fbpx

Капитализмот после КОВИД-19

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Економија

КОВИД-19

16.10.20

Прегледи

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Klaus SchwabПандемијата со вирусот КОВИД-19 го сврте вниманието кон општествените, економските и еколошките ризици што се создаваа во последниот половина век на неолиберализам. И покрај големата глобална неизвесност денеска, едно е јасно: време е да се започне со преиспитување на старите теории и развој на нова парадигма.

Ниту еден настан од крајот на Втората светска војна немал толку големо влијание на глобално ниво како КОВИД-19. Пандемијата предизвика криза во јавното здравство и економијата каква што не е видена со генерации и ги влоши системските проблеми како нееднаквоста и концентрацијата на моќ.

Единствената прифатлива реакција на таквата криза е да се направи „големо ресетирање“ на нашите економии, политика и општества. Сега е момент да се преиспитаат одредени теории од предпандемискиот систем, но и да се застане во одбрана на одредени долгогодишни вредности. Имаме задача да го зачуваме напредокот постигнат во изминатите 75 години и да го направиме поодржлив.

Во децениите по Втората светска војна, светот направи голем исчекор кон искоренување на сиромаштијата, намалување на смртноста кај децата, зголемување на животниот век и проширување на писменоста. Денес, меѓународната соработка и трговија, кои го поттикнаа подобрувањето на овие и многу други параметри за напредокот на човештвото по војната, мора да продолжат и да се бранат од скептицизмот за нивниот придонес.

Во исто време, светот мора да го задржи фокусот на прашањето кое ја карактеризира претпандемиската ера: „Четвртата индустриска револуција“ и дигитализацијата на безброј економски активности. Неодамнешните технолошки достигнувања ни овозможија да се спротивставиме на моменталната криза – вклучително и преку брзиот развој на вакцини, нови терапии и опрема за лична заштита. Ќе мора да продолжиме да инвестираме во истражување и развој, едукација и иновации, а истовремено да градиме заштита од оние кои сакаат да ја злоупотребат технологијата.

Но, некои идеологии од нашиот глобален економски систем ќе треба да се преиспитаат поширокоумно. Главна меѓу нив е неолибералната идеологија. Фундаментализмот на слободниот пазар ги поткопа работничките права и економската безбедност, предизвика дерегулаторен надолен пад и разорна даночна конкуренција и овозможи појава на нови глобални монополи.

Правилата за трговија, оданочување и конкуренција што отсликуваат децениско неолиберално влијание, сега ќе треба да се преиспитаат. Во спротивно, идеолошкиот баланс ќе натежне кон целосен протекционизам и други економски лоши стратегии.

Поточно, ќе треба да ја преиспитаме нашата колективна посветеност на „капитализмот“ каков што го познаваме. Очигледно, не треба да ги елиминираме основните двигатели на растот. Најголемиот дел од општествениот напредок од минатото го должиме на претприемништво и на капацитетот да создаваме богатство со преземање ризици и трагање по нови иновативни деловни модели. Потребни ни се пазари за ефикасно да ги распределиме ресурсите и производството на добра и услуги, особено кога станува збор за справување со проблеми како климатските промени.

Но, ние мора да преиспитаме што подразбираме под „капитал“, без разлика дали станува збор за финансиски, еколошки, општествен или човечки. Денешните потрошувачи не сакаат повеќе и подобри добра и услуги за разумна цена. Туку очекуваат компаниите да дадат свој придонес за општествена благосостојба и општото добро. Се јавува фундаментална потреба и сè пораспространето барање за нов вид на „капитализам“.

За да го преиспитаме капитализмот, мора да ја преиспитаме улогата на големите компании. Раниот поборник за неолиберализмот, добитник на Нобелова награда, економистот Милтон Фридман смета (цитирајќи го поранешниот американски претседател Келвин Кулиџ) дека „целта на бизнисот е профит“. Но, кога Фридман прв ја развил доктрината за приматот на акционерите, тој не зел предвид дека акционерско друштво чии акции се тргуваат на берза не може да биде само комерцијален субјект, туку и општествен организам.

Покрај тоа, КОВИД кризата покажа дека компаниите кои инвестираат во зајакнување на нивната долгорочна виталност полесно ги пребродуваат проблемите. Всушност, пандемијата го забрза пренасочувањето кон инклузивниот модел на корпоративниот капитализам, по прифаќањето на овој концепт од страна на американската организација Business Roundtable минатата година.

Но, за да се задржат повеќе општествени и еколошки деловни практики, на компаниите им се потребни појасни насоки. За да се задоволи таа потреба, Меѓународниот деловен совет на Светскиот економски форум разви „Метрички систем на инклузивен капитализмот“, за компаниите да можат да се усогласат кога станува збор за проценка на вредноста и ризиците.

Ако научивме нешто од КОВИД кризата, тоа е дека владите, компаниите и граѓанските организации не можат сами да одговорат на системските глобални предизвици. Треба да ги разбиеме бариерите помеѓу овие домени и да започнеме да градиме институционални платформи за јавно-приватна соработка. Исто така е важно да се вклучат и помладите генерации во овој процес, бидејќи е неопходно за долгорочна иднина. 

На крај, ние мора да вложиме поголеми напори да ги разбереме позадинските различности, и расличностите во мислењата и вредностите меѓу граѓаните на сите нивоа. Секој од нас има свој индивидуален идентитет, но сите припаѓаме на некоја локална, професионална, национална, па дури и глобална заедница со заеднички интереси и испреплетени судбини.

Големото ресетирање треба да им даде глас на заборавените, за секој што сака да учестува во „моделирање“ на иднината да има можност за тоа. Ресетирањето што ни треба не е револуција или промена кон некоја нова идеологија. Туку прагматичен чекор кон поотпорен, покохезивен и одржлив свет. Некои од столбовите на глобалниот систем ќе треба да се заменат, а други да се поправат или зајакнат. Постигнувањето на заеднички напредок, просперитет и здравје не бара ништо повеќе – ниту помалку.

 

Клаус Шваб е основач и претседател на извршниот одбор на Светскиот економски форум.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Клаус Шваб (Klaus Schwab)

Клаус Шваб, основач и извршен претседавач на Светскиот економски форум, е авторот на „Четвртата индустриска револуција“.