fbpx

Три работи кои треба да ги научиме од полициските службенички

Мартин Манасков

Јавен интерес

Правда

16.11.16

Прегледи

Мартин Манасков

MartinManaskov nova blogerЖените полицајки се помалку корумпирани од мажите, главно не употребуваат прекумерна сила и ја зголемуваат довербата на ранливите категории граѓани во полицијата.

Од полициските службенички можеме многу да научиме. Всушност, поуките што можеме да ги извлечеме од нив можат директно да ја реформираат македонската полиција во институција со поголема доверба, интегритет, модел на граѓански сервис, како и важен општествен чинител.

Загрижувачки е дека според резултатите од истражувањата на јавното мислење, процентот на граѓани кои сметаат дека полицијата е корумпирана, е многу голем. Корупцијата, пак, не постои во забелешките за жените.

Поради тоа, неопходно е да се разгледаат методите што ги користат во своето работење униформираните полициски службенички - а би можеле да донесат позитивна промена. Интересно, но, единствените позитивни оценки за полициско работење ги добиваат жените. Што е тоа што жените можат да нé научат за тоа како треба да работи полицијата?

Полицајките не се корумпирани

Неодамна објавеното истражување на Аналитика за јавното мислење за довербата на граѓаните во македонската полиција откри неколку интересни наоди. Повеќе од половина, односно 58,5 проценти од граѓаните ѝ веруваат на полицијата. Слично на оваа бројка, 57,6 отсто од испитаниците сметаат дека полицијата е корумпирана. На прв поглед изгледа иронично, но македонските граѓани ги ставаат во корелација довербата и корупцијата во полицијата, затоа што корупцијата не ја сметаат за лоша работа.

Но, она што отскокнува како нов и досега необзнанет наод, е дека за помалку од 1 процент од испитаниците жените полицајки се корумпирани, додека коруптивното однесување на мажите полицајци е застапено во многу повеќе одговори во истражувањето. И граѓаните од Западен Балкан размислуваат слично за овие прашања.

Бројките поттикнуваат да се разгледаат причините поради кои граѓаните сметаат дека жените се помалку корумпирани од мажите и методите што ги внесуваат жените во полициското работење.

Жените не користат прекумерна сила

Македонската полиција често добива забелешки дека „вежба мускули“ во полициските операции. И покрај неколкуте случаи на полициска бруталност, за кои имаше критики од граѓаните и граѓанските организации, мерките за внатрешна контрола не успеаја да ги откријат грешките при постапувањето на полицијата во одредени ситуации. Последни од низата критики дека полицајците користеле прекумерна сила, пристигнаа од меѓународните организации во април оваа година, кога илјадници мигранти се обидуваа да ја преминат македонско-грчката граница. Слични забелешки се појавија и во други случаи, најчесто при полициското обезбедување протести.

Но, полициските службенички многу поретко употребуваат сила. Според повеќе студии, мнозинството од жените не користат авторитативен стил во полициската работа и одбираат други начини за разрешување на конфликтните ситуации. На пример, студијата на Центарот за жени и полициска работа покажува дека во САД, жените полицајки се посочени во само 5 отсто од граѓанските жалби за прекумерна употреба на сила, а се сомничат во само 2 отсто од случаите во кои полициски службеници се гонат поради употреба на сила.

police woman

Женски модел на полициско работење

Во повеќе истражувања жените се посочени како подобри комуникатори од нивните машки колеги во полицијата. Во Македонија, на пример, граѓаните генерално имаат позитивна перцепција за униформираните припаднички на полицијата. Во истражувањето на Аналитика за јавното мислење за полицијата, и двата пола во полицијата добиваат пофални зборови, но кај жените изобилуваат пофалбите за љубезноста и професионалноста. Тоа што припадничките на полицијата важат за добри комуникатори ги става во позиција да употребуваат ненасилни методи или помалку сила односно да користат иновативни модели и пристапи на решавање на конфликтните ситуации.

Ангажманот на повеќе жени во полицијата придонесува за репрезентативна полициска служба, која е одраз на заедницата во која работи полицијата. Ова најдобро влијае на зголемувањето на довербата на граѓаните во полицијата.

Поголемата претставеност на жените во полицијата игра голема улога и во градењето доверба кај ранливите категории граѓани, на пример, жртвите од семејно насилство, силување, самохраните мајки и сл. Истовремено, ова е шансата за градење модел за углед, модел на безбедност на кој граѓаните ќе му веруваат.

Препораки

Македонската полиција во изминатите неколку години постојано добиваше сериозни критики дека употребува прекумерна сила. Станува збор за граѓанските протести во изминатиов период кои повремено излегуваа од контрола, потоа за интервенцијата при вооружениот напад во Куманово во 2015 година и за други организирани акции од Министерството за внатрешни работи. Дел од граѓаните во општините покажуваа и незадоволство од транспарентноста на полициското работење, од отстуството на полицијата меѓу граѓаните итн.

Поради тоа, неопходна е полициска реформа која ќе ја зголеми улогата на жените во планирањето на полициската работа. Една од можните добри стартни точки е анализа на тоа што жените го внесуваат во полициското работење, а наидува на позитивна оценка кај населението. Граѓаните позитивно ги оценуваат полициските службенички и во минимален, речиси незначителен процент сметаат оти се корумпирани. Анализите во други земји покажуваат дека во споредба со мажите, наместо манифестација на сила, жените употребуваат комуникативни методи при решавање на конфликтните ситуации. Новините од овој начин на полициско работење го подобруваат граѓанскиот модел на полицијата и ја градат довербата меѓу заедницата и институциите.

Од друга страна, реафирмирањето на полицискиот интегритет е единствен предуслов за градење кохезивно општество. Полицаецот ја остварува својата улога во интегрираната заедница ако е видлив, пристапен и ефективен. Решението за ова лежи во примена на методите кои ги користат полициските службенички, а се покажале како ефикасни и во средини надвор од македонската.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Мартин Манасков

Мартин Манасков е истражувач-практикант во Аналитика тинк тенк од Скопје, каде што е дел од програмата за безбедносни политики. Тој е студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Неговото работно искуство вклучува истражувачка дејност во тинк тенк организации и новинарски ангажмани во македонските медиуми. Неговите полиња на интерес се безбедноста, дипломатијата, демократијата и медиумите.