„Постојат видливи тенденции од бугарска страна да се влијае врз македонската историја, култура, јазик и национална традиција и гледам дека во Македонија ги има оние на кои тоа им одговара, постои голем број апатични, а постои и мал број на оние кои настојуваат да се спротивстават и да го сочуваат македонскиот национален идентитет во неговата потполност“ – вели професорот Горан Калоѓера, основачот на лекторатот за македонски јазик во Риека, Хрватска. Во интервју за „Рес Публика’“ ја артикулира љубовта и грижата кон Македонија.
Во периодов сте погласен од нашите домашни научници и македонисти. Често го изразувате вашиот став во однос на Бугарија и Македонија. Како го следите Вие развојот на настаните со нашиот сосед?
Јас и понатаму стојам на своите ставови коишто до денеска сум ги изнел во книгите, кај мене нема никаква дилема, Бугарите и Македонците се два различни народи, со свои јазици и култура. Неспорно е дека двата народа, почнувајќи од раната историја, од Климент и Наум па натаму, имале допири во културата, јазикот, државната политика и слично. Некогаш тие допири биле продуктивни, некогаш не. Во некои минати времиња интенцијата на бугарскиот двор да ја запре глаголицата и глаголичната (глаголската) култура и писменост ги одвела Климент и Наум во Охрид, односно во Кутмичевица. Дали тоа бил егзил, политички или не? Значајно е дека Климент и Наум ја одбиле идејата и стратегијата на бугарскиот двор да се „стопат“ со Бугарското Царство, јазик и култура и наместо тоа се одлучиле на прогон, којшто ги поврзува со нивниот народ и каде што ја реализираат Охридската книжевна школа, која во суштина е првиот универзитет, каде што се образуваат младите свештеници и ја шират глаголската писменост и култура.
Политички гледано, тоа бил првиот Климентов бунт против Бугарското Царство и грчкото свештенство, и на тоа треба да сме му благодарни. Дали тука може да се зборува за првите етнички различности на Бугарите и Македонците, не би се охрабрил да кажам. Но, Климентовиот отпор е доказ дека во него сепак „играл“ одреден пркос, првенствено како отпор кон стратегијата за уништување на глаголската традиција, за која навистина се залагал. Ние за него можеме да зборуваме како за продолжувач на глаголската традиција, поет, мислител, философ, но и како политичар. Сите негови чекори во себе имаат една политичка димензија, особено тоа одвојување од кирилското писмо, кое може да се сфати на неколку начини. Дали бил свесен за себе како припадник на македонскиот народ, мислам дека за тоа било прерано.
Сето она што следело по тоа, почнувајќи од преродбениците, учителите, потоа книжевниците и политичарите, има дадено одредени резултати во насока на желба за национално освестување и политичка самостојност. Но, Македонците не беа сами „заспани“ низ вековите, притоа мислам на чувството на национална освестеност. Да, 19 век е век на будење и раѓање на нациите, ама и Хрватите беа италијанизирани, германизирани, па дури и унгаризирани, но имаа доволно мудрост и политички поволна ситуација да се изборат за својот јазик и нација. Такви желби се раѓаат и во Македонија и ова допира многу млади Македонци, идни книжевници, поети, лингвисти и дипломати. Константин Миладинов во Русија рекол: „Не сум Грк, туку сум Македонец!“ И тоа за мене е почеток на националната преродба која може да се види низ македонското издаваштво, учебниците, студиите, поезијата, прозата, автобиографијата. Погледнете ги јазичните варијанти на писателите на учебници, колку е вметнат локалниот говор, дијалект, што е придвижување за идната стандардизација на јазикот, која совршено ја формулира Мисирков. И тоа се непобитни аргументи кои, ако ги познавате и ги користите, остануваат ваше неспорно научно оружје.
Да се вратам во сегашната доба. Јас и натаму сум тажен и незадоволен со сите овие случувања, првенствено со овие кутри преговори кои имаат за цел предоминација на бугарската над македонската култура, минимизирање на македонското културно наследство и корекција на историските програми и учебници. Си поставувам прашање, кому сето ова му треба и дали е тоа политика на една земја која е членка на Европската Унија? Се разбира, тука мислам на бугарската политичка елита и нејзината политика кон Македонија. Сето ова ќе падне во вода од едноставна причина, бидејќи генерациите пораснати по 1945 година се чувствуваат и дишат како Македонци, затоа што се Македонци. Тие не се никаква политички вештачки создадена нација, туку народ кој поради познати историски (не)прилики до крајот на Втората светска војна немал можност да формира своја држава. Да го оставиме Александар сега намира. Да, тој народ денес има држава, со име со кое јас не се согласувам, но тоа е мој личен став. Каква е таа држава денес, како е уредена, како ја водат политичките елити, таа работа треба да ја кажат македонските граѓани и граѓанки.
Како книжевен историчар, дали препознавате хронологија на ваквата резигнираност на домашната научна мисла, но и на политичкиот естаблишмент?
Комплексно прашање, на кое не е лесно да се одговори. Прво, не живеам таму и не знам детално што се случува кај вас. Информациите што ги имам се од моите пријатели, кои не се партиски обоени, така што можам да им верувам. Имам впечаток дека постои една општа национална фрустрација, незадоволство и апатија. И нормално. Имате две големи политички партии кои се борат за превласт, меѓутоа кој и да владее со Македонија, не гледам дека направил некои поместувања нанапред. Народот сака да влезе во Европската Унија, што е негово право, меѓутоа тоа оди толку бавно, со многу препреки, што создава незадоволство и антагонизам кон далечната Европа, кон која со право тежнеете. Второ, гледам поделеност на македонскиот народ, генерално според политичка ориентација, што не е добро. Трето, соседите баш не ви се наклонети, не играат ферплеј, особено односите со Бугарија. Соседи сте, би требало да се почитувате и да се цените. Наместо тоа, постојат видливи тенденции од бугарска страна да се влијае врз македонската историја, култура, јазик и национална традиција. Гледам дека ги има и оние на кои тоа им одговара, постои голем број апатични, а постои и мал број на оние кои настојуваат да се спротивстават и да го сочуваат македонскиот национален идентитет во неговата потполност. Знаете, во моето време, кога имав некаде меѓу 40 и 60 години, тогаш познавав голем број македонски академици кои беа вистински патриоти. Многумина од нив беа мои познајници и пријатели. Земете го само Гане Тодоровски, Блаже Конески, Матеја Матевски, Блаже Ристовски, Цветан Грозданов и други академици кои со својот опус ги зацврстуваа темелите на македонската нација и нејзината култура (книжевна, лингвистичка, историска и техничка традиција) и ги отвораа патиштата кон подобро утре. Сега тоа не го гледам. Молк. Ќе се јави академката Ќулавкова и актуелниот претседател на МАНУ, Коцарев, но останатите молчат. Ако молчат тие, народот реагира „зошто ние би се вклучувале, за теми што и недоволно ги познаваме“. Народот се гледа себеси, своето работно место, својата плата и да, има резигнација. Сѐ има своја причина и последица. Како гледам јас на тоа? Нема да верувате, но едноставно, со разбирање. Малиот човек се чува себе, тоа е секаде така, така е и кај нас во Хрватска. Верба во политичката елита нема, а подобри времиња како да нема да дојдат. Еве сега слушам на телевизија, во градови низ Хрватска на пензионерите ќе им бидат поделени од 200 до 800 куни за Велигден, во зависност од пензијата. Народот паѓа во транс од задоволство, ќе има за шунка и јајца. Кутро и бедно.
Не верувам во резигнираност на политичкиот естаблишмент кај вас. Ним им е добро. Верувам во резигнираност на академските кругови, затоа што за тоа имаат причина.
Кои адути треба да ги користиме во оваа позиција во која се наоѓаме?
Јас не сум јасновидец, ниту сум видовит за состојбата во Македонија, но како примарен и силен аргумент би ја апострофирал македонската интелигенција, ама таа, како и онаа од Хрватска, си оди од земјата во потрага по подобар живот. Тоа е страшна загуба за Македонија, особено ако младите луѓе не можат да си ги задоволат примарните интереси во својата земја, тоа е лош знак. Ова добро го знам бидејќи мојата ќерка е „печалбар“ веќе 13 години во Велика Британија и она што го слушам од неа не изгледа добро. Второ, Македонија е специфичен случај. Ќе си дозволам да кажам дека е осудена на не баш пријателски настроени соседи, што ѝ ја загрозува иднината. Незадоволството со актуелната политика е видливо и не гледам никакви адути за излез од актуелното македонско секојдневие. Мислам дека оваа состојба на летаргија, мртвило и притаено незадоволство од Европската Унија и одлуките на Владата ќе потраат уште долго. Ве чека еден долг период на исчекувања, ама подобрување не гледам. Се надевам на онаа мала група прогресивни интелектуалци кои стојат зад големите македонски умови и настојуваат да го сочуваат своето национално единство, јазик, култура и, конечно, опстанокот на нацијата бидејќи и тој е под прашање. За жал, морам да ве разочарам, адути не гледам, туку пред вас е еден долг политички период на премрежиња, незадоволства, стагнација и апатија.
Освен љубовта кон Македонија, што друго ве поттикнува на ова плеткање во „македонските работи“?
Како професор и како книжевен историчар, веќе четириесет години од мојот живот сум вткаен во истражување на македонското национално битие, првенствено на книжевното минато, а со него доаѓа и генералната, општа историја. Со сиот тој вложен труд, дојдов до одредени сознанија што ги имам објавено во низа свои книги, на симпозиуми и на семинари. Дали сум бил во право? Не знам. Дали сите мои ставови имаат архивска втемеленост? Поголем дел ДА, се разбира ама, како научник, имам право на свои тези и размислувања, независно дали некому ќе му се допаѓаат или не. Дали сум навивачки или емотивно настроен кон Македонија и Македонците? Се разбира дека сум, но тоа нема никакво влијание врз моите научни размислувања.
Јас знам дека го сакам вашиот народ. Имам многубројни драги пријатели и пријателки, па впрочем, јас сум и член на академската заедница како почесен доктор член на МАНУ. Ниту, пак, сум најсреќен со уредувањето на мојата држава од политичките елити кои ја водат, но за сето тоа можам да зборувам, да критикувам или да фалам.
Лекторатот за македонски јазик во Риека, зад којшто стоите вие, е еден од 10-те останати кои активно работат. Како го одржувате тоа жарче сѐ уште разгорено?
За лекторатот веќе се знае многу. Силен е и исклучително посетен, а следната година славиме тринаесет години од неговото постоење. Токму затоа ние во Риека ќе бидеме организатори на свечената церемонија, која сакаме да ја претставиме како врвен културен, јазичен и меѓународен настан. Очекувам бројна делегација од Македонија, со сите бивши лектори и директори на Семинарот за македонски јазик во Охрид. Покрај останатите, јас, како иницијатор за формирање на тој лекторат, ќе одржам пригоден говор на тој настан, на којшто ги очекуваме градските, жупаниските и унивезитетските функционери.
„И на едно од моите лулиња ја имам Македонија“ - вели Калоѓера
Што друго работите денес?
Одлично прашање за еден пензионер кој и натаму е активен. По одењето во пензија, објавив две книги, „Македонски пријателства“ – автобиографски записи и „Монографија за Кочо Рацин“. Во моментов работам на еден проект на Универзитетот во Риека и ја подготвувам за печат својата збирка „корчулански“ приказни. Друго, уживам во прошетките со моето куче, готвењето и гледањето филмови бидејќи сум пасиониран филмофил.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинарка: Ана Зафирова