Кога станува збор за аерозагадувањето, институциите во Македонија често, наместо за информирање, комуникацијата ја користат за манипулирање со перцепциите на јавноста. Наместо јасни податоци и мерливи резултати, се нудат оправдувања, префрлање вина и декларативни активности. Таквиот пристапсоздава чувство дека нешто се презема, иако реалната состојба останува непроменета.
За тоа како се градат наративите и со која цел се пласираат вакви пораки, разговаравме со Марина Тунева, професорка по комуникациски науки и експертка за медиумска етика и одговорно медиумско известување, која предупредува дека институционалната комуникација често претставува „стратегиска тишина“ маскирана како транспарентност.
Каков наратив користат институциите при комуникацијата со јавноста на тема аерозагадувањето?
Сметам дека институциите најчесто користат дефанзивен и пренасочувачки наратив, кој што подразбира оправдување, делегирање одговорност и декларативна активност, како на пример, дека се засилуваат инспекциите. Дури и кога има ветувања за подобрување на ситуацијата, тоа е без поставување јасна временска рамка или анализа на ефикасноста на предложеното.
Кога ќе слушнеме примери на институционален одговор од типот „загадувањето не е само кај нас, тоа е регионален проблем“, тогаш јасно е дека со ваквата изјава се релативизира проблемот, ставајќи го во поширок геополитички контекст без конкретен локален одговор. Изјавата, пак, дека „граѓаните се главните загадувачи“ префрла вина на индивидуално ниво, а ја прикрива институционалната немоќ да се справи со системскиот проблем.
Од стручен аспект, дали може да направите анализа на наративот кој го користат и која е целта што се сака да се постигне со ваквата комуникација?
Комуникацијата на институциите за аерозагадувањето претставува пример за „стратегиска тишина“ маскирана како активна транспарентност. Таа не служи за информирање, туку за управување со перцепции. Со други зборови, за да се создаде чувство дека нешто се презема, додека реалната состојба останува непроменета. Во суштина, ова е комуникација на самозаштита, а не на јавна одговорност. Наместо институциите да зборуваат за причините, последиците и мерливите резултати, тие зборуваат за „активности“, „иницијативи“ и „ветувања“, поими што звучат динамично, но честопати се празни од содржина.
Она што е проблематично е што ваквиот наратив не ја информира јавноста, туку ја пасивизира. Граѓаните не добиваат вистинска слика за состојбата, туку емоционално олеснување, чувство дека некој се грижи, што ја намалува потребата од притисок и барање одговорност. И токму во тоа лежи неговата суштина: комуникација која смирува, но не решава.
Како да препознаеме манипулација?
Како да се разликува вистинско информирање на јавноста за еколошките теми наспроти манипулативната комуникација?
Разликата меѓу вистинско информирање и манипулативна комуникација не е само во тоа што се кажува, туку и како, кога и зошто се кажува. Одговорната институција комуницира за да информира, да едуцира и да повика на соработка. Манипулативната комуникација, пак, значи заштита, од јавната критика, а не од загадувањето. Вистинското информирање не се плаши да ги признае областите кадешто има слабости, ниту, пак, избегнува незгодни прашања. Тоа ја третира јавноста како партнер, не како публика.
Од другата страна, манипулативната комуникација користи тактики на разубавување, селекција и емоционална нормализација. Честопати се нуди информација без извор или се користи јазик што звучи технички, но не објаснува ништо суштинско. Клучното прашање што секој граѓанин треба да го постави кога ќе слушне изјава од институција е: Дали ова ме направи подобро информиран или само помалку загрижен? Ако е второто, тогаш веројатно не станува збор за информирање, туку за манипулација.

Колку етички е прифатливо кога институциите пласираат пораки што делумно се точни или се базираат на селективни податоци?
Кога институциите свесно пласираат пораки што се делумно точни или базирани на селективни податоци, тие не го информираат јавноста, туку ја водат низ магла. Во контекст на аерозагадување, ова е особено чувствително прашање. Етичката комуникација бара целосен контекст, навремено информирање и почит кон интелигенцијата на граѓаните. Во еден демократски систем, институциите немаат само одговорност да зборуваат, туку да зборуваат чесно, потполно и во јавен интерес. Селективноста можеби е политички практична, но е етички неодржлива, таа го еродира кредибилитетот и создава култура на сомнеж, цинизам и пасивност.
Медиумите го пригушуваат алармот
Колку медиумите придонесуваат за нормализирање на високото загадување преку повторување на фрази како „вообичаено за зимскиот период“?
Фрази како „вообичаено за зимскиот период“ звучат неутрално, но, во суштина, тие ја нормализираат кризата. Кога медиумите постојано ја повторуваат оваа рамка, без контекст, анализа или критичко преиспитување, тие стануваат канал преку кој се пригушува алармот што би требало да го активира јавноста.
Високото загадување не е временска појава како снег или магла. Тоа е системска последица на лоши политики, недоволна регулација и неефикасна примена на мерки. Кога новинарството ја опишува оваа состојба како „вообичаена“, ја искривува реалноста, од итна закана ја претвора во нешто очекувано, дури и прифатливо.
Со ова, медиумите, честопати и несвесно, учествуваат во создавање на култура на апатија, при што јавноста веќе не се прашува зошто дише загаден воздух, туку се прашува само колку ќе трае. Ова е особено проблематично во услови кога институциите комуницираат селективно, а граѓаните зависат токму од медиумите за да разберат што навистина се случува. Ако медиумот ја презема реториката на властите без контекст или „факт-чекинг“, тогаш не ја исполнува својата улога на јавен коректив, туку станува мегафон за институционалниот наратив. Новинарството треба да поставува прашања, да бара податоци, да ги споредува мерките со резултатите и, пред сè, да не прифаќа дека нечистиот воздух е „вообичаен“.
Дали темата за загадениот воздух се користи за политички препукувања и дали „носи“ поени?
Темата за загадениот воздух, за жал, честопати се користи како алатка за политички препукувања, а ретко како заедничка платформа за решавање на проблем што ги засега сите, независно од политичка припадност, социјален статус или етничка група.
Во предизборни циклуси, оваа тема одеднаш добива на „важност“, политичарите ветуваат автобуси, „чист воздух за сите“ и што сè не. Во моментот кога ќе завршат изборите, фокусот се префрла на други теми, а загадениот воздух останува како нем сведок на неисполнетите ветувања.
Во оваа смисла, да, загадениот воздух „носи поени“, но само во комуникациска смисла. Тој е погоден за создавање драматични изјави, за напад врз политичкиот противник, за мобилизација на симпатизери. Ваквата инструментализација на темата има и подлабока последица: таа ја прави јавноста крајно скептична. Кога секоја нова власт повторува исти фрази, кога истите ветувања се рециклираат со нови гласови, граѓаните губат доверба, не само во политичарите, туку и во можноста дека нешто навистина може да се промени. А воздухот останува ист. Или полош.
Како може да се подобри транспарентноста на институциите кога комуницираат за загадувањето и ефектите од нивните мерки?
Транспарентноста не е само прашање на објавени податоци, таа е прашање на доверба. Кога граѓаните вдишуваат загаден воздух секој ден, не им се потребни уште еднаш слушнати ветувања, им треба јасен, искрен и континуиран дијалог. Транспарентноста не значи само да се објави извештај со бројки, туку да се објасни што значат тие бројки, кои мерки ги предизвикале и зошто нешто не функционира.
Таа комуникација треба да биде регуларна, а не реактивна и треба да биде стручна, а не само политичка. Истовремено, потребно е да биде конкретна, а не обвиена во флоскули. Наместо изјави дека „мерките даваат резултати“, јавноста заслужува да знае: кои мерки, каде, кога, со каков ефект и со какви следни чекори? На крајот на денот, најопасниот воздух не е оној што го дишеме, туку оној што го замолчуваме. Ако сакаме чист воздух, мораме да почнеме од чиста и отчетна комуникација.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Бјанка Станковиќ
Фотографии: Приватна архива
