fbpx

Легитимност на насилието во политиката

д -р Ненад Живановски

Јавен интерес

30.08.16

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiДискретната закана на Никола Груевски дека едвај ја држел ситуацијата под контрола, дека народот вриел и дека можело да му дојде преку глава, потсетувањето на Ѓорѓи Иванов дека имал опција да ја активира армијата за смирување на ситуацијата, како и предупредувањето на Зоран Заев дека ако власта се дрзне да го укине СЈО ќе ги повикаат граѓаните да ја земат правдата во свои раце, сублимирано значат дека во целиот период од траењето на политичката криза постојано е присутен и факторот насилие како начин за разрешување на проблемот. Дали во демократијата насилието може да има легитимност, и, доколку – да, кој има право да го употреби?

Општоприфатено е учењето на Томас Хобс, изнесено во неговото дело „Лeвијатан“, дека државната власт функционира преку склучен договор со граѓаните, кои својот суверенитет, моќ и сила ја пренесуваат на одреден број избрани луѓе. Доколку тоа не би се случило, како вели Хобс, луѓето би се вратиле во природна состојба во која човекот на човек му е волк. Државата е таа која, според договорот, е одредена да го штити заедничкиот интерес на граѓаните, а со тоа хаосот и самоволието на поединецот над заедничкиот интерес да не превагнат. Штом овој договор се наруши, т.е. власта го занемари општиот интерес, за сметка на личните или малцинските потреби, граѓаните имаат право да ѝ го одземат мандатот, односно да си го повратат суверенитетот назад. Одземањето на власт може да биде по институционален пат - со избори, но и вонинституционално - преку улица.

Доколку се согласиме дека Извештајот на Прибе и објавените бомби претставуваат наша објективна, неутрална и точна оценка за состојбата во државата и сертификат дека власта го прекршила договорот со граѓаните за пренос на суверенитетот, а со тоа го довела во прашање и најважниот јавен интерес – нормално функционирање на државната заедница, останува прашањето како да се делегитимира таквата власт, односно како граѓаните да си го повратат суверенитетот.

Кога е оправдано насилието во политиката

Идејата на либералната демократија подразбира дека власта управува со заедницата преку закони, но дека под законите мора да постојат морални принципи кои го легитимираат самиот правен поредок (Cohen и Arato). Уште Платон во „Законите“ пишувал дека мнозинството граѓани му одредуваат на законодавецот да донесе такви закони кои народот со задоволство ќе ги прифати. Доколку тие закони не се темелат на морални принципи тогаш се нарушува и принципот на трансфер на суверенитетот од поединец на држава, бидејќи човекот не влегол во општеството со отстапување на своите природни права за да би му било полошо отколку што му било пред тоа, туку само за да би се осигурил за подобро (Margaret MacDonald).

Но што кога имаме ситуација како нашава, кога власта или не носи закони според морални принципи или нивното спроведување е неморално со селективна примена или е со конструирани и озаконети политички прогони? Тогаш се отвора едно од клучните прашања за односот помеѓу граѓанинот и власта: (I) беспоговорна лојалност, покорување и конформизам или (II) право на политички индивидуализам и морална автономија, односно отпор, спротивставување и граѓанска непослушност.

Уште во антиката, насилната промена на владетелот се сметала за оправдано оружје на потчинетите доколку тој ги узурпирал институциите и така им го оневозможувал опстанокот. Џон Лок во делото „Две расправи за владата“ пишува: „оној кој би ме довел под своја власт без моја согласност, би ме употребил како му е волја, а, исто така, и би ме уништил кога тоа ќе му падне на ум, правично и разумно е да имам право да го уништам пред тој да ми се закани со мое уништување“.

Иако, насилната промена на власта која го прекршила договорот со граѓаните никогаш не е легална, сепак таа е легитимен начин на општествена борба бидејќи станува збор за елиминирање на узурпатор на власт. Она што Хана Арент го нарекува ’легитимација на насилството како политички чин’, а Ноам Чомски го дообјаснува со интервенцијата дека секој нормален човек би се согласил дека насилството е легитимно доколку последиците од таквото делување би отстраниле поголемо зло.

Оттука, насилието во политиката може да претставува легитимна акција или чин само во случај кога е „ускратена правдата, сфатена како повреда на индивидуални или малцински права, која ја направило соодветно конституираното демократско мнозинство“ (Саша Шегвиќ). Иако, насилието, по дефиниција, претставува нелегален чин, тоа, поради тоа што се спротивставува на неправдата на власта и ги спречува кршењата на правата или ги поправа кога ќе се случат, може да се смета за оправдано (легитимитет на насилието). Затоа и поимот ’насилието како легитимна акција’ се зема токму од критериумите праведност и правичност, а не законитост. За разлика од либералните теоретичари, Јирген Хаберманс предлагал да се озакони правилото судовите да не ги судат непослушните граѓани на ист начин како криминалците, од причина што секоја државноправна демократија, која е сигурна во себе, само ја набљудува граѓанската непослушност како нормализирачка и неопходен составен дел на политичката култура.

fist

Конструкција на непријателот

Почетокот на граѓанска непослушност, отпор и насилие иманентно се детерминирани од дефинирањето на непријателот на граѓаните, оној кој го погазил договорот за пренос на суверенитет иако се обврзал дека истиот ќе го спроведува на најдобар начин во интерес на заедницата. Оваа дилема ја има и Карл Шмит, кога го поставува прашањето како да се препознае тој страшен непријател во однос на кого нашето право нема граници и да се извлече со ова име надвор од законот за потоа да се уништи?

Дали е можно во демократијата власта да се конструира за тој страшен непријател против кого би се применило насилие за да би се уништил, кога демократијата, во својата основа, значи променливост на власта по мирен пат на избори, како и поделба на власта, со нивна меѓусебна контрола? Но, и како е можно власта да биде непријател на демократијата, ако демократијата ѝ овозможила да дојде на власт?

За да се објасни ова треба да се направи една семантичка дистинкција, која е многу важна во постреволуционерниот период на секој граѓански отпор, односно кога насилието институционално ќе се канализира. Така во демократијата кога конструираниот противник е власта, таа повеќе не се именува од граѓаните како непријател, туку тој/таа се сметаат за криминалци и со него/неа се постапува како со криминалци или како што користи Шмит - „побеснето куче“. Тоа е затоа што непријателот може да биде релативен, додека криминалецот е универзален. Позната е релацијата во политичкиот плурализам дека твојот непријател не мора да биде и мој непријател, твојот противник може да биде мој сојузник, но оној кој е осуден како криминалец многу полесно се прифаќа од целото општество дека е виновен.

Затоа и узурпаторите на демократијата треба да се персонализираат, именуваат и апстрахираат од политичката групација на која ѝ припаѓаат, за да би можеле да бидат судени како криминалци и злосторници, а не непријатели, бидејќи со тек на време би можеле да го добијат ореолот на жртви на политички реваншизам и прогон. За тоа да се постигне потребно е и партијата на која ѝ припаѓале да се откаже од нив и да го поддржи судскиот процес, со што би го обезбедила правото и во иднина да може да претставува легален политички субјект, а не соучесник во криминално дејание.

Превентивно насилство

Прекршувањето на договорот на власта со граѓаните наметнува и нова дискусија за тоа дали граѓаните можат да преземат ’превентивно насилие против власта’ како би се спречило насилието на власта кон граѓаните кои го бранат заедничкиот интерес на заедницата!? Она што е познато како Шмитова процедура за ’легална револуција’ во потрага по непријателот ’според закон’, односно состојба во која превентивното насилие е неопходно и постојано.

Во демократските држави механизмите кои им служат на граѓаните како контролори на (не)исправното работење на власта се добро познати - независно судство, медиуми, критичка јавност, политичка опозиција... Доколку се забележи тенденција од власта дека сака некој или сите овие корективи да ги елиминира, а државата како институционална организација не може да го спречи нарушувањето на договорот за пренос на сувереност, граѓаните се должни и имаат право превентивно да делуваат за да ја спречат таквата власт во својата намера. Кант (иако зборува за односот меѓу државите) тоа го нарекува potentio tremenda (потенцијален страв од загрозување), кој би морал секогаш да биде присутен и кај граѓаните во нивниот однос кон власта. И Хегел се приклучува кон размислувањето на Кант и за него превенцијата е прифатлива бидејќи често испаѓало дека било доцна да се реагира кога болеста веќе го завладеала организмот. Одлични примери за превентивно насилство се постојаните протести во Грција и актуелните во Франција, каде граѓаните насилно протестираат уште и при најавата на владите дека планираат да променат некои закони на штета на интересот на граѓаните.

Доколку превентивно не дејствуваат граѓаните може да дојде до деструкција на заедницата, што води во анархија, односно во кантовата синтагма ’враќање во првобитната состојба’ (или состојба пред законите, пред договорот). На ова се надоврзува и шмитовото размислување за враќање во состојба на неразликување на пријател од непријател бидејќи секој му е непријател на оној другиот.

Оттука, легитимно право на граѓаните е тие да имаат право да ја нападнат власта и користат насилие доколку осетат дека таа ја загрозува државата. Врвниот јавен интерес за опстанок на заедницата ги оправдува (насилните) средства употребени за нејзино зачувување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.