Кржаловски: Ситуацијата со УСАИД ќе има влијание, но нема да го уништи граѓанскиот сектор

Интервју

11.02.25

Прегледи

По бурата што се создаде околу замрзнувањето на американската помош разговараме со Александар Кржаловски еден од лидерите на невладиниот сектор во Македонија. Тој смета дека државата со пасивноста кон регулирањето, го препушти овој сектор на странско финансирање, при што се зголеми и зависноста од финансиска помош од надвор. Во интервјуто зборуваме и како ќе се одрази ситуацијата со УСАИД кој годишно даваше 30 милиони долари, какви се очекувањата за секторот во иднина и има ли ефекти од активностите на невладините организации.

Вие сте еден од неформалните лидери на граѓанскиот активизам, па каква е иднината на граѓанскиот активизам, особено во контекст на најновите случувања со американската помош?

-Развојот на граѓанското општество во Македонија, а во тие рамки и на граѓанскиот активизам, беше релативно динамичен во годините од прогласувањето на независноста до сега. Не дека го немаше и претходно, на пример Здружението на новинарите догодина ќе полни 80 години, а има и други граѓански организации кои продолжија со делување и во „новиот систем“, но во овој период имаше значителна експанзија во бројот на нови организации.

За тоа придонесе и би рекол, тешката транзиција, која особено во почетните десетина години се карактеризираше со бројни кризи (бегалците од Босна во раните 90-ти, потоа од Косово во 1999 година, па на крај и нашиот конфликт од 2001 година), блокади и пречки од соседите. Потребата од значителна надворешна поддршка на државата за справување со овие состојби и предизвици, овозможи и канализирање на дел од таа помош преку граѓанските организации, а со тоа и нивен развој и постепена професионализација.

Дали тоа беше случај со сите држави кои минаа низ транзиција?

-Словенија на пример воопшто немаше странска поддршка на локалното граѓанско општество, па делумно и поради тоа, но и поради свесноста на државното раководство таму, дека тој сектор е значаен за развојот на државата, уште веднаш го презеде или продолжи и го зголеми финансирањето на овие организации. За илустрација, издвојувањата за граѓански организации од буџетот на Словенија минатата година се доближи до 600 милиони евра или четири проценти од 15 милијарди евра вкупен буџет. А кај нас цела деценија не надминува околу 10 милиони евра, додека буџетот достигна 6 милијарди евра за оваа година и е дуплиран за една декада, т.е. не е ни 0,2 проценти од државниот буџет.

Дистанцирани од граѓаните

Тоа значи дека државата потфрли и дека самите сме виновни што станавме зависни од странска помош? Каков е односот на сите влади во Македонија кон граѓанскиот сектор?

-Ваквиот развој доведе и до некои аномалии и последици, почнувајќи од тоа – дека со оглед на релативно значителната странска помош (донации) за граѓанските организации – државата не ја презеде на себе функцијата на нивно финансирање. Како да подразбираат дека „вечно“ ќе биде така, па ниедна влада не се нафати да го реформира тој систем, или и кога почнуваа такви иницијативи, тие не се завршуваа. Последица на тоа се и некои од неоснованите стереотипи за граѓанските организации но често и за секторот во целина како: „странски платеници“, „шпиони“, „пералници на пари“.

Друга аномалија е и развојот на „зависноста“ на поголемите граѓански организации од тие странски донации, а со тоа и прилагодување на своите активности кон нивните приоритети кои пак во принцип се базирани на проверка на потребите на граѓаните, но не нужно и редоследот на нивните приоритети, ниту пак покривање на сите тие потреби. Ова доведе до определено „дистанцирање“ на дел од тие организации, особено повлијателните, од самите граѓани. И покрај неколку донаторски програми токму за адресирање на овој проблем, како и граѓанското учество и активизам, се чини дека јазот сѐ уште постои и е релативно голем. Тоа се рефлектира и во падот на довербата и во граѓанските организации, која иако е многу повисока (38 проценти) од државните институции како што се Влада, правосудство и слично, како и политичките партии кои се на ниво од 20-тина проценти, сепак бележи релативно голем пад од претходно и тоа околу 10 процентни поени за три години.

Какви се очекувањата на граѓанскиот сектор за во иднина?

-Со оглед на долгогодишната ваква состојба, како и застојот на евроинтеграциите на Македонија овие две децении поточно од кандидатскиот статус 2005 година, за очекување е дека странската поддршка ќе продолжи уште определен краткорочен период односно во следните 3 до 5 години, и ќе биде значително поголема од државната која засега е некои 10 проценти од вкупните приходи на граѓанските организации.

Сепак и со досегашните стратегии на Владите, ова веќе требаше да е прилично сменето, целта беше да се стигне до 30 проценти до 2024 година. Но не беше битно поместено до сега, а сѐ уште не е јасно во која мерка новата влада ќе се посвети на ова  -што инаку секако ќе биде услов во преговорите со ЕУ, но додека тие не започнат нема ни посебен притисок на Владата да започне со оваа реформа.

Сепак во сите математики околу парите што ги добива граѓанскиот сектор, најважно е прашањето дали има видлива корист за граѓаните?

-Тоа е едната страна на приказната, финансирањето на граѓанските организации – сеедно дали од нашата или странски влади, а за граѓанските организации останува предизвикот да се „реконектираат“ со граѓаните и повеќе да се посветат на работа на нивните приоритети и решавање на проблемите кои нив ги мачат највеќе наспроти некои прашања кои сега добиваат приоритет. Со тоа ќе се зголеми и довербата на граѓаните кон нив, но и ќе се намалат стереотипите што ги споменав пред малку, а секако ќе се стигне и до подобри резултати и посоодветни решенија за актуелните проблеми.

Ударот нема да биде уништувачки

 Имате ли конкретни сознанија за ефектите од граѓанскиот активизам, колку тој се покажа корисен во изминатите децении и во кое сфери може да се каже дека има подобрување?

- Има бројни примери низ сите овие „транзициски“ години, за успесите на граѓанските организации и движења и промените кои тие ги донесоа. Од почетните години и многуте еколошки организации, кои доведоа до формирање на Министерство за животна средина, преку масовните хуманитарни интервенции во годините на кризи и конфликти, истакнувањето на темите еднаквост, инклузија и недискриминација, кои доведоа до целосно нови законски решенија и подобрувања на состојбата на лицата на маргините на нашето општество, па сѐ до студентските/професорските пленуми (па и Шарената револуција) кои укажаа на пандемиски распространетата корупција и заробеноста на државата.

За жал не сите напори доведуваа до позитивни промени, бидејќи за нив сепак се надлежни државните институции, а предводените од некоја од политичките парии или коалиции, а кои се чини со текот на времето опаѓаа во квалитетот и уште повеќе во одговорноста, запаѓајќи во се поголема корупција и задоволување на потребите на своето членство (и особено високите функционери), наместо да се грижат за развојот на државата.

Предизвикот останува, граѓанските организации да продолжат со својата работа и активности, со поголемо внимание за потребите и грижите на граѓаните, како и подобра соработка со институциите, за позитивни промени согласно тие потреби.

Има ли капацитети граѓанскиот сектор да се одржи во таа мера како до сега, доколку останат на сила американските рестрикции?

 - Секако дека граѓанскиот сектор ќе опстои (сѐ додека има граѓани– ќе има интереси кои треба да се застапуваат и ќе има поединци кои ќе се здружуваат и организираат за да ги остварат). Исто така, ќе опстои во оваа форма и наредниот период, иако треба да граѓанските организации да посветат внимание на диверзифицирање на изворите на финансирање, со поголемо свртување директно кон граѓаните (индивидуална филантропија).

Ситуацијата со средствата од УСАИД ќе има влијание, но тие иако големи (околу 30 милиони долари годишно) се околу 20 проценти од вкупните годишни приходи на граѓанските организации, па тоа влијание нема да е пресудно за понатамошното нивно функционирање. Освен можеби на некои кои се целосно зависни од тие средства. Но, сѐ уште не е јасно што точно ќе значи таа наредба на претседателот Трамп и колкав ефект ќе има во Македонија – ќе треба да почекаме да изминат предвидените три месеци за оценка на активните програми, па да се види што ќе опстои, а што ќе биде прекинато.

Во секој случај, за очекување е дека ќе има „удар“ за неколку организации (или групи, типови на организации), но како што наведов погоре, веројатното влијание на целиот сектор ќе биде само околу 10 проценти од минатогодишното ниво на приходи, па може да се оцени дека нема да биде „уништувачко“ влијание, па дури ни многу значително. Но секако ќе се почувствува и ќе ја зајакне потребата за поодржливи извори на финансирање за кои зборував претходно – од други донатори, од Владата, од корпоративниот сектор, бизнисите и пред сѐ – од граѓаните.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски