fbpx

Арсова: Долго сме во егзистенцијална криза која го нарушува менталното здравје кај сите

Интервју

14.03.23

Прегледи
  • Имаме ризик од нарушување на психолошката кондиција кај децата и адолесцентите, а насилството како негативен феномен е во пораст
  • Кога се поттикнува криминалот и паричната ориентација, се губат вредностите
  • Иселувањето е ужасен феномен кој не може да се смета за позитивен, туку како поразителен
  • Решението е да не промовираме насилство, корупција, вработувања на несоодветен кадар, туку грижа, праведност и здрава конкуренција

Имаме криза на вредности затоа што немаме промоција на фер односи, учење и постигнување  резултати, туку се поттикнува криминалот, односно нема рестриктивни мерки за него и тој стана модел за идентификација, а таму каде што се парите таму е моќта, вели Д-р Славица Арсова, професорка на катедрата за Психијатрија на Медицинскиот факултет во интервју за Рес Публика. Локалните и глобалните кризи кои ги минуваме посочува таа, поминуваат и се надминуваат, но жално е што младите кај нас, во најпродуктивен период, околу 30 години решаваат да се иселат и секогаш го имаат истиот одговор - немаме иднина.

Ја завршивме Ковид-ерата, сведочиме на енергетска криза, инфлација, идентитетски оспорувања од Бугарија... Како влијае целокупната општествена состојба на нас Македонците? Во каква психолошка состојба се наоѓаме?

Ние подолго време се наоѓаме во егзистенцијална криза, во широкото поимање на зборот егзистенција, а таа во основа носи чувство на несигурност, страв, небезбедност, исчекување, недоверба. Кога кризната состојба трае подолго време, како што трае кај нас, тогаш ризикот од нарушување на менталното здравје на сите граѓани, особено на оние за кои велиме дека се ризична категорија (млади, жени, возрасни индивидуи и лица со нарушено здравје) е поголем. Нам ни се случуваат многу промени со години наназад - политичка, економска, идентитетска криза, што условува трошење на одбранбените сили на човекот за справување со истата. Ние се адаптираме, наоѓаме различни модели да се справиме со тие состојби, но снагите се трошат. Во моментов, не можам да зборувам за менталната состојба на целото население изразено во точни бројки, немаме правено истражувања, но можам да кажам искуствено, врз основа на она што го работиме секојдневно на Клиниката, дека луѓето се наоѓаат во состојба на страв и чувство на несигурност и небезбедност, а тоа води до одредена претпазливост, повлекување, меѓусебна недоверба, но и генерална недоверба во тие кои треба да се грижат за нас и да ни обезбедат подобри услови за живот.

Ковидот најмногу влијаеше врз адолесцентите, но со најавите за подметнати бомби што се случуваат во училиштата, сега се допрени и децата вклучени во образовниот систем. Каква е нивната кондиција?

Децата уште од предучилишниот, а потоа и во училишниот период се вовлечени во истата состојба како и возрасните, а бомбите во училиштата сега се само продолжение на создавање на таа базична несигурност. Малите деца не можат јасно да разберат што се случува затоа што немаат можност за апстрактно мислење, не знаат што значи земјотрес, војна или пак бомбите, но се чувствуваат загрозено, а родителите пак неминовно своите реални и нереални стравови донекаде ги пренесуваат на своите деца.

Последиците од Ковид ги гледаме сега, особено кај адолесцентите, за кои наставата на далечина, не можеше да ги замени часовите во живо и потребата од социјализација. Доминантна потреба на адолесцентите е да припаѓаат на некоја врсничка група, да бидат со своите врсници, да се дружат, да се заљубуваат, да се одљубуваат, да експериментираат, сѐ она што е белег на адолесценција. Работевме на повеќе истражувања со цел иследување на влијанието на Ковид-пандемијата врз ментално здравје на адолесцентната група, но и на жените во перинаталниот период и тие покажуваат дека Ковидот направи влошување на нивната психичка состојба. Во тек на актуелниот период се регистрира негативен феномен кој е во пораст, а тоа е насилството, меѓуврсничко и интимно (партнерско, семејно) насилство. Беше во пораст за време на Ковидот, но сѐ уште е со таква тенденција. Сега веќе не може да кажеме дека насилството се должи на рестриктивните мерки на Ковид, туку на другите негативни општествени феномени. Во склоп на сево ова е и растот на коцкањето и злоупотребата на алкохол и психоактивни супстанции. Така што во големата слика имаме ризик од нарушување на психолошката кондиција кај децата и адолесцентите, а насилството како негативен феномен е во пораст.

Како дотуркавме до овде? Како станавме такви?

Луѓето имаа природни нагонски агресивни пулсии, но истите кај здрави личности се користат во градење, создавање, напредок и амбиција. Доколку детето се развива во уредна семејна средина и социјална средина, тоа ќе се насочи кон напредок, истражување, образование, но доколку сево ова е спречено, на кој било начин тогаш може да се манифестира токму спротивното, имено потребата за деструкција, уништување и насилно однесување. Ако на адолесцентот му ја скратите потребата за социјализација, го држите дома, а барате да се вклопи во училиште, да има добри оценки, во меѓувреме нема можност да има врсничка поткрепа, да соработуваат меѓу себе, да разменуваат искуства, чувства, стравови и грижи, очекувано е да се појави ризик од насилно однесување. Во адолесцентската криза, мала е границата, дали тие ќе се идентификуваат со позитивниот модел, кој што е успешен, напредува или ќе направи негативна идентификација со тие што се со нарушено поведение. Припадноста во „негативната група“ каде е присутно насилното однесување, е со лажното чувство на сигурност, за да се покрие сопствената несигурност и малата самодоверба.

Основата на сѐ е стравот, дали со него ќе се справиме со здрави механизми на одбрана или со насилство, зависи од индивидуата и нејзиниот развој.

Дали имаме криза на вредности? Дали некаде се промовира моралната вертикала во јавниот простор и колку таа може да помогне?

Не би сакала како психијатар да создавам дополнително чувство на несигурност, но да имаме криза на вредности. Зошто? Тоа е долга тема, но накусо, многу долго трае нашата кризна состојба. Работите ги вреднувавме според нивната цена или материјална вредност, а не според нивната интелектуална, едукативна или филантропска важност. Долго, а и сè уште се поттикнува парична ориентација. Таму каде што се парите таму е и моќта. Се поттикнува криминалот, односно нема рестриктивни мерки за него и тој стана модел за идентификација. И така полека и сигурно се губат вредностите. Ние немаме промоција на фер односи, учење, постигнување  резултати, кои треба да се мерка за да бидеш почитуван во средината во која што се наоѓаш. Во минатото имаше обиди за промовирање на позитивните вредности но, се покажа како недоволно и потребно е уште. Акцент би ставила на образованието и здравството, како гранки кои се основа за општото добро на граѓаните. Доколку не се грижите за тие две гранки, тогаш не се грижите за граѓаните. Какви пораки праќа општеството, преку своите механизми, судска, извршна и локална власт, таква ни е и моралната вертикала и таков ни е односот кон нас самите. Веќе не сме затворени како во Ковидот, па можеме да си помагаме и да се грижиме едни за други. Правењето добро за другиот е во исто време правење добро за себе и за општеството во целост.

Токму на социјалните мрежи сега го гледаме и читаме сиот наш бес и незадоволство. Каква улога играат тие во нашите животи?

Понекогаш се огледало на нашите фрустрации, незадоволство, можеби можност да се чуе „гласот на народот“ но, точно понекогаш се пишува и се коментира сѐ. Зошто? Па можеби луѓето не веруваат дека постои и друг начин да бидат чуени, видени, и за добро и за лошо. Во оваа смисла на зборот, функцијата на социјалните мрежи не би требало да биде негативна, туку од корист, како можност за комуникација, лична, поширока, споделување на одредени корисни информации, како што беше за време на Ковидот, а и јас токму така ги користам. Благодарение на нив се информирам и одржувам некои релации со пријатели надвор од земјата. Социјалните мрежи се неизбежен дел од современиот начин на живот и доколку се тргнат негативните аспекти тогаш не се воопшто штетни и бескорисни. Имено, доколку не се претвори само и само во празнење на сопствените незадоволства, ширење на лутина, бес, насилство или омраза, злоупотреба и нивно зависничко користење, туку треба да се користат за промоција на доброто, споделување информации, олеснување на социјалната комуникација, секако не како замена на „живата средба“,  па и некаков вид забава.

Но, дали тие изречени, напишани зборови се нашата реална состојба, која сè уште не ја гледаме на улица? Од каде таа потреба?

Пишувањето е комуникација, која секако е различна од комуникацијата лице в лице. Точно, не секогаш е одраз на реалноста. Имено, пишувањето на социјалните мрежи ја нема со себе лицевата експресија, односно невербалната комуникација која може да биде и знае да е поважна од онаа искажана, во корист на говорот. Од друга страна пишувањето на социјалните мрежи е можност за сокривање на нашите пријатни, но и непријатни чувства како страв, срам, непријатност, несигурност. Потребата за ова секако е врзана токму со овие наши стравови.

И што со ваквата состојба на умот и духот? Како ќе ни одговори телото?

Телото ни зборува исто како што ни зборува и душата. Од кризата или ќе излеземе посилни и поспособни за препреки или ќе ни се наруши здравјето, со психолошки или телесни симптоми.

Сведочиме на масовни иселувања, дали ни е заробена надежта дека може да биде подобро?

Да, и тоа ми предизвикува чувство на тага. Тоа е ужасен феномен што ни се случува. Знаете кризите поминуваат и се надминуваат, но жално е што младите кои се во најпродуктивен период, околу 30 години се иселуваат и секогаш го имаат истиот одговор, немаме иднина. Имам многу пациенти со иста цел, да се иселат. И кога ќе почнеме да разработуваме, некои велат заради егзистенција, не можат да се вработат и да обезбедат елементарни услови за живот, а други пак велат дека не е за пари, туку дека ниту за 10 – 15 години од сега, тука нема да биде добро за нивните деца. Тоа е поразително. А, се разбира иселувањето не може да биде позитивен феномен, затоа што кога одите да живеете некаде, вие сте туѓинец, никој не може да ја бара среќата надвор, туку среќата треба да се бара овде, кај што си роден и каде што се нашите корени.

Каде да најдеме решение? Што ни се опциите?

Низ разговор и секој во својата област да го дава и бара најдоброто. Да не промовираме насилство, туку грижа еден за друг, да не промовираме корупција туку праведност и верност, да не поддржуваме вработувања на несоодветен кадар, туку здрава конкуренција, да не промовираме меѓусебно непочитување и негрижа туку помош, солидарност и поддршка.  Да промовираме добрина. Да го почитуваме минатото, но да работиме на сегашноста со цел подобра иднина. Да работиме на личните промени со користење на здравите механизми на одбрана, како учење и стекнување на нови вештини, градење , а не рушење, грижа за себе но и за туѓите потреби,  спорт, музика, уметност, хумор, разумно , а не емоционално решавање на проблемите. Тоа можеме да го направиме сите денес, за да имаме подобро утре. Тоа се алатките за оздравување на населението.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова
Фотограф: Томислав Георгиев