fbpx

Емил Ниами: Вистината за македонскиот и бугарскиот јазик денес е извртена и се користи за политички цели

Интервју

01.07.21

Прегледи
Vistinata za makedonskiot i bugarskiot jazik denes e izvrtena i se koristi za politicki celi 1

Емил Ниами е млад научник, славист кој својата истражувачка дејност изминатите десет години ја насочува кон пополнување на празнините во македонската лексикографија. Вработен во Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ниами е еден од ретките претставници на стручната јавност кој гласно говори за предизвиците со кои денес се соочува славистиката во Македонија, но и во поширокиот контекст.

Прашањето за македонскиот јазик е одамна затворено, затоа што тој постои во секој попис на индоевропските и на словенските јазици, вели славистот Емил Ниами. Но, „бомбардирањето“ со таканаречени научни трудови од страна на колегите лингвисти од Бугарија кои одат на најголемите конференции и симпозиуми, со еден збор прават своја пропаганда со која се обидуваат да ја „протнат“ својата вистина, е работа која треба да ги замисли креаторите на државничката политика.

 
Вашиот став по повод повлекувањето на зборовите од Толковниот речник на македонскиот јазик, гласно го именувавте како цензура и кршење на професионалната и научна етика. Лексемите ги тргнаа. Дали македонистите почнаа да си прават пиши-бриши?

Мојата реакција беше чисто професионална, иако постоеја луѓе кои сметаа дека е премногу груба, но и такви кои сметаат дека научниот став нема првенство пред општествениот, политичкиот итн. Многу ми е жал што морав да реагирам на тој начин, но јас сум должен да ја кажувам научната вистина и ништо освен тоа. Секако, ние можеме да дискутираме како треба да бидат направени некои работи, но внатре во кругот на луѓето кои се занимаваат со тоа. Да не заборавиме дека речникот (особено толковниот) е попис на сите зборови во јазикот, без разлика на тоа во кој пласт спаѓаат. За жал, во нашата фела не постои никаква сплотеност, и тоа е наша голема мана, така што, иако голем дел од лингвистите застанаа зад мојот став, овие зборови беа тргнати под притисок. Сметам дека ова не смееше да се случи, зашто знаете дека цензурата во нашата земја е забранета, а тука под притисок на една група беше извршена цензура. Секако дека се познати вакви случаи, но тоа е одлика на тоталитарни режими во кои постојат цензори кои одобруваат или отфрлаат. Не знам дали станува збор за превид, за неусогласеност, за непознавање, но факт е дека со ова се отвора можност секој да интервенира и на крајот, може да останеме со речник од 500 зборови. Во конкретниов случај, ромската заедница можеби се почувствува навредена (иако во речникот се содржат и други пејоративи, од типот на „каурин“ или „Ѓуптин“, за коишто не се реагираше), зашто ги немаше истите значења за другите заедници, но наместо да се бара отстранување на лексемите, потребно беше да се предложи дополнување на речникот. Меѓутоа, воочувањето на какви и да се проблеми, нивното решавање и донесувањето одлука е работа на лингвистите, а не на политичарите.

Дали имаше упад на политиката во науката?

Нема да кажам дека е упад. Мислам дека едноставно беше извршен притисок од неколку невладини организации, кои не се занимаваат ниту со јазик, а уште помалку со лексикографија. Во тој момент видов обид да се изгасне оган во најава, што резултираше со ненаучна и непрофесионална интервенција во дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик.

Колку овие влијанија се погубни за научната вистина?

Сметам дека секое ненаучно мешање или влијание врз научната мисла сериозно го загрозува просперитетот на целокупното општество. Постојат некои работи за кои треба да бидеме свесни, а кои се однесуваат на вистината. Ова можеме да го видиме во актуелниов момент. Гледаме дека се негира нашиот јазик од Бугарија и од великобугарската пропагандистичка политика. Прашањето за македонскиот јазик е одамна затворено, а најдобар пример за тоа е што тој постои во секој попис на индоевропските и на словенските јазици. Она што е препознатливо за бугарскиот негаторски однос и кон македонскиот јазик и кон македонската нација е „бомбардирањето“ со таканаречени научни трудови од страна на колегите лингвисти од Бугарија. Никој не ни е виновен што тие постојано работат, одат на најголемите конференции и симпозиуми, со еден збор, прават своја пропаганда со која се обидуваат да ја „протнат“ својата вистина. Токму затоа потребно е науката да биде ослободена од какви било влијанија, со цел таа да ја изразува вистината, а не пропагандата.

Vistinata za makedonskiot i bugarskiot jazik denes e izvrtena i se koristi za politicki celi 2

Во 2019 година имаше поднесен Предлог-закон за именување и дополнување на употребата на македонскиот јазик, кој по јавната расправа никогаш не беше донесен. Стручната јавност го оспоруваше. Што е спорно во него?

Можам да кажам дека тој закон беше смислен набрзина, и тука е неговата првична мана. Станува збор, всушност, за два закони во еден. Во Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик е опфатена и работата на лекторатите по македонски јазик во странство. Едноставно ним тука не им е местото. Потребно е донесување одделен закон што ќе се однесува на лекторатите, а негов носител и спроведувач би требало да биде Министерството за образование и наука. Во останатиот дел од предлог-законот можеме да забележиме дека тој е апсолутно декларативен, дека не постои никаков облигациски сегмент, а тоа е примарното на еден закон. Во него може да видиме набројувања на нештата што треба да се направат, но никаде не постои конкретно решение, како и начини за спроведување на тие решенија. Овој закон ни е повеќе од потребен. Секојдневно сме сведоци на целосно занемарување на македонскиот јазик. На телевизија, на радио, по порталите гледаме, слушаме и читаме апсолутно неписмени текстови. Многу често може од носители на јавни функции да слушнеме целосно користење дијалекти, не се почитува акцентот во македонскиот јазик, особено од оние што зборуваат на скопски дијалект. Да биде ситуацијата уште поапсурдна, постојат официјални лица кои не зборуваат на македонски јазик, иако тоа им е законски пропишана обврска. Затоа сметам дека е потребен консензус, потребна ни е стручна дебата, потребно е да разговараме и да се консултираме со стручњаците од оваа област, со цел да донесеме функционален и применлив закон.

Сè помалку студенти се запишуваат на студиите по македонски јазик и македонска книжевност, во институциите и медиумите едвај да има по некој вработен лектор, младите меѓу себе разговараат на англиски јазик... Дали нашиот однос создава простор за идентитетско загрозување на јазикот?

Она што се случува кај младите е апсолутно погубна ситуација. Не сакам да звучам пуристички и да застанувам зад флоскулата дека македонскиот јазик изумира, но сосема е недозволиво човек кој е роден во македонска јазична средина да не го знае сопствениот јазик. Коментарите од типот дека така некому му е полесно да се изрази се неоправдани. И за ваквата ситуација сме виновни сите – како научниците, така и наставниците, политичарите, јавните личности, медиумите, но и родителите. Дали навистина е вредно детето да знае англиски јазик, но да не го познава својот мајчин јазик? Дали не е штета децата да ја пропуштат можноста да ги прочитаат на македонски јазик делата на големите македонски писатели? И, впрочем, зошто има предност странскиот во однос на мајчиниот јазик? Малиот број студенти по македонски јазик се должи на неколку фактори. Првиот е што во моментов студиски програми по македонски јазик постојат на повеќе универзитети во земјава, со што дојде до дисперзирање на студентите. Второ, студиската група по македонски јазик не изгледа многу привлечна токму поради односот кон него. Денес е навистина тешко да се најде работа со диплома по македонски јазик, зашто сè помалку се потребни наставници во училиштата, а оние кои сакаат да се занимаваат со лектура немаат шанса да најдат работа во својата струка зашто никој (а тоа е погубно) не сака да троши пари на лектура, а со тоа и да вработи лектор. Истиот однос го имаме и кон другите странски јазици. Се разбира дека денес англискиот е лингва франка, но не смееме да дозволиме да немаме допир со белетристиката, со уметноста, со научната мисла која се создава на други јазици. Својата доминација одамна ја изгубија другите светски јазици. Порано, во секоја покрупна државна институција, како што се министерствата, имаше по еден преведувач од секој светски јазик, денес тие сите се заминати во пензија, а никој не ги заменил.

Vistinata za makedonskiot i bugarskiot jazik denes e izvrtena i se koristi za politicki celi 3„Сведоци сме на целосно занемарување на македонскиот јазик, на телевизија, на радио, по порталите гледаме, слушаме и читаме апсолутно неписмени текстови, а многу често може да чуеме како носители на јавни функции користат дијалекти. Да биде ситуацијата уште поапсурдна, има и официјални лица кои не зборуваат на македонски јазик, иако тоа им е законски пропишана обврска.“ – вели Ниами

Македонскиот јазичен идентитет има континуитет од 9. век наваму. Но, дали некој во земјава може гласно да аргументира во што се состои диференцијацијата на македонскиот од бугарскиот јазик среде поширокиот словенски јазичен контекст? Некој од Институтот за македонски јазик, од Центарот за ареална лингвистика на МАНУ?

Македонскиот јазик е словенски јазик, но воедно е и балкански. Сметам дека е крајно време да биде создаден институт за славистика. И ова го зборувам не само зашто македонскиот е словенски јазик, ами и за тоа дека преку ваквиот институт ќе можат да се прават научни истражувања во еден општословенски контекст, да се прават контрастивни и компаративни анализи. Секако, славистиката веќе подолго време е во криза, па токму затоа е потребна помош од државата на ова поле, особено во вака бурни времиња за јазикот, за да може се реализира научната дејност. Потребно е ангажирање млад и стручен кадар којшто ќе работи врз оваа проблематика и којшто ќе биде ослободен од надворешните влијанија. Она што во моментов го имаме во нашата земја не ги задоволува потребите, така што организирањето на една таква институција, без оглед дали ќе биде самостојна или дел од некоја друга поголема, ќе може да реши многу прашања, меѓу кои и диференцијацијата на македонскиот од бугарскиот јазик, врз основа на научни факти и докази кои се веќе потврдени кај научната јавност. Вистината ние, лингвистите, ја знаеме, а нејзиното извртување денес се користи за политички превирања и во политички цели.

Vistinata za makedonskiot i bugarskiot jazik denes e izvrtena i se koristi za politicki celi 4
А до каде сме со јазичната политика и јазичното планирање, според кое треба да се следи менувањето на јазикот, неговите односи со останатите јазици, како и делувањето на човекот врз јазикот?

Со јазичната политика и со јазичното планирање не сме до никаде. И немојте да мислите дека е тоа така зашто никој не е заинтересиран за овие прашања. Едноставно, тоа не се постигнува со овие капацитети. Во врска со овие две работи, потребни ни се тела, комисии, или како и да се реши, кои ќе се занимаваат со ваквите прашања. Ова е особено важно со оглед на тоа што живееме во свет во којшто информацијата се шири со брзина на светлината, во време кога е потребно постојано да бидеме еден чекор пред иднината, односно да предвидуваме и да планираме, да донесеме стратегија и став, да поставиме критериуми и насоки. Секако, и за ова е потребна заложба на државата, оти, повторно ќе кажам, хуманистиката не може да ве нахрани, но таа му е очајно потребна на секој човек, со цел неговото постоење да има смисла.

Добро, што сѐ ни е потребно за да обезбедиме институционална грижа за јазикот како духовно (нематеријално) културно богатство?

Покрај досега наброените недостатоци, лично јас би сакал во земјава конечно да се формира и лексикографски завод. Денес лексиката е мошне важна, мошне е важен контекстот, мошне е важно како ќе се изразуваме. Една ваква институција би можела да направи многу работи, како за македонскиот јазик така и за неговиот однос со другите (тука ги имам предвид двојазичните речници). Ваквиот завод ќе го фиксира јазикот како богатство, ќе го следи неговиот развој, ќе го анализира како од синхрониски така и од дијахрониски аспект. Можеби ова звучи утописки и, за некого, излишно, но многу работи може да се сменат, меѓу другото, и со формирање на една ваква институција.

Vistinata za makedonskiot i bugarskiot jazik denes e izvrtena i se koristi za politicki celi 5„По паронимите и антонимите, следен проект врз којшто веќе работам се хомонимите“ – вели Ниами

Со вашата работа пополнувате празнина издавајќи ги речниците за пароними и за антоними. Имаме ли други празнини?

Празнини има многу. Искрено, овие мои речници излегоа како производ на магистерската и на докторската дисертација, во кои македонските пароними, односно антоними, ги споредував со оние во рускиот јазик. Кога се зафатив со тезите, сакав да има некаква општа корист од нив. Така, се роди идејата за составување на речниците. Со оглед на тоа што тие не постоеја во македонскиот јазик, на почетокот на 2011 година, бидејќи не можев да издвојам сопствени средства, а тогашното Министерство за култура ме одбиваше за финансиска поддршка, решив да ги издадам на електронски носител. Се направија незначителен број (50) копии кои во период од еден месец беа потрошени, бидејќи ги подарував онаму каде што беа потребни. Затоа, со книгоиздателството Ми-Ан, решивме дека овие речници треба да добијат и своја печатена верзија, а сето тоа беше финансиски поддржано од Министерството за култура. Следниот проект е изработка на речник на хомонимите во македонскиот јазик, врз којшто веќе работам. Потоа, потребно е да се напише и речник на синонимите во македонскиот јазик, за којшто специјалист во нашата земја е колешката Симона Груевска. Доколку се издадат и овие два речници, ќе ја заокружиме едицијата на речници на семоними во македонскиот јазик, а тоа ќе биде од големо значење како за македонската лексикографија така и за македонскиот јазик воопшто.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Зафирова Фотографија: Томислав Георгиев Лектура: Татјана Б. Ефтимоска