fbpx

Рекреацијата во природа бара лична одговорност

Кирил Арсовски Пржо

Јавен интерес

28.10.16

Прегледи

Кирил Пржо

kiril przoВо Македонија постои сериозен системски проблем за контрола на движење во природата, па со тоа најголемата одговорност за безбедноста на околината паѓа на совеста на рекреативците и посетителите. Посетата е делумно регулирана во националните паркови, а за сите останати подрачја не постои една општа служба што би се грижела за состојбата и управувањето директно на терен.

Во последните неколку години во Македонија се бележи тренд на популаризација на различни спортски и рекреативни активности во природа. Пешaчењето, планинарењето, алпинизмот, велосипедизмот стануваaт чест избор на граѓаните за време на викендите или годишните одмори. Во списанието Geografiska Annaler се наведува дека изминатите десет години рекреативните посети на дивината и заштитените подрачја се значително зголемени. Посетителите се` подлабоко продираат во заштитените подрачја и слабо посетените и изолирани локалитети зголемувајќи ја можноста за вознемирување на живиот свет кој опстојува таму. Дури и онаму каде човечкото влијание не е големо, сепак зголемената фреквентност на посетители се одразува врз функцијата на заштитените подрачја - да бидат место за поквалитетен и мирен живот за живиот свет во него. Според Комисијата за шумарство на Обединетото Кралство, посетителите најчесто ги избираат оние места кои се одликуваат со маркантни обележја како: високи врвови, големи карпи, кањони, бистри езера или сл. Токму такви се и најпосетуваните места во Македонија.

Не е само посета во природа

Во истражувањето објавено во списанието The Nature Conservancy се тврди дека планинарењето, јавањето коњи и фотографирањето имаат негативно еколошко влијание врз локалните еко системи, растенијата и животните. Тука спаѓаат уништувањето на вегетацијата, компресијата на почвата, ерозијата, загадувањето со звук и бучава, загадувањето со отпадни материи, внесувањето алохтони (нетипични) видови и сл. Освен тоа, со создавањето коридори како патеки и патишта се фрагментираат живеалиштата на животните, а со тоа се влијае и врз дистрибуцијата на локалните популации на растенијата.

Во исто време, истражувањето објавено од Меѓународното планинарско друштво наведува дека екстензивното возење на велосипеди, мотоцикли и јавањето коњи предизвикува зголемена ерозија и уништување на почвата во заштитените подрачја. Тоа го потврдува и истражувањето објавено во престижното списание Journal of Environmental Management, истакнувајќи дека рекреативните активности во заштитени подрачја предизивикуваат ерозија на почвата, загадување со отпадоци, ја менуваат хидрологијата, вршат откривање на корењата и карпите ги уништуваат растенијата преку намалување на растителноста, а со тоа и на биомасата, го менуваат видовиот состави ја зголемуваат можноста за појава на плевел.

Сепак, најголемо влијаније имаат велосипедите и мотоциклите. Тие најмногу ја уништуваат почвата со прекопување, создавање нови патеки, мостови и премини, правење рампи за скокање и други технички зафати.

Во Македонија постои мал број уредени патеки за планински велосипедизам, со што се зголемува можноста за уништување на средината преку воспоставување нови непроектирани патеки. Исто така, со зголемување на бројот на посетителите се зголемува и можноста за директно влијание врз локалниот биодиверзитет преку нелегално или неправилно колекционирање чаеви, шумски плодови или габи. За жал, ваквите случаи кај нас сѐ се почести. Иако поголемиот дел од одговорноста е насочен кон дивите берачи, голема е можноста за уништување на природно малата популација на одредени растенија и од рекреативните минувачи. Но, не се влијае само врз живиот свет. Пејсажот и изгледот на теренот се менува и со кршење, графити и дупчење на карпите, камењата и другите геолошки појави.

Најпосетуваните места во Македонија, како што се Шар Планина, Бистра и Галичица се т.н. жешки точки со биодиверзитет и затоа се чувствителни. На Шар Планина се утврдени 42 важни локалитети за растенијата и поголемиот дел од нив се наоѓаат до често посетуваните рути или блиску до нив. Слична е состојбата и со Галичица и со голем дел од другите најчесто посетуваниместа. Затоа со популаризацијата на овие рекреативни активности се зголемува и можноста за загрозување на состојбата на значајните и заштитени подрачја во Македонија.

Фотографирај, не колекционирај

Колку и да се чини безопасно, и фотографирањето може да предизвика стрес кај животните. Според истражувањето објавено во списанието Environment and Behavior, луѓето најчесто фотографираат пејсажи, релјефи и вегетација, а поретко животни. Но сепак, според статијата објавена во Nature.Scapes, се укажува на фактот дека користењето на фотоапарат особено со придружни осветлувања може да предизвика фототоксична ретинопатија кај животните со поразвиен вид. Понатаму, Кралското друштво за заштита на птиците не препорачува фотографирање гнезда, не само затоа што дел од птиците низ Европа се заштитени со закон, туку и затоа што постои можност по фотографирањето родителите поради стрес да го напуштат гнездото. Шар Планина, бреговите на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Демир Капија, Тиквеш, Мариово како едни од најпопуларните подрачја за рекреација, всушност претставуваат т.н. Важни подрајча за птиците (IBA-Important Bird Area). Токму затоа, при движење и рекреација низ овие делови мора да се внимава на птиците. При фотографирање животни се препорачува да се одржува доволно растојаније за тие да не се вознемират, а при фотографирањето растенија треба да се внимава да не се повреди околната вегетација.

Летањето со дрон - хоби што се популаризира и во Македонија, исто така, може да влијае врз состојбата на животните, особено на птиците. Според статија објавена на орнитолошкиот форум 10000Birds, рекреативна авијатика, особено дроновите можат да предизвикаат голем стрес, па дури и повреди кај птиците. Според Планинарската асоцијација од Вашигнтон, објавувањето фотографии од заштитените подрачја на социјалните мрежи ја зголемува посетеноста, а со тоа и човековото влијанијето врз нив. Сето ова укажува на фактот дека промоцијата на едно подрачје е комплексна област со која треба внимателно да се управува и континуирано да се контролираат и мониторираат теренот и движењето на луѓето.

planinana

Легенда за фото: Отпадоци на Дешат; Aвтор: Димитар Попов

Секогаш биди на патеката

Во труд објавен во списанието Cabi, се укажува на фактот дека со зголемување на бројот на посетителите се зголемува потребата од патеки. Доколку патеките однапред не се планирани, ќе се појават нови „диви“, со што се врши промена на пејсажот на подрачјето. Но, токму со движењето по овие немаркирани патеки се зголемува можноста за негативно влијание врз подрачјето во споредба со движење по точна рута. За жал, според истражувањето спроведено од Политехничкиот институт во Вирџинија, поголемиот дел од посетителите решаваат да се движат токму по неозначена патека.

Во Македонија, поголемиот дел од планинските патеки најчесто се трасирани од локалните планинарски друштва и тие се класифицирани според тежината на искачување. Освен планинарски, многу мал е бројот на други трасирани патеки и рути низ заштитените подрачја и покрај нив. Добар пример за уредена и едукативна патека е ,,Патеката на клукајдрвчето” на Пониква, проектна активност на Македонското еколошко друштво (МЕД) која има за цел промоција на вредностите на старите букови шуми, едукација, подигнување на јавната свест и подобро прифаќање на концептот за одржливо користење на буковите шуми.

Како до побезбеден и побезболен престој во природа

Престојот и движењето низ дивината и заштитените подрачја може да бидат безопасни и со минимално влијание, доколку строго се почитуваат неколку правила. Британското специјализирано списание Walking and hiking дава неколку предлози како да се намали негативното влијание и стресот врз средината. Палењето оган во природа е со цел затоплување и приготвување храна, но често и поради емоционални и амбиентални причини. Но, со палењето оган се зголемува можноста за шумски пожар, се опожарува површината на почвата, постои можност за уништување на локални и мали популации на вегетација, а со сечењето дрва за горење постои можност да се уништат живеалишта, па затоа камперски оган треба да се пали само во крајна потреба.

Човечките фекалии можат негативно да влијаат врз животните, особено при нивната комуникација. Затоа се препорачува тој да се закопува во плитка дупка и не во близина на шумските патеки. Контактот со животни треба да биде минимален и при забележување на поголема група животни да се настојува да се остане незабележителен за нив. Секогаш е подобро движењето во помали групи, така се намалува и влијанието врз подрачјето. Кампувањето и поставувањето шатори треба да се одвива на однапред предвидено место, а доколку тоа не постои, тогаш кампот треба да се постави на локација која е со помало движење на животни. Отворените простори се секогаш подобар избор.

Забрането движење

Во истражувањето на Колеџот за заштита на животната средина и природните ресурси се тврди дека со организирање едукативни и тематски патеки се намалува негативното влијаение врз подрачјето, а и поситетелите добиваат трајно знаење кое понатаму може да го пренесат и при посета на други локалитети. Пример за тоа е проектот финансиран од фондацијата Plantlife, која во организација со Македонско еколошко друштво и планинарскиот клуб ,,Љуботен“ вршеше обука на планинарите за екологијата и познавањето на заштитените растителни видови на Шар Планина.

Посетите во природа, пешачењето и престојот на отворено се најдобар начин за рекреација. Тие позитивно влијаат врз човековото физичко и психичко здравје. Освен тоа, со посета на заштитени подрачја се запознаваме со биодиверзитетот и само така ќе знаеме да го заштитиме. Со оглед на тоа дека најпопуларните подрачја за посета во Македонија се национални паркови или се под друг вид на заштита, мора да бидеме внимателни кон околината и свесни за нашите постапки. Но, во Македонија постои сериозен системски проблем за контрола на движење во природата и служби за заштита, па со тоа најголемата одговорност за безбедноста на околината паѓа на совеста на рекреативците и посетителите. Посетата е делумно регулирана во националните паркови, а за сите останати не постои една општа служба што би се грижела за состојбата и управувањето на подрачјата директно на терен. Со оглед на зголемениот интерес за планинска рекреација потребата од воспоставување заедничка организација помеѓу државата, планинарските друштва, еколошките организации како и локалното население во подрачјата е се` поголема. Заштитените подрачја не се недозволени места за посета, напротив. Но, ако природните богатства се наши, тогаш и како наши треба да ги чуваме.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кирил Арсовски Пржо

Кирил Арсовски Пржо e еколог и професор по биологија, главен уредник на едукативната веб платформа ДОМА (doma.edu.mk) на Институтот за комуникациски студии. Тој е продуцент и автор на серијалот на еколошки едукативни документарни филмови „Дома“. Полето на негов интерес и истражување е комуникација на науката, екологија и заштита на животната средина. Пишува анализи за национални и регионални еколошки проблеми и често држи јавни предавања од областа на заштита на животната средина. Поранешен претседател на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), член на Кралското ентомолошко друштво и Меѓународното друштво на бихевиористи.