fbpx

Систематското блокирање на учеството на граѓаните во процесот на одлучување

Здравко Савески

Јавен интерес

25.07.16

Прегледи

д-р Здравко Савески

zdravko saveski1Антирежимските протести повторно ја поттикнаа надежта кај граѓаните дека е можно тие самите да имаат поголемо влијание врз донесувањето одлуки што ги засегаат. За разлика од барањата на протестите лани, а во контекст на дискусиите што се развија потоа, на протестите од оваа година едно од барањата беше и граѓанското учество во процесот на решавање на кризата. Тоа, меѓу другото, е и крик на граѓаните поради исклученоста и чувството на непретставеност што го споделуваат најголемиот дел од нив.

 

Во моментов со Македонија господари режим кој демократијата ја сведе на фасада. Во една таква состојба, гласот на граѓаните наидува на глуви уши. Режимот сè уште не деградирал до отворена диктатура, па уште може, релативно неказнето, да се изразува своето мислење, но слушањето на доминантниот став на јавноста од страна на власта, еден од постулатите на демократијата, во Македонија веќе одамна го нема. Кучињата лаат, караванот поминува! Тоа е водечкото мото на режимот.

Но, и пред да биде укината демократијата во Македонија, и тогаш кога формално можевме да се квалификуваме како демократска земја, беше инсталиран сеопфатен и добро осмислен систем на бариери чија основна цел беше да се убие волјата кај граѓаните по институционален пат да ја практикуваат власта на непосреден начин, во согласност со член 2 од Уставот на Република Македонија. Во Македонија демократијата беше на елитите и за елитите, а народот беше потиснат на маргините, сведен на набљудувач, со минорно влијание врз процесот на донесување одлуки. Затоа, кога се зборува за враќање на демократијата во Македонија, тоа е едноставно недоволно. Потребно е не само нејзино враќање, туку и нејзино унапредување. Без тоа, повторно ќе имаме демократија без народ, демократија на и за елитите.

Системот на бариери, кој ги оневозможува граѓаните да се вмешаат во процесот на донесување одлуки и фактички ги принудува да абдицираат во корист на „своите претставници“, елитата почна да го инсталира како реакција на бранот незадоволство од раните 1990-ти со многуте штрајкови, протести и барања за непосредно изјаснување на граѓаните. Оттогаш, секоја власт го надградуваше и прошируваше овој систем до точка до која тој стана добро осмислен и доста детализиран систем на блокирање на секој изворен граѓански стремеж да се влијае врз одлуките на елитите на власт. Без разлика дали се работи за референдум, граѓанска иницијатива, штрајк, учество на избори преку граѓански листи, па дури и преку формирање на политички партии – целта е тоа да се направи колку што е можно потешко за граѓаните да се обесхрабрат и, по можност, да се откажат од намерата да влијаат врз одлуките кои ги засегаат. Зашто, нели, има(в)ме демократија.

Референдум

Народните избраници донеле некоја одлука која предизвикува револт кај граѓаните. Покрај протестите, тие решаваат да ја променат одлуката по институционален пат. Кои опции им се на располагање? Можат да побараат распишување референдум на кој ќе се донесе конечна одлука во врска со прашањето што го покренуваат или само да поднесат предлог за промена на одлуката до народните избраници.

Во првиот случај, за да се распише референдум на државно ниво, граѓаните треба да соберат 150.000 потписи, додека за распишување на референдум на локално ниво потребна е поддршката на најмалку 20% од граѓаните од општината. Потребниот минимум потписи за распишување на референдум на државно ниво може донекаде да се оправда, особено имајќи предвид дека спроведувањето на референдумската постапка чини пари. Но, несомнено, самиот број на потребни потписи зборува дека не е лесно да се иницира референдум на државно ниво.

Далеку попроблематичен е минималниот праг за распишување референдум на локално ниво. Локалната самоуправа треба да биде поблиску до граѓаните, постојано се нагласува тоа, но кога треба да се извлечат импликациите од тој став, тоа не е така. 150.000 граѓани претставуваат околу 8,5% од граѓаните на Република Македонија. Тоа значи дека за распишување на референдум на локално ниво е предвиден повеќе од двојно повисок минимум отколку за распишување референдум на државно ниво. Која е логиката или потребата така да биде?

Важно е да се напомене дека референдум и на државно и на локално ниво не може да се распише за кое било прашање, односно дека Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните од 2005 година (член 28 и 40) пропишува за кои прашања во надлежност на Собранието на РМ и советите на општините не може да се распише референдум.

slika1 levica

Извор: amanmk.wordpress.com

Граѓанска иницијатива

Поднесувањето граѓанска иницијатива би требало да биде релативно лесно. Зашто, во ваков случај финалната одлука ја донесуваат народните избраници, а моќта на граѓаните да учествуваат во донесувањето одлука е ограничена само на предлагање решение. Но, поднесувањето на граѓанска иницијатива воопшто не е лесно. За граѓанска иницијатива на државно ниво граѓаните треба да соберат 10.000 потписи – во обемна и сложена процедура. За граѓанска иницијатива на локално ниво, повторно, критериумот е уште поригорозен. Ако за иницијатива на државно ниво се потребни потписи од околу 0,5% од граѓаните, за иницијатива на локално ниво е потребен 20 пати построг критериум – 10% од граѓаните запишани во избирачкиот список за општината!? За локална иницијатива на ниво на град Скопје потребниот минимум потписи би бил околу 44.000. Каде е логиката овде ако се знае дека за иницијатива на државно ниво се потребни „само“ 10.000 потписи? Повторно – ќе да ја нема.

Покрај високото ниво на потребни потписи, законот предвидува уште цела една низа бариери (Савески, „За нова Македонија“, 2013, 60-62) чија цел е максимално да го отежне поднесувањето на граѓанска иницијатива. Така, предвидено е собирање на иницијални 100 потписи; дописи помеѓу институциите кои не се временски ограничени и кои фактички го намалуваат законскиот рок за собирање на потписи ограничен на три месеци; префрлање на трошоците за фотокопирањето на обрасците на кои ќе се потпишуваат граѓаните, како и за нивното дистрибуирање по општините на товар на иницијаторите; потпишување на граѓаните само во текот на работното време на јавната администрација.

Ако ова е тешко да се прочита, уште потешко е да се направи. Сето ова буквално се сизифовски маки за која било изворна граѓанска иницијатива. И тоа за што? За само да се предложи донесување на некое законско решение, кој предлог, како што покажа случајот со граѓанската иницијатива „Аман“ во 2013 година, парламентарното мнозинство без никакви обѕири може да го отфрли.

Штрајк

Штрајкот е едно од основните средства што им стојат на располагање на работниците за одбрана и унапредување на нивните права и интереси. Не сите граѓани се работници, но значителен дел од нив се работници. Затоа има основа и правото на штрајк да биде разгледано во контекст на можностите на граѓаните непосредно да одлучуваат за работите кои ги засегаат.

Правото на штрајк во Македонија во 2005 година престана да биде право кое граѓаните како работници можат да го искористат за непосредно да влијаат врз одлуките кои нив ги засегаат. Претходно, согласно Законот за штрајк, како овластени организатори на штрајк можеа да се јават и мнозинството работници во едно претпријатие или институција, а не само синдикатите. Тоа беше оневозможено со новиот Закон за работни односи (2005), кој пропиша дека (само) синдикатите имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат. Со оваа одредба фактички се оневозможи остварувањето на правото на штрајк за оние работници кои работат во (не малиот број) претпријатија и институции каде нема синдикат и онаму каде што синдикатот кој постои во претпријатието или институцијата се спротивставува на расположението на мнозинството од работниците преку штрајк да се одбранат и унапредат работничките права (Савески, „Штрајк: искуства и состојби“, 2011, 86).

Па кога ќе се прелее чашата онаму каде што нема синдикат и кога работниците самите ќе организираат штрајк, како што се случи во „Дрекселмаер“ во 2014 година, тие можат многу лесно да бидат отпуштени од работа – во согласност со законските одредби. Зашто, законот ги лишил работниците од правото без синдикат да го остваруваат своето уставно гарантирано право на штрајк.

slika2 levica

Извор: www.dw.com

Учество на избори преку граѓански листи

Имајќи предвид дека е доста тешко преку референдум или граѓанска иницијатива да се влијае врз процесот на донесување одлуки, граѓаните можат да одлучат да земат учество на изборите и преку директно учество во претставничкото тело да обезбедат да се слушне нивниот глас. Во ваков случај, имаат на располагање две опции – да формираат политичка партија или да учествуваат на изборите како граѓанска листа.

Поради аверзијата кон партиите како тип на организирање, граѓани кои решиле да се организираат за учество на избори обично би го преферирале учеството преку граѓански листи. Но, кога ќе се запознаат со законската регулатива, ќе го извлечат заклучокот дека е далеку потешко да се учествува на избори преку граѓанска листа отколку преку партија. Колку и да е тоа нелогично.

Имено, за да се учествува на парламентарни избори преку непартиска листа, потребно е да се соберат 1.000 потписи. И партиите, со собрани 1.000 потписи за (п)регистрирање го добиваат тоа право, но рамноправноста помеѓу непартиските листи и партиите е само привидна. За да учествува на изборите, непартиската листа треба да собере 1.000 потписи само од граѓаните во изборната единица во која сака да учествува, додека партиите можат да собираат 1.000 потписи од сите граѓани на Македонија. Ако, пак, некоја граѓанска иницијатива сака да учествува во сите седум изборни единици, мора да собере 7.000 потписи, рамномерно распределени во сите изборни единици. А партиите го стекнуваат тоа право со собрани 1.000 потписи. Понатаму, рокот за собирање на потписите за непартиските листи е 15 дена при редовни избори и 10 при предвремени, додека партиите имаат 90 дена за собирање на потписи за (п)регистрација.

Понеповолно за граѓанските иницијативи е и тоа што собраните потписи им важат еднократно, само за тие избори, додека партиите со своите потписи за (п)регистрација добиваат право на учество на сите избори во рок од четири години од (п)регистрацијата.

А за да биде хендикепирањето на непартиските листи целосно, само партиите, но не и непартиските листи, кои ќе освојат најмалку 1% од гласовите добиваат право на јавно финансирање од Буџетот на РМ.

Учество на изборите преку политички партии

Имајќи ги предвид сите овие неповолности за учество на избори преку непартиски листи, граѓаните може да одлучат да учествуваат на избори преку формирање на своја партија. Ако се решат на тоа, ќе научат дека единствената, но важна неповолност на формирањето партија во однос на учеството на избори преку непартиски листи е финансиската. Капиталистичката демократија, во одредена, помала или поголема мера, секогаш е и плутократија, односно секогаш во одредена мера, помала или поголема, ги става во поповолна положба оние што располагаат со повеќе финасиски средства во однос на оние што располагаат со помалку. Парите се важни и во македонската партиска политика, односно тие можат значително да ги ограничат можностите за успех при формирањето на партија, при нејзиното функционирање и при нејзиното изборно претставување.

Она што го наложува важечката законска регулатива во однос на собирањето потписи за формирање на партија е дека давањето потпис за одредена партија подразбира одење на две локации (на нотар, за потпишување изјава за основач, и во подрачна единица на МВР за вадење уверение за државјанство), како и давање на 300 денари за потребните документи. Сето тоа ги дестимулира граѓаните да се потпишат за формирањето на одредена партија, дури и кога ја поддржуваат, а трошоците за регистрација, кои севкупно изнесуваат повеќе од 5.000 евра, претставуваат сериозно финансиско ограничување за секоја изворна иницијатива која одлучила да формира партија, а зад која не стои некој финансиер. Фактички, ако зад некоја иницијатива за формирање партија не стои некој финансиер, таа треба да располага со значителна поддршка кај граѓаните за да успее да собере 1.000 потписи на начинот кој го наложува важечката законска регулатива.

Парите ги ставаат во нерамноправна положба партиите и во изборната кампања. Со измените на Изборниот законик од 2015 година, максималното ниво на пари што секој учесник на изборите може да го потроши е намалено на 110 денари по избирач. Тоа само наизглед е ниско ниво и фактички значи дека секој учесник на изборите може да потроши максимум 3,2 милиони евра во изборната кампања. На изборите во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ, партијата која имаше убедливо најскапа изборна кампања, потроши „само“ 1,4 милиони евра. Ако се има предвид овој податок, станува јасно колку законскиот лимит воопшто не е лимит и колку тоа ги става во нерамноправна положба оние учесници на изборите кои не можат да потрошат значителни финансиски средства во изборната кампања. А граѓаните кои, незадоволни од респонзивноста на постоечките партии и фрустрирани од неможноста на непосреден начин да влијаат врз одлуките кои ги засегаат, пристапиле кон формирање на своја партија и успеале во тоа, речиси по дефиниција ќе бидат помеѓу оние што имаат помалку пари за изборни кампањи и, следствено, ќе се соочуваат со финансиска хендикепираност во изборната кампања во однос на другите учесници.

Нужноста од промена

Елитите во Македонија имаат воспоставено исклучително високо ниво на самоодбрана од „упад“ на граѓаните во процесот на одлучување. За декор, да, Уставот пропишува доста можности граѓаните да го кренат својот глас и да бараат донесување одлука во свој прилог. Но, кога ќе пристапат кон процедурата која е наложена за да дојде до тоа, сфаќаат колку бариери им се поставени на патот. Бариери кои се намерно поставени за граѓаните да се откажат од својата намера да ги искористат уставните механизми за свое влијание. Бариери кои ги притискаат да се задоволат со улогата на пасивни и апатични набљудувачи. Овој добро замислен и сеопфатен систем на бариери, чија цел е да го обесхрабри граѓанското учество во политиката, во голема мера беше довршен до 2006 година, односно до моментот кога ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт. Затоа, враќањето на демократијата на нејзиното ниво во 2006 година не е доволно. Потребно е нејзино унапредување, потребно е, меѓу другото, и деблокирање на можностите за активно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки кои нив ги засегаат.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Здравко Савески

Здравко Савески (1976) е доктор на политички науки, синдикалец и долгогодишен активист. До февруари 2016 бил секретар на Мултиетничкиот синдикат на образование, а претходно, професор на ФОН Универзитет – Скопје.