fbpx

Државен капитализам, верзија 2.0

Алиса Амико

Економија

05.07.19

Прегледи

Алиса Амико (Alissa Amico)

За државните претпријатија да ја избегнат судбината што ги снајде диносаурусите, тие мора да научат не само да танцуваат валцер со странски партнери, туку и да играат брејкденс, да паѓаат, да стануваат и да се обидуваат да изведат нови потези.

Падот на Берлинскиот ѕид, пред речиси 30 години, беше најекстремен пример за повлекување на државата од глобалната економија, што укажува на пораз на социјалистичката економија безмалку во целиот свет. Од диригистичка Франција до комунистичка Кина, земјите со крајно различни економски модели почнаа да применуваат приод кон креирање јавни политики со помала контрола од државата, засновано на идејата дека колку помалку државата интервенира, толку подобро.

Во ова глобално исчезнување на етатистичката и социјалистичката економија, некои државни претпријатија веднаш се приватизираа. Но поголемиот дел од „повредните“ претпријатија останаа делумно во рацете на владите, со стратегиски приватен партнер или приватни инвеститори кои добија удел преку пазарите на капитал. Приватизацијата, без оглед во каква форма била, не изразуваше само филозофски став; таа истовремено имаше далекуопсежни економски последици – еден значаен пример се последиците врз берзите, кои се ревитализираа преку котација на државните претпријатија во земји кои се крајно различни, како на пример Италија и Египет.

Со доаѓањето на новиот милениум, пак, повлекувањето на државата од економијата сопре. Успехот на земјите како Кина, која го води економскиот развој преку своите државни претпријатија, и Обединетите Арапски Емирати, кои ја водат економската диверзификација преку своите Суверени инвестициски фондови, покрена многу важни прашања за ефикасноста на растот предводен од приватниот сектор.

Неколку влади се обидоа да го повторат експериментот на Кина со своите државни претпријатија и искуството на Сингапур со своите Суверени инвестициски фондови, Темасек. На Средниот Исток, на пример, тивка економска револуција водена од државата се развива во последниве години, видлив резултат од истата е тоа што Дубаи постана најголем транспортен центар за меѓународен воздушен сообраќај, неодамна го надмина и аеродромот „Хитроу“ во Лондон.

Додека потенцијалното тргување со акции на „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco), државна нафтена компанија на Саудиска Арабија, навидум укажува дека приватизацијата не е комплетно напуштена, се јавува поширок, а можеби и поважен тренд. Наместо да приватизираат, владите од целиот свет сè почесто бараат начини да ги надминат вечните слабости на нивните државни претпријатија, меѓу кои се и тромавото деловно владеење, ниската стапка на продуктивност и потпросечното ниво на иновации.

За таа цел, структурата на суверен капитал еволуира од модел на наследство на пасивна државна сопственост во модел во кој е јасно дека опстанокот на државните претпријатија зависи од нивната способност да бидат конкурентни на меѓународно ниво. Монополистичка или олигополистичка позиција на државните претпријатија во матичната земја не значи дека тоа е конкурентно, особено во контекст на нови технологии што воведуваат драстични промени во живеењето, а истите не се ограничени со државни граници. Долгорочно гледано, заштита од владата за некоја државна телеком компанија нема да ѝ помогне на истата во нејзината битка со Skype, WhatsApp, Viber и сл.

За да можат да одговорат на овој предизвик, владите почнаа помалку да се концентрираат на приватизација, а повеќе на модернизација. Голем број на државни претпријатија и Суверените инвестициски фондови неодамна отворија гранки за ризични капитални инвестиции чија цел се современи технолошки компании кои произведуваат иновации што тие можат да ги поддржат во нивната примарна дејност. „Сауди Телеком“, на пример, ја отвори STC Ventures за да инвестира пари од компанијата и да ги следи и користи можните развојни настани во најсовремените технологии. Слично на ова, Инвестициската корпорација на Дубаи (Investment Corporation of Dubai), еден од Суверените инвестициски фондови на Емиратите, инвестираше 47 милиони американски долари во „Индиго“ (Indigo), старт-ап компанија со седиште во Бостон која е насочена кон технологија за земјоделство.

Во секој случај, државните претпријатија и Суверените инвестициски фондови имаат ограничено искуство во технолошкиот сектор, а нивната корпоративна култура е прилично крута споредено со компаниите кои се нивни соперници. Да се врши надзор на управувањето на современо технолошки компании потребни се сосема различни вештини од оние потребни за управување со заеднички вложувања со странски партнери, што е нешто што државните претпријатија и Суверените инвестициски фондови неодамна го совладаа. Оттаму, за да се обезбеди потребната стручност, Саудискиот јавен инвестициски фонд (Saudi Public Investment Fund) стапи во партнерство со „Софтбанк“ од Јапонија, а Инвестициската компанија Мубадала (Mubadala Investment Company) на Абу Даби склучи договор со француските инвестициски субјекти, кои имаат поддршка од државата, „ЦДЦ интернешенал капитал“ (CDC International Capital) и „Бпифранс“ (Bpifrance).

Дури и со потребното практично знаење, управувањето со високо-технолошки компании како што се „Фејсбук“ (Facebook) и „Снепчет“ (Snapchat) може да донесе и други предизвици, затоа што основачите на технолошки компании, исто како и суверените инвеститори, најчесто сакаат да имаат високо ниво на оперативна контрола. Ако го одминеме прашањето на контрола, стекнувањето на технолошки компании исто така наложува државните претпријатија и Суверените инвестициски фондови да заземат поинаков приод кон управувањето со ризици, што се должи на нестабилноста на вреднувањата во овој сектор.

Во овој контекст, суверените инвеститори кои се појавуваат на новите пазари треба многу да учат од Кина, каде државните претпријатија активно стекнуваат технолошки фирми од целиот свет веќе извесно време. По неколку проблематични епизоди последниве години, Министерството за финансии на Кина издаде насоки за ублажување на ризиците за државните претпријатија кои работат со стекнување странски компании.

Дури и ако голем број на суверени фондови од новите пазари претпочитаат да останат тивки инвеститори без право на глас и со пасивен удел во странските компании, овој наплив на стекнувања компании од технолошкиот сектор што се случува во моментов наложува тие подобро да ги разберат своите права како содружници. Исто така, потребно е тие да ги опремат своите тимови со повеќе стручност од областа на инвестирање и да бидат во блиска координација со други домашни инвеститори, за нивните стекнувања да постигнат мултиплицирачки ефект во нивните национални економии.

Додека активноста на приватниот капитал бележи пад на Средниот Исток, како впрочем и на другите места во последниве години, што се должи на негативните последици од сагата со „Абраџ капитал“ (Аbraaj Capital), државните претпријатија и Суверените инвестициски фондови во регионот најверојатно ќе продолжат со формирање нивни субјекти со приватен капитал. Преку државни инвестиции во високо-технолошки фирми, креаторите на јавни политики може да произведат позитивни мултиплицирачки ефекти, вклучувајќи ефекти врз капиталните пазари кои претходно се развиле преку приватизација.

На пример, државните претпријатија во некои ситуации можат да котираат со фондови со приватен капитал што тие ги формирале, а паралелно со тоа да развиваат домашни високо-технолошки фирми во кои би можеле самите да ги инвестираат нивните потенцијални котации. Ова би било од корист за локалните пазари на капитал исто колку што и котациите од самите државни претпријатија, ако не и повеќе, земајќи предвид дека берзите сега вклучуваат и сегменти на посебни котации насочени кон примамливи иновативни фирми.

Во секој случај, со фокусирање само на приватизацијата на големите државни претпријатија, се остава лажен впечаток за насоката на движење на државниот капитализам на новите пазари. Верзијата 2.0 на државниот капитализам не се заснова на исчезнувањето на владината сопственост, туку на нејзино преформулирање што е согласно со иднината на светската економија. Оваа промена е од основна важност за опстанокот на државната сопственост, а за истата да се случи потребно е суверените инвеститори да ја преформулираат нивната традиционална парадигма на владеење. За државните претпријатија да ја избегнат судбината што ги снајде диносаурусите, тие мора да научат не само да танцуваат валцер со странски партнери, туку и да играат брејкденс, да паѓаат, да стануваат и да се обидуваат да изведат нови потези.

Алиса Амико е Управен директор на GOVERN – Центар за економско и деловно владеење.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Алиса Амико

Алиса Амико е Управен директор на GOVERN – Центар за економско и деловно владеење.