fbpx

Не одиме во селата

Петар Гошев

Јавен интерес

18.05.16

Прегледи

м-р Петар Гошев

petar goshevКако и многу други дејности, и земјоделството стана жртва на слабостите во личното обрaзование на Никола Груевски и особено на неговите бескрајно популистички политики. Деновиве, тој нé соочи со уште еден бизарен изум. Патентираше ново развојно решение во областа на земјоделието, а со тоа, наводно и за развој на економијата во целина. Заштитното име на патентот е „Од град во село за нов почеток“.

Морковот се состои од три хектари државно земјиште и парична помош од шест илјади евра за изградба, реновирање или купување куќа и парична помош од петнаесет илјади денари месечно во следните 18 месеци, за лица кои ќе се согласат да се преселат од градовите во села низ Македонија. Згора на тоа, нуди субвенции во износ од 50 проценти од вредноста на купената механизација. Колку што разбрав, ова важи за мигранти кон села кои имаат помалку од 500 жители. Недоволно едуцираниот екс-премиер, се чини дека, ако не сосема, барем делумно, верува дека и со вакви мерки ќе почнат да се пополнуваат испразнетите села во Македонија, сметајќи дека на земјоделието му недостасува доволно работна сила.

Што не знае Груевски, или со што манипулира?

Прво, високото учество на земјоделското производство во БДП и високото учество на земјоделско население во вкупното население, особено високиот процент на вработени во земјоделскиот сектор во однос на вкупниот број вработени, значат показатели за неразвиеност на една земја.

Второ, трендовите на намалување на земјоделското население во вкупното, на релативното намалување на додадената вредост на земјоделието во вкупниот БДП на една земја, како и на намалувањето на релативниот (не ретко и на апсолутниот) број вработени во земјоделието во однос на вкупниот број вработени се законита линија на развојот на човештвото. Иако е срамота да дискутираме и приложуваме факти за ваквата историја на човештвото, да го направиме тоа зашто нашиов „реформатор“ неуморно се труди да нé врати во „старите добри времиња“ на одамна заборавените епохи.

grafikon1

Приложената слика, формирана од Индикатори за светскиот развој јасно зборува: колку земјата е поразвиена, толку создадената додадена вредност во земјоделието учествува со помал процент во вкупниот БДП на земјата. Истото важи и за учеството на бројот на вработените во земјоделието во однос на вкупниот број вработени. Во врска со првото (додадената вредност) процентите за развиените држави се под 3, во врска со второто (бројот на вработените) под 4% (во одделни случаи и одвај околу еден процент). Кај помалку развиените држави, пак, очигледно, тие се неколкукратно повисоки.

Според тоа: учеството на додадената вредност создадена во земјоделието на Македонија во нејзинот БДП од околу 10 проценти (2013), и учеството на вработените во земјоделието во вкупниот број вработени со 18 проценти (истата година) е силен знак за нашата неразвиеност, исто како и во другите компаративни земји. Тоа е знак за ниската општествена продуктивност на работната сила, не само поради ниската продуктивност на самото земјоделие, туку уште повеќе поради недоволната развиеност на другите дејности и неповолната (од продуктивен аспект) структурна разместеност на активното работоспособно население.

Затоа, идејата на Груевски за стимулирање миграции од градовите кон селата или е нов израз на неговото незнаење, или, пак, нова безочна предизборна манипулација. Ако Македонија се развива, епилогот ќе биде јасен: релативната вредност што ќе се создава во земјоделието и бројот на вработените неизбежно ќе се движи (како и досега) кон вредностите што денес важат за развиените држави. Тоа не значи дека не треба да се вложува во земјоделието. Треба да се вложува за да се зголемува продуктивноста на трудот и да се добива сé поголемо производство со опаѓачки број на вработени и подобра валоризација на природните ресурси.

Популистичките политики само го забрзуваат одливот од селата

Политики наменети за постигнување краткорочни популистички ефекти (во кои спаѓа и најновиот изум на Гревски) само го забрзуваат одливот од селата - купуваат гласови за избори, но не носат развој. Затоа напуштањето на селата е уште подинамично од, во секој случај, неизбежниот процес.

Во периодот од 2008-мата заклучно со 2015-тата, Владата тврдеше дека само за субвенции исплатила над 600 милиони евра. Во 2012-тата година буџетот за земјоделието изнесувал нешто над 2 проценти од БДП - од тоа над 90 проценти се исплатени за субвенции. Постојниот модел на раздавање субвенции е перманентна мета на критики во домашната јавност. Таа критика е, речиси, идентична со критиката на странски експерти и институции. Во извештајот на Светската банка „Преглед на јавните расходи во РМ - Фискална политика за раст“, наведено е дека субвенциите не се соодветно дизајнирани бидејќи: (1) најголем дел од нив се (дополнителни) приходи (на земјоделците), а само мал дел се за инвестиции; (2) во одделни подсектори (тутунот, на пример), субвенциите покриваат значителен дел од трошоците, што ја менува мотивацијата за инвестирање; (3) мал дел од субвенциите е наменет за производи со висок удел во извозот; (4) а во исто време, нивото на јавното финансирање за развој на системите за наводнување е занемарливо.

Проследувачите на оваа материја знаат дека вкупната мрежа за наводнување на земјоделско земјиште во Македонија е изградена во социјалистичкиот период и дека од тогаш до денес само сведочиме нејзино пропаѓање. Нема нови канали, резервоари и секундарна мрежа за наводнување, а старите, поради неодржување, се распаѓаат. Во веќе цитираниот извештај на Светската банка се коментираат и следните податоци. Ако некогаш (крајот на 80-тите) од изградената мрежа за наводнување на околу 160.000 хектари практично се наводнувале околу 80.000 хектари обработливо земјиште (поради многу слабости во секундарната мрежа и вкупната политика никогаш не се достигна целосното користење на мрежата), денес се наводнуваат одвај околу 33.000 хектари, односно само 20 проценти од обработливото земјиште коешто некогаш било покриено со резервоари и мрежа за наводнување.

Големите износи на исплатени субвенции (главно како извор на дополнителен приход) помага да се ублажи сиромаштијата во селата, во периодот на нивната исплата. Но, малку, или воопшто не помага во унапредувањето на трајните фактори за раст и развој на земјоделското производство. За тоа говорат податоците на Државниот завод за статисика (ДЗС) за намалувањето на производсвото на бројни субвенционирани производи и за намалувањето на бројот на повеќе видови сточни грла и перјаста живина токму во годините на најголеми исплати на субвенции за земјоделците. Меѓутоа, особено говори следниот, горчлив, агрегатен индикатор: во периодот кога не се издвојуваа толку големи субвенции за земјоделците придонесот на земјоделието во растот на БДП на Македонија е поголем отколку истиот во периодот од 2007- 2015, кога се потрошени големи јавни пари, наводно за развој на земјоделството. Следниот графикон, подготвен врз основа на податоци од ДЗС (сопствени пресметки) тоа убедливо го покажува.

grafikon2

Во последните петнаесет години (2000-2015), просечниот годишен раст на БДП изнесува 2,8 проценти годишно, со придонес на земјоделството во тоа од 0,1 процентен поен. Во периодот 2003-2006 година, раководен од влада предводена од СДСМ, кога се издвојуваа најмалку субвенции за земјоделието, просечниот годишен раст на БДП изнесува 4,2 проценти (највисок четиригодишен просечен раст на БДП во изминатите 25 години) придонесот на земјоделието во БДП е најголем - изнесува 0,4 процентни поени. Наспроти тоа, во периодот кој е карактеристичен по најголеми годишни исплати на земјоделски субвенции просечниот раст на БДП изнесува 3 проценти, а придонесот на земјоделството во тоа е само 0,1 процентен поен - исто колку и во периодите кога не се издвојувале такви субвенции.

Идеите и мерките на Груевски се цинични и навредливи

Залудно е да се зборува, а не пак да се практикува некаква политика на мигрирање жители од градовите кон селата. Таквите политики се антиеволуциски, зашто развојните трендови насекаде во светот (и кај нас) се спротивни.

Но, не е залудно постојано да се нагласува дека вложувањата во земјоделството се многу важни. Тие се потребни: да ја зголемат продуктивноста на капиталот и трудот на самата дејност; од исти површини (земјата е ограничен ресурс) да се добие поголемо производство и поголем доход; да се подобри стандардот на луѓето коишто живеат од земјоделска дејност.

Бројот на луѓето коишто живеат на село и вршат земјоделска дејност, особено во релативни бројки, законито ќе продолжи да се намалува – и поради растечката продуктивност во земјоделието и поради поголемата пропулзија (движечка сила) на другите дејности.

Се` друго е вистински цинизам, навреда и на подпросечниот ум.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Петар Гошев

Петар Гошев е магистар по економски науки. Тој е поранешен гувернер на Народната банка на РМ и екс министер за финансии. Основач е и беше лидер на Либерално-демократската партија, а во три мандати е биран за член на Собранието на РМ. Гошев беше шеф на делегацијата на Република Македонија во Сојузното собрание на поранешната СФРЈ и претседател на Комиисијата за монетарна политика (1991). Во 80-тите, беше активен во Сојузниот совет за општествено економски прашања на бившата СФРЈ и во претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тој беше член и на претседателството на ЦКСКМ и последен лидер на СКМ кога е трансформирана во Социјал-демократски сојуз.