fbpx

Наместо борба за компромис дали некој бил Македонец или Бугарин, подобро решение е да има два наративи

Интервју

26.04.21

Прегледи

Namesto borba za kompromis dali nekoj bil Makedonec ili Bugarin podobro resenie e da ima dva narativi 1Извор: wdkl.pl

Кога го започнавме разговорот со историчарот од Полска, професорот Игор Каколевски, за патот до реализирање на проектот за заеднички полско-германски учебник по историја, насловен „Европа наша историја“, објасни дека проектот бил успешен бидејќи „двете страни покажаа желба да го вклучат историското искуство на соседната земја во прикажувањето на историјата во нивните училишта и да ја прошират академската дебата за историските теми“.

Дали е можно да се изработи еден учебник по историја на два јазици за учениците во две различни земји? Учебник што ќе има идентична содржина во двете верзии, идентични историски извори, фотографии и слики, кој ќе ги задоволи критериумите на наставните програми во две земји и ќе ги подготви учениците? Ова е дел од прашањата што ги поставувале експертите пред почетокот на проектот на којшто и по 13 години (официјално од 2008 година) сѐ уште работи тим на експерти од двете земји, заедно со Постојаниот германско-полски комитет, чиј член е и професорот Каколевски. А работата на овој заеднички тим произлезе од работата на Заедничката германско-полска комисија за учебниците по историја, формирана во далечната 1972 година, која сѐ уште работи.

Кој е целта и основната задача на Заедничката германско-полска комисија за учебниците по историја?

- Заедничките комисии на историчари за учебници во светот треба да се фокусираат на контроверзните прашања во историјата, билатералната историја на две земји, треба да ги анализираат учебниците по историјата што се користат во училиштата што се користат во двете земји и најважно, треба да елаборираат таканаречени препораки за авторите на националните учебници за тоа како да ги презентираат контроверзните прашања.

Полско-германската комисија, којашто беше формирана во 1972 година, организираше заеднички средби на германски и полски експерти во зависност од периодот од историјата за којшто се дискутираше, па имаше конференции за средниот век, за модерната историја, за 19 и 20 век. Во текот на својата досегашна 50-годишна работа Комисијата издаде неколку препораки за полските и германските автори на учебници по историја.

Во нашиот случај се работеше на издавање заеднички учебник по историја чија цел е да воведе нови и современи начини за учениците во Полска и во Германија да ја разберат историјата, да ја поттикнат нивната способност за „историско размислување“ за проблемите и активно да се осврнат на улогата на историјата во формирањето и обликувањето на идентитетот.

За што се дискутира во Заедничката германско-полска комисија, приоритетни се историските настани или историските личности?

- Морам да кажам прво дека почетокот на работата беше тежок. Пред да започне со работа Комисијата во една анкета во Германија учениците ја опишуваа Полска како непривлечна, а нејзините жители како заостанати, примитивни, брутални, ладни и непријателски расположени. Тоа беше голем предизвик за политичарите, авторите на учебници и за наставниците.

На самиот почеток на работата на Комисијата, по 1972 година, првиот чекор беше да се направи и елаборира каталог на контроверзни прашања и тогаш имаше околу 20 контроверзни прашања за кои дискутираа двете страни. Меѓу другите, имаше такви прашања околу холокаустот и присилните миграции на населението за време на Втората светска војна, и поради нацистичкиот режим, но и за присилната миграција или протерување на германско население од територија на поранешната Источна Германија анектирана од Полска по 1945 година. Имаше каталог на контроверзни прашања што се однесуваат не само на историјата од 20 век, туку и на различни историски периоди, вклучувајќи го и средниот век.

По дискусиите за овие прашања лесно беше да се најде компромис за многу од прашањата, дури и за оние од периодот на Втората светска војна, вклучувајќи ги и злосторствата на нацистите, освен за две прашања што беа најконтроверзни за двете страни. Првото беше за средновековната историја и за процената на Тевтонскиот ред во Прусија, а второто контроверзно прашање беше како да се презентира во учебниците во Германија и во Полска протерувањето на Германците од Полска по 1945 година, од териториите кои пред 1939 година беа дел од германскиот Рајх.

Вие говорите за настани, но што е со историските личности, се расправаше ли за нив?

- Не, повеќе се зборуваше за генерални проблеми како проблематични и контроверзни. Не можам да се сетам дека порано се разговарало за конкретни личности. Но имавме поинакво искуство во почетокот на 21 век кога полско-германската комисија иницираше проект заеднички учебник по историја Европа-нашата историја, во рамките на кој лани веќе е објавена и четвртата книга.

Идејата беше на тогашниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во 2006 година, а проектот започна две години подоцна, во 2008 година. Тоа значи 12 години напорна работа за да се издадат четирите книги и тука има делови за контроверзии околу некои личности во историјата. Во него има еден дел „гледишта“, кој треба да презентира различни процени и ставови за исти контроверзни личности во историјата. Една од нив, можеби ќе ве изненади, беше францускиот цар Наполеон Бонапарта, на кого различно се гледа во Германија и во Полска. Од полска страна тој се смета за некој што го иницирал процесот за повторно воспоставување независност од страна на Полска на територии заземени од соседите Русија, Прусија и Австрија, значи некој што ѝ помогнал на Полска, а од германска страна тој се сметал за еден вид тиранин, некој што придонел за растурање на германската држава во 1806, кога повеќето делови од Германија паднале под француска власт. Ова е еден пример.

Го решивте ова прашање?

- Не, не го решивме. И затоа одлучивме во учебникот по историја да вклучиме посебен дел „гледишта“, во кој историчари од двете земји, но и од други земји, можат да презентираат различни и контрадикторни погледи за иста личност, за ист настан, за ист историски процес. На учениците, пак, им се даваат група задачи и прашања што треба да им помогнат со критичка интерпретација и дискусија за овие контроверзни прашања.

Дали овој учебник сега е задолжителен во двете земји?

-Ова е уникатен проект со транснационални учебници. Учебникот во двете земји е на различни јазици, но наративот е ист. По објавувањето на француско-германскиот учебник, објавен е и нашиот полско-германски и тоа е уникатна ситуација во ЕУ. И двата проекти беа поддржани од владите на двете соодветни земји. Но нема задолжителен учебник во Германија, а во Полска „на пазарот“ се натпреваруваат околу 17 учебници по историја. Нашиот учебник треба да ја помине комплетно процедурата на одобрување во Министерството за образование, а во Германија досега е прифатен од Министерствата за образование во 15 од 16 региони (освен во Баварија). Кога велам прифатен, значи одобрен за употреба во училиштата. Наставниците можат да изберат меѓу националните учебници по историја и можат официјално да го користат овој учебник.

Namesto borba za kompromis dali nekoj bil Makedonec ili Bugarin podobro resenie e da ima dva narativi 3

Со какви предизвици се соочувавте во изработката на учебникот?

- Тоа е интересен проект на помирување. Потребна е добра волја во тој процес на посредување и помирување. Учебниците се пишувани во тандем, едниот автор иницира, вториот коментира, но двајцата се негови автори. Кога ќе видите дека почнува од предисторијата, па Стар Египет, Стара Грција, Римското Царство, нормално е во работата на содржината да се дојде до многу контроверзни прашања. На пример, таква беше битката кај Термопили во која 300 Спартанци се бореа за одбрана од Персијците.

Првиот нацрт беше напишан од германски автор, а полскиот автор реагираше дека нема ништо за Термопили. Можеби е чудно да се „заглави“ на тоа прашање, но во полската култура има термин „полски Термопил“ за битка во 19 век во која Полјаците беа херои и не можевме да си дозволиме во полски учебник да ја нема битката кај Термопили. Почнавме истражувања и откривме дека има и „германски Термопили“ во историјата, а една се однесува на битката кај Сталинград во Втората светска војна, и за нив не беше важна оригиналната битка кај Термопили.

И што се случи со ова прашање?

- Ја вклучивме таа битка. Главната работа беше двете верзии, и полската и германската, да бидат идентични. Моравме да преговараме за наративот, се „боревме“ и имаше, би рекол, драматична ситуација.

Да се вратиме на Комисијата, велите работи од 1972 година и сѐ уште работи. На што?

- Точно, работи од 1972 и сѐ уште работи. Првиот дел од работата беше анализа на националните учебници по историја во двете земји, организирање конференции за контроверзните прашања и произведе препораки за двете земји.

Вториот чекор беше овој заеднички учебник што може да се користи во двете земји

Но на прашањето за тоа колку долго ќе работи, ќе речам колку подолго, толку подобро. Бидејќи знаете „политиката на меморија“ е вклучена кај двете страни и ќе биде вклучена и ќе се менува. Ама мора секогаш да бидеме концизни дека историјата не е само еднаш за секогаш дадена визија, туку се менува сликата како замислуваме дека нешто се случило во минатото.

Имаше ли политика во работата на Комисијата?

- Работата е што луѓето во Комисијата, полските и германските историчари се прилично спријателени. Некогаш полските историчари се покритични за сопствената историја, некогаш, пак, германските историчари се покритични за нивната историја, и тоа беше нешто навистина убаво да се види.

Немаше проблем во рамките на Комисијата, мислам на политички проблем. Ако може да се зборува за политички проблем, додека се одеше низ процедурата во Министерството за образование имаше експерти што критикуваа некои содржини во учебникот и бараа да има промени.

Кога зборуваме за нашата комисија за историски прашања, Македонско-бугарската, според информациите во јавноста, многу време се зборува за личности, дали Кирил и Методиј биле Македонци или Бугари, исто и Гоце Делчев, Цар Самоил... Како да се „одглави“ работата ако има премногу политика во Комисијата?

- Мислам дека генерално добро решение во таква ситуација е да не се бориш за компромис дали некој бил Македонец или Бугарин, туку да се креираат два наративи.

Кусо би кажал дека таква секција со ставови може да биде интересна во однос на тоа како се гледа на Кирил и Методиј на пример, дали биле Бугари, Македонци или Грци. Тоа може да биде инспиративно за учење историја во училиштата. Корисна би била и секцијата „Минатото во сегашноста“, којашто покажува како настаните од минатото сѐ уште влијаат на сегашниот живот.

Namesto borba za kompromis dali nekoj bil Makedonec ili Bugarin podobro resenie e da ima dva narativi 2Извор: krakow.wyborcza.pl

Се чини дека сме далеку од такво решение, уште повеќе што се наметнува мислење дека Македонците се вештачка нација на Тито и Коминтерната, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот...

- Решението e во постојано зборување едни со други, а не напуштање на масата до следната средба.

Нашиот полско-германски учебник е базиран на заеднички наратив. Но има уште еден одличен пример, тоа е израелско-палестински учебник во кој одлично е содржано разбирање на наративот на другиот. Објавен е првпат во 2003 година, на еврејски и на арапски јазик и во него за исто прашање или субјект има два различни наративи еден до друг. Тоа е почеток во процес на меѓусебно разбирање и би можело да биде и добар почеток за заедничка идна работа. Различни погледи за разбирање на наративот на другиот. Овој учебник беше преведен на француски, англиски, италијански... Во оригиналната верзија има две страни, а на средината меѓу двата наратива има празен простор со порака „споредете ги двете верзии и воспоставете свое сопствено мислење“. Тоа е прекрасна порака.

Како би го решиле проблемот со тврдењето на бугарската страна дека Бугарите во Втората светска војна не биле окупатори, туку администратори во Македонија?

- Ние би имале слични проблеми кога би пишувале заеднички полско-руски учебник по историја. Знаете за договорот Молотов-Рибентроп за меѓусебно ненапаѓање меѓу нацистичка Германија и Советскиот Сојуз, кој им овозможи на двете земји да ја поделат Полска. Советите, односно руската историографија вели дека тогаш било неопходно да се заштити Полска. Советска инвазија за „заштита“ на малцинствата, на Украинци, Белоруси... Значи, според нив заштита, а не окупација. Знаеме, а сега е и потврдено дека помирувањето со Германија беше можно, но такво помирување сѐ уште не е можно со Русија, па дури ни со Украина.

Имам пријатели историчари во Украина, официјално може да се обидеме да најдеме компромис, но да ги убедиме политичарите, е тоа ќе биде тешко. Моето решение или сугестија е да се изработи учебник по примерот на израелско-палестинскиот со различните наративи. Како почетна точка на целиот процес.

И историчарите да уживаат да не се согласуваат, но на пријателски начин, со почит кон другиот, без навреди.

 

Новинарка: Жана Поповска-Божиновска

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.