fbpx

Поповски: На парцелата пред Холидеј ин да се изгради Републички центар

Интервју

19.04.21

Прегледи
Popovski Na parcelata pred Holidej in da se izgradi Republicki centar 1

Поранешниот министер за екологија, архитектот и политиколог Тони Поповски, кој повеќе години живее и работи во Брисел, будно ги следи настаните во Македонија и вели дека хаосот во урбаниот развој е директна последица на несоодветно почнат и воден процес на почетни, широки, инклузивни и транспарентни консултации. Тој како решение за парцелата пред Холидеј ин ја враќа старата идеја за изградба на ново собрание, кое ќе биде од корист и во контекст на односите со соседите, а особено со Бугарија.

Работите и живеете во Брисел, ама според вашите фејсбук-активности, очигледно е дека детално ги следите случувањата во Македонија. Вие сте архитект, па ајде да го почнеме разговорот со вашето видување за расправата околу парцелата пред Холидеј ин. Да бевте градоначалник на Општина Центар, што ќе направевте?

- Во Брисел ја придружувам мојата сопруга, која е наша амбасадорка при Европската Унија. Повеќе од две декади работам како независен консултант и местото на живеење не ми претставува особено ограничување. Ги следам случувањата кај нас и од професионален аспект, покрај архитект, и како магистер на политички науки.

Недвојбено е дека во Скопје се води вжештена дебата околу понуденото концептуално решение за локацијата спроти Холидеј ин и ГТЦ, и таа е оправдана имајќи предвид дека се работи за единствена поголема локација во строгиот центар на метрополата што во значаен дел е неизградена. Бидејќи сум жител на општина Центар, очекувам од мојот градоначалник да ја искористи можноста за суспензија на ДУП-от за оваа локација, која се создаде со донесувањето на новиот Закон за урбанистичко планирање. Суспензијата може да се оправда со потребата од ревизија на ДУП-от поаѓајќи од остварување на јавен интерес на Републиката, а преку него и на општината и градот. Имам впечаток дека токму поблиското дефинирање на јавниот интерес за овој значаен простор за метрополата е предизвик за градоначалникот во моментов, но би требало да биде предизвик и за градоначалникот на Скопје и за Владата.

Но како и други работи кај нас, и јавниот интерес различно се разбира и се толкува...

- При дефинирање на јавниот интерес предвид треба да се земе фактот дека во најголем дел земјиштето е во приватна сопственост (МПЦ, жителите на Ново Маало, и други субјекти). Но нема да биде првпат државата и локалната самоуправа да се обидат да остварат јавен интерес на приватно земјиште низ од поодамна воспоставени процедури. Јавниот интерес првенствено се дефинира со програмата за нарачка на ДУП-от. Ако сметаме дека една конвенционална содржина како домување во комбинација со деловен простор не е соодветна за локација од вакво значење за метрополата и Републиката, треба да се понуди аргументирана алтернатива. Алтернатива може да биде реафирмација на идејата од раните деведесетти на минатиот век, од периодот по осамостојувањето, за изградба на Републички центар со нов, современ и репрезентативен објект на Собрание на Република Македонија, а постоечкиот објект на Собранието да се пренамени во репрезентативна градска куќа или т.н. TOWN HALL - дом на градоначалничка или градоначалник, Советот на Град Скопје и барем дел од градската администрација. Со овој пристап се раскинува просторното и архитектонско поврзување со претходниот политички систем, но и со Кралството на СХС. Тоа не се направи и се пропушти можноста да ја одбележиме независноста на вистински и храбар начин имајќи предвид дека Собранието е централна институција во парламентарната демократија. На новата Република ѝ требаше просторна и архитектонска рефлексија на новата ера на „независно и самостојно“ битисување и ваквото решение ќе беше од корист и во контекст на односите со соседите, а особено со Бугарија.

Реафирмација на оваа концептуално поинаква идеја од понудената може да се оправда со јавен интерес на Републиката. Просторот пред главниот влез во новиот репрезентативен објект на Собранието може преку каскаден плоштад во комбинација со парковско решение, постепено да се симнува кон Вардар овозможувајќи за првпат во строгиот центар на градот единствена визуелна контакт-точка со реката. Ќе се оформи јавен простор со репрезентативен јавен објект од примарно значење.

Другите содржини на локацијата може да бидат наменети за републичката и градската администрација или да се внесат мултимедијални содржини од областа на културата. Втора алтернатива е врз основа на детална процена на исполнетост на стандарди за урбано зеленило во Општината Центар и во строгиот центар на градот, во моментов и перспективно, и доколку има оправданост, да се понуди целосно парковско решение со ненаметливи услужни дејности. Во првата варијанта со изградба на Републички центар, приватните сопственици треба да добијат компензација од страна на државата, а во втората „парковска“ варијанта од страна на двете локални самоуправи (Центар и Град Скопје). Секако втората варијанта би создала сериозен финансиски товар за општината и градот и има објективен ризик инвестиции во компензација на приватни сопственици да ги лишат граѓаните од можности за подобрување на други локални услуги. Во секој случај, компензацијата на приватните сопственици треба да биде разумна и фер. Секако процедурата подразбира преговори, а неуспешни преговори носат ризик да се конзервира постоечката состојба, епилог што не му одговара никому.

Најверојатно има и други алтернативи и тие треба да се сондираат низ една транспарентна, инклузивна и добронамерна дебата водена со учество на стручната, но и пошироката јавност. Полезен оперативен чекор е и објавување на меѓународен конкурс за оваа локација, за кој и не мора да се дефинира многу детална програма и може да се остави можност реномирани мултидисциплинарни тимови да понудат креативни просторни решенија.

Popovski Na parcelata pred Holidej in da se izgradi Republicki centar 3
Генерално, каде ја згрешивме работата со нормалниот урбан развој на Скопје, наспроти овој хаос што ни се случува?

- Суштински предуслов за „нормализирање“ на урбаниот развој на градот е уште на ниво на подготовка на програми за нарачка на ГУП, а потоа и за негова разработка низ ДУП-ови да се спроведе сеопфатен процес на широки консултации, и за овој процес да се алоцира доволно време. Со програмите се дефинира визијата на урбаниот развој, која потоа технички се преведува во формат на урбанистички планови.

На политичарите им се брза поради временски ограничен мандат, а последиците од несоодветни просторни решенија понекогаш се мерат и со стотици години. Овој процес на почетни консултации, доколку е воден на објективен, максимално инклузивен и транспарентен начин, вообичаено резултира со пронаоѓање најдобра резултанта на интереси во просторот. Доколку не е умешно воден, резултира со големи тензии кај населението. Пример за второво се тензиите поврзани со Скопје 2014, процесирањето на решенијата поврзани со Универзалната сала, ДУП-овите за други делови од општината Центар, наспроти интереси мотивирани од профит, но и легитимни интереси на жителите за обнова на станбениот фонд особено од предземјотресно Скопје итн. Од таа причина, најдобро време за инклузивна проверка на сопствените визии за просторот на политичарите е на почеток на мандатот со цел да се избегне брзање и револт на граѓаните поради избрзани решенија. Според мене, хаосот во урбаниот развој е директна последица на несоодветно почнат и воден процес на почетни, широки, инклузивни и транспарентни консултации.

Една паралела, како сите овие проблеми се решаваат во западноевропските метрополи?

- Колку за илустрација, пред да престојувам во Брисел, престојував во Лондон или поточно во Кингстон на Темза, град во градот Лондон и административна просторна единица на метрополата. Често добивав покани на адресата на живеење од страна на Советот на Кингстон за учество во јавни дебати за просторни решенија на кои им претходеа и анкетни прашалници, иако престојував времено, односно не бев жител на Лондон.

Се случи во момент на мојот престој, Садик Кан, градоначалникот на Лондон, да се обрати до сите единици - реони, со барање да обезбедат локации за изградба на објекти за домување, па дури и на сметка на зелени, јавни и други рекреативни површини. На градот Лондон во 2017 година итно му беа потребни минимум 50.000 станови за да може да се намалат енормните износи на закупнини, како и екстремно високите купопродажни цени. Од своја страна Градот Лондон нудеше пакет на компензации поврзани со други локални услуги за своите просторно – административни единици. Пренамената на локациите од поголем обем мораше да помине низ советот на Кингстон и тоа не се случи поради голем отпор на населението и неподготвеност да се жртвува удобноста на живеењето во тој дел од Лондон, кој важеше како еден од најзелените и со споредбено солидни параметри на квалитет на амбиентален воздух.

Значи системот е таков - последен е зборот на жителите. Нивните потреби и ставови изградени низ широк инклузивен процес на консултации воден од локалната самоуправа се почитуваат. Поуката е дека жителите не му излегоа во пресрет на можеби еден од најпопуларните и најспособни градоначалници на Лондон на сите времиња, па и глобално. Жителите немаа разбирање за ваков предизвик, кој сепак не настанал наеднаш и се спротивставија на брзи изнудени решенија. Впрочем, скопјани не се разликуваат од лондончани во очекувањето локалната самоуправа и државата да спроведуваат одржлива политика на долгорочен зелен, здрав и отпорен урбан развој и она што е најбитно, да не избрзува.

Безредието и хаосот ни се присутни и во заштитата на животната средина. Две години бевте и министер за екологија на Македонија, од 1998 до 2000. Зошто не успеавме да воведеме некој ред и тука, да се дефинираат некои стандарди што ќе се почитуваат?

- За волја на вистината, сите вредности поврзани со заштитата на животната средина ги имаме преведено во правни норми и овој сегмент на европското законодавство е во значаен дел хармонизиран. Темелите за ова усогласување беа воспоставени за време на мојот половичен мандат како прв министер за животна средина. Спроведувањето на овие норми и стандарди веќе подолг период е нашиот суштински предизвик.

Голема бариера е огромниот инвестициски заостаток во инфраструктура за животната средина, кој се проценува на над 3,5 милијарди евра. Најголем дел од него е поврзан со управувањето со водите, отприлика 1,5 милијарди евра до 2040 година и достигнување на стандарди за квалитет на амбиенталниот воздух за што се неопходни над една милијарда евра. Одржливото управување со отпадот бара приоритетни инвестиции од минимум 200 милиони евра.

Со исклучок на една локација, не постои консензус за другите 6-7 локации за регионални депонии и крајно време е да се вклучи Собранието и на предлог на Владата да се утврди со специјален закон. Ова е натпартиски предизвик. Сите други обиди ова прашање да се реши од долу нагоре, веќе две декади пропаѓаат. На сето ова се надоврзува потребата од инвестиции за санација на петнаесетина наследени „жешки точки“ поврзани со поранешното индустриско загадување, енергетска ефикасност на објекти минимум од јавниот сектор, потреби поврзани со управување со заштитени подрачја, намалување на ризици од природни несреќи и катастрофи, спроведување нова зелена сообраќајна политика особено во градовите, мобилност со низок јаглероден отпечаток итн.

Од друга страна, не правејќи доволно зелени инвестиции, превенираме создавање зелени пазарни сегменти и се оддалечуваме од можноста доследно да ја спроведеме Зелената агенда на ЕУ и таа за Балканот. Сепак има и неколку светли точки како што е засиленото спроведување на зеленото сценарио од новата Стратегија за енергетика (со моја голема резерва и лично спротивставување на изградбата на малите хидроелектрани особено во заштитените подрачја), засилената изградба на станици за пречистување на отпадните води, пред се благодарение на Европската Унија и други донатори во државата и сѐ поприсутниот и поефикасен инспекциски надзор во животната средина. Ме радува иницијативата за прогласување на Шар Планина за Национален парк и би се придружил на повиците до пратениците едногласно да го изгласаат тој закон. Има поволна динамика и по однос на репрогласување на низа други заштитени подрачја. Сериозен предизвик во моментов е управувањето со Охридско и Преспанско Езеро, каде што, за жал, доминираат стагнантни и девијантни процеси и практики.

Темата е комплексна, не само кај нас, во Европската Унија и глобално.

Што работите сега во Брисел? Какви се Вашите планови во однос на враќање во Македонија?

- Престојот во Брисел ме ограничува на прифаќање краткорочни (хонорарни) професионални ангажмани во рамките на проекти претежно спроведувани од Програмата на Обединетите нации за развој – УНДП, во моментов кај нас и во Ерменија, во области поврзани со влијанието на пандемијата врз локалниот развој, децентрализацијата и регионалниот развој. Ангажиран сум и во проект на УНДП финансиран од Швајцарската амбасада за намалување на ризици од поплави во Полошкиот регион каде помагам во воспоставување на облици на меѓуопштинска соработка. Од страна на Министерството за локална самоуправа, а во рамките на нивен заеднички проект со Швајцарската амбасада, ми беше укажана доверба да предводам мултидисциплинарен тим од експерти што ја подготви новата Стратегија за регионален развој 2021-2031, која неодамна беше донесена во Собранието и во очекување сум да продолжиме со соработката поврзано со подготовка на првата оперативна програма за спроведување на Стратегијата. Заедно со УНДП и МЛС ја подготвуваме новата Програма за одржлив локален развој и децентрализација за периодот до крајот на 2026 година. Ова се политики од особено значење во пресрет на локалните избори.

Како што споменав и на почетокот на интервјуто, подолг период работам како независен консултант и не сум ограничен со местото на живеење. Околностите може да ме вратат во Скопје, но и да наложат потреба да престојувам на друго место. Секако, најголемо задоволство ми причинува кога можам поконкретно со мојата експертиза и безмалку 30-годишно искуство да придонесам за развојот на нашата држава.

Popovski Na parcelata pred Holidej in da se izgradi Republicki centar 2
Ај малку и политика. Бевте дел од некогашната Демократска алтернатива, која тогаш силно ја артикулираше потребата за таа т.н. трета опција. Таа потреба е секогаш актуелна, остана отворено прашање. Зошто тоа не успева, зошто вие не успеавте?

- Има повеќе причини за неуспех на неколку обиди за етаблирање трета опција во македонскиот блок на политички партии и тие се валидни без оглед на политичкото време и динамика.

Како политиколог и согласно со моето лично искуство поврзано со партиите предводени од Петар Гошев и Васил Тупурковски, како прва клучна причина би ја издвоил фрагментираноста на политичкиот спектар помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и следствено донесени одлуки на низа помали партии да не настапуваат самостојно на собраниски избори, односно да се интегрираат во предизборни коалиции. Дури и посилни трети партии „прагматично“ се одлучуваат на овој чекор заради обезбеден опстанок на политичката сцена. Цврстото структурно етаблирање на двете најголеми партии во изминативе три декади изразено преку огромното влијание во администрацијата, но и структурната поврзаност со најсилните сегменти од приватниот сектор, ги обесхрабрува помалите партии да се обединат и да влезат во директен натпревар со двата гиганти. Карактеристично за нас е што најголем дел од помалите партии редовно и коњуктурно преминуваат од еден во друг коалициски блок што придонесува за нивна непрепознатливост и суштински го намалува нивното влијание. Не помалку значаен фактор е и изборниот систем што ги фаворизира најголемите и најдиректно спречува создавање силна трета опција.

Од своја страна, двете најголеми партии вешто ја прошируваат сопствената програмска понуда до степен што го покрива целиот политички спектар. На пример, грижата на СДСМ за интересите на работодавачите, неретко и на сметка на интересите на работниците, традиционалната поврзаност со банкарскиот систем, а од друга страна левичарењето на ВМРО-ДПМНЕ, потоа безмалку идентична даночна политика на двете партии, интегрирање зелени политики во сопствената понуда итн.

Трета опција не е невозможна во политиката. Има успешни примери во регионот но треба да се обрне внимание дека се засновани на почетни нагласено популистички платформи. Пред сѐ мислам на примерот со партијата на Слави Трифонов, како и Сириза на Ципрас. Нивниот успех се должи на високиот степен на фрустрираност на избирачите од потфрлањето на партиите од естаблишментот да обезбедат одржлива благосостојба, присутниот клиентелизам и кронизам, корупциски скандали, зголемена економска нееднаквост и други негативни процеси. Овој бран на незадоволство и фрустрации кај нас најумешно во моментов го користи Левица на Апасиев, артикулирајќи политичка понуда карактеристична и за крајната левица и десница и реално се наметнува како трета партија во македонскиот политички камп. За разлика од минатото, кога за формирање трета опција предуслов беше на нејзино чело да застане габаритен лидер, во моментов таа потреба се релативизира и сосема е можно некои атипични политички лидери со силен популистички инстинкт и вештини да го артикулираат сѐ поприсутното и помасовно незадоволство.

Новинар: Александар Дамовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.