно, дрско и со примена на својата позната калашников-демократија, го користи меѓумакедонското глодање, кавгите и отровните расправии, и чекор по чекор полека ја остварува својата стогодишна стратешка цел, а тоа е создавање на голема Албанија. Тоа е толку очевидно што и птиците на гранките го гледаат и го знаат. Само македонските властодршци се прават глуви и слепи и нѐ убедуваат дека тоа не е така.

Таа чудна спрега на политичка лежерност и неодговорност всушност и придонесе во голема мера за развојот на албанскиот национализам и во некогашна Југославија, а и во тогашна Македонија, па така тоа однесување и остави простор за негово непречено ширење. Смртта на Јосип Броз, распаѓањето на некогашна Југославија и осамостојувањето на Македонија само додадоа силен ветер во крилата на албанскиот екстремен национализам и разгорувањето на сонот за Голема Албанија. И ова не е само мое мислење.

Би сакал некој албански интелектуалец или политичар да ме демантира дека тоа не е така и јасно и гласно јавно да го осуди албанскиот национализам, да го осуди дивеењето на албанските распојасани националисти во МНТ, кои се однесуваа како диви орди, а не како цивилизирани луѓе, или да се огради и да ги осуди балистичките испади на спортските стадиони. Би сакал некој од нив да ја осуди идеја за создавање на Голема Албанија и да ја искаже својата лојалност кон Македонија, кон државата во која живее. Не се сеќавам дека некој го сторил тоа до сега.

Затоа мислам дека на албанскиот национализам мора да му се каже „Не! Доста е!“ Не само вака индивидуално, туку институционално, со законско регулирање на тоа што се параметрите на една граѓанска држава и каде албанскиот национализам го загрозува развојот и опстанокот на таа држава. Македонија мора да престане да биде заложник на албанските националисти на својот пат кон Европа.

Затоа и ја заговаратe таа нова парадигма?

- Да, и верувам дека преку создавање на една нова парадигма на општествено уредување, каде што секој ќе си ги исполнува обврските кон државата, пред сѐ оние фискалните, и ќе ги почитува нејзините институции, албанскиот национализам може да биде оневозможен и повеќе да не претставува закана за мирот и развојот во тој дел на Балканот.

Што мислите до каде е прагот на попустливост на овие политичари кога ќе се погледнат сите последици од потпишаните договори со Грција и со Бугарија?

- Не сум сигурен дека се работи само едноставно за попустливост. Ми се чини дека пред сѐ се работи за попустливост што е резултат на малиот политички капацитет на наивни, неискусни, себични и лоши дипломати и политичари. На неверојатно сервилни лица, кои мислат дека со Итар Пејо-политика на мамење и измами се води дипломатија. Додека соседните држави работат со огромни тимови на стручни соработници од сите области за да ги остварат своите државни планови и агресивни цели кон Македонија, македонската дипломатија е оставена во рацете на аматери и манекени, кои мислат дека носењето букети цвеќе, додворувањето и флертувањето ќе ги решат комплексните проблеми што бараат вешт дипломатски јазик, одмереност и претпазливост, знаење и искуство. Треба да се има умешност да се види што има зад ридот, умешност да се препознае тројанскиот коњ, умешност да не се дозволат кукавички јајца во сопственото гнездо.

Договорот со Бугарија можеби е уште поштетен?

- Ако Преспанскиот договор е само е идеолошка матрица за растурањето на Македонија, договорот со Бугарија е фашистичка егзекуција на таа идеолошка матрица. Исто како што Грција цели два века не ја менува својата фашистичка политика кон Македонија, така и Бугарија го прави истото. Таа е закопана во калта на 19 век и опиена од митовите за голема еднонационална држави и од тие пусии пука со сите оружја.

Од 1878-та до денес работите не се ни за влакно променети таму. Бугарската разорна националшовинистичка матрица и нејзината патолошка желба да ја поседува Македонија не е променета. Затоа е и тој агресивен националистички инженеринг денес со кој се настојува на секој можен начин, што со убо што со стап, Македонија да се бугаризира и да се присвои. Ништо ново што не сме го знаеле до денес.

Naum Panovski Vo Makedonija vladee voljata na nejzinite neprijateli voljata na familiite sto naizmenicno doagaat na vlast

Во таа заедничка македонско-бугарска комисија историчарите се обидуваат да дефинираат некаква заедничка историја. Постои ли такво нешто? Треба ли воопшто да продолжат тие разговори?

- Да не се лажеме. Не! Ние немаме заедничка историја со Бугарија. Настаните се исти, но фактите за тоа што се случило и како се случило, погледнати од две сосема спротивни страни се сосема други. Тие секогаш биле агресори и угнетувачи, а ние сме се бореле за гол живот и слобода. Во таа „заедничка историја“ секако дека спаѓа и денот кога летото 1941 година, целото семејство на мајка ми, некои 50 луѓе во тоа време, било изведено на гумното во селскиот двор пред нивната куќа и построено за стрелање. Само достоинствената саможртва на тетка ми, која прифатила да се омажи под присила за човек што ѝ го намениле бугарските фашистички џандари, го спасила семејството. И драго ми е што тој човек подоцна се покажа дека е една прекрасна хумана душа. Тоа е таа заедничка историја, вистината за неа. Такви заеднички истории има како свежи белези во сеќавањето на многу македонски семејства.

Нема заедничка историја со Бугарија. А уште помалку историска вистина по нивен терк. Вистината на џелатот секогаш е поинаква од висината на оној што стои под бесилката.

Како во случајот со Македонија, од таа „американска“ перспектива, Ви изгледаат сите овие непочитувања на принципите врз кои е поставена оваа цивилизација?

- Македонија е дел од светот и таа не живее во вакуум, во некој пластичен балон. Сето она што се случува во Европа, во Америка и воопшто секаде во светот има свој одраз и во Македонија. Светот денес живее во едно големо село, и луѓето, особено со сѐ поголемото присуство и со своите активности на социјалните мрежи, гледаат и учат едни од други. Меѓутоа, по принципот на папагалско имитирање на меѓусебните однесувања и навики, тие некритички прифаќаат сѐ и сешто, а најмногу она што е општествен шунд. Тој шунд овде се нарекува deplorable, односно запрепастувачки лош човечки квалитет. Примитивци, насилници и расисти, кои заслужуваат секаква осуда. Или просто нашински речено култура во која доминираат примитивноста, вулгарноста и омразата, кои се целосно спротивни на принципите и вредностите врз кои почива едно хумано, цивилно и цивилизирано општество.

За жал, живееме во време на бесчесност, во време на подлеци, измамници и тирани.

Четиригодишното катастрофално владеењето на Трамп овде во Америка не само што ѝ даде глас и тело на ова агресивна примитивна, вулгарна и пред сѐ расистичка култура, туку и ја распојаса на начин на кој таа ја загрози и демократијата, пристојноста, цивилизираноста и воспитаното однесување. И тоа не само во Америка, туку и во светот. И уште повеќе. Неговиот криминален однос кон опасностите од пандемијата на ковид-19, неговиот расизам, само го забрза разголувањето на тој секаде присутен примитивизам, себичност и алчност, тоа отсуство на емпатија со тие што страдаат, а кои нѐ влечат кон дното и нѐ задушуваат сите заедно.

Што е таму поинакво од она што се случува во Европа?

- Во текот на изминатата година, ова зло семе најде многу добра и плодна почва во поделената, разединета и себична Европа. Она што со години тлееше скриeно под европските евтини теписи, европскиот нацизам и фашизам, тоа цивилизациско зло и дно, за кое корумпираната европска бирократија до бесвест себично и лицемерно тврдеше дека го нема веќе и дека го немало, па дури некои тврдеа и дека холокаустот не постоел, наеднаш исплива на површина со сета своја свирепост и жестина. Оние што беа поразени во Втората светска војна, во името на голиот профит, каде што хуманистичката идеологија се претвори во пракса наречена парите не мирисаат, испливаа на површина и почнаа безмилосно да ја ревидираат историјата. Охрабрени дека никој не ги запира, тие го прифатија дрскиот и вулгарен глас на омраза што го овозможи Трамп и почнаа да косат и жнеат низ Европа. Погледнете само што се случува во соседна Бугарија, во Полска. Да не одиме и понатаму. Сета таа контаминација и деструкција за која можам да говорам со часови, без некои пречки и потешкотии се прелеваше со години и во Македонија. Погледнете само за што сѐ зборувавме до сега. Кои се нелуѓето што ја водат државата? Во тој контекст Македонија е само тажна метафора на урнатите принципи, на предадените идеали и изневерените надежи.

И така, пеисмистички, ќе го завршиме разговорот?

- Па, и покрај сѐ, јас сум непоправлив оптимист. Со доаѓањето на претседателот Бајден во Белата куќа, многу работи за кратко време се променија на подобро. А и со секавична брзина се менуваат. Пристојноста и цивилизираноста се враќаат дома, а и вербата дека некој одговорно раководи и ги решава горливите проблеми во општество во корист на граѓаните и за нивно добро, дека се грижи за нивното здравје, почитта кон луѓето, се повторно тука меѓу нас. Бајден не е само искусен политичар, туку и обичен човек кого можете да го видиме на седиште до вас, во воз од Вашингтон до Вилмингтон. Тој ја знае, ја разбира болката и сочувствува со болката на другиот. Има почит кон обичните Американци. Фактот какво сериозно внимание ѝ посветува на епидемијата, кога во период од само педесетина дена на чело на државата неговата администрација обезбеди вакцинирање на стотина милиони луѓе, ми се чини дека добар знак за оптимизам. Не сакам ова да излезе некоја еуфорична апологија, но од она што го гледам секојдневно верувам дека пред нас се појавува еден хоризонт на надеж, и дека за две три години тркалото на историјата ќе се сврти во спротивен правец. А тие посакувани промени во кои пристојноста и цивилноста пак ќе го имаат своето место во животот, белким ќе имаат влијание и своја улога во расчистувањето на Авгиевите штали и во Европа и во Македонија и во нејзината фашизоидна околина.

А јас секако и понатаму ќе следам од далеку со внимание, но без личен интерес, дали децата во Македонија пораснале, созреале и дали се избориле за правото и честа да имаат своја држава.

 

Новинар: Александар Дамовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.