fbpx

Колку е убаво да си професионален!

д-р Татјана Б. Ефтимоска

Јавен интерес

Образование

12.04.16

Прегледи

д-р Татјана Б. Ефтимоска

tatjana eftimoskaОгромен процент академски граѓани се, едноставно, неписмени. Скарани се со основна писменост, правопис и правоговор. Пратениците, со своите сочни идиоми, го претворија Собранието на РМ во вистинско извориште на дијалекти, најразновиден жаргонски, дури и уличен говор. Новинарите и актерите исто така честопати имаат проблеми со писменоста, несоодветната интонација и неправилното акцентирање.

Професионалноста е меѓународен збор со латинско потекло, а неговото објаснување/толкување според Толковниот речник на македонскиот јазик е: „Професионализам. .а) занимавање со нешто како со професија. б) Квалитет или типично својство за определена професија (вештина, компетентност и сл.); спрот. аматеризам.

Што значи професионалноста во македонски контекст? Како и многу други нешта, вредности или цивилизациски придобивки, и професионалноста или стручноста во нашата локална примена станува испервертирана. Секојдневно се соочуваме со многумина самонаречени професионалци од кои, освен празнословие, не излегува ништо; со професионални луѓе на несоодветни места или несоодветни луѓе на професионални места, а има и понекои професионални луѓе на вистински места, но опкружени со соработници кои им ги врзуваат рацете.

Професионалноста и јазикот

Eден од клучните атрибути на професионалноста e јазикот. Како го користиш, колку си вербален и/или писмен, колку добро располагаш со него. Не треба да бараме којзнае колку далеку – можеме многу да научиме, на пример, од хрватскиот културен контекст. Нема шанси да се интегрираш во тамошното општество доколку не си извонредно писмен на хрватски јазик, без оглед на која професионална област ѝ припаѓаш. Ако си професионалец во чијшто домен спаѓа и академското пишување или каков било јавен настап – незамисливо е да не владееш добро со јазикот. Еден од најстрогите испити на нивната државна матура е токму испитот по хрватски јазик.

Што се случува овде? Огромен процент академски граѓани со високо образование се, едноставно, неписмени. Скарани се со основна писменост, правопис и правоговор, а да не зборуваме за некаква посолидна запознаеност со тоа како да срочат и да одбранат аргумент, како да напишат труд или текст или, недајбоже, критички есеј или истражување. Фејсбукот и другите друштвени мрежи како сончев зрак врз правлива полица ги разоткрија кутрите боси квазиинтелектуални умови, нивниот пелтечав израз и полуинформираност. И не само што не им е срам, не само што им е сеедно што се неписмени туку уште и се подготвени да се борат за своето „право“ на неписменост. Подготвени се веднаш да го земат на мајтап тоа што некој се занимава со едно толку „неважно прашање“ како што е јазикот. Демек, додека ним селото им гори, ние, бабите, се чешламе; тие гинат на бојното поле фаќајќи се за гуша со проблемите, а ние, дежурните критизери, зборуваме за јазикот?! „Голема работа ако сме рекле се бави наместо се занимава или ако сме пишале незнам!“ Да, тоа е точно. Не е голема работа. Никој нема да умре поради тоа, ниту пак сонцето ќе престане да изгрева. Како ни поради многу други работи: скандали, корупција, лажирање избори и слично.

eft1

eft2

Извор: www.telma.com.mk

 

eft3

Извор: Авторот

Намерно не го спомнувам Законот за употреба на македонскиот јазик. Не дека не постои, туку дека не се почитува и не се имплементира доследно (како што се случува, впрочем, и со сите наши закони). Парадоксално, дури и од неговите сопствени носители, дури и од највисоките државни институции. На билетарницата на една државна институција на културата, Македонската опера и балет, стои огромен натпис: „билетара“. Или, на прославата на 20-годишнината од независноста на Македонија, карши сцената каде што големите глави прославуваа и се колнеа во „мајка Македонија“, на подвижна реклама Владата им го честиташе празникот и јубилејот на граѓаните – на латиница.

eft4

Извор: Авторот

Не(Културата) на јавниот говор

Културата на јавното говорење, како владеење со вештината на течно, правилно и речито искажување на сопствените мисли, е исто така важен дел од писменоста на професионалецот. Во сите професионални области, без оглед дали имаат директна или индиректна врска со јазичните теми, културата на говорот има огромно значење за успешна комуникација. Неспорно е дека личноста што умее точно, јасно и богато да ги изрази своите мисли и ставови ќе биде успешна во комуникацијата и со соработниците, и со пошироката јавност. Културата на говорењето е особено важна за сите професионалци кои секојдневно настапуваат пред некаков аудиториум: образовни работници, актери, новинари, адвокати, лица за односи со јавноста, политичари. Најголемиот старогрчки говорник Демостен луцидно ја дефинирал говорничката вештина: „Во говорот најважни се три работи: прво, како се кажува нешто; второ, како се кажува нешто и трето, како се кажува нешто.“

Наспроти тоа, највисоките народни претставници – пратениците, со своите сочни идиоми, го претворија Собранието на РМ во вистинско извориште на дијалекти, најразновиден жаргонски, дури и уличен говор, како и на искривоколчен македонски. Нивните лексички бисери, конфузните мисли, неправилното акцентирање, дури и вулгарностите – одамна престанаа да нè изненадуваат. Новинарите и актерите, еднитe со фокус кон пишувањето, другите кон говорењето, исто така честопати имаат проблеми со писменоста, несоодветната интонација и неправилното акцентирање. Дали демократизацијата на општеството значи и „демократско право“ на неписменоста да ја победи писменоста? Не. Не значи и не треба да значи. Напротив, таа ги обврзува говорителите, сите што го употребуваат јазикот јавно, уште повеќе да работат врз усовршувањето на сопствената култура на говорењето.

Искрено се прашувам – кога ќе разбереме дека од јазикот почнува сè? Дека е тој исходиштето на дискриминацијата и нетолерантноста во нашето општество, на немањето осет и почит кон другиот и на неспособноста да се идентификуваш со него, на недостигот од основна емпатија? Или, ако повеќе сакате, кога ќе разбереме дека јазикот е рендгенската снимка врз којашто се отпечатува сè? Нашето размислување, нашите духовни решетки, нашата неслобода, потчинетост и малодушност? Исто како и мислата остра и прецизна како хируршки рез, способноста за забележување и критичко мислење, храброста и подготвеноста да се сменат состојбите? Вилхелм фон Хумболт, познат германски философ и лингвист, уште во 19. век заклучува дека „јазикот е оној што го организира светот околу нас“. Уште оттогаш станува јасно дека јазикот не е само одраз на една општествена стварност, туку и причина за неа. Ние никако да стигнеме до 19. век.

Ако веќе зборуваме за професионално и квалитетно работење, како да му верувам на новинарот дека ги проверил информациите што ги соопштува ако му се напишани или кажани со многу јазични грешки, со несоодветна и иритирачка интонација? Како да му верувам на медиумот што ја потценува својата публика сметајќи ја за неспособна да процени и да направи разлика? Како да ѝ верувам на фирмата/институцијата што објавува реклама со повеќе јазични грешки отколку што има зборови во неа? Како ќе ме убеди дека работи професионално и чесно за да ги купам производите или услугите што ги нуди, кога не знае ниту една реклама да направи како што треба? Многу често во рекламните слогани, јазикот станува жртва на комерцијалниот ефект на најгруб и најбезобѕирен начин. Ако воопшто ги имало, лекторите сведочат дека и покрај нивните интервенции, последниот збор сепак го има нарачателот на рекламата, кој честопати знае да премине преку сугестиите.

За рекламниот билборд на една приватна клиника, новинарот Срѓан Стојанчов одлично ја срочи мислата: „Ако лечат ко што пишат, си го јал.“

eft5

Извор: Фотографија на Срѓан Стојанчов.

eft6

Извор: Авторот

Ако не знаеш – прашај!

Професионалноста никако не значи дека знаеш сè. Дека не смееш да згрешиш или дека мора самиот да се бориш со троглавите проблеми, на коишто за секоја глава што ќе им ја откинеш, никнуваат уште десет нови. Напротив, во денешно време брзоплетоста или неспособноста за тимска работа скапо се плаќа.

Прашај за јазична редакција на македонски, побарај стручен превод на англиски. Дотерај ги нештата пред да ги изложиш во јавноста. Професионалноста е квалитет којшто предизвикува доверба и значи убавина.

Навистина е убаво да си професионален.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д-р Татјана Б. Ефтимоска

Татјана Б. Ефтимоска работи како професор по Современ македонски јазик во Меѓународните училишта НОВА и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Магистрирала и докторирала врз теми од македонската книжевност. Авторка на многубројни текстови и неколку книги од областа на македонистиката.