fbpx
 

Ранливите заедници се најпогодени од КОВИД-19

Јона Копренцка

Jona Koprencka 200x250Ранливите групи најмногу страдаат од катастрофите и мерките кои се преземаат. Пандемијата покажа дека ромската заедница во Албанија е најранлива и најзасегната.

Првата недела од март 2020 година Албанија презеде рестриктивни мерки поради пандемијата со КОВИД-19. Стравот од овој вирус ја забрани секоја активност во нормалниот живот. Како и во секој случај на природна катастрофа, веднаш се презедоа строги рестриктивни мерки. Овие мерки, за жал, најмногу ги почувствуваа ранливите групи како што е ромската заедница, египќаните, како и семејствата што ги загубуја своите куќи од земјотресот на 28 јануари 2020 година.

Ромската заедница е присутна најмногу во средна и јужна Албанија. Станбената, образовната и работната сегрегација создаваат сериозни пречки оваа заедница да се интегрира. Од друга страна, еден мал дел од ромската заедница, е образована, работи и допринесува во општеството.

Ромите продолжуваат да се на удар на епидемиолошките кризи бидејќи имаат недоволен пристап до чиста вода за пиење и канализација за отпадните води, лоша инфраструктура и ограничен пристап до здравствениот систем, недоволна храна, слаба свест за превентивните мерки како и преголемата населеност во населбите.

Спроведувањето на превентивните мерки за оваа заедница е тешко, не поради негрижата, туку поради условите во кои таа живее. Во еден ромски стан живеат од 4 до 7 лица додека во куќите оваа бројка се движи до 8 или 9 лица. Се работи за живеење во заедница на две или повеќе генерации под еден ист покрив. Живот во заедница не значи секогаш и присуство на КОВИД-19, но може да биде основа за лесно ширење на вирусот. Како што може да заклучиме хигиената и дистанцирањето е невозможно бидејќи кога еден член од семејството треба да излезе на пазарување или во аптека, во случај да се зарази од вирусот тој веќе е потенцијален преносител на вирусот кон останатите членови на неговото (многубројно) семејство. Ниската хигиена во конкретниот случај е најдобар сојузник на вирусот. Вреди да се спомене дека во ромските населби во периферните делови на градовите, дистанцирањето не се почитува. Тие се собираат во групи и редовно се сретнуваат едни со други.

Затворањето на работните активности веднаш донесе последици. Оваа заедница живее од ден за ден. Најчесто Ромите работат со препродажба на стоки од втора рака (користени), како и со улична трговија што често и не е дозволена од државата. Заработените средства од дневницата одговараат на основните потреби за преживување, без да останат средства што се потребни во случај на несреќа или катастрофа. Уште првите денови откако се воспоставија превентивните мерки, во оваа заедница започнаа грижите за беспарицата и како да се преживее секој ден. Затворањето на ромскиот пазар во Елбасан, Драч, Тирана и другите градови како и активностите поврзани со откуп и продажба на користени работи направи во маалските продавници да се купува храна на почек. Од ден на ден долговите во локалните продавници растат правејќи ја неподнослива нивната состојба. Албанските леки не стигнуваат да се купи храна а не пак да се купат маски и ракавици.

Во случајот со пандемијата, Општина Елбасан подели помош за оваа заедница, којашто се произнесе дека помошта не е доволна и по овој повод протестираше. Во Рапишт во Елбасан се наоѓа најсиромашниот дел на ромската заедница во овој град. Тие започнаа протест со кој бараа поголема социјална помош од државата, главно храна којашто им е најпотребна во условите во коишто се наоѓаат сега.

Ranlivite zaednici se najpogodeni od KOVID 19Извор: bmsworldmission.org

На нивниот протест тие побараа итна помош со храна за да ги нахранат нивните деца и објаснија дека сапуните и средствата за дезинфекција ниту имаат каде да ги чуваат, ниту пак имаат вода за миење на раце а и не можат со нив да ги нахранат своите деца.

Учење онлајн

Уште една мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19 беше затворањето на образовните институции на сите нивоа (градинки, основни и средни училишта и факултетите). Министерството за образование им наложи на наставниците за основно и средно образование да пренесуваат знаење преку гугл алатките за комуникација а учениците на истата платформа испраќаат домашни. Задача на секој родител е да го регистрира своето дете за следење на онлајн настава. За жал, за едно ромско семејство со две или три деца прво е невозможно да има интернет врска и време за слушање на наставата од наставниците и за секој предмет да го регистрира своето дете да слуша. Пет или шест наставни предмети подразбираат пет или шест регистрации за слушање на задачите за секое дете. Наставниците преку гугл училница (комуникациска групна платформа) предаваат а учениците и студентите ги испраќаат домашните задачи на истата платформа.

Учењето онлајн е друг предизвик за оваа заедница. Како што беше наведено погоре, оваа заедница живее во многу тешки социо-економски услови кои не им дозволуваат следење на наставата на овој начин. Како поранешна наставничка – стажант во основното училиште „Фадил Гурмани“ во Елбасан, институција во којашто се евидентирани висок процент на ромски ученици, можам да кажам дека процесот на онлајн учење за овие деца е невозможен. Од моето лично искуство и искуството на моите колеги, можам да кажам дека социо-економските услови во коишто живеат овие деца не им дозволуваат тие да присуствуваат на настава. Знаењето од образовниот процес е единствено она што се стекнува за време на предавањата. Нивните економски услови не дозволуваат секое семејство да има интернет врска. За еден дел од нив интернетот е луксус, па дури и поседување на смарт телефон.

Што може да се направи поинаку?

Ранливите групи во општеството се тие коишто најмногу страдаат од катастрофите и мерките кои се преземаат. Пандемијата КОВИД -19 по не знам кој пат покажа дека ромската заедница во Албанија е најранлива и најзасегната. Во конкретниов случај јасно е дека државата не е во состојба финансиски да помогне на секое семејство во случај на катастрофа, но состојбата може подобро да се менаџира. За да не дојде ситуација во којашто овие луѓе ќе протестираат за храна, најпрво треба секој граѓанин од оваа заедница да биде евидентиран, со цел невработените лица да се евидентирани во Заводот за вработување, да се на листата за евентуално вработување, како и да се изјаснат колку лица живеат во еден дом. Најважна останува потребата за снабдување со вода за пиење, и евидентирање во здравствениот систем, недоволна е помошта со сапун и средства за дезинфекција кога недостасуваат основни средства за живот.

Собирањето на податоци за населбите во коишто живее ромската заедници како и креирање на платформа за снабдување на истата со вода за пиење е нешто што се очекува да дојде од локалните и централните власти.

Добра идеја би било да се воспостави посебен фонд за обезбедување на интернет врска и компјутери за ромските семејства кои имаат деца во училиште, иако можеби тоа делува како луксуз кога кај овие семејства недостасуваат основни услови за живот. Како и кај другите заедници и кај ромите неопходно е да се работи на едукација и нивно интегрирање во општеството се со цел да не останат изолирани на своите пазари со користени стоки како и во одредени образовни институции, истовремено дистанцирајќи ги од другиот дел на општеството. Важно е да научиме кои социо-економски политики не функционираат кај оваа заедница а проектите за нив да не се само проекти на хартија или со ефект за само еден дел од оваа заедница, туку политиките да се сеопфатни и во иднина да насочуваат каде треба да се работи повеќе.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Образовниот систем во Македонија: вистинска научна...
Со пандемијата, зачестија повиците на жртвите на с...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 06 Август 2020

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè